Ова што Жак Превер го направил со зборовите во песната Барбара, каде преку призмата на интимното и една љубов, дава слика за ужасот на војната и колективното страдање, хрватскиот режисер Далибор Матанич го направил со помош на камерата.

Звиздан е филм за смртта и болката која војната ја носи во приватните истории на луѓето, нејзините единствени жртви. Следејќи три љубовни приказни поставени во три различни временски рамки (1991, 2001, 2011) се покажува разорната моќ на уништувањето и поврзувачката моќ на љубовта. Иако, како предлошка филмот ја има југословенската војна, тоа во ниеден момент не е акцентирано. Во фокусот на вниманието е многу повеќе омразата и поделбата, кои се вечни придружнички на секоја војна, со што се дава универзален тон и свесност кај гледачот дека она што е прикажано излегува од рамките на просторното, временското, националното и ограниченото.

Наративот ѝ е целосно препуштен на камерата и таа ја има улогата на раскажувач која во Барбара ја има лирскиот субјект. Камерата делува како сврзно ткиво на трите приказни и таа го води гледачот низ настаните. Она што е особено впечатливо и му дава посебен белег на филмот е решението различните ликови во трите љубовни сценариа да ги глумат истите актери, на истото место.

Првата приказна на Јелена и Иван која се случува во 1991 година пред војната ги претставува една младешка љубов која е оневозможена и има трагичен крај со почетокот на војната. Втората приказна на Наташа и Анте се одвива во 2001 година, во која војната е завршена, но споменот за неа дирекно влијае врз љубовта на овие млади луѓе и укажува на тоа како нивните постапки се одредени од она што се случувало претходно. Последната приказна на Лука и Марија која се случува во 2011 година повторно покажува една несреќна љубов која коренот за таа несреќа го засадила две децении претходно.

Многу ефективно е прикажано течењето на времето преку сликите на разурнатите и напуштени куќи, а особено преку музиката која соодветно се менува следејќи го времето и ликовите.

Трите приказни навидум не се поврзани една со друга, но лесно може да се забележи кохерентноста која ефективно е акцентирана со изборот на истите актери за различните улоги кои им се доделени и како ликовите од првата приказна се надоврзуваат со тие од втората и третата. Силниот женски лик на Јелена која се карактеризира со темпераментност и тврдоглавост, своите главни карактерни особини им ги предава на Наташа и Марија. За разлика од неа во машкиот лик гледаме поголема варијација, непоколебливиот и решителен Иван, во последната приказна започнува како еден многу конформиран и пасивен Лука, но како што тече последната приказна, неговиот лик расте за на крајот од филмот да ги препознаеме Иван и Анте во неговите постапки. Ова укажува на тоа дека она што претставува една индивидуа е длабоко поврзано со времето и околностите во кои таа индивидуа се развива и живее. Минатото, како домино ефект, непосредно влијае врз сегашноста и иднината. Колективното минато, впишано во секој човек, често ги предодредува настаните во приватните истории на луѓето.

Заедно со ликовите и љубов доживува трансформација, од младешката љубов на Иван и Јелена, преку страсната врска на Анте и Наташа расцепена помеѓу еротиката и омразата, доаѓаме до една значително позрела релација помеѓу Лика и Марија чии што плод е нивното заедничко дете.

Името, Звиздан, означува силно сонце, припека и голема топлина што според мене има двојана симболика. Од една страна мислам дека асоцира на жестината со која се борат љубовта и омразата на едно општо ниво, но и внатрешната борбата на ликовите со самите себе. Низ целиот филм, како некаков баланс на оваа топлина да дава водата, реката, која се појавува како еден централен топос и која секогаш носи значајна промена во текот на трите нарации. Исто така додека се гледа филмот, гледачот има впечаток дека сите настани се случуваат во текот на едно деноноќие, кое завршува со појавата Лука пред вратата на Марија. Оваа последна сцена се чини дека го носи новиот ден, а со него и новата надеж.

Сликата на Другиот е многу ефективно претставена затоа што во филмот тешко е да се определи националноста на ликовите кои покрај местото на живеење го делат и јазикот, навиките, културата. Сепак, секогаш во очите на некој постојат тие Други со кои не треба да има мешање. Оваа поделба на крајот од филмот се прекинува со појавата на детето кое е плод на забранетата љубов. Ова дете и отворената врата во крајната сцена ја бришат границата на другоста и отварат можност таа да се надмине.

Уште еден момент кој не би смеел да се изостави е улогата на семејството и поставеноста на другите ликови во филмот. Балканската матрица на функционирање во семејството е многу добро прикажана преку улогите на родителите. Најверојатно гледачите од овие простори во ликовите на мајката на Јелена и Наташа, братот на Јелена, таткото на Иван и двата родители на Лука, ќе препознаат ликови од нивното блиско опкружување, како и слични шеми на односи кои не се неопходно негативно претставени иако кон повеќето филмот има критички и преиспитувачки однос.

Секако филмот секогаш зборува подобро за себе од сите препораки и анализи, затоа останува да го погледнете и сè надевам да уживате.

Барбара

Се сеќаваш ли Барбара

Врнеше без престан

Врз Брест тој ден

А ти одеше насмеана

Наврната зрачна маѓепсана

Под крупните капки на дождот

Сети се Барбара

Те сретив во улицата Сијам

Се смееше

И јас се смеев

Се сеќаваш ли Барбара

Не те познавав

Ниту ти мене

Се сеќаваш ли

Се сеќаваш ли на тој ден

И не го заборавај

Еден човек в некој порти

Засолнет

Го викна твоето име

Барбара

А ти отрча кон него низ дождот

Наврната зрачна маѓепсана

И му се фрли в преграб

Се сеќаваш ли Барбара

Не се лути што ти велам ти

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па макар само еднаш да сум го видел во животот

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па дури и да не го познавам

Се сеќаваш ли Барбара

И никогаш не заборавај го

Тој дожд толку благ и среќен

Врз твоето среќно лице

Врз тој среќен град

Тој дожд врз морето

Врз арсеналот

Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна

И што е со тебе сега

Под дожд од железо

Оган челик и крв

А оној што те стегаше в преграб

Вљубено

Дали умре го снема или е уште жив

Оф Барбара

Сè уште врне врз Брест

Како што врнеше некогаш

Но не е исто оти сè е урнато

Тоа се само посмртни капки дожд

Ужасни и очајни

А не е ниту оној потоп веќе

Од железо челик и крв

Туку просто дожд од облаците

Кои ги снемува како пци

Како пци кои ги носи

Водената струја од Брест

Да изгнијат некаде далеку

Многу далеку од Брест

Од кој ништо не останало

Доколку сакате повеќе информации: http://www.zvizdan.com/#About

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/timthumb-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/timthumb-150x150.jpgМарија БошковскаФилмљубов,војна,критика,поезијаОва што Жак Превер го направил со зборовите во песната Барбара, каде преку призмата на интимното и една љубов, дава слика за ужасот на војната и колективното страдање, хрватскиот режисер Далибор Матанич го направил со помош на камерата. Звиздан е филм за смртта и болката која војната ја носи...Нова мисла на пресушената почва.