Европјаните патуваат. Еволуционистички поглед

Опишуван од западните патеписци, на почетокот на втората половина од XIX век, интригантен феномен бил забележан на Динарскиот планински појас – строго контролирана, сепак дозволена од нормата на заедницата – смена на родот.

Во патријархалните катунски заедници, нормата дозволува [1] опција за здобивање со машки наследници кога тие се непостоечки во сeмејството: женското дете тајно (од самото раѓање) или јавно (пред цела зaедница) се декларира за машко од страна на семејството и од тој момент се травестира – се здобива со машка облека и симболика – носење оружје; и социјално – изведува машки задачи и целосна привилегирана прифатеност. Таа станува вирџина [2] – во замена за привлегиите на машкоста, сексуалноста на родово преобратената жена е целосно контролирана (иско како и кога е родово – жена), таа се откажува од брак (т.е. се подразбира и сексуални односи), во спротивно следува смртна казна.

Први описи за вакви случаи имаме од западните патеписци, некаков вид на прото-етнографи и антрополози, кои можеле да си го овозможат тој луксуз. Со ова мора да насочиме, дека историските материјали и извори за ваквиот тип на трансформации се премногу мали, затоа во стaрт ја признаваме нашата неможност целосно да го разбереме или уште повеќе вистински да го сфатиме феноменот. Нашите сфаќања ќе останат парцијални. Но она што можеме да го извлечиме како полезност за нашето време од едно вакво огледување, е интерпретацијата на елементраните патријархалните односи и трансфузијата на родовото како целосно потчинет дел на заедницата. Во најмала рака, може и да се направи преиспитување на западните записи.

Богатите европјани ги напуштаат своите викторијански домови, и патуваат низ светот. Всушност ригидно е да се поставува прашањето за туѓиот поглед, бидејќи гледањето да другиот е природно и взаемно. Но, станувајќи објект на европската љубопитност која истовремено е и процес кој може да ни каже повеќе за самата природа на модерните европски држави. Па вистинското прашање е која/каква Европа гледаше кон Балканот во последните децении на XIX век. Накратко, тоа е „период на нови техники на репрезентација и регулација кои се круцијални во рестуктуирањето на државата во индустријализирано опшество, оттаму и толкава мрежа на институции за дисциплина на телото – полиција, затвор, болница, училиште… тоа е Европа во која во 1860те, етнологијата е трансформирана од дарвиновата теорија. Еволуционизмот е воедно рефликсија и оправдување на инвазијата, апропријација и освојување на „дивите„, „барбарските„, „полу-цивилизирани“ региони од светот“ [3]. Исто така, тоа е Европа во екот на империјализмот кој се отелотворува во економска потреба од контрола на светот.

Патријархалните матрици кои во далечните колонии се толку егзотични и со романтичен призвук, во викторијанскиот дом се целосно рационализирани и заштитени под практичките потреби на новото буржoаско семејство. Всушност, тој тип на економија се хомогенизира и зајакнува токму преку цврста патријархална економика, оттаму ги имаеме толку почитуваните и недопирливи во западниот дискурс – поделба на приватна (женска) и јавна (машка) сфера, “respectable femininity”, и слични концепти кои се комбинација на морални, религиозни, економски и културни нормативи емплицирани највеќе на жената од средната-класа.

Ќерки – сурогат синови. Родова трансформација (дозволена)

Како суштинска причина [4] за настанок на оваа трансформација е големата ранливост на балканскиот патриленален систем на сродство во кого конститутивна е само машката линија. Како и во другите еднолиниски сроднички системи, и овде постои стална опасност од загрозеност на репродукцијата, а улогата на вирџината првенствено е во тоа, кога ќе затреба, да ја неутрализира таа „структурална грешка“ (на немање машки наследник во семејството). Бидејќи логиката на патриленалниот систем не дозволува таа (вирџината) да ја изврши таа улога како жена, фикцијата за продолжена машка линија се остварува со нејзино симболично претварање во маж, а оваа сложена конструкција треба да биде заштитена преку завет (давање збор – највисок вид на чест) т.е. заветување на вечна девственост, со што линијата не би била разорена со евентуално раѓање дете т.е. туѓа крв.

Она во што грешат западните патописци, или би било често правена грешка денес при разбирањето на вирџините, е во делот на нивната сексуалност: овде воопшто не се работи за избор или излез од хетеронормативноста, напротив такви концепти за заедницата се ирелевантни, бидејќи тие за неа не ни постојат. Според тоа, вирџината не станува маж во смисла на сексуалност, ами во смисла на социјална моќ. Во прашање е честа: да се биде маж е честито, да се биде жена е под-човечки.
Затоа ваквата родова трансформација е дозволива, но строго контролирана на ниво на елементарна био-политика.

Балканот – заколаната девица?

„Вирџина“ на Срѓан Карановиќ, е југословенско филмско остварување од 1991 во кое за прв пат на филмското платно се прикажува една ваква повест. Во последните петнаесет минути, всушност периодот во кој гледачот го оформува својот конечен став кон филмот, се случува главната борба меѓу новаторството и крутоста на паланката: додека колони селани се иселуваат кон морето и оттаму во Америка, главната хероина – вирџина е на крстопат да се открие себе си (својата тајна) и да замине во друг свет преку морето, поддржана од своите роднини кои се насочуваат кон преселбата, а нејзиниот татко насетувајќи ја нејзината одлука се подготвува да ја убие и да остане да живее сам во напуштените карпести краишта.

Како ни звучат денес приказните за вирџините во координатите на нашата средина. Тие одекнуваат како далечни приказни интернализирани некаде во нас. Заробени во западниот поглед за „благородни дивјаци, кои ако ништо друго можат да подарат добра приказна – авантура“, Балканот на некој начин стана самиот заколната девица – може да носи оружје и да учествува во машкиот свет, но строго контролирано и со срам од своето (женско) тело.

Историографски, голем број вакви случаи биле документирани за прв пат пред 150 години, иако во последните 60 години се веруваше дека традицијата има згаснато, истражувањата покажуваат дека „заколнати девици“ живеат во Албанија и денес [5].

 

Извори и литература:

[1] Се однесува на орално право забележано кај планинските заедници во Албанија (законот на Леќ Дукаѓини) и Црна Гора (Законот на Брда), види повеќе: Реџепи, Африм – Канонот на Лек Дукаѓини, Спектар – списание за литературна наука, Институт за македонска литература, год. 17, бр. 33-34, Скопје 1999;
[2] „вирџина“/„тобелија“/„остајница“ (во црногорскиот дискурс) или burneshas (во албанскиот дискурс).
[3] Djajic-Horvath, Aleksandra – A tangle of Multiple transgression: the western gaze and the tobelija (Balkan sworn-virgin-cross-dressers) in the 19th and 20th centuries, Anthropology matters Journal, 2003-2, Florence;
[4] Темелна интерпретација за вирџините како патријархален феномен дава австрискиот историчар Карл Казер, види: Šarčević, Predrag – VIRDŽINA – ŽENA KOJE NEMA, Montegrina: digitalna biblioteka crnogorske culture, Antropologija (http://www.montenegrina.net/pages/pages1/antropologija/virdzina_zena_koje_nema_p_sarcevic.htm); 
[5] Види примери/документирани случаи од минатото и денес: 12. Young, Antonia; Twigg, Larenda – “Sworn virgins” as enhancers of Albanian patriarchal society in contrast to emerging roles for Albanian women, Etnoloska tribina 32, vol. 39, 2009

Слики: anecdote photos

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/19_6-sworn-virgins-novo.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/19_6-sworn-virgins-novo-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоОстанатоантропологија,Балкан,жени,историја,феминизамЕвропјаните патуваат. Еволуционистички поглед Опишуван од западните патеписци, на почетокот на втората половина од XIX век, интригантен феномен бил забележан на Динарскиот планински појас - строго контролирана, сепак дозволена од нормата на заедницата – смена на родот. Во патријархалните катунски заедници, нормата дозволува опција за здобивање со машки наследници кога...Нова мисла на пресушената почва.