Приказната на робинката (The Handmaid’s Tale) е роман на Маргарет Атвуд од 1985г. кој годинава со право се реактуализира преку телевизиската серија со истото име. Делото со својата содржина скокотка значајни теми поврзани со женскиот идентитет, женското творештво, мајчинството, феминизмот, еколошките проблеми, човековите права, активизмот. Сите овие теми, сублимирани во текстот отвараат многу прашања меѓу кои можеби и најважното: “Дали нашето, современо општество е на патот кој води кон една ваква дистопија?

Make ‘Murica Great Again

Романот, Приказната на робинката, како што и насловот посочува, ја раскажува приказната на “робинката”, млада жена која е обележана со името Нафред. Преку женскиот глас се опишува идно општество кое според податоците дадени на крајот го носи името Галад. Ова, “галадско” општество претставува дистопија во која религијата и правниот систем на државата се во неразделна врска. Идното општество како своја највпечатлива одлика ја има мизогинијата заедно со многу комплексен систем на контролирање и угнетување, во кој слободата, од било кој вид, е привилегија дури и за најистакнатите членови и водачи на ова општество.

Дејството е сместено во САД, во тоталитарен режим кој владее по извршениот преврат врз владата. Почнувајќи со лажен напад во кој се убиени претседателот и членовите на Конгресот, групата “Мудрите синови на Јаков” создава општество и филозофија со нов поредок во кое различноста е строго забранета. Ова подразбира смртна казна за сите политички противници, за луѓето со различни религиски и филозофски убедувања од оние кои Галад ги наметнува, како и различната сексуална и полова определба.

Мажите на високи позиции, економски и политички моќните, се граѓани од прв ред. Граѓани од втор ред се мажите кои ги немаат овие привилегии, а на крај се жените кои во Галад, сметани за опасни и субверзивни ја трпат најстрога контрола. Тие ги губат правата на сопственост и стануваат поделени во неколку категории. Најпривилегирани, иако е тешко така да се карактеризира било која жена во ова општество, се сопругите, особено на мажите кои на општествената скала стојат доста високо. Привилегијата на сопругите се состои во некои ситни задоволства како минимална слобода во облик на кафе, цигари, благо, списанија или книги и можноста да управуваат со домаќинството. Робинките се жени кои служат како сурогат мајки, односно „подвижни матки“. Тоа се најчесто млади жени, лишени од своите желби и аспирации, чија единствена животна цел треба да биде продолжување на потомството на богатите и угледни мажи. Жените кои не се во возраст во која можат да раѓаат деца или одбиваат да станат робинки се испраќани во озлогласените Колонии, кои се казна во вид на принудна и тешка физичка работа.

Тука сакам да се осврнам на филозофијата на дистописките романи и да најдам одговор на прашањето зошто Атвуд вака, песимистички ја прикажува иднината. Сметам дека дистопискиот писател најпрво детално го анализира своето, современо, општество и ги детектира според него значајните елементи. Самата дистопија го покажува општеството онакво какво би било кога тие елементи се целосно развиени.

Атвуд ја видела мизогинијата, шовинизмот, еколошките и економските проблеми на своето време и ги донела до своите граници. Според неа уметноста е огледало, во неа луѓето можат да се препознаат и ова може да води до промена. Затоа должноста на писателите кои пишуваат дистопии е да ги рефлектираат најопасните и најштетните општествени трендови и она кон што тие водат. Ваквите мрачни сценарија имаат за цел да го натераат читателот да се движи во спротивната насока која би донела подобра иднина за сите. Исто така Приказната на робинката, според мене, повикува на активизам и на ангажираност од секоја индивидуа со цел се спречи или превентира појавата на Галад или некоја негова форма.

Црвен кафез

Рахила, гледајќи дека не му раѓа деца на Јаков, ѝ позавиде на сестрата своја, па му рече на Јаков:

„Дај ми деца, ако не – јас ќе умрам!“

А Јаков ѝ се налути на Рахила, и ѝ рече:

„Зар јас сум тој, а не Бог, што не ти дал плод на утробата?“

А таа рече:

„Ене ја слугинката моја Вала;

влези кај неа;

нека ми роди таа в скут, па јас ќе имам деца од неа.

Со овие редови извадени од Библијата претставуваат некој вид на алиби зошто Нафред е доделена на Командантот како робинка која е задолжена да му роди дете него и на неговата сопруга, Серена Џој. Ваквиот чин на одземајње на сексуалноста на жената и користење на нејзиното тело како политички инструмент односно национален ресурс е многу моќно прикажано во книгата.

Порано своето тело го гледав како инструмент за задоволство, или како средство за превоз, алат за остварување на својата воља. Постоеја граници, но телото во секој случај, ми беше еластично, единствено, цврсто, едно со мене. Сега снагата поинаку се мести. Јас сум облак, згуснат околу еден средишен предмет во форма на круша, тежок и пореален од мене и свети црвено внатре во своето проѕирно пакување.

Женското тело, одземената негова моќ, е една од централните теми во романот. Обредот, кој е осмислен за да одговара на библискиот текст, а всушност претставува озаконето силување, деталниот опис на породување и одземањето на новороденото дете, а со тоа и одземање на мајчинството, како и целосното покривање на телото се моќни начини на одделување на жената од самата себе. Сепак имаме една скриена револуција во целото дело која е покажана преку сексуалната врска со Ник. Овој обид на робинката да го поврзе телото со својата желба, преку својата сексуалност е бунт, по својата симболика сличен на Пролет или Подземниот женски пат, кој е некој вид на организиран таен отпор против “галадското” општество.

Другиот аспект кој го прави ова дело интересно за феминистичко читање е ликот на раскажувачката која добивајќи глас се ослободува од стереотипните претстави на женските ликови. Атвуд својот лик го гради многу сложено, со сите негови аспекти често заборавени во други дела кога станува збор за женски лик. Во текстот, согласно со општественото уредување на галад жените добиваат улоги кои се стереотипно родово предодредени и секогаш во однос со машките субјекти. Така на пример, Командантот е обележан според неговата должност, но жените се обележани како мајки, родилки, тетки, проститутки, нежени и сл. Дури и името на нараторката дадено во текстот, Нафред, се обидував да не го користам кога зборував за неа бидејќи мислам дека ова наметнато име е дел од одземениот идентитет на нараторката. Она што сакав да го посочам тука е дека иако Галад жените во општеството ги обележува на овој начин, нашата раскажувачка ја разбива ваквата слика и со тоа на некој начин се враќа до себе си и својот идентитет. Преку нејзините размислувања, присеќавања, чувства и стравови ние добиваме еден лик кој не е негативен или позитивен, туку едноставно човечки.

Under His Eye

Друг особено интересен сегмент во делото се начините на кои жените функционираат во Галад. Во центарот на едно многу патријархално општество, Атвуд, поставила друго “општество” чија цел не е организирање на државата, туку на домаќинството. Доста комплексни се односите помеѓу женските ликови во книгата и често пати се добива впечаток дека вистинските носители на мизогинијата во Галад се самите жени. Ова е особено добро претставено преку улогите на Тетките во “Центарот за воспитување во кој идните робинки би требало да се подготват на животот кој им следи.

Токму преку Тетките се врши наметнување на идеологијата Галад и тие се оние кои укажуваат на неопходноста жената да биде подредена со цел да се концентрира на нејзината единствена мисија во животот, да роди бебе. Интересни се начините на кои Тетките ја вршат својата работа. Прво, тие посочуваат на објективацијата на жените која била правена во минатото преку порно филмовите, облеката и колку било опасно да се биде жена во предгаладското време.

Борбата против објективацијата на жената е феминистичка, нараторката се присеќава на протести на кои учествувала нејзината мајка, кои за цел го имале ослободувањето на жената во овој поглед. Но, се чини Галад го обвинува женското тело за овој проблем кој мора да е решен со покривање на истото. Како што Тетките всушност велат:

Постои повеќе од еден вид слобода, велеше Тетка Лидија. Слобода за и слобода од. Во времето на анархијата постоеше слобода за. Сега би се дава слобода од. Не ја потценувајте.

Галад ги „ослободува“ жените од изборот, од потребата да размислуваат. За разлика од претходно општество кое бараше од жената премногу, ова ново општество бара од неа да ја извршува единствената должност на нејзиното постоење, раѓање деца.

Интермедијалност

Филмската реализација која ја споменав на почетокот се однесува на серијата The Handmaid’s Tale која започна да се емитува на 26 Април оваа година и е во продукција на Bruce Miller со Elisabeth Moss во главна улога. Филмот, барем во првите четири епизоди, цврсто се држи до романот без некои големи или значајни измени во приказната. За пофалба сметам дека е визуелното остварување на кадрите во кои изборот на боите и костимографијата остава силен впечаток.

Филм со овој наслов е снимен и во 1990 година кој исто така го има за своја предлошка романот на Атвуд, како и неколку театарски и балетски изведби што ја докажуваат неговата способност привлечно да се трансформира во различни медиуми.

Погледнете го трејлерот од серијата подолу.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/thehandmaidens_01-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/thehandmaidens_01-150x150.jpgМарија БошковскаКнижевноствизуелна уметност,дистопија,жени,книги,книжевност,критика,литература,приватност,слобода,тоталитаризам,уметност,феминизамПриказната на робинката (The Handmaid's Tale) е роман на Маргарет Атвуд од 1985г. кој годинава со право се реактуализира преку телевизиската серија со истото име. Делото со својата содржина скокотка значајни теми поврзани со женскиот идентитет, женското творештво, мајчинството, феминизмот, еколошките проблеми, човековите права, активизмот. Сите овие теми, сублимирани во текстот...Нова мисла на пресушената почва.