Во денешната литературна манџа запознајте се со хрватската писателка Теа Тулиќ преку неколку нејзини кратки раскази, објавени во дебитантскиот роман Коса насекаде. Писателката на читателите им нуди фрагментарна нарација, секој од кратките раскази може да стои засебно, но поврзани тие следат една приказна, раскажана на невообичаен и помалку апсурден начин. Играјќи си од една страна со детската перспектива, а од друга страна со смртта и болеста преку метафорите на змија во стомакот или расеани влакна од сопствената коса, текстот на Теа Тулиќ добива уникатна димензија. Како особено значајно во оваа книга треба да се означи употребата на ликовите на мајката и бабата, начинот на нивниот живот, нивните верувања и борби, нивната осаменост, се само неколку од темите кои се провлекуваат во расказите и дирекно влијаат врз нараторката. Следејќи ја оваа женска семејна линија, смртта и животот, книгата отвора мноштво филозофски прашања низ стегнатата форма на краткиот расказ.

Мама

Дента кога баба не умре, мама почувствува необична главоболка. Окото почна да ѝ бега налево. Брат ми ја однесе во брза помош. Се врати дома без неа.

Мама е силна личност со ситни коски. Досега двапати има лежено во болница. Еднаш мочаше камења, а вториот пат заталкано дете.

Дента кога баба не умре, купував. Книги, кремови, купки. Во косата носев влага стара една недела. Поминав низ плоштадот на кој, еве, пред некој ден испушти душа убав младич. Велат дека бил спортист. Добар ученик. И дека не бил конфликтен. Претепан е до смрт. Се прашувам како им звучи на странците нашиот збор за смрт.

Смрт.

Пасифлора

Пасифлората е ползавец со цветови налик на вселенска станица. Неа ми ја продава пријателката чии деца имаат убави имиња. Вели дека таа билка ѝ помага на сестра ѝ да го поднесе злиот шеф и мрзливиот сопруг. Во течна состојба чини 13о куни.

Кога ќе испијам капаче полно со таа кафеава течност, змијата во стомакот исчезнува, ама се појавува мачнина.

Невидливи

Во градинка немав пристап до кујната за девојчиња. Тие таму готвеа воздух во малечки сатчиња. Јас цртав сини водени автомобили. Кога го поминувавме попладнето во паркот на градинката, ги прислушкував невидливите суштества што живеат во стеблата. Потоа, по некое бреме, и останатите деца почнаа да прислушкуваат. Потоа ќе раскажувавме што сме чуле. Така станав видлива. Штета што тоа не го правев штом стигнав во градинката. Тогаш и мене ќе ми дозволеа да готвам во малите сатчиња. Немаше да цртам сини водени автомобили, туку со маталката ќе матев сонце во садот и потоа со него, место со плунка, ќе ги полевав колачите од земја. Колачите од земја ќе нараснеа толку големи, што ќе ги прехранеа гладните црни луѓе. Црните луѓе ќе беа среќни. Би ѝ напишале писмо на мајка ми како фино си ја воспитала ќерката.

 Краток разговор за нивниот Бог

– А може ли некако поинаку да го викам Шива?

– Не, името на Шива не се менува.

– Многу ви е, тогаш осетлив тој Бог.

Брош

Мама и тато порано многу работеа. Особено мама. Понекогаш татко ќе не` однесеше кај неа на работа, па таа ќе не` послужеше млечна пена со какао. Понекогаш нејзините насмевки ги делевме со луѓето што порачуваат пиво или жетони за флипери.

Еднаш ми беше роденден. Дотрчав во станот, го фрлив ранецот на под и ја затекнав мама како спие во собата. Беше попладне. И сонце. И роденден! Ја влечев мајка ми за нога, и ѝ ја слеков хулахопката. Ѝ ја потурав косата во нос! Таа со затворени очи промлацка:

– Подарокот ти е во торбата.

Во преградата на големата мека торба најдов брош. Црно – бело лице од порцелан. Пола тажно, пола весело. Го закачив на реверот од јаката и отидов на улица.

Едно облаче се подмочка.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/06/KMF_0016_featured-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/06/KMF_0016_featured-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџажени,книги,книжевност,уметници,уметност,феминизамВо денешната литературна манџа запознајте се со хрватската писателка Теа Тулиќ преку неколку нејзини кратки раскази, објавени во дебитантскиот роман Коса насекаде. Писателката на читателите им нуди фрагментарна нарација, секој од кратките раскази може да стои засебно, но поврзани тие следат една приказна, раскажана на невообичаен и помалку апсурден...Нова мисла на пресушената почва.