ТЕЛЕМАМА ни ја раскажува приказната зад свадбата од спотот за АНИКА,  песна која откога беше пуштена  на радијата  WFMU (USA) и Stafordshire  (UK), го привлече вниманието на радио страници од ХОНГ-КОНГ, САН ФРАНЦИСКО и станици од ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, БАЛКАНСКИТЕ и БАЛТИЧКИТЕ земји. АНИКА е дел од  компилацијата ШАРЛАГЕДОН и КРАТОК АЛБУМ ЗА ДВАЈЦА, соработка помеѓу ТЕЛЕМАМА и ПИКОЛОМИНИ, издание за независниот музички издавач ШАРЛА РЕКОРДС.

КРАТ[ОВСКО] ПИСМО ЗА ДВАЈЦА

Свадбата во видеото за “Аника” е свадбата од мојата дадилка Данче. Таа е еден од најсветлите ликови од моето детство, и ден денешен ја сакам и би сакала да ја гледам почесто, а не сум доволно одговорна да го организирам тоа кога сум во Македонија. Последен пат мислам дека се сретнавме на погребот од мајка ми и ми рече “дојди”. И реков “ќе дојдам”. И толку.

Данче беше во средно кога не чуваше, правеше најдобар помфрит, ме научи да сечам леб со нож, таблица множење и имаше нерви да ги трпи сите мои прашања и никогаш не ми рекла да заќутам или да не прашувам веќе прашања како што ми правеле други возрасни. Не носела на река, на излети, еднаш знам дека ми правеше машна за на глава цел ден зашто плачев да имам гигантска машна како што носеше Тајчи во еден спот. Цел чаршав упропасти за да ми угоди со таа машна.
Преку нејзините очи имав директен пристап до светот на тинејџерите во времето на распадот на Југославија. Таа можеби беше последната од генерацијата кои беа на екскурзија до работ на Југославија во Словенија, и тогаш прв пат го чув зворот екскурзија. Стварно беше тежок. Ми покажуваше слики од Постоинска јама и од спомениците.

Со другарка и Јасмина ме имаа замолено да не кажувам на никој дека пушат, а јас ги кажав дома истиот ден. Едвај додржав и толку. Извини.

ТЕЛЕМАМА и ДАНЧЕ околу 1988
ТЕЛЕМАМА и ДАНЧЕ околу 1988

Со нив прв пат кога имав шест отидов во диско (денски), ми дадоа да лижам од пената на Нескафето и прв пат видов како се лапаат двајца во едно ќоше на диското и зинав. Очите ги ококорив до крај. Немав видено претходно во живо некој да се лапа и се осеќав ко да сум влегла директ во “Беверли Хилс 90210”, а овие двајцава ме приметија и ми се изгазија од смеење. Малце ме увредија. Данче имаше голема латино суќна и кондури со некое златно-жолто копче на нив за нејзината матура, кога ја видов си реков дека е иста како лаислабонита. И одев одма и јас да си нацртам бемка над устата со пенкало.

 

Свадбата.
Кога дојде дечко и на Данче да збори со неа и мајка и да се договараат дека ќе прават свадба, јас бев таму и кога слушнав – полудев тотално. Како смее од мое маало да се сели во друго маало со маж? Почнав да плачам на сред нивен муабет и се напикав под еден кауч и не можеа да ме извадат со саати после. Плачев ко река и рикав ко магаре. Пробував да ги спречам. Сепак победија и договорија свадба. Месеците пред свадбата бев во тотална депресија, ама полека почнав да се враќам во нормала сфаќајки ја суровоста на животот и помирувајќи се со неа.
Кога дојде време за свадбата, цел ден трчав и помагав во сите тие традиционални адети што се организираа. Ме праќаа во продавница најмалце 200 пати во белиот фустан и со навитканата коса. Со гордост се симињав до чаршија секој еден од тие 200 пати.
Делот со црквата не го памтам како се проведе. Само делот со кафаната. Решив да и укажам чест на невестата и да мешам чочеци и да бидам главна на маса. Во видеото се гледаат сите мои тетки и комшики. И мајка ми е таму некаде. Сакав да пеам песна и по време на вечерата кога и бендот прави пауза, отидов да ги прашам дали може да пеам. Ладно ме откачија. Отидов одма кај татко и ми и почнав да плачам. И тој дојде со мене да ги моли да ми дозволат да пеам една песна. Пеев нешто од Благица Павловска, сите беа воодушевени. Дечкото со џигерици што свири зад мене, е во тој бев заљубена цела ноќ. Мислев дека е премодерен. Зад мене едно ситно момче со црна коса е Павле, со него седевме во прва клупа во школо пошто бевме најситни. Со години.
Двајцата мажи што танцуваат заедно заборавив да прашам кои се, ама мажот и жената кои танцуваат при крај на видеото. Е тиа многу се сакаа и секогаш со радост ги среќавав по кратовските сокаци. Дури и над нивниот двор кога проаѓав, секогаш ги гледав како си пијат кафе или ручаат на масиче надвор и ми беа преслатки. Немаа деца, а многу се сакаа и беа цел живот заедно. Еден од нив почина, не знам кој.
Сега кога го гледам видеово, се прашувам зошто не се смеат теткиве со фризурите.
Видеото, пред да почнеме да имаме идеја каков да биде спотот за “Аника”, ми го прати синот на Данче кој сега е програмер во неговите дваесетти, и го знам од бебе. Архивирал и дигитализирал стари вхс касети и јас сум искочила на една од нив. Се вика Стефан како мојата прва љубов од прво до четврто, затоа што секој ден дур беше трудна и одев дома после школо да ја трубам ако детето е син, да се вика Стефан. И стварно така би.
Многу ја сакам. Се надевам дека ќе прочита.

Тоа се тие кратовски работи.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/mala-anika-1024x640.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/mala-anika-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаинтимност,култура,македонска сцена,македонски авториТЕЛЕМАМА ни ја раскажува приказната зад свадбата од спотот за АНИКА,  песна која откога беше пуштена  на радијата  WFMU (USA) и Stafordshire  (UK), го привлече вниманието на радио страници од ХОНГ-КОНГ, САН ФРАНЦИСКО и станици од ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, БАЛКАНСКИТЕ и БАЛТИЧКИТЕ земји. АНИКА е дел од  компилацијата ШАРЛАГЕДОН и КРАТОК АЛБУМ ЗА...Нова мисла на пресушената почва.