Каде одат претставите што не се случуваат?  е  претстава која може да се набљудува и како уметнички перформанс на режисерката Драгана Гунин.

10.03. 2017 / 20: 30 часот.

Започнува уште една претстава од репертоарот на Академска сцена – простор за изразување на драмските уметници од ФДУ- Скопје. Со самиот почеток  гледачите сфаќаат дека ќе бидат публика на дело кое излегува од рамките на класична претстава, а јас ќе додадам: дело кое излегува од комфорната зона на самата авторка и дело кое отвора нови начини на искажување во македонската современа театарска сцена.

Со едноставен мизансцен, сама на сцената, режисерката и воедно единствената актерка во својата претстава почнува да го деконструира своето авторско минато, за тука пред нас да создаде ново дело кое претставува крик на надежта која се уште постои.

27.04.2014.

Се случуваат избори во Република Македонија. Се случува и првата проба за претставата Слепци од Морис Метерлинк.

24.11.2014

Се случува првата проба за претставата Три Сестри од Чехов.

Ситуацијата во Македонија е штетна по здравјето. Се бара излез. Излез нема.

 

04.08.2015

Се случува првата проба за претставата Психоза 4.48 од Сара Кејн.

Психоза 4.48 е претстава која Кејн ја пишува ноќта пред да се самоубие. Како на сцената да се изведе едно проштално писмо?

Токму вака хронолошки подредени, сиве овие претстави не се случиле.

Демистифицирајќи ги своите мисли, желби, таги, стравови и очаи преку раскажување на суштината на претставите и нејзиното субјективно режисерско поставување на истите, Гунин пред нашите очи конструираше повеќеслојна критика која допре до самата срж на нашето секојдневие.

Општенствена критика – обид за напуштање на отровната околина – самоубиство.

Ваквиот неслучаен избор на текстови формираат една целина која може да се набљудува како градација која не само што функционира како можна психолошка реакција на човек во околина која го гуши, туку и уметничка постапка која зборува за раѓање и постоење на дела кои никогаш не допираат до публиката.

Каде одат претставите што не се случуваат, што правиме со емоциите кои се претвориле во апатична кнедла во нашите стомаци и бескрајно не измачуваат потсетувајќи не на времињата кога бевме надежни и гневни?

Преставата на Гунин одговара на ова прашање на тој начин што од сите стари претстави создава една нова, сите свои емоции ги става под притисок за од нив да експлодира нова мисла која сугерира кршење на сите поставени рамки и граници, без разлика дали истите се во вид на општоприфатени норми, уметнички форми или пак граници на нашите лични зони на комфор.

Преку својот монолог таа успешно ја сецираше општествената психоза која е присутна во сите сфери на животот, од општествено социјалниот конструкт па се до интимните релации.

Доколку паднеме во рутината и секојдневието, постои опасност сите наши надежи и напори да ги почувствуваме како бесцелни и банални, па затоа уметничкото “воскреснување“ на Гунин беше повеќе од потребно на нашата сцена и поздравено од публиката која три пати ја врати режисерката на сцената со нејзиниот аплауз.

Претставата Каде одат претставите што не се случуваат?  е дипломски труд на режисерката Драгана Гунин чија премиера беше на 31.09.2016 на Факултетот за драмски уметност, а вториот пат се прикажа во склоп на репертоарот на Академска сцена.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/the-treachery-of-images-this-is-not-a-pipe-19482-1-3-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/the-treachery-of-images-this-is-not-a-pipe-19482-1-3-150x150.jpgИвана СмилевскаКнижевносткритика,култура,македонска сцена,режија,театар,уметнициКаде одат претставите што не се случуваат?  е  претстава која може да се набљудува и како уметнички перформанс на режисерката Драгана Гунин.10.03. 2017 / 20: 30 часот. Започнува уште една претстава од репертоарот на Академска сцена - простор за изразување на драмските уметници од ФДУ- Скопје. Со самиот почеток...Нова мисла на пресушената почва.