Симона Јованоска е родена 1985 г. во Гостивар. Живее и работи во Скопје. Првата збирка на раскази Ги најдов во длабокото на Симона Јованоска е издадена во издавачката куќа Или – Или, едиција Проаза. Сега Јовановска е навлечена на новели и има издадено две збирки кои можете да ги прочитате на интернет библиотеката Македоника.

Риба

Внимателно ги светна чевлите. Ако некој во моментот ѕиркаше од зад вратата, ќе го забележеше неговиот топол здив којшто ја замаглува лакираната површина на обувките, на едната па на другата, наизменично, по три пати. Светло розевиот елек со темно златни копчиња фино налегна над сивата кошула испрана со евтин омекнувач со мирис на камилица. Како да ја испрал во чај. Понекогаш знаеше да се налути поради оскудниот избор во продавницата од спроти ама друг пат беше благодарен на истата таа оскудност. Да се има или да се нема избор, што е полошо? Продавниците во центарот беа преполни со бои и мириси, на јоргован, на липа, на водопад, на Алпите, на пролет, сини, зелени, розеви, на ливада, жолти, на морски бранови. Непотребно усложнување на рутината, одвишно придавање важност и присуството на тоа бедно чувство на среќа кога ќе ја препознаеш етикетата на омекнувачот што ја испрал твојата кошула. Ах, тие ситни причинители на среќа, што здружени ги истиснаа оние големите. Kога заврши со чистење ги обу чевлите, го стави шеширот на главата и излезе. Се спушти низ скалите бидејќи лифтот беше заглавен најагоре и некои дечишта никако не сакаа да го ослободат. -Проклети дечишта! Размислуваше за пингвините. Одлучи да пројде покрај пекарата и да купи тазе печен леб. Сретна неколкумина кои го отпоздравија. Со учтиво поткревање на шеширот, навидум покорно неколкумиговно спуштање на погледот кон тротоарот а потоа мала, невидлива насмевка на искривените лица. Мајки со деца кои одвај ги влечат зад себе, мајки со високи потпетици кои пиштат погласно од мрсулковците што се влечкаат зад своите мајки. Тротоарите говорат. Тротоарите говорат и навечер, кога врз нив нема ниеден просјак, ниедни исплукани црева, кога врз нив има дупки полни со смирисана дождовница, го зборуваат јазикот на градот, неговите средовечни поплаки и негодувања, во тивкост. Размислуваше за пингвините. За мажјаците и нивниот придонес во заедницата. Во пекарата неговата нарачка ја прими млада, буцмаста девојка којашто се понуди да го рассече лебот насреде и да го полие со топен путер. Од срцевината испаруваше магловит, топол мирис на спокој. Мекото во себе го шмукна путерот како врел асфалт вода.

-Повелете господине.

-Благодарам.

Пингвините се хранат со риба. Пингвините никогаш не пробале путер.
-Можев да одам од другата страна, покрај другата пекара. Зошто ли избрав да одам од тука, има цели седум минути повеќе за одење. Ах, ах- повторуваше во себе откако се преиспита за избраната релација. Помина покрај столарот, на влезот седеше столаровиот син. Беше слеп. Луѓето го одминуваа, некои го отпоздравуваа тивко, многу беше антипатичен. Имаше некоја необјаснива, дрска надмоќ што наоколу ја ширеше неговиот хендикеп, низ мирисот на телото измешан со струганиците од дрво. Имаше некоја тивка ароганција во отсјајот врз неговите темни очила, животот низ дневна светлина се лепеше врз нив како топол здив којшто ја замаглува лакираната површина на обувките. Го одмина тивко, со необјасниво чувство на олеснување и вина.

-Ќе купам риба. Можеби слепецов мирисаше, не знам од каде осетив, ама ќе купам. И така се упати кон најблиската рибарница. Повторно помисли на пингвините. Елегантни птици, нема што. Во рибникот му требаше време да се одлучи за риба. Крап? Морска? Сепак пастрмка. Бела или црвена? Не знам, што е подобро, што препорачуваш мајсторе? Ах, сите риби овде се одлични. Тешко е, тежок избор. А да имаше само една, немаше да биде тешко. Тоа ти зборувам. Завиткај ја во нешто, нема смисла. Убаво завиткај ја. Се надевам нема да ме прелажеш за парите. Ако ме прелажеш, знам каде живееш. Дали сум во состојба да ти дојдам до дома? За една риба ли? Ех, мора некој од некаде да почне. А ти слушна ли, мајсторе, за девојката што ја нашле во  паркот, откако се повлекла водата? Велам, страшно е за живеење во ова предградие, мора од некаде да се фати редот. Улични херои, мајки, слепци, преживари и преживувачи, има разлика. Фино, фино ми ја завитка рибата, во стар весник. Денес никој не витка во нов, зошто, на толку непрочитани вести, бесмислено е. Во новите мора да пишува за девојката. Не пишува? Хм, сигурен сум дека прочитав некаде, не можам да се сетам точно…ама ајде, да не ти одземам време…да, да, ако слушнам уште нешто ќе ти раскажам, секако. Пријатно. Со здравје. Не можеше да се сети од каде ја дознал веста за девојката. Се замисли. Да не видел на телевизија? Или можеби некој сосед му прераскажал. Меланхоличнорелаксирачки. Збунет и рассеан во исто време. А пингвините…  Седна на една клупа да се одмори. Во рацете ја држеше меката риба, излигавена врз стариот, пожолтен весник. Потоа набрзо се врати дома. Нечив расказ објавен, со наслов: “Во заборав“, добро послужил во него да се завитка риба. Некој можеби го прочитал, но на крајот на денот, неговата цел е надмината, тој сега служи да го заштити розевиот елек со темно златни копчиња од лигите на една мртва риба. Колку возвишена, цел преку најлудите очекувања на авторот, на писателствувањето воопшто. Што е тоа? Константна болка која се шири како зараза низ читателите. Како секта. Болката треба да секне во изворот а не во нејзината моќна делта. Писателите се чудаци. Прават пародија од болката, се китат со нејзините перја, прескапо платени од протагонистите во реалниот живот. Како на некому да му е гајле. Нема зошто, немa зошто да му биде… -“(замачкани букви)…ќе бидам среќен ако ова што ти го пишувам, не заврши како омот за некоја мртва риба…“

Што, по ѓав…

-“Ќе си речеш, зошто да читам нешто старо и замрсено, нешто мртво и заборавено, од туѓ искусено па прераскажано а со тоа разводенето, а со тоа како расипан телефон пренесено на другите…“ Токму така и никако поинаку пишуваше во расказот. Авторот анонимен, бре, бре, овој не сакал слава. Се погодило, ете, рибата да е во хартијата. Можеше да биде пилешки копан или крилце, да биде свинска кртина. Ирелевантно и случајно. Што знаат луѓето за случајност, од толкава опседнатост со судбина, како пичиња ја предадоа војната. Фина музика доаѓаше од локалната биртија. Џон Колтран? Ах, одамна беше тоа, кога водев сметка за артистите…

Па сепак, одлучи да го прочита расказот. Читаше бавно и со внимание, додека рибата пушташе светлоцрвена крв во белиот, кристален сад. Читаше одвај и пополека, на некои места мораше да импровизира цели пасуси кои беа уништени од најразлични уништувачи. Една мртва риба, најголем непријател на зборовите, кој би претпоставил. Читаше и се’ повеќе ги ширеше очите и зениците во нив. Подголтнуваше оловни кнедли, свежо варени, на средна температура. Се чешкаше на темето а наполнетите нокти ги пикаше в уста. Го гризеше непцето одвнатре и чкрипеше со забите. Рибата оживеа. “Внимателно ги светна чевлите. Ако некој во моментот ѕиркаше од зад вратата, ќе го забележеше неговиот топол здив којшто ја замаглува лакираната површина на обувките, на едната па на другата, наизменично, по три пати. Светло розевиот елек со темно златни копчиња фино налегна над сивата кошула испрана со евтин омекнувач со мирис на камилица. Како да ја испрал во чај…“

 

Ги најдов во длабокото

Нола до небо посакуваше да си дојде што побргу дома бидејќи малите плачковци немаа намера да и’ ги поштедат нервите, рассеано се загледуваше во морската шир низ прозорецот а тој не беше ниту приближно до море, додека ја подготвуваше торбата со бесмислените потребштини, позади замагленото стакло до предмалку модра самрачина се одлепуваше од заспаниот град, квечерина, длабока модра ноќ. Морска шир во полузаспаните очи и мрсни, згужвани капаци кои одново се будат со секое кратко трепкање. Лицето го сврти преку рамото и со така свртена глава фрли поглед преку него, кон мене. Пловеше со своите раскрилени едра дома, кон мене, молчаливо се движеше како тивок брод додека капка по капка растекуваше снаведната на коленици, да, на коленици спремајќи фротирни пешкири со силни бои и, ако мене ме прашуваш, сосема неинтересни дезени кои немаат никаква смисла, кога подобро ќе размислам. Страничен поглед кон мојата шапка, јас така седнат разголен, низ пескот на светот се подготвив да патувам следен од огнениот меч, неможејќи да пронајдам луѓе, не многу но повеќе од четворица силни, здрави мажи коишто би се нафатиле да ја повлечат ортомата врзана околу струков врз гола кожа дури и тогаш кога не сум гол, како сега што не сум. Не сум. Допри ме, допри со твојата нежна рака, о, Нола. Ама таа ги собира своите неколку броја поголеми чинтијани од скалилата што водат ко дворовите на мојата куќа. Нашата куќа се обидува да биде дом на две невини, неверојатно здодевни деца и на птици препелки што налудничаво танцуваат пред прецизното, помалку иронично окце на снајперот. Играј, играј! Смешани пијачки испив уште под сјајното месечево око што ја осветлуваше тишината во која бев потонат. Денот е долг, бесконечно долг како очекувањето за него кога е однапред планиран. Ден поминат на плажа. Лола на раце ги зеде децата, а јас позади неа како пес со исплазен јазик низ кој се слизнуваат лиги со вкус на смешани пијачки (пази да не прочиташ смешни) и капат врз моите слабички гради покриени со силни, густи влакна, маж, целиот маж со женска торба во рацете што оваа жена до предмалку ја наполни со сенешто, мојата жена, својот грб го шири пред мене како лепеза, некаде поткината, бидејќи е од оние хартиените,

таква ја замислив, со цртежи на птици препелки и срамежливи гејши облечени во кимоно, долги ракави, милион ситни детали навезени врз фината свила во силни бои чија смисла овојпат успевам да ја размачкам како влага на врвот на прстите, како утро капнато од болниот носен канал на двајцата патници кои вечно се разминуваат, вртејќи се во круг. Во круг и ние. Децата се растрчаа носејќи ситен песок зад меките петици кои сеуште наивно му веруваат на патот кој го газат. Ќе ги стврдне, си мислам, ќе ги зајакне. Еден ден, можеби не толку долг како денешниов, можеби ете така, случајно. Се насмеавме, секој се насмеа со своја насмевка. Насмевките се убави, како сите убави нешта на светот кои изгледаат како дарувачи на време, а времето не може да се подари туку да се украде од некоја друга, поинаква приказна за нас, во која ние толку расипнички го трошиме. Насмевките го крадат времето, не срцето. А на плажата, вжарени, миризливи тела, потемнета кожа со бела, засушена сол врз раните, каснатини од комарци и песјаци, нежни осветлени влакненца на препоните и коси во форма на бранови што набабруваат од проголтани алги кои летаргично се креваат и ги лелеат неволно косите, шумолат со своите здолништа, нежно лизнати низ разиграните, заоблени колкови, во расшепотената вода се нишаат и срамежливо превртуваат. Нола легнала со лицето кон сонцето, кон небото, како улава, средовечна стара мома која во часовите на очај и непребол развила однос со јајцето на око растечено врз мрсното, мазно дно на тавата, од тефлон, како нејзината кожа. Мојата Нола. Несиметрични пукнатини околу големата клетка, иста слуз, истиот вкус, истите пиштења од огнот што си ја врши молчешкум својата работа, одоздола. И одозгора, сонцето врз Нола. Се досадувам. Тогаш, еден голем сив неранимајко, се појави од никаде, најаден и напиен, неколкупати подригна кревајќи прашина во очите, песок во белите, отсокриени темиња и мрзлива, студена сенка заводливо ги испружи гнасните прсти кон бедрата на жена ми, почна да и го цица прстот на десната нога, онаа повредената, без да знае колку го мразеше тоа Нола, но сега само нежно се почеша и со сонлив поглед го одобри неговото присуство, “Облак“ рече и влакненцата на рацете и’ се накострешија, а потоа веднаш праша:“Каде се децата?“ Јас на децата не се сеќавам. Можеби сум ги имал а можеби не. Можеби само сум ги посакувал, такви мали, слатки и невини, сосема случајно изработени минијатурни огледала во кои ни го бере ликот каков што не е, ами поубав. Ги немаше. Нејзиниот вресок се расчу низ плажата. Малку ја смирував. И’ реков “не грижи се, остани тука, ќе одам да ги побарам“ и’ го реков токму она што требаше да ја смири, да ја прелаже, да стави рака врз нејзината уста и да ја задуши и покори, да ја стиши како музичка кутија пред расипување, бела остарена балерина, слична на нас, направена по туѓа желба, за забава. Добро, и малку естетика, нека биде така. Над морето се разгалуваа топлите остатоци од сончевината, измешани во косите на тревите со боја на смарагд. Пливав. Ги барав децата. Почувствував топлина меѓу нозете и сфатив дека сум се измочал, се нурнав во својата мочка кон дното, така треба, така е правилно, кон дното да поминеш низ неа зошто тоа е она што останало и излегло од тебе, тоа се твоите органи нагризени од канибали од заседа. Најстрашните. Во жолтилото кое прекршува зраци како растопено злато и се разредува во солта, барав. Ги довикував своите деца. Чекав и се надевав дека ќе можам да ги видам, да ги препознаам, да препознаам кога да ги пронајдам и извлечам од гладното ждрело на секогаш ненаситното дно кон кое тонев, барајќи. И тогаш, таму најдолу нешто ми засветка. Беше тоа кутија. Ја зедов во рацете и држејќи се за неа пливав само со нозете, со главата надвор како куче и една мокра, метална кутија, како со лузни од раѓање покриена со треви, нападно протнати низ нејзините зглобови, сосема малку подотворени, колку да дишат тајните собрани во малото дно врз дното а сега во моите раце. Го допрев дното. И го кренав! Лола вознемирено ме чекаше на плажата, нејзината витка линија и’ ги одземаше годините како вешт илузионист на панаѓур, кој може да им биде забавен само на гнасните селани кои намерно или случајно во своите женички одгледале стадо добиток, практичен за молзење а по некоја, за мене непозната случајност, свети во некои заебани делови на

светот.“Каде се децата?“ ме праша повторно, како да е неарна, како друго и да не умее да збори, како се’ наеднаш да заборавила и се деформирала во три очајнички зборови кои се претесни за нејзините отровни очекувања кои сосема неправедно не и’ дадоа шанса на мојата кутија. Ја замолчив со украден бакнеж, бидејќи до бакнување не и’ беше дојдено, малку се закашла и и’ се прилоши, се избриша со нежните ковчиња на левата дланка и прашално ме погледна. Тогаш и’ го реков ова: -“Нола, децата не ги најдов, но погледни што најдов во длабокото“-и ја отворив кутијата полна со накит, блескави дијаманти и сафири, наредени на елегантни огрлици како гласни прстени на опашката на ѕвечарката, златни алки и брошеви, измиени од погледи и надежи, сосема заборавени во непознатото, отпишани како соништа, парички што купуваат денови за нови насмевки. Низ солзи ме погледна, со студени прамени ветер во косата разлетана врз рамена и одвај молкум се насмеа. Со својата насмевка.

Илустрација: PandaGunda

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/pandagundasimona-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/pandagundasimona-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџажени,живот,интимност,книги,книжевност,литература,македонска сцена,постмодернизам,уметнициСимона Јованоска е родена 1985 г. во Гостивар. Живее и работи во Скопје. Првата збирка на раскази Ги најдов во длабокото на Симона Јованоска е издадена во издавачката куќа Или - Или, едиција Проаза. Сега Јовановска е навлечена на новели и има издадено две збирки кои можете да ги...Нова мисла на пресушената почва.