По повод неговиот самостоен проект НЕМА ЛАБАВО, поразговаравме со Ѓоко Зафировски [SEAN]. Неговиот албум ВО ЧИЕ ИМЕ ЗБОРИТЕ, можете да го слушнете тука.

ПИРЕЈ: Како за почеток, може ли да направиш една лична паралела за алтернативната сцена сега и за сцената во минатото?

SEAN: Сцената e жива материја и се менува постојано. Некогаш е подобро, некогаш полошо. Бендови си одат, доаѓаат нови, простори се отвараат и се затвoраат. Знам дека 2017 е завршена со педесетина албуми и стотина видео записи. Зачудуваки е колку е јака алтернативната сцена (Наши луѓе, наши бендови) . Штета што медиумски се во тотален мрак. Имаме само едно радио на кое што се пушта алтернативна музика со слушаност од 0,02 % и една – две емисии на други радија и толку, а телевизијата е во тотален аут со години. Улогата на медиумите мора да се поправи за да се чујат. Алтернативната музика треба да биде бунт против општеството, кичот, шундот со кој сме преплавени.

ПИРЕЈ: Навраќајки се наназад се создава впечаток дека навивањето и навивачките групи имале влијание особено врз скопската алтернативна музичка сцена…

SEAN: Да, имало влијание и ќе има. Навивањето е феномен на современото друштво. Eдинствено место на лојалност каде се обединуваат луѓе за ист клуб, за иста боја, исто знаме, иста песна, со различно образование, години, професии, кариери. Некои можат да го разберат тоа, некои не. Голем број луѓе од скопската алтернативна сцена се навивачи, меѓу кои и јас.

ПИРЕЈ: Oд каде е твојот порив за соло проектот НЕМА ЛАБАВО?

SEAN: Седум години музички ништо не работев, ниту имав желба да се појавам јавно, ниту имав целосна концентрација музички да сработам нешто. Природно после одредена пауза собрав енергија, инспирација и желба повторно да влезам во студио. После две годишен креативен процес излезе албумот во чие име зборите.

ПИРЕЈ: Слушајќи го албумот имам впечаток дека ВО ЧИЕ ИМЕ ЗБОРИТЕ има посмирен и посубјективен тон за разлика од твојата досегашна музика. Дали е резултат на тоа што станува збор за индивидуален проект или има врска со времето во кое живееме? Имам една претпоставка и прашање што оди со истата: ми се чини дека побрзиот звук на ДЕНИ ТЕ ЧУВА е метафора за ентузијазам и џагор кој сака промени. Оттука дали НЕМА ЛАБАВО е еден пост – продукт што настанува кога ентузијазмот ќе се соочи со апсурдните системски грешки?

SEAN: Да така е, албумот е пост – продукт на тоа што го работев музички претходно. Има посмирен и посубјективен тон затоа што најголем број од песните се направени на Guitalele и е работен со 4 акорди, само мелодиите се менуваат. Јас не можам да излезам од нешто што го правев претходно, може да си играм со звукот и да експериментирам ама бунтовноста и слободата на панкот ќе ја носам постојано. Ќе биде прилично интересно концертно, ќе може да си играм со звукот, енергијата и просторот.

ПИРЕЈ: Која е најголемата болка на еден уметник кој твори на македонскиот мал пазар и згора на сè не создава поп музика?

SEAN: Не постои болка, едноставно треба слободното време – неизвесно тешко како олово да го користиме постојано,  да креираме музика,  да мислиме на креација на било кое поле, треба да се буниме за сè што е лошо во општеството. Многу лекции ги имаме напамет научено, затоа често другите ни се виновни.

ПИРЕЈ: Дали културната стагнација во Македонија се должи на тоа што овие 26 години нашата држава е жртва на двопартискиот систем кој воопшто не создава услови за прогрес или пак станува збор за глобална замка која не дозволува ‘ртење и го јаде идентитетот на помалиот?

SEAN: Македонија е земја на импровизации, многу е тешко да се има реални услови за прогрес. Преплавени сме со аналитичари, експерти, загадена земја, загаден воздух, криминал, распаднато образование, распаднато правосудство, здравство, корупција до гуша, непотизам.. Во такво друштво културатa e занемарлива, луѓето рамнодушни, не знаеме ни дали и колку ни вредат животите овде.

ПИРЕЈ: Според тебе, кон кои наши вредности треба да се навратиме и да се гордееме? Вредности кои помладите можеби не ги дознале, но доколку ги дознаат ќе откријат дека не било отсекогаш така празно?

SEAN: Мудроста на постарите мораме да ја слушаме, бараме некој да не почитува, а ние самите не се почитуваме. Да го вреднуваме тоа што е наше направено; филм, музика, престава и да му дадеме значење.

ПИРЕЈ: Градот никна, но прашањето е дали е убав. Зошто (и како) Скопје западна во своевиднава културна хипокризија?

SEAN: Барајки го идентитетот се изгубивме во 19 век. Проблем е кога нема да знаеш што е приоритет, општествен интерес и заедничко добро. Не можеш Скопје да го направиш постаро и поубаво. Скопје требаше да биде проектиран како модерен град на технолошки достигнувања, да мислиме на квалитетот на животот на граѓаните, на решенија кои ќе ни овозможат поубаво функционирање. За жал градот никна во најзагаден град во светот, поразително за сите нас.

ПИРЕЈ: Колку и кој денеска ги дели мислењата и ги слуша пораките кои сакаат да ги пренесат ( underground) музичарите, во чие име тие зборуваат?

SEAN: Денес музиката глобално и кај нас доаѓа до слушателите во одредени кругови, постојат online платформи Bandcamp, SoundCloud, Youtube, Noisetraide, Deezer… Музика има многу дури и денес тешко се слуша музика се повеќе се прелистува. Систематски последниве десетина години (кај нас дојдоа медиумски шупаци уредници кои за ситна пара не преплавија со музичко ѓубре), а на богатата алтернативна продукција не им дадоа значење затоа што ќе делуваа трезвено во споредба со лудилото и информациите со кои не бомбардираа секојдневно. Јас сè уште тврдам дека (underground) музичарите се вистинските херои и патриоти на нашето време и стојам зад тоа.

                         

(Visited 382 times, 1 visits today)
http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/NemaLabavo1-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/NemaLabavo1-150x150.pngИвана СмилевскаМузикаинтервју,култура,македонија,македонска сцена,постмодернизам,слобода,уметнициПо повод неговиот самостоен проект НЕМА ЛАБАВО, поразговаравме со Ѓоко Зафировски . Неговиот албум ВО ЧИЕ ИМЕ ЗБОРИТЕ, можете да го слушнете тука. ПИРЕЈ: Како за почеток, може ли да направиш една лична паралела за алтернативната сцена сега и за сцената во минатото? SEAN: Сцената e жива материја и се менува постојано. Некогаш е...Нова мисла на пресушената почва.