Никола Трпески x S.A.M x Kurcho, straight outta Тетово, го издаде својот деби-албум ОГЛЕДАЛО. S.A.M. преку стилот се надоврзува со традицијата на (македонскиот) старошколски звук, меѓутоа овојпат истиот е “сервиран“ како жанровска експериментална бомба со trap, grime и reggae елементи. ОГЛЕДАЛО е поделен на четири дела и тоа; I – нема место како дома,
II – песни за неа, III – его трип и IV дел – никола, а секое поглавје претставува тематска, звучна па дури и дијалектолошка метаморфоза. Албумот дигитално е издаден преку издавачката куќа Humble Origins.

По повод издавањето на ОГЛЕДАЛО и скопската промоција што ќе се одржи денес, прочитајте го мини интервјуто со Никола.


Зошто баш рап и поради кого?

Прв допир со рап музика беше ко и скоро секој од моја генерација, Еминем на кабловска телевизија, па подоцна запознавање со музиката на сите македонски рап групи кои вадеа песни во период од 2004 – 2008 година, многу позајмени папки со цедиња полни со рап албуми од светската рап сцена. Зошто баш рап ? Не знам, имаше нешто што тогаш не го разбирав, а ме движеше и охрабруваше.

Која е пораката позади концептот на ОГЛЕДАЛО?

“Огледало“ беше идеја која ја имав две години на ум, но ко целина и финален продукт беше потребно нецела година снимање, корекција и останати технички работи. Немав никакви планови за издавање, планиравме едноставно да искочи за да го вратиме тетовскиот рап рамо до рамо со останатите рап групи, артисти … Најголемата причина беше потребата која ја чувствував дека мора да го направам ова и дека немам друг избор, мој животен тест, мое “Огледало“ за да се претставам целосно без ништо да сокријам, со надеж дека некој ќе слушне.
Сакав „Огледало“ да ја симболизира мојата внатрешна битка, конфликтот со мојот најголем непријател, оној што седи пред огледалото, околината ко огледало на нашите заеднички проблеми, желби и стравови.  Огледало ко искрено гледање во очите на другиот.
Огледало ко потсетник дека сме повеќе од тоа што го гледаме, нешто што не сме знаеле дека го поседуваме, се додека не сме се погледнале од друга перспектива.
На албумов напорно работевме јас, Енис и Тоше, секој со својата задача и улога. Покрај текстовите, поголемиот дел од албумот се мои инструментали кои од обични демо снимки прераснаа во песни поради севкупното знаење и посветеност на Тоше и Енис за да се дојде до некое ниво на квалитет, зависно од техничките услови со кои располагаме во Studio 420Hz.

Сите соработки во ОГЛЕДАЛО откриваат по една различна страна од тебе. Дали после деби-албумот би направи нешто поекспериментално или секогаш во јадрото ќе биде street/oldschool рапот како влијание?

Од вокални гостувања, горе-доле имав точно план и замисла кој ќе гостува и сум пресреќен што ги имам тие соработки, соработката со Rootsman I е очекувана бидејќи делиме ист град и долгогодишно пријателство поради музиката, гостувањето на Виклер Скај ми е детска желба, слушајќи ја неговата музика цела деценија и ми е потврда дека талентот секогаш стига до правите уши без разлика кога ќе се случи тоа. Ивана е прекрасен вокал од Тетово, допрва ќе се слуша за неа, Маро ДТ ко наратор на последното поглавје е спонтана идеја, најпрво требаше да биде заедничка песна, но неговата строфа е толку одлична и по некоја случајност совршено се вклопи во течението на наративот на “Огледало“.
Соработките кои претежно се продуцентски се производ на искрена комуникација и vibe кој мораше да биде обостран за да беспрекорно се вклопат во целината на албумот: Druggy со “Рутинска Контрола“ , Ади Имери со “Јас и ти“, Филип Павловски со “Раат или Рат, Сакам, Ден“, Гоце Симоноски со “Никола блуз“, Драги Иванов со “П.П.П.“ .
Мислам дека е лимитирачки и да се рече дека „Огледало“ не е експериментален рап албум, скоро секое поглавје има различен звук. Да, доминира стандардниот рап формат но е далеку од street/oldschool рап. Спектарот на жанровско влијание варира од рап, даб/реге, трап, грајм, блуз, нео-соул, итн. Ете да кажеме дека албумот од инструментална гледна точка е во онаа категорија што преку големата бара ја нарекуваат urban contemporary music .

Со кои музичари од Македонија/ регионов би сакал да направиш соработка?

Со секој што од искрена намера сака да твори, со секој што знае од идеја да направи нешто што ќе трае. Може тоа да биде некое дете што прави лудница битови а никој не го чул, може да е и најеминентен уметник во регионот, ако е искрено и ако е за поголемата слика, тогаш со задоволство би соработувал.

Тетовска рап сцена?

Тетовската рап сцена моментално е на пауза, дел од намален ентузијазам, дел од приватни прашања, дел од слаба платформа за организирање настани.

Моментално, покрај мене, ги имаме Studio 420Hz ( тоа сме јас, Тоше и Енис), Тоше не снима, но е позади завесата и диригира како треба да звучи скоро секоја моја песна, посветен е на аудио инжењерингот, Енис е снимач, продуцент и аранжер. Од друга страна Тетово е родно место на еден од најдобрите turntablist-и во регионов, DJ Oky Doky.

Се појавува и свежа крв, за кои искрено се надевам дека ќе си го заслужат местото и ќе го претставуваат Тетово во вистинска форма.  Тетовскиот рап не е ко порано активен, но сигурно го има.

Дали ти паѓа на ум некоја #МadeinTetovo трака што треба да се слушне пошироко?

Една е малку, еве мои омилени 10 тетовски рап песни:

  1. Подземјето – Епа вака
  2. Екипата – Опасно по живот
  3. Мракот – Каде сега
  4. Кире Уличен Метеж – Надвор од дома
  5. Шифрата 187 – Барут и чад
  6. Говеда – Up in Smog
  7. Говеда – Премногу HC
  8. Геноцид – Научи да почитуваш
  9. ННМ – Се буди стравот
  10. T-Клан – Ср**е како солза чисто

 Првата промоција на “Огледало“ беше во Тетово на 19ти септември, следуваат концертните промоции во Скопје, Велес и Куманово.

Албумот на Никола може да го слушнете тука.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/09/Webp.net-resizeimage-1-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/09/Webp.net-resizeimage-1-150x150.pngИвана СмилевскаМузикаинтервју,култура,македонска сцена,македонски автори,рапНикола Трпески x S.A.M x Kurcho, straight outta Тетово, го издаде својот деби-албум ОГЛЕДАЛО. S.A.M. преку стилот се надоврзува со традицијата на (македонскиот) старошколски звук, меѓутоа овојпат истиот е “сервиран“ како жанровска експериментална бомба со trap, grime и reggae елементи. ОГЛЕДАЛО е поделен на четири дела и тоа; I...Нова мисла на пресушената почва.