Дали поп-културата може да биде субверзивна (разорувачка) за веќе поставените норми или поп-култрата самата ја диктира нормираноста? Дали е строга дефиницијата за тоа што е популарна култура и колку дефиницијата го издржува она што се случува со популарната култура денес?
Според Оксфордскиот речник популарната култура е „култура основана според вкусот на обичните луѓе, а не на едуцираната елита“.
Во продолжение уште една дефиниција:
„Популарна култура (поп-култура) или масовна култура – мноштво замисли, гледни точки, ставови, шеги и други културолошки одлики најзастапени меѓу широките народни маси во одредено општество“.
Но, што се случува кога практиките и поетиките одеднаш се испреплетуваат, нивото на едукација е во константен пораст, а со тоа прогресивните идеи стануваат особина на „обичниот“ човек?
Настанува хаос кој дефиницијата на популарната култура не може да го објасни. Задржување на приципите од една поетика во минатото би можело да трае неколку века, додека денес не само што принципите не траат ниту една деценија,  туку и самите поетики се испреплетуваат (без)успешно обидувајќи се да произведат културен производ кој ќе стави печат врз масовната култура.
Една од работите кои се сменија во новиот милениум, а започнаа во стариот се музичките трендови, интернетот и политиката. Панкот е официјално мртов, рокот е застарена вест (доказ за тоа се овогодишените GRAMMYS), а најголемиот музички жанр овојпат е рапот – ритам кој одамна „има создадено“ свои поджанрови.

Музиката (во случајов рапот) од алтернативен жанр се претвори во најексплотираниот жанр и некогашните гето-рапери денеска уживаат во својата рап империја. Со сѐ поголемиот прогрес доаѓа и ризикот за поголем регрес.

Графити уметниците од зградата 5pointz добија повеќемилионски судски спор тужејќи го сопственикот кој ги префарбал нивните графити.
Графити уметниците од зградата 5pointz добија повеќемилионски судски спор тужејќи го сопственикот кој ги префарбал нивните графити.

Со новиот милениум дојде и ново свртување на завртката кога станува збор за културата, односно музиката, интернетот и политиката. Она што како новина се појави во стариот век со цел да направи значаен прогрес во општеството (интернетот), ја покажа и својата црна страна кога политиката го искористи истиот како оружје за својата пропаганда (fake news). Истовремено она што интернетот го претстави како своја најголема корист (глобално поврзување и бескраен проток на информации) доведе до феноменот на PostTruth.
Според Оксфорд, дефиницијата за PostTruth е следната:
„Усвојување и/или забележување околности во кои објективните факти се помалку влијателни во креирањето на јавното мислење за разлика од емоциите и личните верувања“.
Живеењето во состојба на една ваква пост-идеологија, односно во време кога идеолошките верувања се испразнети од смисла, доцниот капитализам направи капиталот да е единствениот вреднуван мотив, а етичките вредности и принципи веќе не постојат. Како може културата да одговори на ваквата незавидна општествена состојба? Ако културата одговори на сивилото и празнината после двете светски војни со ХИПИ ГЕНЕРАЦИЈАТА (THE LOVE GENERATION), овојпат одговорот не е љубов,  туку бес. Дури и популарната култура, без разлика што таа е претставник на големата маса народ, станува разорувачка, т.е. субверзивна бидејќи уште одамна со сѐ поголемиот прогрес вредностите на некогашната алтернативната сцена станаа препознатливи и за мејнстримот.
Сиве овие фактори плус горенаведениот факт дека глобално, процентот на едуцирано население расте, некогашните прогресивни идеи кои можеби делумно се граничеле и со авангардност, сега се имплементирани во нашето секојдневие, а некои од нив се развиени и до степен на регресивна радикалност.

Имајќи ја андерграунд подлогата и моќта да претставува глас на опресирана група на луѓе, рапот и покрај сегашниот мејнстрим идентитет дозволува музичарите да го користат како средство преку кое зборуваат за модерните проблеми, современите гледишта и ставови кои претставуваат трн во око на фигурите на моќ, преформулирајќи ја нормираноста која доаѓа рака под рака со популарноста. Тие креирајќи ја својата музичка оставштина ја користат постидеологијата во своја полза, експериметирајќи со сцените, музичките жанрови (Раперка во GRAND SHOW, whaaa?!?) како и текстовите (сарказам, хумор) .
Оттаму, веќе фактички масовен продукт и елемент на популарната култура, рапот може да се набљудува и како субверзивен жанр поради неговите почетоци, со неговата значајна општествено- социолошка подлога како и неговите поджанрови кои секојдневно вршат „разорување“ на досегашното нормирање кога станува збор за ритмика, јазик, перспектива, па дури и го начинот на разгледување на некои поголеми апстракти како мачоизмот, феминизмот, капитализмот, славата, емиграцијата и сл.
Во овој рап фељтон преку четири интервјуа се разгледуваат повеќе современи аспекти на рапот.


ПОЧЕТОЦИТЕ НА ХИП – ХОП КУЛТУРАТА И РАП МУЗИКАТА

Рапот најпрво беше состојба на умот на непривилегираната младина во њујоркшките гета, а потоа прерасна и во глобален културен феномен.
Средината на, како и доцните седумдесетти години во Њујорк потсетуваат на диско и на фанк. Исто така и на економски колапс. Поради распадот на фабричката индустрија, многу од белото население од средната класа се преселува во предградијата, а насилството на бандите во долниот дел од градот е во подем. Многу од можностите кои ги нудеше музичката индустрија, како и изворите на забава и рекреација исчезнаа. Дискотеките и ноќните клубови се затворија. Како резултат на тоа, урбаната младина сама ја создаваше својата забава на улиците со мобилна аудио опрема – SOUND SYSTEMS, популарна во јамајканската култура.
Во текот на овие забави, диџеите пуштале популарна музика, особено фанк и соул. Мешањето и миксањето биле вообичаени техники користени во јамакансата даб музика и истата подоцна станала популарна во Њујорк, откако била донесена од емигрантите од Карибите. Овие ритмички реинтерпретации постанале најочекуваните делови во песните и луѓето танцувале највеќе на нив. Оттаму настанал нов вид на танц – брејкденсинг, односно би-бојинг. Тука настапуваат MCs односно masters of ceremonies, кои рапувале свој текст во придружба на диџеите.
Оттаму, хип-хопот не само што станал нов вид на забава, туку исто така профилирал и еден нов идентитет. Наместо проблемите да ги решаваат на улица, многу рапери зборувале за проблемите во своите текстови. Гетата во Њујорк (Бронкс, Харлем, Бруклин) станале дом на рап натпреварите. Поради големата популарност, рапот од улиците се преместува во студијата. Гласот на маргинализираните групи конечно одекнува во мејнстримот и популарната култура и се создаваат првите рап ѕвезди.
Земајќи ги предвид горенаведените нови општествени струења и (културолошки) феномени, каква е состојбата на рапот денес?
Во продолжение на овој фељтон следуваат четири интервјуа ( SAJSI MCKRANKŠVESTER, ЗАД АГОЛОТ, BON PRASKIZA) преку кои ќе се анализираат неколку аспекти на рапот денес.

 

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/rap-feljton-prv-del-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/rap-feljton-prv-del-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаанализа,критика,култура,постмодернизам,рап,систем,слобода,уметностДали поп-културата може да биде субверзивна (разорувачка) за веќе поставените норми или поп-култрата самата ја диктира нормираноста? Дали е строга дефиницијата за тоа што е популарна култура и колку дефиницијата го издржува она што се случува со популарната култура денес? Според Оксфордскиот речник популарната култура е „култура основана според вкусот...Нова мисла на пресушената почва.