Развивајќи се преку книжевно научен критички метод Јуриј (Витањевич) Мамлеев е човекот кој чекори по еруптивниот пат на книжевноста. Писател, филозоф, драматург и поет, кој живее и работи во средината на XX век.

Како Мамлеев го основа метафизичкиот реализам?

Неговиот специфичен пристап кон прозата е спој на гротеска и филозофија, така што неговите раскази ја имаат моќта преку една карикатурално – фантастична, а истовремено искривена слика, да се прикаже стварноста и притоа да се задржи мистичното. Тој креира ликови кои се прилично луцидни, чудни, понекогаш дури и страшни. Ги поставува на границите меѓу чудното и страшното. Книжевната критика анализирајќи ги Мамлеевите ликови делумно ги претставува како ликови создадени под влијание на Данил Хармс. Тоа е така затоа што Мемлеев слично на Хармс ја истражува апсурдноста на човековото постоење. Во неговите дела има лепеза од ликови кои главно се чудовишта, убијци, сеништа, призраци и вампири кои ја градат мистичната целина за која се залагал овој автор. Се чувствува ефектот на катарзата, а нејзината крајна цел е токму таинственото прочистување. Мамлеев животот го опишува како најголемата нечистотија. Врзан за необичното ја продолжува нишката што Достоевски се обидувал да ја примени во своите дела.

,,Потопи ми ја главата!” е збирка раскази во кои уште на самиот почеток имаме претставување на ликовите кои на некој начин иако различни во секој расказ, сепак се градат врз слични темели. Впечатливите описи се чесно врзани токму со необичното. Во еден од позначајните раскази кој го носи истиот наслов како и самата збирка, “Потопи ми ја главата!, го имаме мотивот на сонот. Односно, појавувањето на мртвата четиринаесет годишна девојка Тања во сон на нараторот која бара да и ја потопи нејзината глава во езерото. Бизарноста е на апсолутно фантастичен начин вметната во овој расказ затоа што нараторот се опседнува со неговите сонови:

Ама не сакав да заспијам: се плашев од гласот на Тања. Таа завеса постојано се нишаше… Се се случи многу брзо, речиси молскавично, како да се отелотвори некој дух. Тања едноставно излезе од ормарот. Станувајќи за еден миг, таа ми скокна во скут и со мачја умешност со рацете го прегрна мојот врат. Телото и беше многу тешко . Многу потешко отколку додека беше жива. Го чувствував на лицето нејзиното чудно и некако далечно-ледено дишење, кое истовремено оставаше впечаток на нешто многу живо, речиси притаен живот. Само очите не и ги гледав. Каде ли беа?

Ако задачата на метафизичкиот реализам е откривањето на внатрешните бездни кои се кријат во душата на човекот, Мамлеев сака да ни го прикаже животот како кошмар. Тој ги спојува метајазичната филозофија и метафизикатa, за подоцна истите да ги вметне во ликовите кои ги водат приказните кон бездната.

Разработувајќи ја темата на смртта, Мамлеев не води низ мистичните лавиринти на животот. Ги допира егзистенцијалистички прашања со невозможното бегство како од сопствената, така и од смртта на луѓето околу нас.

Што може да биде по несфатливо и истовремено покомично од смртта?

Умешноста да се банализираат ваквите теми се крие во мудроста на Мамлеев да направи спој на неспојливи работи. Ја негува бизарноста во расказите за да достигне уникатен ефект и на смртта да и даде поразличен сјај. Прозата на Мамлеев е фасцинантна. На пример расказот „Тетратката на еден индивидуалист“ е приказна за тетратката на еден параноичен интелектуалец. Психолошката компонента и темата на смртта повторно е присутна меѓутоа преобразена.

…и мрморев, мрморев… за стравовите, за големиот очај поради животот меѓу луѓето, за смртта. Целиот месец и раскажував за смртта. И раскажував метафизички, со бездни, со морничави паузи…

Односот на Мамлеев кон смртта е апстрактен, метафизички поим. Смрт како дионизиски феномен споен со сексуалноста, смрт како негација на животот, смрт како психичка состојба. Тој го иронизира општиот однос кон смртта, присутен во безличното секојдневие.

Изместувајќи ги нештата од вообичаеното согледување и толкување Мамлеев го принудува реципиентот да ги доживее за првпат нештата за кои пишува.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/04/35-050-B951-9-VB223660-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/04/35-050-B951-9-VB223660-150x150.jpgИрена ТрајковаКнижевностгротеска,книги,критика,литература,метафизички реализам,расказ,уметници,уметностРазвивајќи се преку книжевно научен критички метод Јуриј (Витањевич) Мамлеев е човекот кој чекори по еруптивниот пат на книжевноста. Писател, филозоф, драматург и поет, кој живее и работи во средината на XX век.Како Мамлеев го основа метафизичкиот реализам? Неговиот специфичен пристап кон прозата е спој на гротеска и филозофија, така...Нова мисла на пресушената почва.