Дали времето на Големите Револуции ™ е одамна завршено? Кои се причините за отсуството на големите движења и отпор кон моќта која врши репресија и уништува? Дали уметноста денес може да остане уметност во напорите да ги критикува општествените збиднувања?

Ќе се обидам да направам рефлексија врз општествениот контекст и духот на времето во кое живееме преку современите мисловни парадигми, на пост-епохата во која живееме.

ЕКСПОЗИЦИЈА НА ДЕФИНИЦИЈА

Постмодернизмот се појавува во контекстот на размислувањата од средината на 20-тиот век во Франција и со својата уметност и филозофија го афирмира убедувањето дека идентификацијата на сите појави е неоправдано и насилно конципирање на вистината. Во таа смисла се проблематизираат и делата на сите дотогашни уметнички правци. Продолжувајќи по линијата на авангардната уметност и надреализмот, а потпирајќи се на филозофијата на Ф. Ниче и Хајдегер, постмодернизмот отфрла многу од тогашните школи и идеологии сметајќи дека истите се контролирани од прозападната, бела, доброситуирана заедница.

Науката исто така е “„предмет на промислување“ со оглед на фактот дека постои т.н. „криза“ по однос на научните вистини, а изведувањата на објективното знаење за реалноста се толкува во смисла на значење кое е продукт на идеолошки предрасуди и „контрола“на западната буржоазија.

Ориентиран во насока на левите либерални политички струи, постмодернизмот е двојно и двосмислено ситуиран во контекстот на современоста во која настанува, но и во децениите во кои потоа опстојува и се развива. Тој се состои од двојство на нихилистичката, но во исто време и од револуционерната мисла, тој е одговор на поствоениот и постимперијалистичкиот Zeitgeist на Западот. Епохата на современата критичка мисла поврзана со постмодернизмот како нејзина претходница е пост-епоха произлезена од Академијата со значајно влијание и моќ изразена пред сè во западните општества. Своевремено, иницијалната нихилистичка и деструктивна фаза на постмодернизмот била секундарна (но сепак, таа останува значајна) и стои наспроти револуционерната идентитетско –политичка стратегија на активизам и дејствување. Инаку, името на постмодернистичката мисла е произлезено од рефлексиите кои кон епохата од последните децении на 20-тиот век ги дава Жан Франсоа Лиотар во својата студија „Постмодерна состојба“ од 1979г.

Франсоа Лиотар, Мишел Фуко и Жак Дерида се мислители во чие дело се наоѓаат основите на критичката мисла која инсистира на радикални промени во изведување на значењата на појавите и нивната улога во оштествениот контекст.

“ПРИЧИНА ЗА СМРТТА” НА ЛИОТАР?
– ПОСТ-ПОСТМОДЕРНИЗМОТ :O

Според Франсоа Лиотар, продукцијата на метанаративи е доминантна форма на отворен начин на објаснување на големите и радикални убедувања, предрасуди произлезени од религиите и доминантните идеологии. Тие се обидуваат да продрат до она врз што се засновува постоењето, но и да ги толкуваат „чумите” на современите општества. Тој метанаративите ги нарекува мининаративи – помали, субјективни вистини. Тој смета дека традиционалните концепции засновани врз христијанството и марксизмот, па дури и науката се „продуцирани“ вистини врз основа на интересите на одредена помала група, дека фактите и вистините се релативни, па оттаму искуството и убедувањето на групата се судира со интерпретациите изведувани од други агли или стратешки интерпретативни гледни точки на други индивидуи или колективи. Оттаму, начините за размислување, идеологиите се нужно произведени, креирани и натурализирани значења кои низ критичките промислувања се релативизираат. Во спротивност, онаму каде што критичката мисла, динамиката на преиспитувањата е закочена и настанува авторитарна, па дури и догматична форма на совладување на „другите, туѓите“ гледни точки или мислења и се случува центрирање на единствен поредок од вистини, норми и етики.

WHAT THE ФУКО

Дејствувањето на Мишел Фуко е врзано за анализата во една постструктуралистичка фаза и продолжува во насока на кревање на критичката мисла на рамниште на интерпретација на дискурсите во институциите настанати низ историјата и културата. Тој ги открива аспектите на културата низ толкување на историјата на веќе актуелизираните дискурси ( знаењето кое го имаме од образованието, политичката теорија итн.) Според Фуко, дискурсите може да се контролираат, исто како и знаењето за значењата во текот на историјата. Тој говори за институционалната контрола и фигурите на моќта. Оттаму, знаењето го сфаќа како директен продукт на моќта. Во која било култура и во секое време, постои епистем кој ги дефинира состојбите и моќта на знаењето, без разлика дали станува збор за теорија или изградена практика. Според Фуко, луѓето се културолошки предодредени. Индивидуата, според него, нема автономија. Постои вродено, односно длабоко вкоренето проблематично место во личноста предодредено од нејзината класна позиција или професија без разлика на моралот во нејзиното индивидуално однесување. Фуко ги претставува средновековниот феудализам и модерната либерална демократија како системи кои се подеднакво репресивни и се повикува кон критикување на институциите за да го нагласи политичкото насилство кое отсекогаш постоело во и преку нив.

ДАЛИ СФАЌАШ ДЕКА КОМУНИКАЦИЈАТА Е НЕВОЗМОЖНА?
– НЕ!

Жак Дерида го актуализира чинот на деконструкција, културолошкиот конструктивизам и релацијата помеѓу културата и индивидуата. Меѓутоа, тој се фокусира врз ескплицитноста на дискурсот. Дерида инсистира на тоа дека „не постои самостоен текст надвор од каков било контекст,“ имено тој ја одбива идејата дека зборовите значат нешто директно. Според него, постојат само контексти без центар со темел на значењата. Врз основа на ова убедување, тој упатува на отфрлање на постоењето на јасни и концизни аргументи, односно го проблематизира разбирањето на туѓата перспектива и недоразбирањето или погрешното толкување по однос на она кое било примордијално. Интенцијата на соговорникот е ирелевантна. Она што е вредно е импактот на говорот. Ваквата идеја на Ж. Дерида, како впрочем и идеите на М. Фуко е она што се крие зад микроотстапувањата при дефинирањата, погрешната употреба на терминологија за родовите, расите или сексуалните ориентации.

Овие три идеи кои се во основа на современата критичка мисла се клучни за понатамошната анализа на текстот. Имено, живееме во сегашноста каде она што соговорникот има да го каже е занемарено, хуманоста и индивидуата се илузии, луѓето можат да се поделат на две групи: пропагатори на дискурсите на моќта и нивни жртви. Моралот е културолошки релативен, а заедно со него и реалноста. Вредностите во средината на 20тиот век се отфрлени како наивни и постои морална потреба тие да се преиспитуваат.
Искуствата, наративите и верувањата на луѓето од маргините, наспроти доминантните групи и нивната моќ поттикнуваат преиспитување на вредносниот систем од средината на 20тиот век, па оттаму вредностите кои биле прифатени се подложуваат на реконструкција низ современата гледна точка, бидејќи истите се согледуваат како репресивни процеси, како терор врз „другите“ и како социјалната конструкција на реалноста, на моралот и знаењата.

Дали современата критичка мисла е закана за прогресот? (никогаш не мислев дека ќе ја напишам реченицава)

Желбата да се разнебити статусот кво, спротивставувањето на прифатените вредности и институции и форсирањето на маргинализираните групи е во јадрото на либералниот етос кој во современите искуства се открива како проблематичен со оглед на слабостите, недоследностите во односот кон статусните групи кои стојат на последното скалило. Негова слабост станува и интелектуалната опуштеност во сферата на промислувањата, како и заборавањето на улогата на активизмот. Оваа mainstream интелектуална идеја се закопува во замката на сопствените јазли создадени од неопределеност и континуирана динамика и промени без крај. Ние се наоѓаме во еден единствен момент од историјата каде вредностите по кои се водиме стремат кон слобода, еднаквост и можност за успех без разлика на родот, расата, социјалниот статус или сексуалната ориентација. Конфузијата настанува кога либералите кои сакаат да го задржат овој вредносен модел стануваат конзервативни, а оние кои сакаат да го задржат својот либерален статус по секоја цена се наоѓаат себеси во ситуација во која бранат ирационализам. Додека во почетокот постмодернистите се спротивставуваа на дискурсите преку други дискурси, овојпат активистите мотивирани од свои идеи тежнеат кон авторитарност и ги сведуваат општите идеи на свој логички заклучок.

СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ ИМА КРИЗА НА ИДЕНТИТЕТ :/ !

При дебатирање на темата посветена на вредностите на нашето време се отфрла разумниот аргумент и тој сè почесто е заменет со тенденција да се упати на нечиј туѓ говор и истиот да се искористи само како референца, извод или извештај и да се заврши во водите на гневниот разнебитен говор.
Иако степенот на расизам, сексизам, хомофобија, трансфобија и ксенофобија се ниски во западните општества, левоориентираните академци и SWJ движењето се фатално песимистички настроени. Тоа произлегува од духот на епохата која настојуваше да го најави времето на значењата кои се интерпретираат, запишуваат и реинтерпретираат. Т.е. продуктот на постмодерното читање кое дозволува пристрасност и субјективност. Тежнеењето кон авторитарност е овој пат врзано за страната која настојуваше да го сруши.

НАУКАТА Е ВО ОПАСНОСТ!

Присутно е мислењето дека критичката мисла отсекогаш била корисна при легитимирање на расизмот, сексизмот, класата, трансфобијата и хомофобијата. Но, науката не успева да ја проблематизира концепцијата на рационалното и фактичкото и да го сфати влогот на поддршка добиена од моќта и системот на државата или државниот апарат.
Науката нема основа за воведување на релативизација и алтернативни начини на знаење. Токму поради ова може да ја изгуби вербата од јавноста, финансирањето од државата и тоа не е закана која треба да се игнорира. Особено не во време кога светските лидери се сомневаат во глобалното затоплување, родителите се сомневаат дека вакцинирањето предизвикува аутизам, луѓето масовно се претвораат во метеопати и хомеопати за да избегнат потенцијални тешки заболувања. Опасна е помислата дека постои можност за тотално неверување во емпиричките науки. Општенствените науки се веќе изменети до самиот корен. Антропологијата, социологијата, културолошките студии се тотално променети во насока на нивната морална и епистемиолошка релативност Литературата се изучува во духот на изборите кои релативизираат книжевни вредности во односот меѓу елитното и масовното искажување и пишување. Филозофијата и историјата се фрагментираат.

Концепциите со кои започнува ова толкување упатуваат на тоа дека станува збор за бескрајно разгранување и раслојување на определувањата, направените интерпретации и постоечката терминологија. Додека интелектуалците и либералите катадневно се изгубени во преводот на точно дефинирање и бранење на индивидуално протолкуваните каузи се случува подем на воините во зоната на социјалните мрежи. Интернетот е отворен фронт на кој се случува судир на поими, каде интелектуалниот мејнстрим се обидува да ги наметне своите ставови кои се базираат врз лични сфаќања и најчесто се производ на нелигитимни извори. Поради релативизмот, oсновани се искуствата и доживувањата на вистината како повеќеслојна, шизоидно разделена и проблематична. Конфузноста настанува поради воочливата потреба за превласт и настојувањето настаните од историјата да се читаат црно-бело. Оттаму, се појавуваат феномени како културолошкото присвојување, етикетирање на секое сексуално определување (иако се стремиме кон сексуално идентитетска слобода), изместување на јадрата на многу идеологии и движења (особено воочливо кога станува збор за феминизмот, либерализмот, социјализмот) како и поткопување на слободата на говорот во име на индивидуалните сфаќања.

Во меѓувреме, сведоци сме на глобалниот подем на десноориентираните движења.

Дали либералниот статус кво кој се повеќе се разгрануваше доведувајќи се себеси до степен на ирационализам и културен релативизам доведоа до пренагласена потреба за идентитет?

Дали можеби општеството сè уште се учи на мултикултурализам и еднаквост на расите?

Дали пренагласениот национализам доаѓа од страв од повторно расно надвладување или ова е само уште еден доказ дека не научивме ништо од историјата?

Општествата се повеќе се отклонуваат од левичарските влади или партии поради нивниот неолиберализам изгубен во слободата на самозадоволното медитирање и рефлексии без исход. Од друга страна капитализмот се повеќе ги уништува движењата на отпорот обидувајќи се да направи од нив бренд и продукт. Лидерите на десничарските партии ги користат национализмот, традицијата и идентитетот и криејќи се зад моќта и парите ја засилуваат својата позиција. Зад идеолошката маска, јадрото е празно и суштината непостоечка. Потребата за моќ во придружба на капитализмот е несопирлива машина која уништува сè пред себе поигрувајќи си со сите претходни идеи, движења, струи и учења.

УМЕТНОСТА ЌЕ НАЈДЕ НАЧИН!

Како точно уметноста може да се соочи со оваа културолошка ентропија? Од една страна, таа треба да биде критика на интелектуалниот mainstream, но како таа да биде критика на две изгубени во преводот левичарски дискурси кога истовремено се чини дека светот се навраќа кон догми и нормирање? Во време на неолиберализмот и пост-вистината, уметноста треба да се наврати на старата школа, притоа внесувајќи свежина во вредностите кои таа треба да ги промовира во новиот контекст на оштетени светови од тероризам и трауми од бесконечни миграции и бегства од војни и сиромаштија. Динамиката на времето со себе носи потреба за поголема уметничка радикалност, повеќеслојна уметност која истовремено ќе биде и аналитичка и критична кон сите општествени девијации. Сè друго е луксуз.

Коректура: Проф. Др. Славица Србиновска.

Како стартна точка при анализата, Смилевска го зема текстот на Хелен Плакроус, (Helen Pluckrose, how french ”intellectuals” ruined the west: postmodernism and its impact, explained) објавен на Aero MagazineПлакроус е британска есеистка и храбра либералка, која со своите длабоки анализи прецизно ги наоѓа маните во дејствувањето на левичарските размисли. Таа магистрирала на универзитетот Queen Mary, како специјалист по Раниот модерен период (1300-1700). Досега има објавувано свои есеи и трудови на повеќе медиуми (Areo Magazine, Canadian Globe и Mail).

Англиската верзија можете да ја прочитате тука.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/postmodernism_base-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/postmodernism_base-150x150.jpgИвана СмилевскаКнижевностанализа,апстракт,литература,постмодернизам,ревизија,систем,тоталитаризам,филозофијаДали времето на Големите Револуции ™ е одамна завршено? Кои се причините за отсуството на големите движења и отпор кон моќта која врши репресија и уништува? Дали уметноста денес може да остане уметност во напорите да ги критикува општествените збиднувања? Ќе се обидам да направам рефлексија врз општествениот контекст и...Нова мисла на пресушената почва.