[ПАНОПТИКОН]

Проблемот на епистемиолошките релативизации. Дигиталната смрт на историјата

Кога во 1977 David Irving, веројатно најпознатиот негатор на холокаустот порача дека издава награда од 1000 фунти за оној кој ќе донесе доказ дека Хитлер незнаел за логорите на смртта и специјалната постапка, беше и период кога западната историографијата влегуваше во информациската постмодерна. Од грубиот и бавен конструктивен формализам на Ранке (Leopold von Ranke) – wie es eigentlich gewesen (со значење – историјата да се пишува „онака како што се случило“), сега беше и повеќе од лесно да се премине во возбудливиот свет на „ако има и најмала шанса да е точно, тогаш е дефинитивно точно“. Па така, во светот на „окултизмот“, „харизмата“, „демонолошката природа“ итн., како агенси на историската казуалност, се стеснува и маргинализира просторот за прашањата кои изискуваат темелен (а со тоа и бавен, не-сензационален) когнитивен напор.

Токму отаде потребата повторно да размислуваме за логорот како еден од најрадикалните хронотопи на 20. век. Од друга страна пак, историскиот плеоназам полн со хронологија на геноциди и злосторства, на жителот на 21. век не му дозволува лажно морализирање и поставување на прашањето „ЗОШТО се случиле логорите?“, туку на многу побитното прашање, кое води до и низ аритектура на логорскиот паноптикон – „како тие биле ОВОЗМОЖЕНИ?

Тоа што се има случено во логорите, во таква мера го надминува концептот за злосторство, што често се испушта да се истражи специфичната правно-политичка структура која произведува таква condition inhumana.*

Пронајдокот на долгиот 19. век

Можеби раѓањето на логорот не треба да го бараме во 20. век, туку во векот на создавањето на модерната институција – долгиот 19. век. Всушност, преку концепциите за природното право и приватната сопственост на човекот-граѓанин направена е коморна поделба меѓу јавното и приватното, не само како сфери на политичката факторизација (семејство, куќа v.s агора, политики), туку и на самиот општествен хабитат според правилата на еден сосем своевремен дарвинизам на социјалните слоеви. Во таквата империјалистичка целисходност, како обележје на тој век, се создава потреба од нов вид на простор во кој може да се дисциплинира (научи, поведе), неочекувано излегување надвор од строго одредените социјални простори.

Историчарите дискутираат дали првото појавување на логорите треба да се препознае во campos de concentracion во Куба во 1896, со цел да се потисне народното востание во колонијата или во concentration caps, во кои Англичаните ги натискале Боерите; она што овде е важно, е дека во обата случаја, се работи за вонредна состојба поврзана со колонијалната војна, која целосно се протега врз одредено цивилно насление. Логорите, всушност, се раѓаат не од статусното право (а уште помалку како што би можело да се верува, од трансформацијата и развојот на казненото право), туку од вонредната состојба и воениот закон.

 

Quaestio iuris. Како вонредното станува нормално

Документацијата која се однесува на нацистичкиот логор и неговата правна архитектура, упатува на тоа дека правната основа на интеренирањето не се заосновала на општото право, туку на Shutzshaft (буквално: заштитен притвор), правна институција од пруско потекло, која нацистичките правни експерти, понекогаш ја одредувале како превентивна полициска мерка, со оглед на тоа што дозвлувала да се „земат во притвор“ поединци, независно од какво било казниво релевантно однесување, единствено со цел да се избегне опсноста во поглед на безбедноста на државата.

Потеклото на Shutzshaft е во прускиот закон за состојба на опсада, од 4 јуни 1851… масовно применуван за време на Првата светска војна и за време на нередите кои следувале во Геманија по потпишувањето на мировниот договор. Добро е да не се заборави дека првите концентрациони логори во Геманија не биле дело на нацистичкиот режим, туку на социјалдемократските влади, кои, по прогласувањето на вонредна состојба во 1923 година, не само што интернирале илјадници комунистички милитанти врз основа на Shutzshaft, туку направиле Konzentrationslager fur Auslender и во Котсбус-Сјелоу, кој пред се прифајќал источни Евреи – бегалци и кој, затоа, може да се смета за првиот еврејски логор на нашиот век (иако, очигледно, не се работело за логор за истребување)… Од 1919 до 1924 година, владата на Вајмар, во повеќе наврати, прогласила вонредна состојба, која, во некои случаи, траела до пет месеци. Кога нацистите ја презела власта на 28 февруари 1923 година, го донеле Verordnung zum Schutz von Volk und Staat (декрет за заштита на народот и државата), кој, на неодредено време ги суспендирал членовите на законот кои се однесувале на личната слобода, слободата на изразување и здружување, неповредливоста на домот и тајноста на телефонските разговори и кореспонденцјата, тие, во оваа смисла, едноставно ја следеле практиката утвредена од предходните власти. Сепак, имало важна новина. Текстот на декретот несомнено соодејстствувал на прогласувањето на вонредна состојба, но во ниту една точка не го содржел изразот Ausnahmenzustand (состојба на исклучок) – сите членови од уставот кои се однесувале на претходно наведените за лична слобода, времено се укинати додека не се издаде нова наредба. Всушност, декретот останал на сила се до крајот на Третиот Рајх, кој, во оваа смисла, можел ефикасно да се дефинира како „вартоломејска ноќ, која траела 12 години“.

Денациoнализирани тела. Зона на севозможното

Логорот е простор кој се отвара кога состојбата на исклучок станува правило. Во него, вонредната состојба, која во суштина, била привремена суспензија на уредувањето врз основа на ситуација на произведена опасност, сега се здобива со перманентна просторна уреденост, но која, како таква, останува постојано надвор од нормалното уредување. Ако не се разбере оваа специфична правно-политичка структура на логорите, чијашто вокација е токму во трајната реализација на вонредната состојба, неверојатните нешта што се случиле во нив остануваат во целост неинтелигибилни. Оној кој велегувал во логорот, се движел во зона на нерзличност меѓу надворешното и внатрешното, исклучокот и правилото, легитимното и нелегитимното, во која самите концепти на право и правна заштита повеќе немале смисла; згора на тоа, ако бил Евреин, тој, со Нирмбершките закони, веќе бил лишен од своите граѓански права и, следствено на тоа, во моментот на „конечното решение“, целосно денационализиран. Со оглед на тоа што неговите жители се соголени од секаков политички сататус и целосно сведени на гол живот, логорот е и првиот апсолутен биополитички простор кој воопшто се има реализирано, во кој моќта пред себе има само чист живот, без никакво посредништво. Затоа, логорот е самата парадигма на политичкиот простор во точката во која политиката станува биополитика и во која homo sacer виртуелно се слејува со граѓанинот.. Хана Арент, еднаш, забележа дека во логорите на површина блеснува принципот кој ја одржува тоталитарната доминација, а кој разумот тврдоглаво одбива да го признае, односно принципот според кој „сé е можно“.

Несовршености во логорскиот паноптикон: „Патничката“ на Andrzej Munk

Во полскиот филм Патничката од 1963, ексцентричното (и незавршено, полу-документарно) остварување на Andrzej Munk, можеби најдобро ни е доловена поентата на Агамбиновата логика. На трансокеански брод, германка по име Лиса, заслушнува женски глас кој и предизвикува необична досетка – гласот на затвореничката Марта. Седум години претходно, Лиса како лојална СС-службеничка и затворска чуварка се обидела да ја дисциплинира затвореничката која непослушно ја откривала својата истрижана глава. Така започнало комплексно психолошко играње меѓу тензичноста на извршителот и жртвата. Баналноста е прикажана преку една сублимирана плиткост: погледот не е свртен кон Лиса како СС-службеничка која секојдневно ја извршува својата специфична должност небаре е работничка на индустриска лента, туку кон Лиса – која амбивалентна, се вљубува во затвореничката, и го дисциплинира секое нејзино допаѓање со машкиот затвореник, за на крајот, на самото патување со бродот, да му признае на својот маж за минатото кое го криела и да добие шанса да ја преиспита својата улога. Лиса – извшителот добива глас, патничката – жртвата се качува на бродот во Лондон, симболизирајќи ја неповратноста на сите оние Евреи кои останале во Европа. Чистата моќ, против голиот живот.

Концептот за расата без која национал-социјалистичката држава не би можела да постои ниту би бил замислив нејзиниот правен живот на оние генерални и неопределени клаузули, кои почнаа се подлабоко да навлегуваат во гермаската и европската легисалтива од 19. век (концепциите за „добар обичај“, „должна иницијатива“, „важен мотив“, „безбедност и јавен ред“, „состојба на опасност“, „случај на неопходност“). Под дејство на овие клаузули, кои ја поместуваат сигурноста и пресметливоста отаде нормата, сите правни концепти стануваат неопределени.. Концепт каков што е национал-социјалистичкиот за расата („рамноправноста на лозата“), функционира како општа клаузула, но не упатува на надворешна фактичка состојба, туку врзувајќи се единствено за соспствената расна заедница со германскиот народ и Фирерот, се движи во зоната во која разликата меѓу животот и политиката, меѓу прашањето за фактичката состојба и она за правото, буквално, нема никаква смисла… Она што чуварот или функционерот во логорот го имаат пред себе не е вонправен факт (поединец кој биолошки припаѓа на еврејската раса) на кој треба да се примени дискриминирањето во национал-социјалистичката норма; напротив, секој гест, секој настан во логорот, од најобичниот до најискучителниот, ја остварува одлуката за голиот живот кој го остварува германското биополитичко тело. Одделувањето на еврејското тело е непосредено производство на соспстевното германско тело, онака како што и применувањето на нормата е нејзина произведственост.

*Оптика според Агамбен – исечоци од есејот на Џорџо Агамбен, Логорот како nomos на модерноста (Бојаџиевска, Талевска: Фашизам теорија/меморија, Скопје 2013, 223-240).

Слики: кадри од „Патничката“(Andrzej Munk), culture.pl

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/1-F-483-49-800x800.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/1-F-483-49-800x800-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоантифашизам,биополитика,историја,политикаПроблемот на епистемиолошките релативизации. Дигиталната смрт на историјата Кога во 1977 David Irving, веројатно најпознатиот негатор на холокаустот порача дека издава награда од 1000 фунти за оној кој ќе донесе доказ дека Хитлер незнаел за логорите на смртта и специјалната постапка, беше и период кога западната историографијата влегуваше во информациската...Нова мисла на пресушената почва.