Петар Андоновски е роден во 1987 година во Куманово. Автор е на книгите: МЕНТАЛЕН ПРОСТOР [2008, поезија], ОЧИ СО БОЈА НА ЧЕВЛИ [2013, роман, второ и трето издание 2016], ТЕЛОТО ВО КОЕ ТРЕБА ДА СЕ ЖИВЕЕ [2015, роман, второ и трето издание 2016], за кој е добитник на наградата РОМАН НА ГОДИНАТА на УТРИНСКИ ВЕСНИК. Неговиот прв ромaн е преведен на бугарски јазик.

ОЧИ СО БОЈА НА ЧЕВЛИ

Легнат на црна кожена софа во психијатриската ординација, Нестор се обидува да се сети како се најде на тој погреб. Неговата психијатарка Марта, млада и успешна жена, му кажа да се сети на секој детаљ од погребот за да можат да го евоцираат проблемот.

Нестор е писател. Зад себе има неколку неуспешни романи. Неговиот роман Ние пред дваесет и пет години беше прогласен за најдобар роман, а неколку месеци подоцна Нестор, поради романот, беше обвинет дека работи против државните интереси. Неговиот роман и во мигот на прогласувањето за најдобар роман и во мигот кога Нестор беше обвинет дека работи против државните интереси, беше сосем погрешно разбран. Тоа беше автобиографски роман што зборуваше за неговото мачно детство поминато со неговата грбава тетка. Многу критичари сметаа дека во грбавата тетка се крие некаква симболика, па романот го прогласија за еден од најдобрите романи во последните педесет години. Симболиката набргу ја откри власта, што мислеше дека романот е побуна против неа и дека Нестор со романот сакал да каже дека маченото дете е народот, а грбавата тетка е лошата власт што го малтретира детето, односно народот. Во тоа време власта се сомневаше во секого и во сè. И покрај обидите Нестор да докаже дека е погрешно сфатен, дека во романот нема никаква симболика, никој не му поверува. Дури ни грбавата тетка која во тоа време сè уште беше жива. Нестор, набргу по обвинувањето дека работи против државните интереси, беше осуден на осум години затвор, од кои одлежа шест, а од другите две беше помилуван поради доброто поведение. По падот на тој режим, новата влада го рехабилитираше и повторно му ја врати старата репутација „најдобар писател во последните педесет години“. Но, Нестор беше свесен дека не е тоа и сакаше оваа грешка да ја оправда пред идните поколенија и да напише вистинско ремек-дело. Сепак, не само што не напиша никакво ремек-дело, туку тој по судењето немаше напишано ниту една реченица.

По обвинението дека работи против државните интереси и шесте години затвор, Нестор страдаше од параноја, постојано имаше чувство дека некој го следи. И така, легнат на црн кожен тросед, небаре лежи во мал брод што треба да го однесе од средината до почетокот на морето, Нестор треба да се сети како се најде на тој погреб. Со покојната не се познаваше, како ни со другите членови на нејзиното немногубројно семејство. Во еден миг, кога помисли дека никогаш нема да се сети, пред него се отвори сеќавање како кога ѕиркате низ клучалка во непозната соба и наеднаш се отвора цела врата пред вас. Нестор можеше да види како една жена оди пред него и во рацете носи црни каранфили замотани во бела хартија. Нестор ја сакаше таа хартија. Тој имаше чувство дека токму таа бела хартија ќе му ја донесе среќата, на неа ќе ја напише првата реченица од романот што толку очајно му беше потребна. Но, наместо да заврши со хартија в рака, Нестор заврши во капелата каде што одеше жената. Но, и покрај сè, тој не се откажуваше од хартијата. Во еден миг кога помисли дека најпосле во гужвата ќе ѝ ја извлече белата хартија, пред него се испречи еден крупен маж кој ѝ ги зеде каранфилите на жената. И тогаш, Нестор почувствува како некој го набљудува. Тој се плашеше да погледне и тргна кон излезот. Како што одеше, така по него одеа очите и го набљудуваа. Ете, оттогаш Нестор имаше чувство дека некој го набљудува.

 

Alexander Gutsche - Monarchie und Alltag
Alexander Gutsche – Monarchie und Alltag

 ТЕЛОТО ВО КОЕ ТРЕБА ДА СЕ ЖИВЕЕ

Бригита стоеше збунета, ѕверејќи се во адвокатот, како да очекува да ѝ каже дека се шегува и дека тоа не е вистина, дека тој е горе во судницата и дека ја чека неа. Неа. Не него, неговиот адвокат, туку неа. Адвокатот кој како да сочувствуваше со неа. Набрзина ѝ го тутна лекарското уверение и исчезна со истата неочекуваност со којашто и се појави. Бригита стоеше неподвижно обидувајќи се да се соземе. Се најде затечена. Ваква разврска од денешното рочиште не очекуваше. Ниту еднаш не предвиде дека пред да започне рочиштето тоа веќе ќе заврши. Неподготвеноста толку многу ја блокира што не можеше дури ниту да ја прекрие. Лекарското уверение го отвори и низ него прелета како и низ статијата. Механички ги читаше латинските изрази, притоа ништо не мислејќи. Уверението ѝ беше потребно да го види колку да се увери себеси дека адвокатот навистина беше тука пред неколку мига и дека тој навистина нема да дојде. Тргна накај излезот. Еден од полицајците ѝ понуди стол, но таа без да го погледне помина покрај него како да не го ни забележува. Кога седна на клупата пред судот од ташната го слушна звукот кој ѝ беше толку многу потребен. Крвта повторно ѝ се врати во телото. Дури можеше и да почувствува како повторно низ неа струи живот. Набрзина го извади мобилниот и почна да ја чита пораката. „Не знаеш колку многу жалам што денеска нема да те видам. Додека лежам во болничкиот кревет болен и беспомошен, единствена надеж ми е помислата дека наскоро пак ќе можам да ги видам тие бели нозе кои дрско поминуваат покрај мене не ни знаејќи што сè предизвикуваат во мене.“ Во градниот кош почна да чувствува тапа болка од наглата возбуда. Во главата ѝ се чинеше дека нема воопшто кислород. Блага несвестица почна да ја фаќа. Целото тело ѝ се тресеше. Посака уште еднаш да ја прочита пораката, но кога тргна да го земе мобилниот кој го имаше испуштено на земја, виде дека целата рака ѝ е укочена и ѝ отпнува толку силно што не може ниту да го допре мобилниот. „…Тие бели нозе…“ Фустанот што ѝ паѓаше преку колената го поткрена и почна да гледа во своите нозе. Таа воопшто немаше бели нозе. Нејзината кожа беше темна, вените на нозете ѝ беа проширени, наликуваа на реки и езера исцртани на географска карта. Зошто тој ѝ пишал дека нозете ѝ се бели? Се обидува да се сети дали тој ден носела светли хулахопки, па затоа помислил дека можеби нозете ѝ се бели. Но, таа воопшто не носи хулахопки во лето. Па, зошто тогаш ѝ пишал дека нозете ѝ се бели. Тој не може да греши. Тој цело време гледа во подот. Ако нешто има забележано вистински на нејзиното тело, тоа се нозете. Тој освен во нив другде и не гледа. Повторно го крева фустанот, но овојпат пополека, плашејќи се од тоа што ќе види. Нозете ги крева накај сонцето и гледа во нив. Во прво време ништо не ѝ се гледа од сонцето, а потоа пред неа се појавуваат две бели нозе. Тоа се нејзините нозе. Проширените вени кои потсетуваа на реки и езера сега ги немаше, како да потонале во некоја пустина, како да ги беше зафатила суша. Тие испариле некаде сосе црнилото кое ѝ се гледаше до пред малку. Таа гледа во две бели нозе, толку бели што ѝ наликуваат на планина покриена со снег. Наеднаш ги спушта нозете на земја и ги покрива со фустанот. Тие се бели, од сонцето може да ѝ изгорат. Никој не ја познава како тој. Томас сигурно никогаш ја немаше загледано. Нему му е сеедно дали кожата ѝ е темна или бела. Станува и тргнува накај улицата. Полицаецот кој и понуди стол стоеше и уште гледаше во неа. Таа го погледнува директно во очите и му се насмевнува пријателски. И тој ѝ возвраќа со насмевка, но збунето. Додека се движи по улицата почнува да чувствува како нешто ја пече по нозете. Тоа е од сонцето. Таа има бели нозе, мора да внимава. Можеби треба да влезе во некоја аптека и да си купи крема за сончање за да си ги заштити нозете. Погледнува во часовникот и гледа дека е десет часот, дека сега требаше да започне судењето. Малку ѝ е мака што не го виде, но тој не ја заборавил, тој ѝ прати порака. Таа има бели нозе. Се наведнува и со раката ги погалува своите бели нозе. А сега, ќе отиде кај Вера и ќе ја однесе на сладолед. На сладолед од ванила или страчатела. Помислува кој друг вкус на сладолед е бел, но не може да се сети. Не е ниту важно, доволни се ванила и страчатела.

 

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/Webp.net-resizeimage-1-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/Webp.net-resizeimage-1-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџакнижевност,литература,македонска сцена,македонски автори,постмодернизамПетар Андоновски е роден во 1987 година во Куманово. Автор е на книгите: МЕНТАЛЕН ПРОСТOР , ОЧИ СО БОЈА НА ЧЕВЛИ , ТЕЛОТО ВО КОЕ ТРЕБА ДА СЕ ЖИВЕЕ , за кој е добитник на наградата РОМАН НА ГОДИНАТА на УТРИНСКИ ВЕСНИК. Неговиот прв ромaн е преведен на бугарски јазик.ОЧИ СО БОЈА НА ЧЕВЛИ Легнат на црна кожена софа...Нова мисла на пресушената почва.