Ако се тргне од грчката митологија ќе наидеме на бројни митови кои ја потврдуваат свесноста на човекот, уште од најстари времиња – за нераскинливата врска помеѓу љубовта и смртта. За подобро дефинирање на овие сили можеме да се послужиме со поимите: Ерос и Танатос. Ерос [грчки: Έρως], во старогрчката митологија е бог на љубовта, страста и сексот. А, Танат/Танатос [грчки: Θάνατος]  е бог и персонификација на смртта, од θνῄσκω – „да умре”. Самата претстава на богот Танат е многу интересна, тој е прикажан  како прекрасно младо момче, на римските саркофази често се сретнува како дете со крилја, сличен на Ерос.

Познати се примери на бројни митови кои во себе го содржат овој дуалитет. Митот за Медуза е многу интересен ако се разгледува од аспектот на љубовта и смрта. Медуза, единствената смртна меѓу своите сестри, убава девојка, се заљубува во Посејдон, богот на морето. Атина, лута затоа што Медуза го прекршила ветувањето за вечна девственост, ја казнува со тоа што ја претвора во страшно чудовиште кое убива со својот поглед. Медуза, потоа се јавува како книжевен лик во некои  модерни дела.

Така во Фауст  на  Гете,  впечатлив е разговорот на Мефисто и Фауст во ноќта на балот.

Фауст гледа осамена, бледа и убава девојка која личи на Маргарита.

На тоа Мефисто му вели: Остави го тоа! Тој поглед никому не му носи добро. Тоа е маѓија, без живот. Да се наиде на неа не е добро. Нејзиниот поглед ја замрзнува крвта: тој се скаменува; ти си чул за Медуза.

Фауст. – Точно тоа се очи на мртовец, кои раката полна со љубов не ги затворила. Тоа се градите кои ми ги понуди Грета, тоа е слаткото тело во кое уживав.

Мефисто. – Тоа е дело на маѓија! Таа секому му изгледа баш како неговата љубена.

Фауст. – Каква сласт! И какво страдање! Не можам да се разделам од тој поглед! Колку е чудно што само една црвена трака, не поширока од дршката на нож, го краси овој убав врат! (Прац, 1974: 42)

Во овој краток дијалог многу јасно се гледа контрастот помеѓу смрта и љубовта, страдањето и уживањето. Тука Фауст говори со устата на целиот романтизам. Главата на мртвата жена со стаклени очи, ужасната и привлечна Медуза ќе биде предмет на мрачната љубов со која се занимава романтизмот цел еден век.

Романтичарите развиле свест за убавината која зборува за постоење не само на љубовниот нагон, туку и на нагонот на за смрт, за врската на еротизмот со смртта. Темата на сексот и сексуалноста, во ниеден друг период не била толку во центарот на книжевноста колку во деветнаесеттиот век. Тоа ги раѓа некои од главните мотиви и теми во романтизмот: вампиризмот, поетика на гробот, фаустовската тема, мотивот на ,,мртва сакана”.

Мотивот ,,мртва сакана” во поезијата на неколку поети

Една од најзначајните претстави на оваа тема се случува токму во епохата на романтизмот, преку поемата на Едгар Алан По Гавранот.  Тој во својот есеј, Филозофија на композицијата, ја изнесува својата поетика преку детално објаснување на етапите при создавање на поемата. Според По, многу е значаен впечатокот или ефектот кој треба да се пренесе со песната. Задоволството кое е воедно најинтензивно, највозвишено и најчисто, може да се најде во убавината. Таа , убавината, треба да биде врвен дострел на песната, а тонот треба да биде тажен. Потоа тој се запрашува, од сите меланхолични теми, која, според универзалните познавања на човекот е најмеланхолична. По дава едноставен одговор, тоа е смртта. Смртта на една убава, сакана жена е најпоетската тема од сите на светот. Со други зборови, мотивот на ,,мртвата сакана”, во себе ги содржи највозвишените чувства и најсилните емоции.

Уште еден поет од англиско говорно подрачје мислам дека би можел да се спомене кога станува збор за овој мотив на ,, мртва сакана”. Тоа е Вилијам Вордсворт, голем aнглиски поет-романтичар, кој со Самјуел Тејлор Колриџ придонел да започне романтичарската доба во англиската литература. Оваа тема во неговото творештво ја гледаме преку Песните за Луси. Станува збор за пет песни со слична тематика во кои станува збор за љубовта, убавината, копнежот и смртта. Лирскиот субјект е заљубениот човек, но контактот со љубената, Луси, е невозможен затоа што таа е мртва. Постојат различни толкувања и претпоставки за тоа кој се крие зад Луси. Некои теоретичари Луси ја бараат во приватниот живот на авторот, а други пак алудираат на тоа дека Луси е музата, инспирацијата, која поетот ја губи и тој тагува по неа. Тука важно е да се нагласи дека песните се пишувани во различен временски период и дека е возможно лирскиот објект да доживува трансформација. Па така, многу е возможно во Луси, Вордсворт да ги споил и саканата жена и музата. На почетокот на првата песна, таа е прикажана прекрасна, убава како розите во јуни, а потоа ги имаме очајот и тагата кои ги носи нејзината смрт. Луси е убавината, копнежот, возвишеното кое умира, исчезнува,  го напушта лирскиот субјект.

Strange fits of passion have I known

 

Strange fits of passion have I known:

And I will dare to tell,

But in the lover’s ear alone,

What once to me befell.

 

When she I loved looked every day

Fresh as a rose in June,

I to her cottage bent my way,

Beneath an evening-moon.

 

Upon the moon I fixed my eye,

All over the wide lea;

With quickening pace my horse drew nigh

Those paths so dear to me.

 

And now we reached the orchard-plot;

And, as we climbed the hill,

 

 

 

The sinking moon to Lucy’s cot

Came near, and nearer still.

 

In one of those sweet dreams I slept,

Kind Nature’s gentlest boon!

And all the while my eye I kept

On the descending moon.

 

My horse moved on; hoof after hoof

He raised, and never stopped:

When down behind the cottage roof,

At once, the bright moon dropped.

 

What fond and wayward thoughts will slide

Into a Lover’s head!

‘O mercy!’ to myself I cried,

‘If Lucy hould be dead!’

Во руската литература исто така може да се посочат бројни примери каде е застапен мотивот на ,,мртвата сакана”, особено во творештвото на Пушкин и Лермонтов.

За ваков пример би ја зела песната на Лермонтов Нет, не тебя так пылко я люблю.

Нет, не тебя так пылко я люблю,

Не для меня красы твоей блистанье:

Люблю в тебе я прошлое страданье

И молодость погибшую мою.

 

Когда порой я на тебя смотрю,

В твои глаза вникая долгим взором:

Таинственным я занят разговором,

Но не с тобой я сердцем говорю.

 

Я говорю с подругой юных дней;

В твоих чертах ищу черты другие;

В устах живых уста давно немые,

В глазах огонь угаснувших очей.

Не те сакам јас тебе страсно, знај.

Не го сакам лачот јас на твоите чари.

Страдањата ги љубам твои стари

и младоста ми која виде крај.

 

Понекогаш, штом гледам во тебе

-со поглед долг тонејќи ти в очи-

во разговор jас таинствен барам почин,

 но не од срце зборам со тебе,

 

а со Неа, од детство раснати:

во твои црти барам други црти,

во живи усни – усни дамна мртви,

во очи – плам од очи згаснати.

Во оваа песна можеме да ја забележиме многу впечатливо парадоксалната љубов кон смртта. Овде мислам на некрофилијата како што ја објаснува Ерик Фром, претпочитање на смртта пред животот, односно Танатос пред Ерос. Како што самото име кажува, тоа е повеќе од сексуална перверзија или морбидна желба да се биде во присуство на мртво тело. Некрофилијата се појавува како опозиција на биофилијата или љубов кон животот. Личност со некрофилски тенденции е привлечен кон се’ што е мртво, вклучуваќи мртви тела, распаѓање, измет, нечистотија. Ваквите луѓе преферираат да зборуваат за болести, погреби, деструкција и минатото. Песната на Лермонтов во себе ја содржи наклонетоста кон смртта пред животот. Лирскиот субјект самиот кажува дека ја претпочита мртвата жена. Тој вели: во живи усни барам усни дамна мртви, во очи плам од очи згаснати. Во овие стихови воочлива е желбата за трансформирање на живото во неживо. Исто така имаме повикување на минатото, свртеност кон него. Низ целата песна е воочлива сопоставеноста на Ерос и Танатос, живото наспроти мртвото. Според Лотман, кој прави анализа на оваа песна од Лермонтов, романтичарската шема на љубов е шема на неможност за остварување на контакт. Желбата за остварување на тој контакт е многу присутна во песните со овој мотив, но тој секогаш резултира со неуспех, како што впрочем е и во поемата на Едгар Алан ПоГарванот, тоа силно нагласено, со повторување на зборот: Nevermore.

Песни со мотивот на ,,мртва сакана” можеме да сретнеме и во француската романтичарска поезија. Таква на пример е песната на Алфонс де ЛамартинЕзерото. Сепак, оваа песна значително се разликува во однос на претходните затоа што таа припаѓа и на елегично- медитативната лирика. Овде мотивот на ,,мртва сакана” е само појдовна точка која води до еден филозофски осврт на темата за минливоста на животот и незапирливото течење на времето. И во оваа песна имаме носталгично свртување кон минатото, како време на младост и среќа. Лирскиот субјект тука вели:

Запри го , време, ти, летот свој! Часовите на младост,

вие запрете ги брзите кругови ваши!

Дајте ни да ја уживаме кратката сладост

од најубавите денови наши.

Понатаму во песната имаме претстави на вечната природа и нејзината константност, наспроти минливоста на човековиот живот. Оваа поставување на вечната природа, наспроти мигновеното човеково постоење како тема го имаме и во творештвото на Виктор Иго преку песните – Зајдисонце и Тага на Олимпио.

Преку смртта на саканата, лирскиот субјект ја доживува и сопствената смрт, односно покажува висок степен на свесност за сопствената краткотрајност и кревкост. Но, она што е интересно во оваа песна е тоа што немаме песимистички крај, туку барање од природата, таа да го чува споменот за љубовта која завршила.

Оваа тема за смртта на саканата жена, може да се сретне и на нашето поднебје. Тука мислам на Балканот во поширока смисла на зборот и секако на Македонија. Поради специфичната историја и различниот книжевен развој, овој мотив, тука се сретнува во повеќе различни временски периоди.

Како претставник на оваа тематика од Балканските простори ја избрав една од најпознатите песни на Антун Густав МатошUtjeha kose.

UTJEHA KOSE

 

Gledao sam te sinoć. U snu. Tužnu. Mrtvu.

U dvorani kobnoj, u idili cvijeća,

Na visokom odru, u agoniji svijeća,

Gotov da ti predam život kao žrtvu.

 

Nisam plako. Nisam. Zapanjen sam stao

U dvorani kobnoj, punoj smrti krasne,

Sumnjajući da su tamne oči jasne

Odakle mi nekad bolji život sjao.

 

Sve baš, sve je mrtvo: oči, dah i ruke,

Sve što očajanjem htjedoh da oživim

U slijepoj stravi i u strasti muke,

 

U dvorani kobnoj, mislima u sivim.

Samo kosa tvoja još je bila živa,

Pa mi reče: Miruj! U smrti se sniva.

Песната е именувана необично и неочекувано –Утеха на косата, а почетната реченица: Синоќа те гледав. Ако лирскиот субјект, според првата реченица, го сонувал ова, тогаш имаме обид со помош на зборови да се оживее сликата во дел од секундата. Просторот е идилично – застрашувачки, наречен кобен. Овој простор или оваа сцена е украсена со идилата на цвеќињата што упатуваат на спокој и радост. Наспроти нив ја имаме агонијата на свеќата. Ако идилата на цветот е симбол за љубовта, убавината, складот, агонијата на свеќата е состојба пред губење, пред пропаѓање. По догорување на светлината, настапува мракот, тој е симбол за смрта. Сепак сликата не е целосно мрачна. Очигледно е поврзувањето на смртта со сонот, од првиот па до последниот стих: Не тагувај, во смртта се сонува!

Сонот често се врзува за претставата за смртта, уште од грчката митологија, Хипнос и Танатос се претставени како браќа близнаци. Интересен е контрастот на мртвите делови: очите, здивот, рацете; наспрема косата која се’ уште е жива и во која лирскиот субјект ја гледа утехата. Според ова, во оваа песна, утехата е всушност во Eрос, во она што е живо, а во прилог на ова оди и последниот стих: Во смртта се сонува. Овој Ерос, не е целосно во фројдовска смисла, на создавање, туку барање на постење во една друга реалност каква што се соништата. Односно, повторно испреплетување на Еросот и Танатосот на еден оригинален начин, каде смртта не е крајна точка.

Овој мотив не ја одминал ни Македонија и успеал како тематика да влезе во творештвото на многу големи поети. Тука ги вбројувам некои од песните на Ацо Шопов, Блаже Конески, Матеја Матевски, Ефтим Клетников чија што цела една збирка е во овој знак – Окото на Темниот.

Јас, како претставник на овој мотив во македонската поезија ја избрав прекрасната песна на Петре М. Андреевски На гробот на Дениција.

НА ГРОБОТ ОД ДЕНИЦИЈА

 

„КОПНЕЕЈЌИ за неа јас често седам

 во нејзината сенка …“

Стар Завет

 

Над мене сив облак и сива орлица

се договараат за нешто,

а јас мислам дека кај тебе

ме потскажуваат, Дениција.

Оти дошто видов кула и пладневна топола

беа како твојата става, Дениција.

Дошто сретнав омарнина и жито во движење

беа како твојата коса, Дениција.

Дошто открив сончоглед и светла пушкарница

беа како твоите очи, Дениција.

Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница

беа како твојата уста, Дениција.

А сите мери житен уем, сите круши кантарки

беа како твоите дојки, Дениција.

Дошто ме размина мило и отпетлано крило

беа како твоите клепки, Дениција.

Дошто скинав сламка и маслинова гранка

беа како твоите прсти, Дениција.

 

 

Дошто отворив прозорец и непрочитана книга

беа како твоите предници, Дениција.

А сите напуштени мамузи и узенгии

беа како твоите обетки, Дениција.

Дошто чув за разлутени ридови и мориња

беа како твоите колкови, Дениција.

Дошто видов глуварици и плужни ралици

беа како твоите стапала, Дениција.

А видов што видов и ништо не видов

оти везден се искачувам по душата од мртвите,

везден слегувам по дождот и маглите

и секаде задоцнувам да те стигнам тебе.

Потоа ѕемнам кај што мислам дека ќе поминеш

и сите градски порти ги оставам отворени

во секое време за да можеш да се вратиш.

Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,

мене никако не ми успева да ти кажам

дека и мојата смрт започна по твојата

и дека блажено е да се живее, а поблажено

да се умира, 

мислејќи само на тебе, Дениција.

Оваа песна иако ја обработува оваа тема на смртта, во која лирскиот субјект преку смртта на саканата ја најавува сопствената смрт, и иако го имаме копнежот по мртвата жена, желбата за повторна средба, сепак песната има една неверојатна живост во себе. Релацијата на телото со природата ги прави споредбите впечатливи, светли, моќни и полни со живот. За разлика од претходните песни, на Лермонтов и на Матош, каде имаме слики на мртвите очи, мртвите усни на саканата жена, овде владее поинаква естетика.  Песната На гробот на Дениција е ослободена од мрачните претстави преку славење на тело и негово доведување во корелација со вечната природа.

Единствен проблем која јас би го посочила е тоа што ја имаме смртта на убавата жена, љубената жена, но како да недостасува варијација на овој мотив – смртта на саканиот маж. Тука важно е да посочам дека навистина наидов на една ваква песна, тоа е Леноре на Готфрид Аугуст Биргер. Овде основниот мотив е превртен, но тоа не е рамноправно со останатите песни на оваа тема, затоа што песната повторно е за девојката Леноре и нејзината тага по загубениот Вилхелм. Она што недостасува, според мене, е размрдувањето на жената од позицијата на лирски објект и нејзината пасивна положба на вечна инспирација или муза на поезијата. Со ова сакам да ја оставам темата отворена и да си дозволам проширувања на истата во таа насока.

Што се однесува на дуалитетот Ерос Танатос во мотивот на ,,мртвата сакана”, како што е лесно воочливо од избраните песни, тој е неминовен. Но, овој дуалитет не е ексклузивен само за овој мотив. Еросот и Танатосот, како неразделив пар се присутни во секое уметничко, или поспецифично – книжевно, творештво. На создавање и уништување не треба да се гледа црно – бело, туку како на двете страни на една монета, од која едното не може да постои без другото. Од свесноста за ова двојство го имаме ликот на Мефисто:

Се што е создадено

заслужува да биде уништено.

Така, се она што го нарекувате

мој грев, разурнување, накусо зло,

е мој сопстен елемент!

 

Илустрации – Harry Clarke  
Фројд, Сигмунд. Неугодното во културата. Скопје: Mагор, 2008
Prac, Mario. Agonija romantizma. Beograd : Nolit, 1974
Шелева, Елизабета. Културолошки есеи. Скопје: Магор, 2011
Капушевска Дракулевска, Лидија. МАРГАРИТА ПО ТРАГИТЕ НА МАЈСТОРОТ. Скопје: Магор, 2006
http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/1280px-John_Everett_Millais_-_Ophelia_-_Google_Art_Project-1-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/1280px-John_Everett_Millais_-_Ophelia_-_Google_Art_Project-1-150x150.jpgМарија БошковскаКнижевностљубов,анализа,илустрации,книжевност,поезија,уметници,уметностАко се тргне од грчката митологија ќе наидеме на бројни митови кои ја потврдуваат свесноста на човекот, уште од најстари времиња - за нераскинливата врска помеѓу љубовта и смртта. За подобро дефинирање на овие сили можеме да се послужиме со поимите: Ерос и Танатос. Ерос , во старогрчката митологија...Нова мисла на пресушената почва.