Кога зборуваме за ренесанса, речиси е невозможно а да не го сретнеме неговото името кое се вбројува во збирот од значајни автори. Еразмо Ротердамски во 1509 година ја создава книгата „Пoфалба на глупоста“. Прави обид да допре до правилното и изворното значење на Новиот завет, а притоа e сосема свесен за сите неопходни реформи на црквата и христијанството. Неуморно зборува за необразованоста и глупоста, со цел да подучува, поправа и посоветува. Сето тоа го прави со помош на глупоста која ја интегрира во своето дело. Таквата определба за иронија проследена преку амбивалентен говор е токму единствениот начин со кој овој наратив преку ваков тип ставови успева да се огради од цензура и суд. Ротердамски се осврнува на идеологијата која жестоко се противи на одвојувањето на христијанството од секојдневниот живот на луѓето. Затворање на неговата содржина во елитните кругови на тогашната црковна хиерархија, неразбирлива догматика и вештачка церемонијалност. Неговата замисла била да се допре до едно живо, едноставно и сеопшто христијанство, тежнеење кон утопија која нема да се бори против филозофијата и повластувањето на верскиот живот. Како религиозноста да се сведе на лична вера? Овде директно ја надоврзува љубовта, која според него е највисок закон на кој се друго мора да се потчини.

Во самиот почеток на книгата, место предговор е ставено писмо за кое се мисли дека Ротердамски го праќа на својот пријател Томас Мор, со цел да го поздрави. Враќајќи се во Англија од Италија, имал многу слободно време кое го искористил за размислување, за заедничките проучувања со својот пријател Томас Мор, уживајќи во сеќавањето на неговите учени и драги пријатели. Му се доверува и му објаснува на својот пријател дека времето не било за сериозни размислувања и дека одлучил да ја создаде книгата „Пофалба на глупоста“. Му кажува дека токму неговото име го поттикнува да ја пишува, кое е толку блиску до зборот „мориа“ (глупост), кој сепак бил далеку од неа.

„Оваа игра со мојот дух особено ќе ти се допадне, зашто и ти имаш обичај да се забавуваш со шеги од овој вид, се разбира, ако не се простачки и, ако не се лажам, несолени.“

цитат кој Ротердамски го пишува во писмото упатено на Мор.

Ротердамски во своето обраќање зборува и за можната појава на зајадливци како што ги нарекува тој, кои ќе го категоризираат како лесноумен што воопшто не му ликува на еден теолог. Дава нова димензија на плиткоумноста и шеговитоста на содржината, а како инспирација кажува дека примерот не бил баш негов, туку дека уште одамна истото го правеле големите автори како Хомер и Овидиј. Зборува за тоа дека во многу животни ситуации си дозволуваме шеги, а на оние кои се занимаваат со сериозни проучувања дека не им е допуштено воопшто да направат ниедна глупост, па дури и кога со тоа се кажуваат сосема сериозни работи.

„Нема ништо побесмислено, одошто сериозните работи да се кажуваат на бесмислен начин. Исто така нема ништо позабавно одошто бесмислените работи да се пренесуваат така, како да станува збор за сериозни работи.“

Еразмо ја пофали глупоста притоа многу пати и тоа по име, исмејувајќи се и самиот себеси. Но, се воздржува од спомнување туѓи имиња преку приспособување на стилот за читателот лесно да разбере дека станува збор за забава а не за навреда. Маестрално ја натерува Глупоста да зборува. Се чини дека важно својство му е токму благородната смисла за хуморот во човечкиот живот, како и во посериозните делови како религијата. Со употребува на досетливо фингирање како и преку мимеса се обликува фиктивен говорник, во облик на преполовен разговор или пародична верзија. Обликот не е жанровски едноставен, можеби првиот или површинскиот слој на ова дело е токму сатирата. Жестоката критика на општеството, кое се наоѓа под власта на лудоста на духовното.

Вториот слој под сатирата е трагедијата. Трагедијата се настанува затоа што глупоста почнува да го разоткрива драматичното ништавило на најугледните човечки институции- управувачките, образовните и самиот крал. Шекспир дава сценски израз на Еразмовите мисли:

„Не ли се срами лажниот крал со неговите украси, и не ли се плаши дека може некој да му налети и да го исмева?“

Третиот слој упатува на тоа дека не треба да се вознемируваме затоа што глупоста владее со светот, глупоста ни дава илузија на среќа. Глупоста овозможува луѓето да не ги проценуваат сите опасности, да живеат весело. Мудроста раѓа страв и како во „Хамлет“, го отежнува извршувањето на делата. Глупоста им доаѓа на луѓето со цел да ги поддржи во незнаењето, во лекомисленоста и секако да заборават на страдањето.

 „Смеејќи се да се кажува вистината (ridentem dicere verum) го кажал речиси невино Квинт Хоратиј. Но, двосмисленоста е во прашањето дали „надворешно лице“ ја слави Глупоста или самата Глупост себе се фали?! Ова прашање се поставува уште во посланието во кое Ротердамски отворено нагласува дека ќе ја фали Морија (односно Глупоста). Посланието ја објаснува намерата, но ја расипува илузијата. Во почетокот е нагласено „Говори глупоста“ (Stultitia loquitor). Ова значи дека авторот допушта главниот наративен лик да биде токму Глупоста. Се укажува колку може да биде спротивставено именувањето на стварноста (веројатно и иронична алузија на номиналистите), истакнувајќи ја разликата помеѓу презимето Морус и суштината на реалниот Томас Мор. Неколкупати се соопштува дека станува збор за една долга (и сериозна) традиција на шеговита поетика посветена на смеата.

Двосмислено е и прашањето кое се поставува: „Која Палада ти ја внуши таа мисла?“ – имено Палада, Божицата на мудроста, дава идеја за славење на глупоста! Иако се работи за традиционална пародија, сепак неговата „Глупост“ е сосема во различен правец насочена односно преку филозофско фингирање на еден сложен животен феномен. Намерата е да се направи карневалска, смешна и весела маскарада, во која под маска на „Глупоста“ се јавува митското космогониско лице на Големата Мајка, Плодноста и Плодотворноста; потоа некакво весело насмејано лице на пандемската Глупост, правејќи го животот полесен, поподнослив одошто е во суштина.

Еразмовата Морија говори за своето благородничко потекло, совршено образование и префинет латински јазик. Морија, познавач на сите учени нешта ги пародира и Платоновите митологеми. Имено, Морија е ќерка на Плутос, „единствениот татко на луѓето и боговите!“. Место на раѓање и е митскиот простор „Островот на блажените“. Морија не познава сукцесивни времиња, ниту различни места; таа е космички присутна а историски сеприсутна. Егизистенцијата на средновековната Морија е архаично, таа е блиска со старите Богови, но блиска е и со „филозофијата на Христос“; ги препознава сите свои обожаватели, смртни и бесмртни; таа е самата весела и среќна вечна егзистенција и импулс за постојано обновување на животот.

Морија изведува самопофалба, неверојатно остроумна за една „Глупост“. Откривајќи го привидот, укажува на вистината: Лудоста и Глупоста (Морија се јавува во двата облика) се фундамент на Светот, зашто Светот вистински почива без привид; самољубивост, ласкање, заборав.. Според овие животни вистини опстојува човештвото. Казнети се оние, кои заслепени од глупоста, привидот го сфаќаат како сериозна вистина. Ова би било мрачно и трагично сознание, да не го кажува веселата, насмеана и аморална, карневалска маска. Глупост во карневалски простор и празнично време, во кое е дозволено да потпомогне да се заборави трагиката.

Со енормно самозадоволно човечко тело составено од амнезирани индивидуалности, тоа вечно и расплодно тело ги повикува сите отпадници да се соочат со својата индивидуална Глупост. Карневалската Морија укажува дека човечкиот свет е бесмртен најмногу според расплодноста на телото.

Со сите двосмислици и многуслојни потврдувања со смислата, и Ротердамски и Морија, ако веќе немаат оправдување во званичното христијанско царство, имаат големо оправдување во античкиот свет. Затоа што античкиот свет ја сака смеата, го негува парадоксот.

„Веќе е доцна; станува здодевно; Треба да се тргне по (сериозна работа)“.

Ваквиот завршеток Еразмо Ротердамски навестува дека има уште многу надвор од обликот, а својствен и за Платон кој често го завршува дијалогот, оставајќи и прилика на идејата да се прелее во друг дијалог. Вергилиј исто така на сличен начин ги завршува своите пасторали.

Морија упатува поздравни „фамилијарни формули“ на крајот од делото. Поздравот е карневалски, комедиски. Самиот императив „ПИЈТЕ!“ претпоставува покана за почеток на карневалска трпеза, за сите безбројни мистериски посветеници и учесници во светите и побожни шеги, смешки и игри. Постои став кој говори дека само завршниот дел е тежиштето, и дека она што му претходи е само подготовка. „Пофалба на глупоста“ се смета за манифестација на христијанските добрини и без обзир на различните толкувања, сигурно е дека отворила многу важни прашања за паралелниот развој на христијанството, книжевноста и филозофијата. Како вистински манифест на борбата против човечките маани и извитопереноста на основните цивилизациски постулати, на најдобар начин ја изразува племеноста на мислите и желбите на нејзиниот автор.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/pg-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/pg-150x150.jpgИрена ТрајковаКнижевностисторија,книги,книжевност,филозофијаКога зборуваме за ренесанса, речиси е невозможно а да не го сретнеме неговото името кое се вбројува во збирот од значајни автори. Еразмо Ротердамски во 1509 година ја создава книгата „Пoфалба на глупоста“. Прави обид да допре до правилното и изворното значење на Новиот завет, а притоа e сосема...Нова мисла на пресушената почва.