Како мирис на бисери дропчкани во аванче – Пиреј омаж кон осмата сезона на МакеДокс Патувачкото кино…

Тимот на МакеДокс порачаа: Од Порече до вечноста!

Македонски Брод и Порече
12-25 07.2017
Скраја од градската жега и комоција, во скриените катчиња низ Македонија секоја година пристигнуваат и нашите документарни приказни. И така опстојува една од најромантичните приказни на „МакеДокс“ – Патувачкото кино.
Годинава, Патувачкото кино шета низ околијата на Македонски Брод и Порече. Во местенца чии имиња понекогаш за првпат ги откриваме, сретнуваме очи што љубопитно шараат, усти што зборуваат дури и кога молчат, насмевки што се претвораат во спомен… Но, се сретнуваме и со самите себе, во некои други огледала, на воздух што повкусно мириса, под ѕвезди што појасно светат.

За раскажување има многу, ама зборовите како да си поигруваат криенка со нас, па едвај наоѓаме по некој за да ги објасниме неповторливоста на доживеаното и особеноста на живеењето без стрес, брзаници и онлајн муабети.Лани ние го каневме небото на муабет, годинава тоа нам ни се обрати. Ко што најавивме, нашите проекции блеснаа под најјасните ѕвезди на Поречкиот регион. Караванот на „МакеДокс“ заплови со проекцијата во село Крапа. Небото преполно со ѕвезди се претвори во небо со тешки и дарежлици облаци во Дојран, на Д-фест. Таму ни се придружија и докуникулците. Во прекрасната недовршена црква пуштивме повеќе филмови од планираното, за луѓето кои едноставно не можеа да си одат од кино. На крај и Али Фарка ни засвирија во спална!

Се вративме во магичното Порече, таман за да направиме еден заеднички ручек со луѓето од Девич! Кркавме превкусно девичко гравче, па изгледавме филм. Црешнево има поглед од милион рубљи, Требино има дожд, во Локвица имавме акустичен концерт под Кумовата Слама. Во Брест спасивме желка и ластовица од сигурна смрт, а ги израдувавме и најмладите со неколку анимирани филмови. Во село Косово бевме омилена мета на комарците, а со домаќините од Манастирец ја поминавме последната филмска вечер, ко што и доликува.

Ова патувачко кино е најочигледна шареноликост на размена на енергии, фри џез со суптилни ноти. Носејќи документарни приказни, нашето магаренце стигна и до 60-то село по ред, покрај ладната вода на Треска. Насобравме толку многу неискажливи искуства, разменивме неверојатно многу енергии, се изнаслушавме приказни, наполнивме душа.

Се гледаме на осмото издание на „МакеДокс“!

*Извор: МакеДокс
*Слики: Сашо Н. Алушевски
*Насловна слика: и.х.
*Англиска верзија
http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/DSC04534.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/DSC04534-150x150.pngИвана ХаџиевскадокуЛокум - кратко. слатко. онтолошки.документарен филм,македокс,македонија,филмски фестивалКако мирис на бисери дропчкани во аванче - Пиреј омаж кон осмата сезона на МакеДокс Патувачкото кино...Тимот на МакеДокс порачаа: Од Порече до вечноста! Македонски Брод и Порече 12-25 07.2017Скраја од градската жега и комоција, во скриените катчиња низ Македонија секоја година пристигнуваат и нашите документарни приказни. И така опстојува една...Нова мисла на пресушената почва.