Тимот на DARK-1 на 19 мај (сабота) во ВИНИЛ со почеток во 20:00 часот ќе ја промовираат својата игра ODIUM TO THE CORE, мистериозна и темна авантура која има својa оригинална DRUM’N’BASS & JUNGLE музичка позадина.

ODIUM TO THE CORE e натпреварувачка, side scrolling игра за која е потребно едно копче и е поткрепена со одлична музичка позадина. Со темна и монохроматска графика, најпрво дознајте ја мистериозната приказна за тоа како во светот на Одиум почнало да надвладува злото. Водете го ОДИУМ низ опасните и интензивни нивоа исполнети со музика која варира од експериментален микс на DRUM’N’BASS па сѐ до JUNGLE и откријте ги тајните за полесно да стигнете до решенијата.

Бори се против boss-овите и спречи го ширењето на злото во светот на Одиум преку 15 нивоа исполнети со предизвици, кои нудат различна средина и кривини кои тешко се фаќаат, но затоа пак ја прават динамиката при играњето свежа и интересна. Правилата се прилично едноставни; не потпаѓај на замките и достигни го јадрото во секој левел. ODIUM TO THE CORE e игра која лесно се учи, но тешко се поминува (ние си знаеме).
Но, токму тогаш кога мислите дека сте стигнале до крајот, се отвораат кошмарните варијанти на претходните петнаесет нивоа и овојпат има уште повеќе стапици без чекпоинти и парички. Кошмарните нивоа се изработени специјално за мазохистите жедни по предизвици, кои сакаат да почувствуваат вистинска фрустрација додека ја челичат својата перфектна прецизност.

Според првичната идеа ODIUM TO THE CORE е игра за мобилен телефон, па поради тоа истата се игра само со едно копче, мошне едноставно; стиснете го копчето за да се движите нагоре и пуштете го за да се движите надоле. Инспирирани од игрите како SUPER HEXAGON и GEOMETRY DASH, во кои музиката и дејството се соединуваат, DARK-1 создаваат интензивно искуство во кое брзата реакција и рефлексот се најважните особини. Меѓутоа, за разлика од овие два примера, во ODIUM TO THE CORE случувањата и интеракциите се синхронизирани со музиката.

Па така, пред вас има  дванаесет оригинални нивоа и три нивоа каде што треба да се натпреварувате со
boss-ови. Не се радувајте предвреме на овој blast from the past, ако имате тенки нерви. Секое од петнаесетте нивоа е направено според песните направени специјално за оваа игра.

Прототипот на ODIUM TO THE CORE беше претставен на Глобалниот Game Jam 2013 (Скопје, Македонија) каде што DARK-1 освоија првата награда. Оттука започнува и целата приказна на создавањето на играта од страна тимот (СИМОН СТОЈАНОВСКИ, МАРКО ЗАРЕВ, КРИСТИЈАН ТРАЈКОВСКИ, а подоцна и ЏОН МАРТИНЕЗ) кој најпрво беше другарска екипа од game-ентузијасти што подоцна се претвори во професионален development тим.

По повод промоцијата на играта, се одлучивме за едно мини интервју со тимот DARK-1.

Од каде дојде инспирацијата за приказната на ОДИУМ?

DARK-1: Симон Стојановски (артистот во Дарк-1) имаше стара анимација креирана за факултет каде што Одиум (главниот лик) се појавува како го корумпира срцето. Сега приказната е малку променета, тој е херојот но визуелниот дел на Одиум си остана.

Колку време ви беше потребно за да го создадете финалниот продукт како developers и колку време ви беше потребно да ја свртите играта како играчи (ама најреално)?

DARK-1: Одиум активно ја развивавме една година и три месеци, а да ја изиграме сите ни беше потребно различно време. Некаде околу 12 часа со сите кошмар нивоа. Да бидам искрен мислам дека сѐ уште имаме проблеми со поминувањето на тие нивоа иако се наша креација.

Многу важен елемент од самата игра е музиката. Од каде потребата за вакво спојување и зошто баш DRUM’N’BASE и JUNGLE?

DARK-1: Оригиналното демо креирано на Global Game Jam 2013 имаше DnB па решивме да продолжиме со тоа зошто е интересна и брза музика. Плус Андријан (Nemorosus Mens) и Круно (B.I.T.S) од Скопје ни направија многу добри траки за играта.

Која му е инспирацијата на Симон за да создаде ваква визуелизација?

DARK-1: Како што кажавме претходно играта се роди на Gamejam каде што најважно беше играта да изгледа убаво без да се изгубиме во детали и ситници. Заради тоа монохроматскиот стил беше совршен и веќе поставен како уметнички стил во некои познати игри како Patapon, Insanely Twisted Shadow Planet, Badland и други. Сепак главната инспирација беше Patapon, игра во која исто како Odium, музиката има важна улога. Исто така голема инспирација ни е и Genndy Tartakovsky , мислам дека сите пораснавме со неговите цртани (Dexter’s Laboratory, Samurai Jack) кои имаат огромно влијание врз нас сакале или не сакале 🙂

Кое е најтешкото ниво?

DARK-1: За сега гледаме луѓе кои го губат трпението и таа малку мотивација што ја имаат на последното ниво, добивме многу видеа, дури и по саат време, како некој се труди да го помине и како полека се спушта во поголемо лудило со секоја минута.
За тие неколку храбри, пробајте ја и кошмар верзијата од тоа ниво 😀

Што е одлучувачко за малите видео игри кои најчесто се независни проекти со помали буџети, сепак да станат препознатливи и да го привлечат вниманието; кој е најдобриот начин за брзо ширење на ваквите проекти кај публиката?

DARK-1: Да креираат игри лесно препознатливи. Секако добар PR и маркетинг тука се многу битни и како во се малку среќа. Луѓе кои креираат видеа на youtube и стримери на twitch се најдобриот начин многу луѓе одеднаш да дознаат за играта. Но добар PR и навремено контактирање на веб страни, блогери и се останато поврзано со игри е одлучно.

Како може да се дојде до играта?

DARK-1: Играта можете да ја најдете на Steam за PC, Amazon app store за Android, Apple app store за Iphone и на нашата веб страна.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/31934576_2133132720253282_5857104544311279616_n.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/31934576_2133132720253282_5857104544311279616_n-150x150.jpgWhite RabbitRed PillDnB,gamejam,jungle,видео игри,визуелна уметност,гејмање,графика,интервју,критика,македонска сцена,ревизија,сценариоТимот на DARK-1 на 19 мај (сабота) во ВИНИЛ со почеток во 20:00 часот ќе ја промовираат својата игра ODIUM TO THE CORE, мистериозна и темна авантура која има својa оригинална DRUM'N'BASS & JUNGLE музичка позадина. ODIUM TO THE CORE e натпреварувачка, side scrolling игра за која е потребно едно копче и...Нова мисла на пресушената почва.