Романот Одбројување на Фросина Пармаковска е нашиот избор за денешната книжевна манџа. Фросина има објавено три романи, Пишувајќи ги изгубените топки, Вишнова хроника и нејзиното најново дело ,Одбројување, кое можете да го најдете во ИЛИ-ИЛИ.

Трите кратки извадоци од романот кои можете да ги прочитате, ги навестуваат клучните теми со кои текстот се занимава. Користејќи се со женскиот глас, романот ја отвора темата на менталната болест и конзервативната средина, насилството и женската сексуалност, мајчинството, љубовта, пријателството. Со помош на добро изградените и комплексни ликови, нивните меѓусебни врски и семејни односи, може да се каже дека делото нуди верна слика за современата македонска реалност. Тонот на романот, кој го оправдува насловот, исчекувањето, одбројувањето, напнатоста со која е презентирана приказната, создаваaт дело кое се чита во еден здив.

***

Тука некаде беа и првите знаци што ме натераа, повеќе интуитивно да се посомневам дека нешто се случува, мојот маж не е само љубоморен и нема проблем само со мене, нешто поголемо се случува, чувствував, не знаев што точно, некој за мене непознат гнев, мистерија, како уште малку да фалеше да го видам, да го сфатам. Како во играта што ја игравме како деца кога едниот играч го крие предметот, а другиот со добро врзани очи го бара низ точно прецизиран простор. Фер правилата диктираат тој што го крие предметот додека овој што го бара се движи наоколу како мува без глава низ собата удираќи се во околината, да му ја сугерира близината на скриениот предмет низ четирите прилози кои упатуваат на температурните разлики: ладно, млако, топло, жешко. Кога играта ќе дојдеше до жешко, жешко, жешко, крајот е неминовен и предметот со сигурност ќе биде најден. Во тој момент јас бев некаде во топлото.

Но, како и во повеќето игри, и во оваа постои простор за мамење од позиција на оној што ја добива задачата во играта и, во овој случај, тоа би било ѕиркање низ марамата со цел избегнување на сопнување низ просторот и, секако, полесно наоѓање на предметот.

***

Го гледам уште дека е точка што додека ги подготвувам парите за таксито се претвара во човек што ме чека. Излегувам и сретнувам човек што ме прегрнува, ја зема мојата рака и ја става на неговите гради, му чука срцето. Не мора да ми каже дека едвај чекал да ме види, ниту дека изгледам убаво, ниту дека сака да ме гризне по вратот додека го испуштам најсилниот, последен здив на задоволство, не мора ниту да ми рече дека е среќен, не мора да ми рече ништо. Не мора да ме праша дали спијам со мојот маж, како воопшто се однесува тој во врска со тоа, ниту колку го мразам кога тој ме посакува и нема да му кажам дека тоа се случува ретко, по оној бизарен ручек ниту еднаш, а последните пати претходно кога на мојот маж му доаѓа неговиот нагон, јас сум сува, а тој ужива во тоа што сум сува затоа што знае дека ме боли. Тој е силно убеден дека низ болката ми помага на овој свет да се искупам колку што е можно повеќе, во најдобар случај целосно и ретко кој човек ја има таа можност да се исчисти тука, јас се чистам за тоа што му работам зад грб, што соработувам со сите оние што сакаат да му ја парализираат мислата, за сите други нелојалности и за сите слики што ме влажнеле додека тој одел на работа, пријатели мои, пријатели негови, пријатели на татко му и на брат му, продавачот во пекарата што секогаш ми го подаваше лебот со насмевка, пазарџиите што ми ги бираа најубавите зеленчуци и овошја, Иван што ме викаше на пиво по испитот: сето тоа ми го елаборираше мојот маж кога ме учеше да ја поднесувам болката и не можев да не го мразам поради тоа, не знам дали повеќе заради самата болка или заради тоа што јас тогаш никако не бев виновна.

 ***

ПЕТ. На море првпат бев кога имав пет години. Сами, јас и мама во едно гратче на Јадран. Мама беше продавачка во Стоковна и не можевме да си дозволуваме многу патувања, но тоа, таа една недела ни исполнуваа сонувања тешки колку стотици неотпатувани патувања. Сами сме и речи и ич да не се дружевме со луѓето од нашиот автобус, кои воедно ни се и соседи во вилата, доволни сме си јас, мама и стариот фотоапарат. Се пентериме по карпите со по еден сендвич в рака, а другата рака – рака за рака. Мама стапнува на срча, јас се плашам да не умре од тоа, и’ се згрчува цело лице и и’ бликнува крв од петата, но таа ме погледнува за да види дали сум видела и сретнувајќи ги моите исплашени очи, таа почнува да се смее на цел глас и да ми вели да видам, може и да игра и потскокнува на повредената нога – не знам дали само за да не се исплашам или, пак, ме учи да бидам силна.


http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/odb_korica2-2.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/odb_korica2-2-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџаОстанатожени,живот,интимност,книги,македонија,македонски автори,феминизамРоманот Одбројување на Фросина Пармаковска е нашиот избор за денешната книжевна манџа. Фросина има објавено три романи, Пишувајќи ги изгубените топки, Вишнова хроника и нејзиното најново дело ,Одбројување, кое можете да го најдете во ИЛИ-ИЛИ. Трите кратки извадоци од романот кои можете да ги прочитате, ги навестуваат клучните теми со...Нова мисла на пресушената почва.