Брзам да стигнам до бифе на ФДУ. Сабота е, некоја минута пред дваесет часот. Не стигнувам ни да се поздравам со тие неколкумина што стојат пред и околу бифе туку само ја кревам раката да ги отпоздравам и да запрашам кога ќе влезат. На влез има масичка, шапка, некакви прашалници и оставени пенкалца. Отворам новчаник, ставам пара во шапката, земам лист и влегувам. Во бифе веќе не се дише зошто буквално нема каде да фрлиш игла. Секое место за седење е исполнето, а има и луѓе кои стојат потпрени по ѕидовите. Во овие мигови ја обожавам мојата компактност од метро и желба за растење и некако наоѓам место, ама подоцна се префлам да седнам на под заедно со уште неколкумина пред просторот определен за изведба. Просторот определен за „НаСТАП“ на Импров група.

Би рекла дека „Настап-от“ почнаа околу дваесет часот и десетина минути, а кога завршија не знам. Никогаш не го проверив телфонот за време на изведбата, ниту подоцна во текот на вечерта. Смеење. Смеење од срце на дозиран хумор, ама така умешно споен.

Пецкаво интригирачки беше уште воведот на Андреј Цветановски претставувајќи ја идејата за настанот, импро-актерите и себе како водител на истиот.

Кога на првата импровизација темата беше октопод, јазикот за импровизирање италијански на двајца од актерите, а уште двајца актери правеа синхронизација на македонски, толку беше добра сцената што за миг наместо на импро настан помислив дека се наоѓам во опозиционо кабаре на двојазичнава мајка татковина.

Октоподите се обично метафора за мафија и кај нас се спомнуваа уште многу одамна во една романтична борба спрема организираниот криминал. Денес еден таков италијански октопод се сомничи за виновен за смртта на истражувачкиот новинар Јан Куциак од Словачка. Се прашувам на колкумина во публиката им прелета оваа мисла низ главата, но не се задржувам долго на тоа бидејќи екипата продолжува со следна точка и се навистина добри.

Иако импровизацијата е спонтаност некои од игрите изгледаат повеќе или помалку увежбано или како да се присеќаваат на некое нивно заедничко нафрлање идеи. Сепак публиката ужива во секоја измината минута. Играта е чиста и искрена, креативна и флексибилна. Речиси певлива.

И во самиот опис на настанот беше нагласено дека: Театарската импровизација е корисна вежба за развивање на актерската креативност, довербата во партнерот и можност за развивање на конкретни секојдневни и несекојдневни драмски ситуации.

Сергеј Димовски, Тони Денковски и Дамјан Цветановски се веќе уиграно актерско трио, вклучувајќи го како четврт член Андреј Цветановски како режисер. Нивната заедничка претстава „Приказните на заборавените претци“ е најелоквентен пример за тоа дека театарот не го прават скапи сценографии или странски текстови туку актери кои си веруваат, а приказната ја наоѓаат од ризницата на домашното творештво, надоградувајќи ја, инспирирајќи се и творејќи нешто свое и заеднички. Таквите претстави како нивните „претци“ се она што ја сочинува душата и му ја дава магијата на театарот и така тој наоѓа начин да опстои.

Овојпат дополнувањето на екипата со Григор Јовановски и Мартин Манев ја зголеми уште повеќе динамиката на групата и создаде уште поширок круг на творци и публика која ќе ги следи и очекува следните Настапи.

Насловот на ова мало писание е преземен од биографијата на кабаретистот Вернер Финк -Alter Narr-was nun. „И да го удревме најмалото ѕвонче со најмалиот чекан, тоа знаеше да предизвика ефект на огромен саат-будилник – за разлика од денес, кога можеш да го удираш и најголемото ѕвоно со огромен чекан за кршење камен, а луѓето прашуваат ‘Немаше некое ѕвонкање некаде?’. Атмосферата во нашето кабаре се загреваше од стравот на публиката, што еруптираше со ослободувачка смеа и ми донесуваше еден прекор по друг.“

Иако „НаСТАП“ на Импров групата беше по себе аполитичен, јас навистина би се радувала кога уметниците ќе си ја повратат во целост слободата преку сатирата.

Замислите колку ќе биде силен аплаузот кога некој на сцена ќе праша: Што се нивните пајаци, наспрема нашите вицеви?

Глумци на здравје, а и тебе публико.

Штом еднаш се осмеливте, веќе не запирајте!

Марија Павлеска

Импров групата на 29.03, повторно ќе ја одржи својата играрија.

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/coveeeeeeeeeeeeer-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/coveeeeeeeeeeeeer-150x150.jpganonimenКнижевностгостински пост,критика,култура,македонска сцена,Марија Павлеска,постмодернизам,театар,уметностБрзам да стигнам до бифе на ФДУ. Сабота е, некоја минута пред дваесет часот. Не стигнувам ни да се поздравам со тие неколкумина што стојат пред и околу бифе туку само ја кревам раката да ги отпоздравам и да запрашам кога ќе влезат. На влез има масичка, шапка, некакви...Нова мисла на пресушената почва.