Прво како твит, па како идеологија, па како #Љубов. Прочитајте неколку песни од збирката поезија МНОГУДЕТНА на @therealpsmst, за да ви се стоплат препоните и оладат главите. Издадена преку PMG Recordings, книгата можете да ја симнете тука, додека истата е достапна и во книжарницата ИЛИ – ИЛИ.

Многудетна

Роди ми едно
да биде вредно
да копа ораници, ниви
да сади праски, сливи

Роди ми второ
да го чува домот
имотот да го пази
од непријатели разни

Роди ми трето
да го шета светот
да го шири нашето семе
и во време и во невреме

Роди ми и женско
само да не биде дрско
понизно да слуша
да биде закопчано до гуша

Роди и уште едно
а можеби не последно
долгот ќе стаса
за партија ќе гласа


Повикување на хероите

Дојди мажу,
со векови сама шетам
да се сплотиме во едно
веќе не можам да чекам

Дојди лаву,
поведи ме за рака
под сонцето на Вергина
многу ми се сака

Дојди Македонецу,
блесни со крстот твој
нов пат пред мене се отвора
ти си спасот мој

ПС. Мала песна подарок.
Напишана од женска рака.


Разгледница од Дебар Маало

Со другар од детството
седиме лабаво така
во Наџак или кај Перо
на ракија и салата

И ми вели меѓу две голтки
отсега секс без обврски
само со девојки сигурни
со деца на број барем три

Го погледнав малку зачудено
другаров да го викаме Влатко
ама знам има кондиција тој
не се пијани вака за кратко

Па го оставив да ја изложи
својата теза како што бидува
со аргументи и докази како што
секој кафански експерт милува

Види братче, рече самоуверено,
тие веќе исполниле квота
џвакам и слушам заинтересирано
сега се тие лесна за качување кота

И плус братче субвенции земаат
и така имаат екстра пара
деца веќе не им требаат
ама пичката уште кур им бара

Келнерот тогаш донесе нова тура
и го начу муабетов возбудлив наш
намигна, рече – тоа држи вода,
четврток вечер бакшишот е таков баш

Продолживме да бодеме ќебапи
и пиво точено како што доликува,
а Влатко спроти мене продолжи
триумфално и бучно да ликува

Допиј братче и да одиме пред Коле
кај и да е завршува час четврти
ќе видиме кои деца петка добиле
и која мајка е добра да се преврти

По некое време пиво бројано
тргнавме со пијан чекор
се свртев по млади што нѐ разминаа
но Влатко ми упати остар прекор:

Не ли слушаш што ти зборам бе?
Таквите кондомите ги сечат.
Стрпи се ќе им дојде и ним редот
штом од државата за успех добијат печат.


Родителска

Нашата армија – слаби раце
тежок товар
од ветено богатство

Нашата армија – гладни усти
обрач што се стега
околу врат и струк

Нашата армија – уплашени очи
маг лива иднина
која што брои ситно

Нашата армија – деца
храната им ја изедовме
слободата им ја прокоцкавме

За да има за што да се борат


Галење

Остани уште малку во таа положба
докторот рече така поубаво се фаќа
не е ова само моја заложба
време е што зедовме на државата да се враќа

Не мрдај, драга, не се поместувај
остави семето корен да ‘ рти
нашиот кревет проект наговестува
ние милно се ебеме, владата силно не трти


Можеби

Кога ги читам сите овие песни
ми доаѓа да се прашам
дали хумор има секогаш кога од
времето во кое живееме се плашам

Што е ова што се случува со нас
што молчиме и гледаме на страна
додека општеството фабрика прави
од жената како таа да е суровина

Знам, глупо е да се надевам дека
идните генерации ќе ни простат
но сигурен сум ќе се прашуваат
каде ни била храброста

Можеби таа во смешките се крие
Можеби таму скриена чучи
Можеби и конечно ќе се исправи
Можеби во борба ќе се вклучи

Дотогаш како – не знам ,
а се надевам дека ќе има време
да се смееме можеме барем
додека нашата храброст дреме

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/10678678_688318334570801_8174900889855449132_n.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/10678678_688318334570801_8174900889855449132_n-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџаОстанатокритика,македонска сцена,македонски автори,постмодернизам,приватност,сатира,слобода,тоталитаризам,традицијаПрво како твит, па како идеологија, па како #Љубов. Прочитајте неколку песни од збирката поезија МНОГУДЕТНА на @therealpsmst, за да ви се стоплат препоните и оладат главите. Издадена преку PMG Recordings, книгата можете да ја симнете тука, додека истата е достапна и во книжарницата ИЛИ - ИЛИ.Многудетна Роди ми едно да биде вредно да копа ораници,...Нова мисла на пресушената почва.