Маргарит Јурсенар е француски романсиер и есеист. Тригерот во нејзините дела се сегменти од минатото сместени во нова утопија. Уште од најрана возраст пројавува интерес за грчко – римската култура. Нејзиниот интерес кон ориентот и стариот свет се рефлектира во нејзиното творештво. Конкретно книгата „Пламени“ или „Огнови“ (се оградувам од преводот) која е напишана во 1935 година. Исклучително редок наратив кој зборува за една возвишена убавина. Како да се зборува за љубов, а да не се насетува патетика или преовеличување? За Јурсенар оваа книга е плод на нејзината младост, слика на млад човек соочен со кризи на идентитет предизвикани од страста. Затоа целиот наратив изгледа како збирка на меѓусебно поврзани љубовни писма. Иманентни импликации на страст, мудрост, младост прикажан низ внатрешиот пламен, преку зборови. Го учи ли Маргарит Јурсенар читателот дека пламенот не згазнува? 

Девет приказни, девет ликови. Федра, Ахил, Патрокло, Антигона, Лена, Марија Магдалена, Федон, Клитемнестра, Сапфо. Пред секој прозен дел стои краток вовед, неколку исповедни реченици. Но, преку рационален пристап сфаќаме дека воведните делови се навестување на едно подлабоко поимање на поимот љубов, поимање на самите себе и светот околу нас.

Лирски збир со нераскинлив тек. Осовременување на љубовта преку класична митологизација. Примената на ликови од митологијата, Јурсенар ја користи давајќи им глас, давајќи им чувства преку кои ги гради новите раскази. Истовремено, чувствата изразуваат и многу критички елементи. Хаос. Сите ликови се превземени од грчката митологија, освен ликот на Марија Магдалена. Суптилно ја осовременува смислата на тоа минато, преку длабинска деконструкција. Обидот да се модернизира една митолошка слика е навистина комплексен процес, но таа умешно успева во тоа. Поврзаноста меѓу нив е како еден вид наговестување за тоа што ќе се случува во секоја наредна приказна. Сите митски елементи кои се евоцирани во приказните го модернизираат минатото. Античкото понекогаш и не е толку видливо, освен преку клучните имиња на ликовите.

„Немам од што да се плашам. Го допрев дното. Од твоето срце не можам да паднам пониско.“

Кој би го поврзал овој контекст со класичниот мит за Ахил и Патрокло? Многу познати ликови од Хомеровата „Илијада“, ликови видени не само кај Хомер, туку вечна инспирација и на многу сликари, склуптори, писатели. Во расказот за Ахил приказот на симнувањето по скалите на кулата преку Ахил и Мисандра врзува впечатливи описи на една некарактеристична игра на комуникација на двата лика.

„Ги поднесувам твоите недостатоци. Се помируваме со недостатоците на Бог. Го поднесувам твоето отсуство. Се помируваме со отсуството на Бог.“

Доколку треба да се зборува за стилистичките карактеристики во книгата би требало да се каже дека алтернативниот начин на кој се превземени класичните ликови и приказни подеднакво одделени од минатото на кое припаѓаат е изведено на маестрален начин. Иако со многу апстрактен приказ, донекаде можеби и со елемент на претеран експресионизам, сепак со цел да не се разводени ниту една емоција или жар кој авторката се обидува да го прикаже.

Клитемнестра

„Љубовта е казна. Казнени сме да не би можеле да бидеме сами.“

„Треба да се љуби за да се навикнеме на опасноста поради тоа да патиме. Треба многу да те сакам заради тебе да останам способна да болувам.“

„Страв од нешто? Стравувам од тебе.“

Доколку се земат во предвит карактеристиките кои ги знаеме од грчката митологија за Микенската кралица Клитемнестра или попозната како Агамемновата жена. Мајка на Електра, Ифигенија и Орест, во Агамемново отсуство, Клитемнестра врши прељуба со Егист и заедно кројат план како да го убијат Агамемнон. Постојат повеќе верзии на тоа убиство. Дека Клитемнестра го убива Агамемнон сама, друга верзија е дека Егист го убива Агамемнон, а последната верзија говори дека тоа го сториле заедно. А од друга страна, пак, впечатлив е податокот дека кај Хомер, Клитемнестра е прикажана како слаба и подложна жена, а кај Ајсхил е прикажана како манипулативна. Клитемнестра од расказот на Јурсенар, е ставена пред суд за убиството на својот маж. Претставено преку нејзин монолог, праќа силни пораки за соединувањето на старото со новото. Објаснува зошто го убила, и колку претходно го сакала. Се обраќа кон судот и вели дека нема ниедна меѓу жените која барем еднаш во текот на ноќта во својот живот не сонувала да биде Клитемнестра. Овде е претставена како жена која се покајува, која како повеќе да се оправдува, да се брани. Јурсенар на позајмените ликови им дава шанса, им дава искреност со која може да ги оправдаме нивните постапки. Ако мажот може да изневерува додека е во војна, може и таа. Го поставува прашањето дали прељубата е само очајнички облик на верноста? Гневот кој е присутен во античкиот мит го има и овде но поедноставен. Гневот и желбата за освета е клучен момент во монологот на Клитемнестра каде објаснува како го убила Агамемнон а потоа и неговата љубовница. Интересен е фактот дека Јурсенар внесува и христијански елементи кога на Клитемнестра и дава особина на жена која бара правда од Господ, зборува за рај и пекол.

Марија Магдалена или спас

Во овој расказ се задржува на преданието за Марија Магдалена. Блискиот исток е видлива инспирација во таа приказна, но сепак е ставена на маргините на апокрифните евангелија, а исто така воочливи се многуте метафори или семантички двосмислености кои теоретичарите сметаат дека се воведуваат во неа по малку и анахрониски модернизам. Ова е единствениот расказ, единствената приказна со библиски конотации. Познатиот библиски лик Марија Магдалена има обраќање, се опишува самата себе, го спомнува Христос, Св.Јован и сл. Неможноста Јован да ја засака како своја жена, ја напуштил на самата брачна ноќ. Некоја вечер на Јован му се појавил Бог кој го повикал три пати и нарачал да му претпостави некоја жена која ќе му служи. Така таа станала Марија Магдалена. Повторно приказ на тенката граница минато – сегашност. Иако има огромна временска дистанца сепак авторката не дозволува тоа да е толку воочливо. Додека Христос се движел низ Ерусалим е претставен како обичен смртник. Маргерит Јурсенар ја опишува Марија Магдалена како жена која се препуштила на Господовиот пат. Неа не ја спасил ни од смрт, туку ја спасил од среќата.

Федра или безнадеж

Федра, жената на Тезеј. Се вљубува во неговиот син, Хиполит. Додека таа се бори против нејзините грешни страсти, пристигнува лажната вест за смртта на Тезеј. Таа му ја признава својата љубов на Хиполит, но кога веста за смртта се покажува дека е лажна Федра го наклеветува Хиполит пред татко му. Кога Федра дознава дека Хиполит всушност сака друга, а не неа љубомората ја наведува до го спроведе тој план. Но покрај се’, Федра сепак чувствува грижа на совеста и доза на каење, и пред да се отруе решава да му ја каже целата вистина на Тезеј. Јурсенар Федра ја прикажува како жена која се откажува од своите сонови и семејство и се препушта само на своите спомени. Расеано се омажува со Тезеј, но гледајќи го Хиполит кој е син на Тезеј се потсеќа на секира со две острици. Љубомората расте во неа, нејзината љубов кон него почнува да се засилува, бара било каков начин да не е така , да најде нешто зло во него но не успева. Во постелата на Тезеј има горко задоволство да го изневерува оној кој го сака, а во фантазијата оној кој не го сака.  Своето тело го доживува како сопствен пекол. Станува вдовница, конечно може да плаче а да не ја прашуваат зошто. Ослободена од Тезеј, својата нова надеж ја носи како срамна постсмртна бременост. Се предала на политиката за да се одвои од себе.  Но, Тезеј се враќа. Се’ се променува, и таа со радост измислува дека Хиполит ја силувал додека Тезеј го немало. Станува имуна самата на себе, зема отров и се препушта на смртта. Но пред да умре се исповедува за последен пат да го доживее тоа задоволство зборувајќи за својот грев. Нејзините последни зборови ќе се одлепат од нејзините усни. Без сомнеж, кажува благодарам. И Расин во неговата трагедија, инспириран од Еврипид, Федра ја прикажува на драматичен и трагичен начин слично како Јурсенар. И овде се доловува значењето на главниот лик т.е сега и низ женска перспектива ја ставаме во рамка сликата за единствената Федра. Без надеж, без сомнеж гревот е прикажан, суштинскиот антички мит за Федра во овој случај е со поразлични контури. Федра дури е прикажана како многу позлобен лик од античката Федра. Многу по отворено се гледа таа развратност која ја има и во делото на Расин.

Антигона или избор

Антигона, потекнува од познатиот мит за Едип, а воедно е претставена и во античката трагедија на Софокле. Нејзин татко е Едип, син и маж на нејзината мајка Јокаста.

„Нема јалови љубови. Поради тоа секое внимание е излишно. Кога те напуштам, длабоко во мене има болка, како некој вид ужасно дете.“

Омразата ги заразува душите. Антигона е прикажана како осамена жена, која ги поднесува стрелите од Аполон. Го следи својот татко, кој истовремено е нејзин постар брат, на патот на прогонството. Нема мир додека не го види дека почива во ноќта поконечна од човечкото слепило. Го одбива Тезеј со неговата милостливост кој и нудел облека, место во колите кои би ја вратиле во Теба. Тргнува сама по отвореното поле. Се движи кон Теба како што Св.Петар се враќал во Рим. Чека на поразот за да победи, како несреќата да е божја казна. Единствено таа ја примила како дар обврската да страда. Јурсенар ја претставува како жена со просјачки раце, со замрсена коса и валкана облека. Со нејзината побожна приврзеност ги објаснува Едиповите ископани очи на милионите слепи луѓе. „Светлоста не се убива, можно е само да ја задушат“ . Антигона е во агонија!

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/Untitled-11-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/Untitled-11-150x150.pngИрена ТрајковаКнижевностљубов,анализа,жени,идеологија,историја,книги,книжевност,критика,литератураМаргарит Јурсенар е француски романсиер и есеист. Тригерот во нејзините дела се сегменти од минатото сместени во нова утопија. Уште од најрана возраст пројавува интерес за грчко - римската култура. Нејзиниот интерес кон ориентот и стариот свет се рефлектира во нејзиното творештво. Конкретно книгата „Пламени“ или „Огнови“ (се оградувам...Нова мисла на пресушената почва.