За докуљупците, после Полскиот викенд-пикник следуваат овогодишните MakeDox денови…

//

Мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс е „Реалноста режира, ние правиме филмови“  со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Во тој правец на МакеДокс 9 ќе бидат одржани две филмски работилници и двете ќе се случуваат во Музејот на современата уметност во Скопје. Бесплатни се и отворени за филмаџии во ограничен број. Ќе се зборува на англиски јазик, а ќе ги модерира Петра Селишкар.

[Makedox 9]

Работилниците за режирање реалност ги замисливме како рефлексија на професионалните искуства, идеи и визии на двајца признати режисери за документарниот јазик како средство за изразување, споделување знаење, сеќавање и мисли. Или поинаку кажано, како неповторлива можност за инспиративни и широкогради разговори и за размена на ставови околу сложената уметност на режирањето реалност.

Во светот на режирањето реалност ќе нè воведе Пирјо Хонкасало од Финска. Работилницата е организирана со поддршка од Media Creative Desk Macedonia и ќе трае три дена (17-19 август), секој ден од 10 до 13.30 часот. Пирјо Хонкасало е призната и многупати наградувана режисерка и сценаристка на документарни филмови и е првата финска филмаџика која снимила игран филм. Таа е членка на Американската филмска академија со над 30 ретроспективи низ целиот свет.

[MakeDox 9] „Реалноста режира, ние снимаме филмови“
Pirjo Honkasalo MD 2018

На втората работилница „Режирање реалност“ на Војцех Старон од Полска, која ќе трае од 20 до 22 август, учесниците ќе (на)учат како да разговараат со публиката користејќи подвижни слики и едноставност. Војцех Старон е полски снимател и режисер на документарни филмови кој студирал на престижната филмска школа во Лоѓ. Неговиот „Аргентинска лекција“ е меѓу најнаградуваните документарци во поново време. Член е на Европската филмска академија и на Полското здружение на сниматели. На Берлиналето во 2012 година ја доби „Сребрената мечка“ за најголеми остварувања во кинематографијата, а на „Браќа Манаки“ во 2013 година се закити со „Бронзената камера“ за филмот „Кукла“. Работилницата се случува со поддршка на Филмската фондација на Краков.

[MakeDox 9] „Реалноста режира, ние снимаме филмови“ 1
Wojciech Staron MD 2018

***Учеството на работилниците е со најава однапред со испраќање на основните податоци (име и презиме, професија и возраст) и со објаснување како ова искуство би ви користело понатаму во животот. Пријави се на festival@makedox.mk најдоцна до 15 август!

На Македокс 9 ќе се реализира и фотографска работилница за таканаречениот „мокар колодиумски процес“, постапка која во фотографските кругови е позната како „мокра плоча“, со која се навраќаме на старите фото-технологии. „Мократа плоча“ е фотографски процес од 19-тиот век. Работилницата ќе трае 4 дена, од 18-21 август, и ќе се одржува во Куршумли ан. Предавачи на работилницата се Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија. За време на фестивалот и посетителите ќе можат да се фотографираат на „мокра плоча“.

[MakeDox 9] „Реалноста режира, ние снимаме филмови“ 2

Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс веќе имаше своја најава со настанот Полски пикник, кој се одржа на 11 август во Музејот на современата уметност во Скопје, и кој донесе десет наградени документарни филмови од Филмскиот фестивал во Краков. Настанот беше поддржан од Филмската фондација Краков и Амбасадата на Република Полска во Македонија.

[Makedox 9] 3

Деветтото издание на МакеДокс ќе биде отворено на 16 август и ќе трае до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/08/Polski-piknik-2018-01-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/08/Polski-piknik-2018-01-150x150.pngИвана ХаџиевскаВизуелнодокуЛокум - кратко. слатко. онтолошки.документарен филм,македокс,Скопје,филмски фестивалЗа докуљупците, после Полскиот викенд-пикник следуваат овогодишните MakeDox денови... // Мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс е „Реалноста режира, ние правиме филмови“  со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Во тој правец на МакеДокс 9 ќе бидат одржани две филмски...Нова мисла на пресушената почва.