МАКЕДОНКА

Орган на антифашистичкиот фронт на жените во Македонија

 I ЧУДНО НАСЛЕДСТВО или археологија на архивите

Што е Историјата? Како всушност учиме од неа, или можеби тоа е погрешно прашање зад кое нестрпливо се поставува – дали и како е тоа возможно?

Кога како субјект на сегашноста стапнуваме во архив [отелотворено складиште на минатото, субјект на минатото], поради сета наша конструирана перцеција на моменталниот историски темпорум, во архивскиот простор стануваме надворешен елемент. Во тој момент, започнува нашата археологија на архивот, најпрвата и елементарна задача во било кое истражување на минатото.  Без разлика колку архивот е омеѓен во бирократски или национални рамки, тој е жив процес на складирање кој во својaта примарна суштина, исчистена од сé останато, има за цел јавно и критичко мислење на човечкото минато.

Во археологија на македонската историја на жените, во нашите архиви се среќаваме со едно чудно наследство. Чудно не поради неочекуваноста од него, туку поради очуденоста со која неговите содржини не затекнуваат во сегашниот историски и политички момент.

Со „раскопувањето“ и „откривањето“ на МАКЕДОНКА – првиот весник на македонските жени, за прв пат издаден во ноември 1944, стои за цел една всушност многу едноставна задача, ослободена од претенциозен академски или политикантски поглед – отворање на нова дикусија. Таа дискусија се однесува на нашето колективно знаење и меморирање на првото масовно движење, политичко вмрежување, и целокупно учествување на жените во градењето на новиот [нивниот?] свет.

Потребата од ново предочување на дел од женската археологија (антифашистичкиот фронт на жените), расте со фактот дека се работи за еден од првите македонски весници од тој период, кој директно се однесува и произлегува од темелите на државата чии жители сме денес.

Како денес да ја читаме МАКЕДОНКА [избегнување на историографските замки]

Во моментот кога покренуваме дискусии за вакви теми, добро е да внимаваме и да се чуваме од  неколку историографски замки:

Во предходниот пасус, расчистивме дека тоа минато на македонските жени не смееме да го заборавиме – тоа е погубно. Доколку ја отфрлиме историјата на АФЖ, го отфрламе целокупното историско искуство и можноста за користење на нeговите плодови;

Втората погубност е негова монументализација. Ако буквално го читаме како панегирик на едно време (дословно, време на вонредната ситуација, воено време со сета своја идеологизација) никогаш нема да ги разбереме овие жени и што ги гонело.

И на крајот, да бидеме предострожни пред аисториските интерпретации за тој период. Националистичките ревизионизми и повампирувањето на антикомунизмот, беа толку потребни при воспоставувањето на демаркационата линија меѓу тоталитаризмите на истокот и демократијата на западот која со својата економика наводно требаше да го донесe крајот на историјата.

Исечоци:

II ЖЕНИТЕ МАРШИРААТ – феминизам и заговарање еманципација во ’44

Ноември 1944, бр.1 год.1 

НАШИОТ ПАТ

Македонската жена, како и жената на останатите народи на Југославија денес е полноправна граѓанка во нашата татковина слободна и федеративна Југославија. Тоа значи да она има право на еднакво участие во целиот државен, производствен и културен живот.

(…) во извојувањето на тие три големи придобивки: создавање на единствен македонски народ, изградување на македонската војска и створувањето на македонската држава, македонската жена стоеше рамо до рамо со својот маж, татко и брат. Тие напори се дело и на македонската жена. (1)

 

Од друга стана, за да ја „читаме“ содржината на МАКЕДОНКА, многу ни се потребни предзнаења за општата, но и политичко-партиската историја на АФЖ (2). Далеку од тоа дека оваа еманципација претставува крај на патријархатот, но со пратењето на медиумите од тој период [голем број на весници и гласила низ цела Југославија – Жена во борба, Нова жена, Глас и сл.] приметливо е женското претставување како рамноправен политички субјект: тие се борци, работнички, болничарки, народни херои, а како мајки никогаш не се пасивни сведоци. Новата жена, во крајна линија „Југословенката“, не требало да биде ни србинка, ни хрватка, ни муслиманка, ни македонка туку модерна, образована, пожртвувана и одлучна во „новиот свет“. Ова не треба да не буни околу насловот – погрешни се денешните ревизионистички тези кои тврдат за насочување кон анационална историја и размисла како намера во тој период. МАКЕДОНКА е посвета на македонските жени.

Сепак, кога се зборува за АФЖ треба да се започне од основната генеричка нишка, а тоа е фактот дека во неговото формирање тој не беше насочен кон женските прашања, туку кон собирањето и организирањето на волонтерската енергија на милиони жени – да се осигура и извојува победа над фашизмот и сложената матрица односи на моќ меѓу силите за време на Втората Светска Војна.

Земајќи го предвид ваквото социо-политичко миље на една вонредна состојба [војната] [3], во каков однос се модернизацијата, еманципацијата и патријархатот? Во следниот исечок од Македонка имаме еден вид програма за дејствување кон тие прашања:

„Да го зајакнеме антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. Кон целосно ослободување:

[задачи за целосно ослободување на жената под револуционерно организирање ] – АФЖ [4]

  1. Мобилизирање на сите жени за избркуење на германците од сите краишта и за ослободување на цела наша татковина.

[…] Голем недостаток се осеќава во нашата санитетска служба за нашата земја, како на фронтовската линија, така и во големите болници. Телефонска, шоферска, радиографска служба и сличните служби имаат потреба од вклучување на жени, кои што ја знајат таа работа или што ќе ја научат на соодветни курсеви кои ги организира женскиот фронт.

  1. Да се зајакне и прошири досега постигнатото единство на жените. Тоа е остварено единство на жените од разни политички гледања, вери и народности […]

Притоа ќе треба да се ослободиме од тесноградото и за борба штетното гледиште дека секоја жена што до вчера не била со нас, или секоја жена  што до вчера можеби не верувала во нашата победа, денес да ја примиме во нашиот фронт. (…)

Остварувајќи го единството меѓу себе, македонските жени треба да го зајакнат до крај своето единство со останатите жени од Југославија – со своите сестри од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и Босна.

  1. Активирање на сите македонски жени во организирањето на народно-демократската власт, во изградувањето на младата македонска држава. […]

Тоа свое со борба извојувано право, нашата жена мора да го утврдне со своето масовно, најактивно и смело учествување во целиот државен, привреден, политички и државен живот. Жената ќе мора сосем да се ослободи од вековното ропство создавано во нејзината психологија независност и неиницијативност. […] Да стане жената смел градител на нашата држава, тоа значи да ги затврдне сите оние придобивки на борбата кои  осигуруваат среќен и радосен живот на најзините деца и неја самата.“

После ова, согледуваме дека за женската еманципација од патријархатот, на просторот на Југославија, може да зборуваме само низ контекстот на социјалистичката држава и воспоставувањето на нејзините правни и економски институции. Денес за некои е незгоден залак за проголтнување, но неспорно е дека модернизацијата ја носи социјализмот по 1945 година. Самиот влез на жените во опшествената сфера, заради потребите на урбанизација, идустријализација, обнова и изградба, значело сериозно нарушување на патријархалните норми.

„НОВАТА УЧИЛИШНА ГОДИНА ВО СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА

Училиштето – дом за сите слоеви„ [5]

Модернизацијата за која предходно се кажа, е спороведена најпрво низ едно масовно општо образование на сите, со најголемо внимание кон жените.

Интересно е потенцирањето и поврзувањето на мајката како генератор на мајчиниот јазик (македонскиот јазик), таа е прикажана како сеприсутна во процесот на описменување на децата.

Неформални училишта и настава – поради вонредноста на моментот кога се случуваат овие шок-процеси, првата настава се одвива исто така вонредно, стремејќи се кон некоја организација. Се повикува и потикнува посетување на вечерните и неделните школи за описменување, посебно значајни за селските жени – „не срамете се да го посетите вечерното школо“, повикуваат од МАКЕДОНКА.

III Неда versus супер хероините: очовечување и масовна визуелизација на жената како воинка и интересното создавање на сосема нов „role model“

„ЗА ЖИВОТ КРАСЕН, СВЕТЕЛ И ЧИС…

Првата задача на недината чета е полицејскиот участок. Трча таја како ветер и стрела точно, нејзината пушка не промашува. Неда е најдисциплинираниот војник и најдобриот стрелец. Наш млад херој.“ [6]

Американските девојчиња, па и жени од 40те, во екот на новата војна можеле да се огледаат, гласно или скришум, на амазонската принцеза Дијана од Темискира – Wonder Woman со чудесна сила, која судбински транспотирана во „светот на мажите и нечесната војна“, молчешкум но ефективно убива нацистички лошковци на ангро. Таа е жена се тело на грчка божица и секогаш средена коса, која треба да ги окуражи американските граѓани дека постојат супер херои кои ќе донесат правда. Таа е Наджена.

Наспроти американскиот капиталистички мотив и форма на Надчовекот, кој така се раѓа. т.е. има право на своето величие, супер хероините и супер хероите кои се изнедруваат во нашите историски и културолошки наративи се сосем обични луѓе, жени во маслинеста и за некој број поголема облека, дефинитивно не изгледаат како богови – тие се очовечени. Така и Неда од горниот исечок е најдобриот војник, бидејќи тоа го стекнала низ својата дисциплина. Колку и да била целта за ваквите прикази да окуражат и да поттикнат масовно учество, неспорно е создавањето на нов женски лик – прецизен и добар војник, дозволено им е поседувањето на физичка сила за друга активност освен предходно зацртаните, и што е најважно – тие никогаш не се жалат и самосожалуваат – тие се борат, па дури и како „вистинските“ амазонки, во едната рака носат оружје, а во другата дете.

IV Вест од несвест – „Да живее Сталин нашиот ослободител“

Вториот број на Македонка, од декември 1944, во неколку сегменти содржински се разликува од првиот. Насловната страна ја краси ликот на Сталин и ракописно се испишани посвети за негова слава. Посветени му се неколку статии. Приказните за жените од црвената армија се (како и во првиот број) присутни и имаат посебна тежина со своите содржини – „руските жени се светлиот пример кој треба да се следи“.

 Сталин versus Александра Колонтај

Авангардата на болшевичката револуција – Александра Колонтај [Женотдел – некој вид министерство за родови прашања] сметала дека за решавање на родовото прашање, социјалистичката револуција мора да се претвори во сексуална револуција. Сталин, како и Тито подоцна, инсистирал на тоа дека примарната задача на Новата жена сепак е поврзана со нејзината специфична „биолошка функција“ на мајка. [7] Моделот на Александра Колонтај за поинаку спроведувана социјална грижа за децата, бил прогласен за „забранет модел“.

Во вториот број е прикажана првата конференција на Македонскиот Антифашистички Фронт на жените. Делегатките пристигнуваат…

 

Весникот е огледало на животот. Вест од бесвест

Доколку првата реченица алудира на репликата од Среќна нова ’49 („Радиото е огледало на животот“), тогаш вториот дел е наслов на саркастичната графичка новела на Бранко Прља [Вест од несвест] во која прави опоменувачки алузии на идеологиите. Исечоците од Македонка понекогаш не потсеќаат на двете, но со една разлика: утопистичките импулси кои пулсираат на овие страници се ослободени од постмодерниот сарказам, тие се жртви на една друга фаталност, на желбата која на различни начини тресеше различни народи во XX век, желбата за градење нов свет:

„ВО НАШИТЕ ФАБРИКИ НАСТАНУВА НОВ СВЕТ“

„Во една работилница за долен веш во Беране (Црна Гора) жените и девојките изработуваат секој ден дури по 270 парчиња. Во иста таква работнилнициа во Андреевци жените за неколку дена сошија долна облека за своите брача Срби, а во Колашии во една работилница една другарка изработува дневно 25 парчиња долни алишта.“

„Жените од I реон во Куманово 15 дена 30-40 пати на ден ја прале војската; Од II реон 240 жени за 7 саата посадиле 140 кг арпаджик. “

„Жените од Пробиштип изработиа 100 кг државна волна, од неа направиа 12 покривача кои со многу понади ги донесоа и предадоа на Војната болница во Скопје.“

„Кога во Струмица разбрале жените дека ќе дојде XVII бригада, веднага решиле да ги исчистат казармите за да војската затече чисто.  Се собраа 300 жени и ги доведоа во ред казармите … “

„На величенствената прослава на Први мај во Белград, зедоа видно участие и жените антифашиски. На чело од погорката од 5000 жени, одеше камион на Главниот одбор на АФЖ искитени со слики, парола и цвекје, на кој стоеја жени облечени во народни носии од сите крајеви на нашата татковина, држејки се за раце. Сите реони се натпреваруваја нивната група да биде најубава. Пред жените од VIII реон одеше кола над која стоеја жена борец со шмајзер, селанка и работничка, болничарка и мајка со дете, а по колата одеа жени во работнички алишта со шамии на глава и со разни алати за работенје во фабрика или на поле. Сите они го поздравуеја Тито, Први мај и Југословенската армија и победата.“ [8]

Во 1953 година, кога се случува и дисолуцијата на АФЖ и се смета дека „родовото прашање е решено и апсолвирано“, Македонка разраснува во весник кој се вика Просветена жена.

Извори и литература:

  1. Македонка: орган на Антифашистичкиот фронт на жените от Македонија, Год.1,бр.1 (1944), НУБ Скопје, ретка периодика, стр.1;
  2. За овие прашања на АФЖ види: Izgubljena revolucija AFZ, zborik radova, Sarajevo 2016, http://www.afzarhiv.org/items/show/538 (превземете, PDF);
  3. Треба да се внимава – постои и историја на АФЖ и пред војната, која е многу битен дел за разбирање на родовата политика на Балканот. Подетално види: Окич, Тијана – исто, стр. 148-183;
  4. Македонка, исто, стр.8;
  5. Македонка, исто, стр.21;
  6. Македонка, исто, стр.2;
  7. Окич, Тијана – исто, стр.153;
  8. Македонка, иечоци од рубрика Хроника, Год.1,бр.1 и бр.2;
  9. слики: Македонка, исто, Год.1,бр.1 и бр.2.
http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/makedonka-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/makedonka-150x150.jpgИвана ХаџиевскаАнтроПропоАФЖ,еманципација,жени,историја,македонија,печат,феминизамМАКЕДОНКА Орган на антифашистичкиот фронт на жените во Македонија I ЧУДНО НАСЛЕДСТВО или археологија на архивите Што е Историјата? Како всушност учиме од неа, или можеби тоа е погрешно прашање зад кое нестрпливо се поставува – дали и како е тоа возможно? Кога како субјект на сегашноста стапнуваме во архив , поради сета...Нова мисла на пресушената почва.