Документарниот запчаник, патувајќи низ три различни земји – Сибир во Русија, Македонија и Шведска, се обидува да ја пронајде онтологијата на љубењето, стравот од самотија и сплинот на досадата, љубењето омеѓено во историските традиции или пак во планета на индивидуалци:
1. Сибирска љубов (Олга Делане, 2016)
2. Барајќи ја среќата (Марија Џиџева, 2013)
3. Шведска теорија за љубовта (Ерик Гандини, 2015)

(1) Сибирска љубов (Олга Делане, 2016)

Неколку временски зони оддалечено од Берлин, а на илјада километри од Бајкалско Езеро се наоѓа сибирското козачко село Онон-Боржје. Олга се враќа дома. После дваесет години живот во германската престолнина.

Користејќи го сибирскиот географски и социјален пејсаж, Олга сака да направи класична и визуелно ефектна споредба меѓу европскиот живот задоволен со самоактуелизација, кариера и можност да се заобиколат традициите, наспроти однапред очекуваните – семјество, деца, катунски живот кои неприкосновено ги нуди сибирскиот патријархален колектив.

Но, насред таквата замисла, во текот на рекордирањето на човечките прикаски се случува скап документарен момент: приказната почнува да завзема свој сопствен тек. Поставувајќи им на степските жители детски прашања за тоа што е брак, среќа, љубов, семејни улоги, Олга (можеби не сакајќи?) создава една родова иронија и мајовтика каде до крајот на документарецот се расплетува наративот за основните родови прашања. Овие луѓе се сурово природни и искрени, дури и кога се потрудиле да завземат став пред камерата, поинакви тие и не можат да бидат.
Динамиката на степскиот живот е сеприсутна. Историјата на Русија, исто така.

„Јас сум сопственик на овој имот“, вели Саша – роднината на Олга каде таа престојува, додека покажува кон огромно земјишно пространство, „Да, да, руските мажи се едноставни и концизни.“

Работници во Онон-Боржје

„Имам 35 години. Немам маж, деца. Потребни ли ми се?“ ги прашува своите женски роднини Олга.
„Секако дека ти се потребни. Па ти си жена!“

„Кога баба ти беше млада, мажите беа сурови. Жените беа тепани до смрт.“
„Ако маж ја удре Олга, па таа ќе умре веднаш. Зарем не?“ Смеејќи се роднините весело се согласуваат. Домаќинувањето продолжува.

Нова Година е. Онон-боржјаните своте домови со ѕидови обложени со дебели таписерии ги украсиле во празничен сибирски стил. На телевизорот оди свечената изјава на претседателот на Руската Федерација, таа е проследена со внимателност.

Свадбена поворка

Симпатичните прашања и досетки полни народна мудрост кон Олга „кога планира да се омажи“ пополека се претвораат во малечки јаремчиња зад кои мирно спие колективниот притисок и чека.

Приказната се заокружува можеби во моментот кога семејните мажи – патријархалните предводници во рурално Онон-Боржје, сфаќаат колку се зависни од своето семејство и тоа во таков облик какво што е зададено.

Големиот земјопоседник од почетокот има две ќерки. Имотот нема кому да му го остави. Неговата сопруга и ќерките накратко заминуваат да живеат во градскиот стан. Тој останува сам. Дваесет и првиот век чука на вратата на оддалеченото и без водоводна инфрастуктура Онон-Боржје и со себе ја носи еволуцијата во катунските традиции, документарецот на Олга Делан го проследува тоа чукање на маестрален и толку природен начин, недозволувајќи пат за нивен приказ како „егзотика“.

Како едно лесно набљудување врз степата…

*Добро е да се знае: Документарецот беше прикажан во склоп на фестивалот Вечери на Женски Права, на 06.03.2017 со присуство на авторката и режисерка Олга Делане. За повеќе информации погледнете тука.

*Официјалниот сајт на филмот можете да го погледнете на овој линк.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/siberian-love-01-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/siberian-love-01-150x150.jpgИвана ХаџиевскадокуЛокум - кратко. слатко. онтолошки.Филмљубов,документарен филм,жени,живот,колектив,традиција,феминизамДокументарниот запчаник, патувајќи низ три различни земји – Сибир во Русија, Македонија и Шведска, се обидува да ја пронајде онтологијата на љубењето, стравот од самотија и сплинот на досадата, љубењето омеѓено во историските традиции или пак во планета на индивидуалци: 1. Сибирска љубов (Олга Делане, 2016) 2. Барајќи ја среќата (Марија...Нова мисла на пресушената почва.