Денеска, многу од елементите на хип-хопот се инфилтрирани во mainstream движењето, но во последните неколку години, има нови деца на музичката сцена кои ги превземаат учењата на старата школа правејќи уметност која е продукт од повеќе сфери на делување: поезија, визуелизација, ритам и активизам.

Иако основата на рапот е задржана, овојпат контекстот е изменет. Во јадрото на своите текстови, генерациите што израснаа со песните на Nas, Wu-Tang Clan и Fugees, овој пат зборуваат за своите секојдневни борби и ги отвораат темите на расата, сексуалноста, идентитетот и полот. Зборуваат и за љубовта, сексот, дрогата и барање смисла во ерата на дигитализацијата. Со појавата на повеќе вакви уметници, критичарите се повикаа на кованицата queer rap. Иако, истата не е прифатена од самите изведувачи – без разлика на тематските преклопувања, станува збор за индивидуални уметници кои доаѓаат од различни краеви и имаат различни погледи како и субјективни разбирања за рапот и уметноста воопшто.

Меѓутоа, како што ваквиот вид на музика стануваше се поприфатен, кованицата queer rap се задржа како бунт против mainstream рапот. Oваа музичка подгрупа премина во едно поголемо, свежо и ново супкултурно движење за кое слободно можеме да кажеме дека е рапот на иднината.

mykki_blanco_02

Транс пионер(ки), oldschool и рап ѕверки

Еден од раперите кој припаѓа на новиот музички бран е Michael David Quattlebaum Jr., познат под сценското име Мykki Blanco.

Уште како дете Мајкл е заинтересиран за поезија и музика, а како тинејџер себеси се пронаоѓа во riot grrrl движењето, панк-однесувањето, музиката на Tricky, GG Allin, Jean Cocteau, Laurin Hill и Lil Kim.

Идејата која започнала како студентски проект, го создава трансродовото алтер-его на Мајкл: Мykki Blanco – Мykki, женска изведена форма од Мајкл. Вреди да се спомне дека Michael Jackson е уште една музичка инспирација на Mykki, додека пак Blanco е презимето кое раперката Lil Kim го користи за своето алтер-его Kimmy Blanco.

Задржувајќи го интересот за поезија од своето детство, во 2011 година Мykki ја објавува својата збирка поезија „From the silence of Duchamp to the noise of boys“. Во статија за магазинот „Dazed and Confused, Mukki изјавува

Под стаклено ѕвоно на Анаис Нин ми е омилена книга. Нин ме научи како да користам метафори, Силвија Плат ме научи како чисто да се изразувам, а Пабло Неруда ме научи како да создавам поетски слики.

Mykkiverse

Со својата поема која го носи името на неговата збирка поезија, тој ги добива своите први приврзаници. Видеото е старо и со лош квалитет, но доколку сакате да го погледнете можете да го најдите тука.

Но поезијата станува едно со поетот и Мykki веќе во 2012 го издава своето прво EP „Mykki Blanco & the Mutant Angels“. Текстовите на песните за ова EP е поезијата на Blanco и во случајов истата се интерпретира преку дисторзирано рецитирање и рапување, придружено со електронска музика, тапани и електрични гитари. Една од соработките на Mykki за ова EP е со ARCA, кој ја продуцира песната „Join my Militia“. Музиката одлично се вклопува со приказната која Mykki сака да ја раскаже: афро-американски транвестит кој експериментира со секс, дрога и окултното во Њујорк.

Во ноември 2012, Бланко го издава својот mixtape „Cosmic Angel: The Illuminati Prince/ss“. Овојпат неговите песни не се толку експериментални како во првото EP. Во неговите текстови е присутна двојноста – и грубата и нежната страна, а токму ваквата комбинација која одлично функционира, ќе го издвои Mykki како феномен на американската underground рап сцена. Со поместувањето на границите на полот, Blanco крева бунт против мачо естетиката која ја наметнува mainstream рапот, рапувајќи во женска облека.

mykki_blanco_03

Cosmic Angel: The Illuminati Prince/ss“ е многу важен mixtape бидејќи токму од него започнува повеќеслојноста во уметноста на Mykki. Позади секоја песна присутна е приказна која ги критикува, сатиризира и иронизира не само елементите на хип-хопот каков што го знаеме, туку оди подлабоко и токму со својата трансродова појава го обликува рапот по своја мерка. Mykki не се обидува да влезе во системот и да го уништи одвнатре, туку уште на почетоците тој се претставува како фигура која ќе ја освои сцената со својот перформанс.

Во 2013, Blanco го издава своето второ EP „Betty Rubble: The Initiation“, а веќе во 2014 издава уште едно EP „Spring/Summer 2014“ по кое следи „Gay Dog Food“. Во секој свој нареден музички проект Мykki Blanco прави уметничка еволуција не само на себеси како уметник, туку и на музиката која е се потешко да се достигне.

И покрај тоа што дискографијата на Mykki e повеќе од богата, ниту една поголема продукциска куќа не сака да потпише договор со него, за конечно тој да може да го издаде својот прв студиски албум. Поради тоа, тој е принуден да се себефинансира од турнеите.

Живеејќи како гламурозен бездомник за време на своите турнеи, Мykki се обидува да ги собере парите за да го издаде својот долго очекуван албум. Меѓутоа, тој истовремено сака да ја прекине својата музичка кариера и да стане истражувачки новинар кој ќе пишува LGBTQQ стории. Во 2015 година, Мykki преку статус на својот Фејзбук профил објавува дека е ХИВ – позитивен уште од почетоците на својата кариера. Наместо кариерно самоубиство, Мykki добива голема поддршка од своите фанови, по што тој добива понуда од францускиот музичар Woodkid конечно да го сними својот прв албум.

Mykki

Во септември 2016, излегува првиот студиски албум на Mykki Blanco – „Mykki“ и истиот е доследен на сите претходни панк однесувања од овој уметник. Овојпат Blanco не објави само нова музика туку на своите фанови им претстави субјективен калеидоскоп, кој низ музичката листа од 13 песни, нуди поигрување со досегашната лирика, музика, визуелност и претставува поетска и музичка иновација како и социјално ангажирана критика.

Mykki“ е албум кој одлично го реинтерпретира пост-модерниот Zeitgeist, модерниот начин на живеење, но истовремено неговата модерност не е ниту блуткава, ниту пак празна од смисла, бидејки во јадрото на албумот е емоцијата, потребата за љубов и кршливоста на младиот човек.

mykki_blanco_04

I am in a mood“ е класична рап песна со соул елементи, преку која можеме да ја забележиме веќе целосно изградената уметничка личност на Mykki. Спој на неговата тврдокорна „J“, машка ghetto персона и неговата понежна женска страна, типично усогласена со естетиката на новиот бран на рап музика и естетика.

High School Never Ends“ е песна која зборува за забранетата љубов, претставена во видеоспот кој во себе содржи Шекспировска поетика – queer Ромео и Јулија, но исто така ја отвора темата и за меѓурасната љубов.

The plug won’t“ е песна која зборува за љубовта која ние се почесто ја сведуваме на врски за една вечер, ја потхрануваме со пороци за да ја зголемиме нејзината еуфорија, за утрото потоа да се чувствуваме уште попразни и потажни додека фантазираме за длабок, искрен и поинтимен однос.

My nene“ е песна во која Blanco прави една поетска иновација, такашто поигрувајќи со интернет сленгот и жаргонот прави текст кој не е родово определен, па така сите негови фанови без разлика на својот пол и сексуална определеност можат да уживаат во истата.

Hideaway“ е песна која во која Mykki Blanco е претставен како фантастичен карактер. Со теми познати за oldschool рапот, Мykki си поигрува претставувајќи се себеси како quееr нарко бос, вметнувајќи стихови на шпански.

You don’t know me“ е песна која зборува за животот на личност која е ХИВ-позитивна, песна преку која Mykki дозволува фановите да го запознаат на оној начин како што го знаат неговите најблиски.

Албумот во себе содржи уште неколку песни кои се компактни во целината на приказната која Mykki сака да ја раскаже, но наместо да кажам по малку за секоја од нив, одбрав пошироко да пишувам за „Loner“, песна која субјективно ми остави најголем впечаток.

Освен „High School Never Ends“, „Loner“ е втората песна од албумот која има свој видеоспот. Самата песна говори за осаменоста и претставува стилизиранa потрага по љубов, но и за сексуалноста и изолираноста во дигиталната ера. Видео спотот за „Loner“ e продуциран од „Pornhub“ и истиот можете да го гледате и на самата страна. Ова e втората песна од албумот „Mykki“ и всушност претставува она јадро на албумот за кое пишував неколку параграфи погоре – емоција, потреба за љубов и кршливоста на младиот човек.

Не се разбираме. Во време кога споделуваме највеќе моменти од нашиот живот, ние не се разбираме. Премногу ретко зборуваме за нашите болки, нашите компромиси и не се чувствуваме убаво –вели Mykki.

Чувствуваме голема тешкотија живеејќи во во општество каде технологијата и социјалните мрежи, не само што се присутни, туку се зависни и не изолираат. Па така во видеото улогата на Mykki
е двојна, тој истовремено е зависникот но и дилерот. На тој начин сакаме да ја истражиме како ние самите се изолираме, велат режисерите Anthony & Alex.

Најдобар начин да го опишеме Mykki Blanco е со зборот флуиден. Според мене, уметникот кој создава во вечново сегашно време треба интертекстуално да ги користи своите предзнаења без жанровски да се определува, па на тој начин да го пронајде својот глас и воедно да поентира. Mykki Blanco токму тоа и го прави. Тој си поигрува со музичките жанрови, со јазиците на кои ги пишува своите текстови, со сексуалноста, а воедно и со сите нормирани дефиниции кои на некој начин го стереотипизираат и го поставуваат ентитетот во рамка. На овој начин се создава портрет на уметник кој го преиспитува начинот на кој се подредени нештата и повикува на промена. И тоа е толку многу секси.

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/04/mykki_blanco_01-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/04/mykki_blanco_01-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаmykki blanco,new wave,oldschool,Pornhub,видео,визуелна уметност,квир,музичка критика,поезија,рап,уметностДенеска, многу од елементите на хип-хопот се инфилтрирани во mainstream движењето, но во последните неколку години, има нови деца на музичката сцена кои ги превземаат учењата на старата школа правејќи уметност која е продукт од повеќе сфери на делување: поезија, визуелизација, ритам и активизам. Иако основата на рапот е задржана, овојпат...Нова мисла на пресушената почва.