KRANKŠVESTER е ирационален, нарцизоиден и импулсивен. Чисто ид; ова е описот кој го имаат напишано на својот вебсајт.
Тие се хрватско дуо за кое дознав преку нивните песни (соработки со SAJSI MC), SASHA GRAY и LIZ TEJLOR. Тие се хип – хоп дуо од Осијек, Хрватска.
Хрвоје Марјановиќ, право име SETT, е роден во револуционерната 1971 и е плод на љубовта помеѓу Дражен Будиш и Тихана Шкрњаниќ кој од мали нозе развива симпатии за бескомпромисен бунт и карипски танци кои мајсторски ги совладал на неполни шест години, техника која денес може да се забележи во неговите енергични и еротски настапи преполни со заводливо танцување и социјално – ангажирана музика.
SETT се преселува во Кикинда каде што во прво одделение ги пшува своите рап текстови и го добива својот прв прекар СМЕДЕРЕВАЦ.
Давор Милетиќ, право име 3КИ STIL, е роден на 23.12.1980. Своето прво демо го објавува во 86 и истото се бави со високо – интелектуални критички теми, а подоцна ја запира својата кариера поради уписот во прво одделение. Четири години подоцна го издава својот втор демо албум, кој воопшто не бил добар. После второто демо, 3КИ повторно ја замрзнува својата музичка кариера поради заминување во војска, каде што ги запознава младите beatmakeri Балкански Шпиун и Хрч, подоцна познат како SETT.
Па така започнува да се пишува она што денеска го знаеме како нова хрватска историја и тоа во задолжителни четири тома за домашната библиотека; KRANKŠVESTER I, II, III и IV кој излезе кон крајот на 2017 и покрај недобиените субвенции од Министерството за Култура.
Околу Балканската историја, соработката со SAJSI МC, идеологиите и сатирата, поразговарав со Учителите на НовотоСлово лично.

Дали рејвот и хуморот се двете работи кои никогаш нема да умрат на Балканот? Зошто е тоа така?

 KRANKŠVESTER: Што се однесува до рејвот, не знам ама длабоко сум уверен дека моментално е единствениот начин да се справиме со балканското лудило.
Лудилото е всушност единствената константа на овие простори, а хуморот е веројатно некој вид интелектуална самоодбрана (или некој вид на себезалажување, за да можеме да ја задржиме илузијата дека се уште сме нормални) за оние кои сѐ уште не ги спакувале куферите и не одjебале на место каде што тревата е позелена.

 

Дали после соработката со SAJSI MC многу од вашите фанови фатија девојки? Не, стварно, дали после неколку албуми имате некое чувство на прогресивност во околината во која живеете и работите или едноставно, таргетиравте сцена која отсекогаш беше тука? Дали музиката може да донесе попрогресивно размислување?

KRANKŠVESTER: Во ретки случаеви да, ама најчесто како влијание на еден музичар врз друг музичар. За повеќето слушатели музиката е угоден шум во позадина, фино наштимана дистракција.
Парадигмата менување на светот, а со самото тоа и поттикнување на прогресивно размислување е згоден реликт на фолкот од шеесетите, ама денеска е вистинита само за младите изведувачи кои сѐ уште се уверени дека со нивните дела прават суштинска промена.
Музиката ја бираме затоа што се совпаѓа со нашите преференци, додека пак текстовите ги перцепираме само кога колку – толку се синхронизирани со она што веќе го мислиме и чувствуваме. Со друг зборови, музиката што ја слушаме ни го дава она што веќе го сакаме  и она што веќе го мислиме.
Под одредени околности, музиката може попрецизно да ги дефинира постоечките ставови, но не би одел толку далеку тоа да го наречам “поттикнување прогресивно размислување“ кај некои кои немаат став.
Дел од мене сѐ уште сака да верува дека има надеж, ама поголемиот дел од нас при школувањето не се здобилe со потребните “алатки“ за да ја анализираат музиката подлабоко од површината и првичниот доем. Не помага ни тоа што живееме во ерата на skip-от, па го конзумираме само она што ќе не заинтригира во првите десет секунди од песната бидејќи поради преголемата изложеност на информациите, ADHD генерацијата нема време за некои претерано длабоки анализи.

 Со сето ова на ум, Krankšvester го дисторзираше покажувањето со прст кон очигледното. Вулгарен коментар на статус кво. Ако сум помлад или барем малку поголем идеалист, најверојатно би живеел со умислата дека нашиот сатиричен пристап би вродил со плод, но не сум ни помлад, ниту пак голем идеалист.

Пред некое време твитнав: „ Живеењето тука (во Македонија, на Балканот) ќе е малку поокеј ако можам да ја слушам музиката на Krankšvester по журки. Од една страна вашата музика важи за поспецифична, од друга страна фановите го тетовираат вашето име и вашите стихови на многу интересни места. . .

KRANKŠVESTER: Кога го избравме овој пат знаевме дека никогаш нема да станеме mainstream и ова не го говорам со желба да звучам пасивно-агресивен, ниту пак огорчен.
Не мислам дека причината за тоа е исклучително конзервативното, католичкото (православното) и традиционалното опкружување во кое живееме, ниту фактот дека изненадно влеговме во (за многумина) збунувачките и неистражени води на политичката коректност 2.0. Мислам дека точно ваквото опкужување е совршено тло за она кое ние сакаме да го постигнеме, бидејќи нашите секс приказни би биле скоро и неприметени во коректно општество кое е помирено со својата сексуалност, и е неимпресионирано од недозволен начин на изразување.
Едноставно, мислам дека не ни е местото во mainstream-от затоа што така би се изгубил овој привид на инфантилна субверзија која со луда среќа успеавме да ја создадеме и тоа е де факто горивото кое не движи.
Исто така нашето влегување во mainstream-от би значело дека нешто поштено се сјебало со самата дефиниција на mainstream- от и би се отворила врата за оние кои се многу понеодговорни во артикулирањето на своите пораки. А тоа мислам дека не е добар тренд.
Од другата страна, mainstream-от не не сака, ниту сме му потребни.

Што се однесува до фановите, фасцинирани сме од нивната преданост.

 На кој начин во Хрватска коегзистираат old – school рапот, вашата експериментална перцепција и трап сцената која е платформа за (he new kids on the block?

KRANKŠVESTER: Коегзистираат, ама тој однос е нарушен на неколку фронта.
За почеток, постои генерациски јаз кој е темел на недоразбирањето откако постои човекот и уметноста. Старците никогаш нема да ги сфатат малишаните и обратно. Едноставно, тие не говорат на ист јазик и тоа е добро, бидејќи во тој случај ќе имавме мизерна, униформирана и досадна сцена на која ќе доминираше еден ист жанр.
Во исто време, тоа што недостасува и кај едните и кај другите е почитување и разбирање за работите кои ги прави спротивниот табор.
Ние се сместивме некаде во средина зошто тие приказни ни се досадни и плус и кај двете страни забележавме желба за неповрзување, поради која се одлучивме да се оддалечиме од хип – хоп сцената и да создадеме своја форма во која функционираме.

 Дали идеологијата е #Retardirana?

KRANKŠVESTER: Ретардирана е нашиот коментар за добронамерните, но детски наивните, современи општествени трендови кои се обидуваат да пуштат корени во држава која се заглавила во деведесеттите. Поради тоа зедовме куп симпатични и глупави идеи и ги сместивме на инструменталка што силно потсетува на тој период.
Пештерскиот човек тешко ќе го научиш да користи Iphone ако се уште не го измислил огнот, а идеалистите околу нас токму тоа се обидуваат да го направат. Како општество се уште не сме апсолвирале дека хомосексуалноста не е болест, расправата за тоа замре пред истата да почне, ама во исто време очекуваме сите да го сфатат и прифатат трансродовиот концепт. Тоа е преголем залак за мал ум и на крајот сѐ изгледа како слеп идеализам на happy rave хипик од деведесеттите. Ништо нема да се смени само поради нашата желба нешто да се промени. Тоа е првиот чекор.
Да се разбереме, јас потполно ги поддржувам иницијативите и трудот, ама смешни ми се очекувањата дека посакуваните општествени промени ќе се нешто што магично ќе се случи во текот на една генерација. Поготово не со пасивно – агресивни и саркастични објави на Фејзбук. Така што, го ценам активизмот и реалните обиди кои со мали, но конкретни чекори создаваат темел за наредните генерации да бидат на “правата страна на историјата“.

 Која е денешната идеологија?

KRANKŠVESTER: Искрено, преку кур веќе од идеологии, она што јас го гледам не се јасно дефинирани идеологии, туку невешто споени делови од недоследни и своеволни насоки кои се обидуваме да ги продадеме како апсолутни вистини додека меѓусебно си ги милуваме чмаровите, прдејќи празни фрази во безбедноста на нашиот балон од истомисленици кои ги создаваме на социјалните мрежи.
Го слушаме, читаме, анализираме исклучиво она што се поклопува со она во кое веќе веруваме, а алгоритмите на социјалните мрежи ни помагаат никогаш да не ја напуштиме удобноста на комфор- зоната. Не ги преиспитуваме сопствените уверенија и не дозволуваме спротивната страна да дојде до збор.
Малцинството кое не пристапува кон една од гласните спротивности е тивко и/или инертно или пак е експлицитно замолчено од гласните и агресивните.
Се чини дека и либералите и конзервативците се горди на оваа популарна идеологија на гласна своеглавост.

Како успеа #GABER да допре до првото место на плејлистите? Дали сепак беше до DJ-от?

KRANKŠVESTER: Gaber е едноставно различен. Во Хрватска, ама ни во еден друг регион не постои нешто слично и мислам дека тоа беше пресудно за успех на сингл-от.
Не бевме ни сигурни во кој смер ќе се движи песната и многу лесно можевме да потфрлиме бидејќи ова “копиле“ на рапот и рејвот не е популарен тренд на овие простори. Всушност не ни знам дали сум слушнал нешто слично на овој регион. Сѐ на сѐ, луѓето очигледно сакаат безумна забава, а ние сме дилери на безумие.

Tongue in cheek rap или rave? Или пак возможно е идно експериментирање во сосема друга насока?

KRANKŠVESTER: Krankšvester не е жанровски определен. Тоа беше план, а и мисија од самиот почеток. Првиот албум го започнавме со jazz, па го наполнивме со rap, house, grime, reggae, dancehall и го завршивме со минијатурна посвета на gabber, а на другите албуми додатно ги проширивме подрачјата на делување. Тешко е да се пронајде жанр со кои барем на кратко не сме експериментирале.
Некои ни замеруваат на тематската ограниченост, но тоа што некои го викаат ограниченост, јас го нарекувам наш заштитен знак кој се провлекува низ песните и кога зборуваме и кога не зборуваме за секс. Смешно ми е што на удар од исти критики, не се најде некој што се специјализирал за социјално освестени заебанции, маалски приказни или песни со љубовна тематика. Поради што ова би се разликувало?
А можеби и рационализирам без потреба. На крајот од денот, воопшто не е важно зошто тоа е само некоја музика на некој бенд кој не сте присилени да го слушате.
Без разлика на номенклатурата, тоа со кое таа ограниченост или trademark звук се надокнадува е апсолутен жанровски плурализам со каков можат да се пофалат мал број на бендови на хрватската сцена. Јасно ни е дека поради тоа во процесот ќе добиваме и ќе губиме фанови. Подготвени сме тоа да го прифатиме. Она на кое што не сме подготвени е издавање на албум на кој ќе јаваме исти кур како сите други.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/tosusrcadva-cover-1024x593.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/tosusrcadva-cover-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаgaber,идеологија,интервју,кранкшвестер,политика,рапKRANKŠVESTER е ирационален, нарцизоиден и импулсивен. Чисто ид; ова е описот кој го имаат напишано на својот вебсајт. Тие се хрватско дуо за кое дознав преку нивните песни (соработки со SAJSI MC), SASHA GRAY и LIZ TEJLOR. Тие се хип – хоп дуо од Осијек, Хрватска. Хрвоје Марјановиќ, право име SETT,...Нова мисла на пресушената почва.