Оригиналта фотографија од каверот на DAYTONA e тоалетот на WHITNEY HOUSTON (2006), прикажувајќи ја крек зависноста на HOUSTON
Оригиналната фотографија од каверот на DAYTONA e тоалетот на WHITNEY HOUSTON (2006), прикажувајќи ја крек зависноста на пејачката

Пробав да се убедам себеси дека треба да бидам скептичен околу новиот албум на PUSHA T, иако бев свесен дека на него работат двајца многу талентирани, докажано квалитетни артисти. Пред микрофонот стоеше еден од најтврдите, уникатни рапери PUSHA T, додека диригентската палка ја држеше KANYE WEST, кој беше продуцент на сите песни на албумот. Сепак, упорно се убедував дека не треба да очекувам многу, бидејќи не сакав да се разочарам. Ау колку грешев.

DAYTONA е совршениот хибрид од двајцата. Албумот ја има агресивноста, цврстината на T, но и перфекционизмот, контролата и инвентивноста на KANYE. А лепакот кој ги спојува двете страни заедно? Емоцијата и мотивацијата на двајцата.
Тие тргнаа во потрага по свеж звук кој сепак ќе успее да му долови на слушателот дека се работи токму за нив двајца. Можеби самиот звук ќе биде различен од она на кое бевме навикнати претходно, но сепак е повеќе од јасно дека ова парче музика потекнува од двaјца искусни, префинети музички работници. Можеби и забележавте дека постојано ги менувам местата на имињата од ова дуо кога ги пишувам во истата реченица. Тоа е бидејќи ниту самиот не знам чиј е овој албум повеќе. Да, секако, албумот е на  T, така пишува на каверот, во секоја од песните го има неговиот глас и тој е одговорен за да го пренесе на слушателот оној текст кој е напишан на хартијата. И тоа го прави одлично, во негов препознатлив стил, со многу дрскост и отменост, како што го правеше во целата негова кариера. Би го продолжил албумот за 9 секунди само за да можам пред првата песна да го монтирам оној делот на PHARELL WILLIAMS од GRINDIN: I just wanna let you all know, the world is about to feel something that they’ve never felt before. Оваа реченица може да го подготви слушателот за она што следува – DAYTONA. Од првата секунда KANYE ја поставува атмосферата на албумот. Типична за него продукција, но различна, жива, многу емоционална, како впрочем и животот на YE во последните неколку години. Ова не го почувстував на PABLO, иако имам прилично добро мислење за него. Таму како да се воздржуваше, проба да направи албум со кој ќе им каже на сите недопирлив сум, знам дека имам маани и ги прифаќам бидејќи не сум заинтересиран да се сменам. На DAYTONA не е така, тука се опушти. Немаше задача да направи албум за него туку да направи албум со кој ќе ја претставува неговата работа. Тој никогаш немал проблем да слушне критика за неговиот албум, бидејќи знае дека мислењето за албумот скоро сигурно ќе биде засенето од сликата на критичарот за самиот KANYE. Но тука? Тука мораше да ја претстави неговата вештина. Сега знаеше дека светот ќе гледа на DAYTONA како на албум на PUSHA T, а тоа пак значеше покана за YE да го извади најдоброто од себе со цел да го стави на врвот еден од неговите омилени артисти. И успеа во тоа. Затоа велам дека овој албум му припаѓа и на WEST.

КАНYE за фотографијата на HOUSTON платил лиценца од 85.000 долари, но семејството на HOUSTON повикува каверот да се промени
КАНYE за фотографијата на HOUSTON платил лиценца од 85.000 долари, но семејството на HOUSTON повикува каверот да се промени

Двајцата се полни со мотивација, влегоа во овој проект многу сериозно и извадија производ кој е инстантно прикачен како хајлајт на кариерата на T. Амбицијата е забележителна преку високите стандарди кои си ги наметнуваат и се со намера да ги надминат. Иако е долг само 7 песни, DAYTONA содржи сѐ што му е потребно на еден современ рап албум – клупски banger-и (COME BACK BABY), „види ми ја вештината“ тип на траки (SANTERIA), потенцијални класици (WHAT WOULD MEEK DO) и крај токму онаму каде албумот го допира врвот (INFRARED). Надополнете го тоа со увертира долга три песни (IF YOU KNOW YOU KNOW, THE GAMES WE PLAY и HARD PIANO) и добивате еден спакуван, целосен албум кој ќе направи да ја мрдате главата горе-доле додека го слушате.
PUSHA T испрати порака до музичкиот свет уште во првата песна, каде вели A rapper turned trapper can’t morph into us, but a trapper turned rapper can morph into Puff, со што алудира на тоа дека раперите кои лажно глумат дилери никогаш нема да станат хип-хоп легенди, додека поранешните дилери кои влегле во рап играта можат да станат моќни и богати како Puff Daddy (види повеќе). KANYE пак, возвраќа со удар на добро познатата американска дебата: If you ain’t drivin’ while black, do they stop you? Will MAGA hats let me slide like a drive-thru?(види повеќе) со што кажува дека носењето на MAKE AMERICA GREAT AGAIN капче нема да го прекине расизмот кон него, бидејќи сржта на проблемот не е оној кој е на чело на државата. Се обрати и на сите кои го нарекуваат луд со You gotta watch who you callin’ crazy, Yeezy, the new billion-dollar baby, веројатно мислејќи на неговиот нов моден бренд наречен Yeezy.

DAYTONA - соработката помеѓу YE и T, го продолжи beef- от со DRAKE
DAYTONA – соработката помеѓу YE и T, го продолжи beef- от со DRAKE

Навистина сакам да слушнам повеќе вакви албуми, каде еден продуцент и еден артист се оставени сами на себе за да си го пронајдат звукот. Го споменав тоа и во една од епизодите на #ПОТКАСТ кога зборував за албумот „4:44“, кој беше слична соработка помеѓу JAY-Z и No I.D. Ваквиот тип на работа верувам дека може да го извади уметничкиот максимум од двајцата артисти бидејќи тие можат да работат фокусирано и испланирано, блиску запознавајќи го соработникот, но и подобрувајќи се меѓусебно со посебното знаење кое го поседуваат. Во DAYTONA двајцата пораснаа во моите очи. Ова е зрел албум кој си ја знае улогата и има самоуверен звук, што ме тера да мислам дека доколку беше човек, ќе размислевте двапати пред да кажете дека сакате проблем со него. Улогата на KANYE како своевиден проект менаџер на овој албум му ја донесоа наградата „Работник на месецот“ на PUSHA T, и тоа го мислам на најдобар можен начин. PUSHA T го најде звукот онаму каде веројатно не му текна да го побара – во себе. Што зборувам јас? PUSHA T секогаш беше PUSHA T, само што не се експонираше онолку колку што јас посакувам. Сега кога пристигна на дестинацијата, добредојде T.
Неблагодарно би било да му давам оцена како 4/5 ѕвезди или да го ставам на скала од 1 до 10. Во уметноста не би требало да се работи така. Не паметам кога последен пат некој рече на MONA LISA ќе ѝ дадам 8/10 ама на LAS  MENINAS ќе ѝ дадам 9/10 пошо види ја таа комплексност, човече. Не, наместо тоа ќе ја дадам мојата препорака. DAYTONA е албум кој ќе сакате да го преслушате. Во ниту еден момент од албумот нема да почувствувате дека ви е досадно, или пак дека слушате нешто што не му годи на вашето уво, туку на крајот од албумот ќе бидете задоволни со самите себеси што сте одвоиле нешто помалку од половина час за да го зголемите вашето музичко знаење.
Ја кревам оваа чаша за бело вино полна со вода од чешма за да наздравам за DAYTONA и за многу повеќе музика од PUSHA T и KANYE WEST во иднина. На здравје!

КИРИЛ ЗАРИНСКИ

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/Webp.net-resizeimage-1-1024x683.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/05/Webp.net-resizeimage-1-150x150.jpgpirejМузикаанализа,критика,култура,рап,систем,слобода,традиција,трап,уметностПробав да се убедам себеси дека треба да бидам скептичен околу новиот албум на PUSHA T, иако бев свесен дека на него работат двајца многу талентирани, докажано квалитетни артисти. Пред микрофонот стоеше еден од најтврдите, уникатни рапери PUSHA T, додека диригентската палка ја држеше KANYE WEST, кој беше продуцент...Нова мисла на пресушената почва.