Со овој текст сакам да ја ослободам ангажираната уметност од стереотипите кои се повеќе се напластуваат околу неа. Американската популарна култура, барем во последнава деценија почна да ги презема вредностите и темите со кои се занимаваше алтернативната сцена. Ваквиот прогрес се чини дека ја релативизира политичката порака која со себе треба да ја носи уметноста, па оттаму mainstream-от ги отвори прашањата како критика кон (државниот) систем, феминизмот, расната/класната нееднаквост итн. од сосема погрешни перспективи кои наместо да ја шират пораката, постојат само за да стекнат поголем капитал. Од друга страна, ваквиот процут на критичката мисла во популарната култура донесе со себе многу дела кои се критички настроени само во името да бидат критички настроени – уметнички дела без суштинска порака.

Кој е примерот за квалитетна политички ангажирана уметност?

Квалитетната политички ангажирана уметност не мора директно и очигледно да ја пренесува својата порака – истата може да е обвиткана во повеќеслојна метафора низ целото дело. Овојпат како пример ќе го земам албумот DAMN. на KENDRICK LAMAR бидејќи тоа е албумот кој беше прифатен и од алтернативата и од mainstream-от, а истовремено носи премногу силна политичка порака која не е премногу очигледна.
Филмот 13 го одбрав бидејќи ја претставува реалната ситуација на Афроамериканците, онаа за која не можете да се информирате на FOX NEWS. Иако 13 и албумот на LAMAR немаат никаква директна поврзаност, филмот ја прикажува состојбата која влијаела на овој рапер да ги напише најдобрите стихови досега во својата кариера.

ТРИНАЕСЕТИОТ АМАНДМАН

Тринаесетиот амандман или 13th е документарен филм во режија на Ava DuVernay. Филмот го привлече вниманието на многу филмски критичари и беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар документарен филм (2016). Во 13 се појавуваат академци, политичари (конзервативци и демократи) и активисти како Angela Davis, Bryan Stevenson, Van Jones, Newt Gingrich, Cory Booker и Henry Louis Gates Jr. кои зборуваат за модерното ропство кое е присутно во Америка и како истото е остварено преку повеќедецениска системска игра.

Самиот наслов на филмот сугерира на 13 амандман во Американскиот устав кој го ослободува американецот од ропство и истовремено ја гарантира неговата слобода, освен кога станува збор за казна поради криминален акт.

По Граѓанската војна во САД, од ропството се ослободени 4 милиони Aфроамериканци. Поради таа причина американската економија е уништена. Како одеднаш во системот да се вклопат четири милиони луѓе? Токму во тринаесетиот амандман е најдена точката која може да се експлоатира и преку неа да се изманипулира законот – секој има право на слобода се додека нема извршено КРИМИНАЛЕН АКТ.

Почнуваат масовни апсења на афроамериканци поради многу ситни, дури и непостоечки криминали. Затворите се претвораат во државни институции кои ја користат евтината работна рака на затворениците криејќи се зад синтагмата “отплаќање на општенствениот долг”, па оттаму рацете кои на некој начин ја реставрираат уништената американска економија се истите оние кои никако не можат да ја дофатат слободата.

Оттогаш започнува растот на затвореници во Америка, за денеска тој да изнесува повеќе од два милиони луѓе. Според тие статистики секој четврти човек е зад решетки и тука доаѓа иронијата, сето ова се случува во – Земјата на Слободните – THE LAND OF THE FREE.

КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕНИ [ЖИВОТОТ ЈА ИМИТИРА УМЕТНОСТА]

Уметноста со сите свои сфери на создавање отсекогаш имала влијание врз размислувањата и реакциите на општеството. Меѓутоа, кога уметноста ќе стапи во релација со власта, или пак било каква позиција на моќ, таа станува многу силен апарат преку кој може да се остварува пропагандата.

Во 1915 година е снимен филмот Раѓање на нацијата (BIRTH OF A NATION) на режисерот D. W. Griffith. За овој филм се смета дека има голема уметничка вредност и политичка порака. Тоа е првиот филм кој имал свое прикажување во Белата Куќа. Станува збор за раскажување на приказната за американската граѓанска војна низ перспективата на белиот, привилегиран човек, кој не го признава поразот и си ја наметнува на себеси улогата на жртва. Во него возрасниот, црн и овој пат слободен маж е претставен дивјачки и девијантски, како своевиден канибал, силувач кој е голема опасност за белата жена. Режисерот D. W. Griffith во својата приказна го има вметнато Ку Кјус Кланот и ја има параболизирано неговата појава, претставувајќи ги како херојско здружение. Во еден од кадрите тој го вметнува запалениот крст како препознатлив елемент во дејствувањето на ККК, иако никогаш претходно ККК не го употребиле овој симбол. Раѓање на нацијата е филм кој ќе доживее масовна популарност и ќе биде причината за обновување на ККК и погодете што? Овој нов бран на ККК го употребува запалениот крст како свој симбол на препознавање. Филмот влијае за неколку грозоморни убиства, бесења и изживувања врз Афроамериканците. Започнува тероризмот врз црното население.

ЛЕГАЛНА РЕПРЕСИЈА, СЕГРЕГАЦИЈА И КРИМИНАЛИЗАЦИЈА

Сепак таквиот радикален однос е неприфатлив за властите и тие институционално ја продолжуваат репресијата. Преку сегрегацијата, црното население е прогласено за граѓанство од втор ред, се воведува митот за високо криминализираниот црн човек и започнуваат бројните и масовни апсења. Во центарот на причините за репресијата е сместен стравот од криминал. Веќе вака формулирано власта го има изговорот поради масовните апсења иако позади нив стои расизмот.

Филмот понатаму ги објаснува тактиките и реформите кои ги преземале претседателите на САД досега, анализирајќи ги хронолошки. Преку дејствувањата на Никсон, Реган, Буш, Клинтон, па се до досегашните кандидати Хилари и Доналд Трамп (Трамп во меѓувреме победи на изборите) репресијата влегува се подлабоко во зајачката институционализирана дупка што тешко може да се сигнализира од страна на обичните граѓани. (иако во последните две години со убиствата на црни луѓе станува очигледна)

Се чини дека битката за слобода се уште не е добиена и дека токму во амандманот кој го гарантираше основното граѓанско право на Афроамериканците го содржи во себе црниот амбис кој ја овозможува нивната репресија.

НАПРАВЕТЕ ЈА МУЗИКАТА ПОВТОРНО ОДЛИЧНА! MAKE MUSIC GREAT AGAIN!

KENDRICK LAMAR со неговиот четврти по ред студиски албум DAMN. отвори една нова димензија за доживување не само на рапот, туку и на музиката воопшто, преку неговиот свеж стил, звук и поетика.

Неговиот сингл ALRIGHT (2015) беше пеен како нова химна на протестите во Чикаго, Кливленд, Окланд и Њу Јорк. Неговиот претпоследен албум TO PIMP A BUTTERFLY, ќе остане запаметен какo рефлексија на #BLACKLIVESMATTER #ЦРНИТЕЖИВОТИВРЕДАТ.

Оваа година, KENDRICK го најави DAMN. со синглот HUMBLE и не остави да се прашуваме што после него?

Навистина што потоа?

Во свет кога дури и највистинскиот бунт – оној поткренат од чувство на тага, очај, гнев и безизлезност се случува да избледи со времето, кој е правиот начин на давање отпор? Особено кога некои немаат ни допир со реалноста за која осознаваме преку документарен филм, а истата таа може да инспирира и психолошки хорор.

Новите политички струи во Америка кои дополнително го негуваат жариштето на расната дискриминација додаваат уште поголема алармантност дека треба да се делува. А KENDRICK LAMAR токму тоа и го направи.

Тој ни го претставува DAMN., албум што содржи четиринаесет песни, кои овој пат не се директно политички и социјално ангажирани туку преку слоевите на емотивната апстрактност (тоа се забележува и во изборот на имињата на песните) носат една далеку подлабока, помирна и скромна 🙂 порака – промената не доаѓа од бунтот на улиците, туку промената е субјективна, тивка и почнува во нас самите. Лично, мислам дека тоа е причината поради која DAMN. се постави како неодминлив албум за 2017тата и успеа да допре слушатели кои се наоѓаат надвор од жанровскиот меур на обожаватели само на рап музика. Односно, во време на онтолошкото надвладување на мракот, светлината може да се најде само во повторното навраќање кон вредностите на старата школа.

Интрото на албумот се вика BLOOD. (KРВ). Со него KENDRICK не воведува во својот свет: место изградено некаде помеѓу слепото следење на апсолутите и ‘’чудноста’’ што ни е препишана ако се водиме по нашите инстинкти, макар тоа да значи и живеење во грев, место во кое принципите се посурово обработени, но сепак се темел на битијата.

Откако LAMAR не запозна со неговиот музички проект DAMN., песната DNA. (ДНК) е онаа која уште се слуша од нашите звучници. Оваа песна со својот текст, а богами и со спотот е најдиректна политичка критика на албумот. Во оваа песна KENDRICK си поигрува со дефинициите на двојностите кои се присутни во неговата ДНК., правејќи го него НОВИОТ ХЕРОЈ НА СТАРАТА ШКОЛА, воедно зборувајќи и за наравот на луѓето кои преживувајќи неправди сепак останале верни на принципите.

Во повеќе песни од DAMN. има присуство на религиозни мотиви, а овој пат песната YAH. сугерира на Јахве, името на Господ според Јудеизмот. Во оваа песна LAMAR говори за новиот начин на живеење после постигнувањето на успехот и предизвиците кои доаѓаат со него.

Низ целиот албум на KENDRICK е присутна играта со двојствата и неговите субјективно создадени симбиози, но ELEMENT. е првата песна во која зборува за темната страна, онаа во која се води по инстинктот и живее во моментот. Не постои ниту рај, ниту пекол, се што се случува на земјата, останува на земјата и тој се води по принципот око за око. Иако оваа песна има “ride-or-die” карактер, LAMAR останува верен на себеси, бидејќи искрената желба/вербата за жал или за среќа се поделени со тенка линија од нашите ѕверски инстинкти.

FEEL. (ЧУВСТВО.) е песната во која KENDRICK зборува за чувството на отпишаност и антисоцијалност и презаситеност од околината. Во неговите поетски слики е присутно сето она што го гледаме секојдневно на улиците – дескредитирањето на другиот како несовесен и игнорантен што предизвикува апатија и потреба за одделување на себеси од останатиот свет, иако можеби работите што му ги препишуваме на другиот се предизвикани од истите причини што и ние ги чувствуваме. Магичен круг, за жал.

LOYALTY. (ЛОЈАЛНОСТ.) е дует на LAMAR со РИЈАНА и е лесниот квалитетен летен хит што WORK на РИЈАНА и ДРЕЈК потфрли да биде.

PRIDE. (ГОРДОСТ.) Досега е повеќе од јасен концептот на KENDRICK, секоја името на секоја песна се поврзува со (емотивен) апстракт и истиот му е стартна точка од која го набљудува својот живот, своите искуства, секојдневието, а оттаму и светот. Во PRIDE. повторно се присутни религиозните мотиви, односно можеби поентата на целата песна се темели во стиховите “When pride comes, then comes disgrace, but with the humble is wisdom.” (Со гордоста доаѓа срамот, кај скромноста е присутна мудроста.).

HUMBLE. (СКРОМЕН) e песната со која LAMAR ни го најави DAMN. Претходната песна (ГОРДОСТ) е песна која е бавна и тивка – карактеристики што се спротивни од гордоста, додека пак HUMBLE е песна која е брза, енергична и радикална. Ваквиот парадокс е уште едно поткопување на дефинициите кај LAMAR постигнато преку играње со концептот. Повторно се присутни религиозните елементи, не само во текстот туку и во спотот. Кај HUMBLE е присутна гордоста, но издржаната гордост- резултат на постигнатиот успех. Токму ваквата меѓусебно издржана кохезија е она што ја прави HUMBLE толку примамлива за слушање.

LUST. (СТРАСТ.) Разработувајќи теми од секојдневието и нашиот Цајтгајст, една од неодминливите теми се брзите романси и врски за една вечер. Најпрво отсликувајќи ја дисторзираната претстава за љубовта во време на “DICKPICS“, KENDRICK при крајот на самата песна ја пренасочува од општа кон субјективна.

LOVE. (ЉУБОВ.) Веќе е сосема очекувано дека после страста, LAMAR ја обработува темата на љубовта. Оваа мелодија е смирена и тивка за разлика од претходната песна која беше подинамична.

XXX. е песна која претставува соработка помеѓу Kendrick и U2 односно БОНО и е песна чијa тема може да се надоврзе со ГОРДОСТ. (PRIDE.) Заедно со ДНК. (DNA.) се двете песни кај кои највеќе е присутна директната општествена критика, повторно низ слојот на религиозниот наратив. Оттаму, LAMAR зборува личното и локалното / “blackpower” (обединетоста на црното население наспроти пресметките на бандите од гетата) / Барак Обама и Доналд Трамп.

FEAR. (СТРАВ.) е мост помеѓу седумгодишниот, седумнаесетгодишниот и дваесет и седум годишниот KENDRICK, песна која зборува за едно чувство кое ја прави неговата личност целина, чувство од кое не може да се избега никогаш и е присутно со нас без разлика на околностите кои се менуваат.

GOD. Претпоследната песна на DAMN. Се вика GOD. (ГОСПОД.) По достигнувањето и живеењето од својот успех, премрежувајќи го своето минато, стравот, исфрлајќи го емотивниот детерминизам од своите плеќи KENDRICK LAMAR прашува: дали вака се чувствува ГОСПОД?

DUCKWORTH. е последната песна на DAMN. И е достојна за кулминативниот завршеток кој сите го очекувавме. После сите тринаесет песни кои се наоѓаат на албумот и после секоја поента скриена во нив која ја презентира идејата на KENDRICK LAMAR дека промената доаѓа од внатре, DUCKWORTH. е приказна која ни дава пример дека оваа идеја воопшто не е утопистичка. Во последната песна KENDRICK ја раскажува приказната за тешкиот живот на Антони и неговата семејна историја која довела тој да биде уште едно изгубено дете на улицата. Антони решава да ограби еден локален ресторан каде што работи таткото на Kendrick Lamar, Ducky. Тој грабеж би бил погубен за Ducky доколку со неговата ведра страна и дарежливост не ги омекнувал муштериите, меѓу кои бил и Антони. После дваесет години Антони и Ducky се сретнуваат повторно, овој пат Антони поседува успешна продуцентска куќа, а KENDRICK е син на Ducky и еден од најуспешните рапери на нашето време.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/kendrick-lamar-damn-amerikanska-sistemska-represija-featured-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/kendrick-lamar-damn-amerikanska-sistemska-represija-featured-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаанализа,документарен филм,постмодернизам,рап,систем,слободаСо овој текст сакам да ја ослободам ангажираната уметност од стереотипите кои се повеќе се напластуваат околу неа. Американската популарна култура, барем во последнава деценија почна да ги презема вредностите и темите со кои се занимаваше алтернативната сцена. Ваквиот прогрес се чини дека ја релативизира политичката порака која со...Нова мисла на пресушената почва.