Boudoir Exotique – во светот на Laura Li & Bacco

Kasbah Salome е чудна и убава. Таа е бленд-маса од некои карактеристики на долгиот XIX и краткиот XX век: Vintage Glamour, Orientalism/Exoticism, Golden Age Cinema, Fine Art Photography.

Всушност, зад Kasbah Salome, стојат италијанските уметници Laura Li & Bacco и нивниот бренд познат како – Atelier des Italiens. Сместени во космополитскиот и со историја преоптоварен Mароко, тие го основаат своето студио во Танџир. Овај северноафрички град е идеален за развивање на нивниот уметнички јазик во фузија од повеќе извори: pop-psyhedelic дизајн инспириран од 60те, кино икони, Марокански дезени, vintage – илустации.

Atelier des Italiens игра со западните, мароканските и средноисточните културолошки препознатливи елементи и ги генерира во нова естетика.

It’s a question of representation! Кој го поседува наративот?

Но, зошто не привлекува Salome, зошто би требало да не заинтересира? Да, графичкиот дизајн знае да си поигра со нас, но тој е само нејзина облека.

Таа има сподобност да не привлече, бидејќи поседува глас на харемска девојка која не ја заборавила својата приказна, па дури и се дрзнува да ја раскаже на присутните во полуосветелниот и влажен амам.

Мислата на еден народ за друг, често се сведува на тривијални и површни судови и од нив произлезени наводни особини. Создавањето негативна проекција за другиот се објаснува и оправдува преку потребата за јакнење на внатрешното единство во една заедница. Тој процес потоа мора да подразбира друга страна – постоење на идеализирана слика за себе и припадноста на својата заедница наспроти оние другите. Поделбата на тие и ние, е сведена на остро разграничен биполарен однос на два спротивни принципи. Во време на политички, верски, идеолошки еклипси меѓу различни заедници, ваквите проекции се опасно оружје со долготрајно дејство, кое откако ќе слегне врз историскиот епилог, тешко се неутрализира.

Kasbah Salome ни раскажува дека нејзиниот татко не бил коњокрадец со златни заби туку производител на леб пред да дојдат белите господа во костими од текстилно сукно. Што ако тие се коњокрадците?

Зборот харем има арапски корени и означува нешто свето, тајно, интимно. Во својот превод овај збор означува семејство. (*Економиката на ваквиот тип семејство заслужува посебни расправи, првенствено родови)

​Претставите за локалните жени се представи на машката фантазија за моќ – кога жените сексуално се предадени, тоа значи дека и земјата е освоена.

Недопирливоста на отоманскиот харем за европските мажи помогнала во создавањето на слика за харемот како чисто сексуална институција и придонела во империјалистичкиот дискурс според кој Истокот е инфериорно поставен наспрема Западот. Создадените слики  за овој затворен простор, без разлика дали се на уметничкото платно или во весникот за карикатури претставуваат женски тела во проѕирни покривки кои се постојано во безгрижен танц.

Зад леснотијата и „привлечноста“ на овие прикази, демне еден светоглед според кој сѐ што е ориентално се смета за егзотично, еротско, диво и одишува женскиот принцип, додека отаде границата се наоѓа европската цивилизација која е христијанска, морална, одишува машкост.

Империјализам, ориентализам и Едвард Саид на средина

Релациите Ориент – Европа беа детерминирани од незапирливата експанзија на западноевропските народи во потрага по пазари, ресурси и колонии. По Првата светска војна, Ориентот за западот стануваше плодна почва за освојување привилегии. Семето на империјализмот беше ефективно посеано токму преку ориенталистичкиот светоглед – нема да погрешиме доколку тоа го наречеме идеологија. Тоа помогна во процесот на колонијална окупација и доминација.

Во неговата книга од 1978 „Ориентализам“, Едвард Саид [Edward Said] произлегува со својот аргумент дека научното пишување од Америка и Европа, презентира една погрешна и стереотипна слика за народите на истокот. Дали можеме да го разбереме она кое ние не го живееме? Кој го поседува тука наративот и што го дава тоа право? Убедени во својата избраност, па дури и дубиозно чувство на благородност според кое – тие се нечии цивилизатори, спасители – народите на империјалистичката економика тргнуваат да го спасат нецивилизираниот свет.

Гласот на Kasbah Salome

Atelier des Italiens за себе ќе речат дека со комбинирање на некои ретро дезени создаваат „нео-ориентализам“: Surréal, сонливо, хибридно и универзално. Овие репрезентации се всушност една нова слика за ориентот – омекнување и деконструкција на академските стереотипи. Salome е хероина од истокот телепортирана во вселенска одисеја во иднината. Ни докажува дека постојат уште илјадници различни светови во кои нема колонизација на културата. Ни кажува дека Ориентот е хронотоп на космополитскиот контекст.

*Сите слики се авторска сопственост на Atelier des Italiens;

*Види повеќе:

https://atelierdesitaliens.wixsite.com/design  

https://www.facebook.com/pg/khasbalush/about/?ref=page_internal

https://www.facebook.com/atelierdesitaliens/

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/kasbah-salome-featured-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/kasbah-salome-featured-150x150.jpgИвана ХаџиевскаАнтроПропоВизуелнографички дизајн,империјализам,историја,ориентализамBoudoir Exotique – во светот на Laura Li & BaccoKasbah Salome е чудна и убава. Таа е бленд-маса од некои карактеристики на долгиот XIX и краткиот XX век: Vintage Glamour, Orientalism/Exoticism, Golden Age Cinema, Fine Art Photography. Всушност, зад Kasbah Salome, стојат италијанските уметници Laura Li & Bacco и нивниот...Нова мисла на пресушената почва.