Polly Nor е илустратор која си поигрува со имагинацијата. Како инспирација и е генерално жената, женското тело и сликата за ѓаволот. Правејќи безброј комбинации двете ги сместува во различни како во физички така и во психички разголени состојби. Во нејзината работа може да се лоцира потребата од еден хумористичен поглед на сексуалноста и женското искуство во интернет ерата. Токму така започнува да твори и да ги презентира своите цртежи – на интернет, за кој смета дека е одлична платформа за сите креативни луѓе да можат да го објавуваат она што го работат и да бидат забележани. Нејзините илустрации на почетокот ги пласирала во meme форми, полека собирајќи следбеници на социјалните мрежи.

И покрај тоа што првично била загрижена од фактот дека бројот луѓе кои се запознаваат со нејзината работа енормно расте и почнуваат да се интересираат за она што таа го твори, сепак тоа и помага и повеќе ја мотивира да продолжи понатаму. Сега има над 400.000 следачи на Instagram, своја online продавница и неодамна остварена соработка со Andy Baker за создавање на анимиран музички видео спот. Nor, моментално работи на илустрација на книга за издавачката куќа „Bloomsbury Publishing“ во Англија а наскоро планира и модна соработка.

Живее и работи во Лондон каде се обидува да создаде една поразлична слика за девојката на 21от век. Од несреќни врски до викенд грешки, таа нуди интензивирано хумористичен и искрен исказ на женската сексуалност, со цел да не оттргне малку настрана од конзервативната слика на премногу објективизираната жена. Апсолутно ја зема целата слобода за да прикаже еден алтернативен поглед на сексот, врските и емоциите на модерното време, предизвикувајќи ја машката визија за жените. Како инспирација ја користи сегашноста  во која живееме, популарната култура како и ситуациите кои општеството секојдневно ни ги наметнува. Овие теми Nor ги пресликува во цртежите кои за неа претставуваат најлесен и најприроден начин на експресија.

Пристапот на Polly Nor кон sex-surfing и феноменот selfie автопортретирање е со недвосмислено сатиричен тон помешувајќи го со искрена доза на женска емпатија. Затоа ваквиот вивиден пристап можеме да го вметнеме како вид надреализам, создавајќи сцени кои се спротивставуваат на обичното преку нелогични и понекогаш дури и вознемирувачки ситуации.

Кога во нејзините цртежи се присутни поранешните љубовници, тие се појавуваат како нејзини визуeлизации на потиснатите желби, како ѓаволи со кои е тешко да се бори, а уште потешко да ги заборави. Во нејзините цртежи желбата е илустрирана во специфични форми. Ваквите илустрации алудираат на неминовниот глад за „ескeпизам и слобода од притисоците на западната култура“. Креативниот процес е сведен на обид да се визуелизира чувството и она што го преокупира умот на артистот во тој момент. Nor го објаснува начинот на кој таа ги креира нејзините ликови, обично правејќи основен облик со молив за потоа да се извлече целта слика преку молив, скенирање за на крај да се дојде до дигиталното боење.

Со користење на многу бои во нејзината работа, таа претежно се задржува на пастелни нијанси или светло зелена и се разбира,  користи многу црвено за познатите „devil characters“. Поголемиот дел од нејзината работа се фокусира на сексот, и таа смета дека:

Сексот е тема со која секој може да се пронајде и поврзе на многу интимно ниво. Можноста од неколку кликови кои не делат од пристапот до онлајн порно индустријата стана формативна во сексуалниот живот на младите луѓе, комплицирајќи едно веќе многу сложено прашање.

Затоа таа директно се бави со една ваква тематика, свесна за двојните стандарди кои постојат кога станува збор за жените и нивната сексуалност. Основните демографии на нејзината работа ги посочува на младите девојки.

Повеќе информации во врска со работата на Polly Nor може да најдете  на нејзиниот официјален сајт, како и на нејзиниот Instagram профил.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/C2dVIxpUAAEXFmX-1-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/C2dVIxpUAAEXFmX-1-150x150.jpgИрена ТрајковаВизуелноpolly nor,визуелна уметност,жени,илустрација,култура,уметници,уметност,феминизамPolly Nor е илустратор која си поигрува со имагинацијата. Како инспирација и е генерално жената, женското тело и сликата за ѓаволот. Правејќи безброј комбинации двете ги сместува во различни како во физички така и во психички разголени состојби. Во нејзината работа може да се лоцира потребата од еден хумористичен поглед...Нова мисла на пресушената почва.