Овaa #ЛитМанџа е magic potion на Калиа Димитрова од феминизам, светки и космички (не)ред. Прочитајте ги трите песни од диско збирката ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС, чија промоција е закажана на 27 април во Музејот на современа уметност од 20.00 часот.

Поезијата на КАЛИА ДИМИТРОВА  се занимава со Скопје, односно самата идеја за градот како микро простор во кој луѓето учат да функционираат заедно, зградите кои ги сведочат движењата, социјалната неправда, асфалтот и дрвјата, спомените на улиците, љубовта во градот и кон градот, подиумот, политиката, борбата на жената и нејзината интимна приказна некаде меѓу сите други.

НИКОЛА ГЕЛЕВСКИ, промотор на ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС за стилот на Калиа вели дека  е емотивно реалистичен, со нежни, ретки преплетувања на фантастични слики и евокации. Јазикот на ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС на моменти е колоквијален и „баналистички“, но интересно е што зад често слаткастата површина се кријат бруталистички замки. Дражеста наеднаш станува вражесна.

Со поетската збирка на Димитрова истовремено стартува новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа ТЕМПЛУМ, посветена на ОГНЕН ЧЕМЕРСКИ.
На промоцијата дел од ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС ќе бидат прочитани од актерката КРИСТИНА ЛЕЛОВАЦ, а исто така ќе се прикаже и краткиот филм на БОРЈАН СТОЈКОВ, изработен според пет песни од оваа збирка.
Потоа следува музичката селекција на ИВАНА НИЗАМОВСКА.

 

средени луѓе

во светот на средените луѓе
јас сум згужван лист:
потсетник на мисли и планови
кои не сакаат да станат агенди.

во светот на луѓето
со карирани, испеглани пижами,
незагорени палачинки,
живи растенија,
уплатен летен одмор преку агенција,
функционални тостери и блендери
јас сум лажна вест скована во велес
-материја без форма.
дали се преправате дека знаете што правите?
мистерија!
си мислам додека им грицкам
од мезето за возрасни:
кашкавалче, маслинче, дижон, диња, пршутче…
и се ѕверам во календарот на ѕидот
со заокружени денови
-не родендени
туку крајни рокови.

во светот на средените луѓе,
со аларми без снузови
и свежо цедени сокови
јас сум вчерашна пица
заборавена во фрижидер.

во светот на среденителуѓе
кои никогаш не талкаат
јас сум загубена пратка
која секогаш заминува,
но никогаш не пристигнува.

во светот на средените луѓе,
јас сум амиш на железничка станица во чикаго.

 


мачки

знам девојки
како тебе.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе
ќе живеат свој живот.
ќе имаат работа, имот и ред.

ти ќе останеш сама.

ти не знаеш да станеш
едно
со друг.
ти си остров.
ти си туѓ збор.
ти сакаш журка наместо живот.
ти си љубовта на мојот живот.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе ќе имаат
дом, тостер и деца.
ти ќе се лечиш од осаменост
лижејќи се.
ти си мачка.

ти ќе останеш сама
и ќе ти биде жал.

доволно ми е.
слободна си.
-кажа
пред да стане песна.

 вештерките денес

точакот на бети
свети како диско топка
по долгите булевари.
уличните светла
згаснуваат
пред нејзиниот сјај.
таа не вози. лебди
пар сантиметри
над асфалтот
што се топи под неа.

бети има црна коса
црвени усни
боси стапала
и светкави канџи.
жена вражесна
со жар за неволја.

кога ја видов бети
очите ми станаа
вжештени комети.
сè што сакав да знам
е како и јас да станам
вештерка.

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/04/31056829_2604810746211710_858869480674033664_n.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/04/31056829_2604810746211710_858869480674033664_n-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџаинтимност,книги,книжевност,македонска сцена,македонски автори,поезија,феминизамОвaa #ЛитМанџа е magic potion на Калиа Димитрова од феминизам, светки и космички (не)ред. Прочитајте ги трите песни од диско збирката ВЕШТЕРКИТЕ ДЕНЕС, чија промоција е закажана на 27 април во Музејот на современа уметност од 20.00 часот. Поезијата на КАЛИА ДИМИТРОВА  се занимава со Скопје, односно самата идеја за...Нова мисла на пресушената почва.