Човечкото тело и неговата репрезентација во различните медиуми, а со тоа и во уметноста е доста комплексна тема. Како една од појдовните точки за себе – идентификација и себе – спознавање, тоа зазема значаен дел од она што се нарекува ЈАС и има желба да укаже на својата различност. Можеби затоа живееме во култура толку опседната со телото, неговото прикажување и сокривање, неговата форма и изглед. Тоа е она што примарно не сепарира, расно, етнички, полово и поради тоа лесно станува жртва на бројни насилства. Казнувањето на телото е многу стара практика преку која казнетиот треба да доживее духовна трансформација. Темата за телото како главна мета на казнената репресија во својата опсежност не може да биде опфатена во овој краток текст, но мислам дека е значајно да се нагласи со цел да упати на тоа како телото историски е репрезентирано и колкава важност му се дава на истото. Секако, тоа е оправдано со оглед на фактот дека, телото е нераскинлив дел од личноста, единствен познат начин на материјална репрезентација и во неразвојна врска со она што го дефинираме како живот.

Сепак верувам дека има простор фокусот да биде тргнат од телото без истото да се изостави. Опседнатоста со неговата совршеност, светкавите маркетиншки трикови како таа да се постигне и еликсирите на младоста може лесно да бидат заменети со репрезентации и славење на тела кои би претставуваме симболи за она што тоа тело го содржи во себе како суштина.

Затоа фотографката Joanne Leah со серијата фотографии Acid Mass го привлече моето внимание.

Јас сум под влијание на Дада, Деконструктивизмот и Надреализмот. Користам обични, секојдневни, предмети на невообичаен начин, објективирајќи го телото на начин кој делува збунувачки или скршен за на крај да ја трансформирам сликата во симбол кој е дел од нејзиниот визуелен јазик.

Joanne Leah е скулпторка и фотографка која живее и работи во Њујорк. Таа создава фотографии во кои спојот помеѓу телото, позадината и различните материјали има за цел од фотографијата да создаде приказна и да го надмине визуелно естетскиот дел. Се чини малку парадоксално да се користи телото или делови од телото за да се промени начинот на кој истото е репрезентирано, но мислам дека Joanne Leah со своите фотографии успешно го направила тоа. 

Начинот на кој телото е претставено во фотографиите ги надминува традиционалните претстави на истото, особено женското тело. Благодарение на изборот на силните бои секоја фотографија има за цел да предизвика одредена емоција или спомен. Често пати додека ги гледаме стегнатите тела, закочени или заробени имаме впечаток дека сме сведоци на некоја борба. Верувам дека преку изборот на материјалите на големо се отвора темата поврзана со смртноста на телото, неговата ранливост, сексуалноста, темата на изолацијата и осаменоста, како и темата на насилство.

Со секоја фотографија сакав да создадав искуство кое го надминува телесното и предизвикува чувство на запленетост и неподвижност, независно дали тоа го постигнувам со помош на композицијата, поставеноста на телата или материјалите употребени за да се направат сликите.

Како што и самата авторка укажува, сликите се доказ за ранливиот однос помеѓу кожата и внатрешноста под неа, спој на јавното и приватното, видливото и скриеното. Движејќи се на границата помеѓу реалноста и халуцинацијата (оттаму е и името на серијата Acid Mass), фотографиите делуваат мистериозно, збунувачки, помалку бизарно и инспиративно за различни толкувања во зависност од рецепторот.

 

Фотографии и официјална страна на авторката – тука

Цитатите се преземени од тука

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/joanne-leah-featured-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/joanne-leah-featured-150x150.jpgМарија БошковскаВизуелноанализа,апстракт,визуелна уметност,живот,интимност,приватност,слобода,уметници,уметност,фотографијаЧовечкото тело и неговата репрезентација во различните медиуми, а со тоа и во уметноста е доста комплексна тема. Како една од појдовните точки за себе - идентификација и себе - спознавање, тоа зазема значаен дел од она што се нарекува ЈАС и има желба да укаже на својата различност. Можеби...Нова мисла на пресушената почва.