Во оваа литературна манџа, го пренесуваме во целост расказот на Јасна Котеска – ТЕСТО.  Станува збор за плетенка од приказни во чие јадро е скриена суштината – сите претставуваме тесто кое на крај завршува во општествените калапи.

ТЕСТО

*Сите ликови и настани се измислени.

 

1.
Живеам во зафрлено место. Не е тоа некое африканско село каде животот вреди пет пари, па ако купиш мопед, својот живот може да го мериш во термините на успех или дури и на локална слава. Не е ниту центар како Њујорк, каде ако работиш како коњ и прескокнеш неколку пријатели и свои принципи, ќе умреш осамен, но со чувството на успех. Живеам во место населено со медиокритети. Секој знае по нешто, но никој не знае доволно. Сите сработиле, но никој до крај. Сите имаат нејасна претстава што е бесмртност, но не знаат како да ја стекнат. Луѓето се трудат да бидат чисти и културни, додека не добијат деца и станат свињи.
Со други зборови живеам просечно, без надеж дека некогаш ќе станам повеќе. А веќе имам 40 години. Може да живеам уште 30, со многу среќа. Баба ми живееше 93, но таа не пушеше по две кутии малборо лајт и не пиеше по четврт шише Бадел дневно. Значи, си одземам од старт 20 потенцијални генетски години, и добивам уште 30 години од најздодевната фаза од животот: помеѓу 40 и 70. На 40 години се’ уште можев да забележам кој е згоден, но додека за себеси мислев дека и јас сум згодна, тој веќе не ме забележуваше како што порано би ме забележал без исклучок. Се уште мислев дека ги следам трендовите на размислување, но тие веќе ми беа или здодевни, или површни, или напорни. Можев да спијам доволно и доволно да се негувам, за да оддадам привид на релативно млада и современа жена, која освен тоа има и некаков локален успех, и евентуално со тој пакет да заработам патетично восхитување од некој, објективно интересен но збунет човек, но потенцијалната екстаза и ветувачкиот хедонизам со него, веќе по првите три месеци од евентуалната среќа, за почеток во попримитивна смисла би ги уништила токму прерогативите со кои ја бев заслужила среќата со него, а поточно да ги уништи самите придобивки од редовниот живот, па повторно ќе заличев на збудалена баба во нејасна врска од која, или тој заради отрезнување, или јас заради срам и бесмисленост, ќе сакавме да си заминеме, а во посложена, вистина беа зборовите на мојот кум, дека редовно мачно ги повредував сите свои љубовници, кои по правило не сакаа или не знаеја на време да си одат од мене, па или морав да ги бркам со закани за полициска забрана од приближување (која реално не ни знаев дали функционира во мојата земја, но ја имав видено во американските филмови), или ако беа позаљубени или само поочајни применував различни мерки, во зависност од тежината на случајот – навредувајќи ги до бесвест или тешејќи ги дека ако инсистираат да останат покрај тежок човек како мене ќе имаат само чувство на генерална животна загуба – второто редовно успеваше и кај најтврдите случаи, веројатно бидејќи секој човек длабоко во себеси верува дека е подобар од секој еден друг, па се’ што требаше во овој случај да се стори е другиот да се поткрепи во неговите најдлабоки уверувања. Моите методи беа речиси целосно успешни, со исклучоци на понекоја општа или лична непријатност.
Да се вратам на главното. Порано се тешев дека моите вистински творечки години ќе започнат по 40-та. Гледате јас не се занимавам со убаво пишување, туку со теорија. За успешна работа во теоријата (име што скромно го прифатив за себеси наместо претенциозното филозофија) генерално се сметаат годините по 40. Така читав, односно така ме убеди другарка ми, тогаш најдобрата, која сметаше дека во нашите 30-ти не сме успешни, само затоа што за филозофите (таа го немаше мојот комплекс), успехот доаѓа дури со мудроста, во нејзина интерпретација „околу 50-тата година од нашите животи“. Слепо и’ верував, оти кога бев 30, тоа беше ветување дека ќе може да се опуштам и да живеам со целата своја хедонистичка сила уште цели 20 среќни години, по што ќе го нагазам моментот на личната бесмртност, кога дополнително ќе ме дочека и голем професионален успех. Но, кога еднаш дојдов во 40-тата година од животот, сфатив дека веќе немам сила да читам големи книги како некогаш. Ако книгата не ме умореше по првите 30 страници, или ако го немав глупавото чувство дека веќе сум ја прочитала кај некој друг, а сепак сакав се’ уште да ја читам, дури и под услов сосема да ми се допаднеше, дури и под услов да си замислев дека токму јас истата сум ја напишала, па сакав да го премерам мојот успех, резултатите од таа операција воопшто не беа ветувачки.
На пример, додека ја читав „Повторување“ од Кјеркегор, која со исклучок на неколку повторувања и навистина здодевни пасажи, беше одлична книга, кога замислив дека јас сум ја напишала и го видов моето презиме покрај насловот „Повторувања“, книгата ја сурфав на интернет. Видов дека книгата ми ја има на википедија, дека е преведена на многу јазици, дека ја анализирале стотици филозофи. Се беше во ред. Сепак таа имаше едвај 55.000 резултати на гугл, сосе сите сајтови каде беше само случајно спомната, а јас со моето минорно досегашно дело имав дури 10.000 страници. Авторот беше објективно голем филозоф, мртов веќе век и пол, имаше доволно време да се институционализира неговата слава, па сепак, сфатив дека во неговите чевли јас би била само пет пати подобра од мојата сегашна слава, резултат на творештво кое во најголем дел беше речиси чисто промашување. Се замислив дека тоа воопшто не е смешно. Тој сигурно пропуштил во младоста да ги направи сите оние работи што ги направив јас, па сепак ниту тоа не се покажува како многу исплатливо. Освен тоа, тој пропуштил да има семејство и дете како јас, пропуштил да се грижи за својата стара мајка и да го одмазди името на својот татко, како што тоа го правев јас, па сепак, тој објективно стоеше само пет пати подобро од мене. Тоа не беше исплатливо и воопшто не беше смешно.
Потоа го отворив сајтот Најголемите писатели на сите времиња. На страницата имаше само една единствена табела. Вертикално беа испишани годините помеѓу 1201 -та и 1901-та, а хоризонтално 16 земји или јазични подрачја: Америка, Британија, Германија, Шпанија, а од поегзотичните Персија и Хибру. Почнав да ја проучувам табелата внимателно: од 1201-та до 1801-та година, американската графа беше целосно празна, првиот спомнат автор беше Мелвил. Заслужено, но цели 4 века пред него беа празни. Персија пак на графата постоеше само помеѓу 1201-та и 1301-та година со автори што едвај ги познавав, а сите следни векови беа празни. Русија ја имаше само во 19тиот век, прв излистан беше Пушкин, па збиени по него се редеа: Гогољ, Тургењев, Достоевски, Толстој, Чехов, како да се бабушки кои излегуваат од располовениот стомак на претходниот, а последниот беше Мајаковски – пред и потоа кај Русите беше сосема празно. Најмногу гужва имаше кај Британците. Пополнуваа од 1301-та (Чосер) до 1900-тите (Пинтер).
Очигледно ова беше британско-центрична табела, но тоа е коректна поента. Светот денес е британско-центричен, а бидејќи не сум дел од британската култура, се чинеше речиси бесмислено да почнам што било во оваа дисциплина. Освен тоа мојата земја воопшто ја немаше на табелата. Ги немаше ниту соседите, со исклучок на Грција и тоа само во 20-тиот век со Сеферис и Рицос, но сигурно беа тука ставени единствено поради античкиот период, кој бидејќи воопшто и не беше опфатен, нивната графа изгледаше толку сиромашно и бесмислено, што беше далеку подобро воопшто да ги немаше. Полошо од нив стоеја само Чесите со Кундера (пак во 20-тиот век) и некојси Холан, кој дури не го ни познавав. И секако Персијците. Тие всушност стоеја најлошо, бидејќи кај нив беше пополнета само графата од 13-тиот век, а потоа светот ги избришал. Во ваков случај е подобро да бидеш Грција или Чешка, фактот дека си присутен подолу во листата нејасно значеше дека се уште ветуваш, дека си „млад “, ако имало радијација во твојата култура минатиот век или тој пред него, можеш да се надеваш дека нешто од тоа радијациско зрачење ќе се префрли и на тебе –беше знак за надеж. Вака, ниту имав на што да се надевам, ниту можев да упаднам како поединец во тие графи. Кафка, на пример, беше ставен под германската заедница, а тие барем ги пополнуваа трите графи од 18, 19 и 20 век, но заради бројноста на имињата, кај нив не беше толку визуелно пусто како кај другите, иако сите векови пред Гете им зјаеа тотално празни. На кратко, немаше што да очекувам.

А ако малце се изместев, целата табела, во својата тоталност, веќе беше однапред осудена на неуспех. Што е оваа табела во споредба со периодичниот систем на елементите? Да не зборуваме за Фејсбук. Или за самиот интернет на кој ја гледав. Или за политиката. Или парите. А, конечно каква е таа писателска слава, кога ако некому му изразиш искрена почит за неговото дело, иако знаеш дека тој е длабоко нарцисоиден (конечно целиот живот го жртвувал за моментот кога ќе му пријдеш за да му оддадеш почит), чинот на приоѓањето и не беше друго освен чисто понижување – тој очекувал, со право, илјадници како тебе, секој ден и секој миг да му приоѓаат и да му изразуваат почит. А освен што веројатно наместо прослава, многукратно повеќе добил само злоба, завист и напади, поголемиот проблем беше дека тој кутар човек и не можеше искрено да му се израдува на својот ѕвезден момент, не само заради општоприфатениот манир дека мора да ја перформира скромноста, дури и кога ја немаше, туку каква е таа слава што доаѓа во форма на бедна женичка од 40 години што на автобуска станица му се восхитува во лоши чевли и со жолти заби? Значи, ако славата е главната причина за пишување, зарем не беше далеку подобро човек да е музичка ѕвезда? Која во светот на забавата се подметнува себеси за предмет на секаква суровост, само за луѓето да се забавуваат. Се разбира дека сето тоа беше циркус, но од антиката наваму, токму тој циркус се нарекуваше слава. Значи, сосема беше непрактично, освен тоа и бесплодно, да се седи дома и да се подготвува планот за својата слава, во форма на пишување. Тогаш зошто сепак седнував?
Реков, живеам во зафрлено место. Тука ништо не се случува. Морав да си смислам забава. Свет во кој моите јунаци живеат тука, но тие се забавуваат. Паралелно секако можев (иако ме мрзеше), да ја работам и теоријата. Официјално да бидам дел од културата што демек никој не ја гледа, а сепак сите ја ценат, ние вредиме. Да се разбереме, мислам дека ние (од теоријата, или филозофијата како што милуваше да каже другарка ми) вредиме толку колку што сме видливи. Веројатно и помалку. Од некој племенски атавизам или нејасното чувство на долг, јавноста се’ уште периодично ни се обраќаше.

2.
Пред да започнам да го замислувам својот свет, требаше да кажам дека маж ми беше во Гвинеја. Да беше тука немаше да замислувам свет, оти ќе гнетевме школки во истите три ресторани во градот во кој живеевме или ќе нарачувавме риба во двата рибника што се наоѓаа на час возење оддалеченост од нашиот град. Или ќе се ебевме, или ќе гледавме филм. Или ќе спиевме. Или ќе го воспитувавме (што се сведуваше на дерење) нашиот син.
Но, маж ми тогаш беше во Гвинеја. По половина век воена хунта, имаа први демократски избори. Маж ми беше повикан да направи статистика од изборните резултати. Но, резултатите не им ги даваа. Па така отседе цела недела во Новотел хотелот во Конкари, без можност да излезе надвор. Го искасаа комарци уште првата вечер, бидејќи пристигна во хотелот дури во 11 часот ноќта, а немаше никој од набљудувачката мисија на Европската унија да го дочека со средство против комарци. Следниот ден му дадоа апчиња против маларија и средства за мачкање. Во мисијата која траеше пет месеци, сите беа искасани, но само еден човек доби маларија. Таа статистика го тешеше, сепак тој беше статистичар.
Искасаниот беше шефот на обезбедувањето, голем како трокрилен шифоњер.
– Не е проблем што една недела ќе имаш несносни болки – му рече тажно на маж ми – туку што апчињата против маларија предизвикуваат депресија. Депресијата трае најмалку месец дена. Кога некој ќе дојдеше да ми се жали на проблеми со безбедноста, мене ми доаѓаше незапирлива желба да плачам.
Една од потрогателните сцени е кога голем маж, кому калашњиковите му се нагледни средства, а убивањето професија, природно го признава планетарниот пораз на човештвото пред комарците. Искрено се надевав тогаш, дека тие еден ден и ќе му пресудат.
На маж ми му дадоа да пие малерон превентивно. Веројатно и него го фаќаше периодичната потреба да плаче. Но, јас ретко го гледав како плаче, всушност во 15 години заеднички живот го имав видено како плаче само еднаш, кога му реков дека сакам да се исели од дома. Тогаш ми рече дека нема каде да оди и дека не може да живее без нас. Секако парите не беа причина, ние финансиски стоевме сосема добро. Емоциите ми се чинеа пoмалку врзани за вистинските причини за солзите. Веројатно проблемот беше во бесмислата, како и кај мене.


И самата ретко плачам. Редовно пиев седативи, превентивно веќе 20 години, од кога станав барем малку свесна за себеси. Заедно со алкохолот што го спомнав. Комбинацијата го правеше денот поднослив.
Апчињата ги запив, кога еднаш, по мојот прв хистеричен напад, татко ми ме однесе на психијатар. Проверена жена, одлична соговорничка, хумана докторка, ми рече тогаш, негова блиска пријателка. И болницата беше близу до нашиот дом. Навистина беше прекрасна. На првата средба зборувавме за Галебот Џонатан Ливингстон. Го бев читала, но за мене тоа беше лајт литература, која ја презирав. Ме натера да ја гледам од внатре, длабински, духовно. И ветив дека ќе ја прочитам книгата на таков начин, само за да ја смирам, а книгата ја тутнав во чантата, со идеја никогаш да не ја отворам вторпат. Сепак, докторката ми се допаѓаше многу. Округла како топка, длабока и смирувачка. Ми препиша две купчиња различни антидепресиви и седативи и ми рече дека е времен проблем.
– Многу учам, сите да ми биле десетки, мало тело, голем товар, нормално е.
Таа реченица нормално е единствено правеше разлика, значеше дека повторно се’ ќе биде во ред.
Почнав да ги пијам и ми беше одлично. Единствената мака со која се соочував секојдневно беше дали и кога ќе се откажам од среќните апчиња, тогаш за првпат влегував во светот на пороците и неврозите, и тогаш не го знаев тоа што го знам денес – дека тие траат вечно. На една од закажаните средби, третата по ред, дојдов пред време. Во чантата го имав Галебот, а во главата одлично подготвена и извежбана реплика, како за испит по книжевност, со цела палета духовни идеи што летаа од романот небаре Џонатан лично, во сите правци, а особено во медицинските, и ме погодуваа токму мене и мојата невроза најинтимно, сосема така како што претпоставуваше мојата докторка. Имав се’ подготвено. Се гледавме на две недели. Но, по две убави средби, сепак бев подготвена, на следната сеанса, штом се создаде првата прилика, веднаш да го исфрлам и моето централно прашање и најголемиот внатрешен товар: до кога ќе треба да ги пијам среќните апчиња? Кога повторно ќе може да бидам среќна без нив?
Дојдов на шалтерот и го изговорив нејзиното име. Сестрите се погледнаа непријатно. Првата, што го држеше мојот картон и книшката гледаше низ мене, а таа позади, што седеше зад купчето жолти картони, суво одговори:
– Нема да се видите, може да ве префрлиме кај друг доктор.
– Не сакам друг доктор, сакам кај мојата докторка – одговорив решително. Требаше да раскажам со што се’ се согласувам со мојата докторка околу летањето на Џонатан Ливингстон, ние имавме час.
– Вашата докторка не работи повеќе.
– Како не работи, пред две недели бев кај неа – почнав да викам во себеси, иако всушност едвај ги изговарав зборовите.
– Дете, твојата докторка се самоуби, ако сакаш друг доктор, чекај на истата врата.
Така, засекогаш останав заглавена со моите апчиња. Тоа навистина беше и мојата прва помисла на веста за самоубиството – дека апчињава ќе ги пијам вечно. Потоа сменив уште неколку психијатри во други институции (од чекалницата си заминав веднаш), но тие или ми даваа појаки апчиња, или ме убедуваа дека пиењето среќни апчиња е неважно, камо и тие да имаат таква „патерица“ заради која денот би им бил поднослив и дури ведар, како што и јас постојано сум ведра, еве дури и на психијатарските сеанси сум прилично прибрана и љубезна (денес, кога апчињата ми се далеку од патерица и самата го споделувам нивното мислење дека е одлично човек да има така цврста патерица како што за мене тогаш беа „среќните апчиња“, но тогаш….), како и да е, ниеден од тие тешки и тромави доктори на душата (од кои на голем дел впрочем им се тресеа рацете, имаа невротични тикови и генерално делуваа помизерни дури и од мене, додека главите едвај им се ѕиркаа зад шишињата коњак што им ги носеа благодарните пациенти), не рече дека треба да ги прекратам моите среќни апчиња.
Едно време ме држеше и помислата за некаква измама во врска со мојата докторка. Ми рече дека Џонатан е слободен, дека човекот може да се спаси, само ако работи доволно. Јас работев најмногу што можев, дури и Џонатан го одработив подобро од многу мои подоцнежни лектири, па сепак имав нејасно чувство дека таа ме изневерила.
Татко ми тажно потврди дека навистина нешто необично се случило со нашата докторка. Делуваше побеспомошно од инаку. Сепак, се уште мислам дека не беше фер. Галебот го фрлив штом излегов од болницата. Евентуално требаше јас да си заминам, одев кај токму за да ми помогне да не си заминам, но таа требаше да остане. Нели е така професионално?

3.
Маж ми требаше да се врати дента. Два дена порано беа убиле тројца цивили во близината на хотелот Новотел, кој на интернет беше рекламиран како хотел со пет ѕвездички, но господ да го чува наивниот што мисли дека хотелските ѕвезди на планетава се универзална категорија небаре небесна, па во Конкари тогаш воведоа полициски час. Маж ми требаше да лета во 23 часот ноќта. Полицискиот час почнуваше секој ден во 16 часот. Најдоа кола и уште за време на ручекот го однесоа до аеродромот, каде чекаше осум саати, но пилотот кој од Париз доаѓаше за Конакри, со преседување во Дакар, одби да слета во Конкари. По осум часа чекање во аеродромската зграда, штабот на мисијата на маж ми ургираше кај директорот на аеродромот.
Бидејќи со Гвинеја владееше воена хунта од 15.000 војници, директорите на сите објекти, па и на аеродромот во Конакри, беа воени команданти. Тој лично и пресретливо го спроведе маж ми во својата канцеларија на аеродромот, најискрено му се извини за инцидентот и му организираше воен конвој со џип и две коли придружба со кои го врати до хотелот во текот на полициски час. Во џипот имаше четворица војници со калашњикови, двајца напред и двајца позади, еден од лево, еден од десно, а маж ми кој светеше како лампион во црниот автомобил, седеше на средина. Гвинеја е поранешна француска колонија и таму никој не зборуваше англиски, па маж ми помирено гледаше како поминуваат низ чек поинтите – прибраноста и прагматичноста повеќе одошто храброста беа неговите витални доблести. Не веруваше во моќта на белиот човек, оти не е толку тупав, туку во силата на математиката, со која работеше секојдневно. А математиката во моментот велеше дека никому не му се исплати да го убие. Ми се јави од хотелот:
– Ме вратија, не се грижи– ведро рече додека нарачуваше пиво на англиски на хотелската тераса покрај Атланскиот океан, чија плажа патем беше валкана и мрсна– се’ е во ред. Задутре повторно ќе ме возат на аеродром. Полицискиот час почнува дури во 6 попладне, еднаш ќе мора да полетаме, оти ќе се собираат се’ повеќе патници и ќе имаат се’ повеќе проблеми ако спречуваат полетувања, одошто ако организираат заминувања – резонираше со вообичаената сталоженост, не од паника, како што би било кај мене, туку од математички порив, за него светот беше сложен сплет од равенки што треба да се решаваат, во што немаше ништо лично.
Беше во право, но сеедно, не се грижев за него воопшто, повеќе имав нејасна возбуда дека нешто се случува. Воена хунта, џипови и калашњикови, директор на аеродромот во воена униформа и со пиштол во панталони, сето тоа беше ветувачки декор. Освен тоа, и двете племенски страни, како што ми објаснуваше маж ми на скајп во деновите пред тоа, имаа интерес да бидат добри со страниците. Секој што сакаше да ја раководи земјата со огромни природни богатства, а со воена хунта и огромна сиромаштија, мораше да игра барем мудро со белците кои им беа наметнати од интернационалната заедница.
Пред оваа мисија, маж ми требаше да биде дел од тимот набљудувачи на изборите во Судан, на кои одби да оди бидејќи датумот на мисијата се поклопуваше со седмиот роденден на нашиот син, на 30 октомври. И суданските власти најмирно и наједноставно ги преместија изборите за малку подоцна. Да се помести изборниот ден во Судан, заради роденденот на едно дете во Македонија, воопшто не беше инфантилна или понизна политика. Напротив, кој годе да ја владееше таа земја, знаеше дека малку угодување на петнаесет странци од земји, чии имиња не можеше да ги изговори и ништо не му значеа, се мал компромис во споредба со мирот што потоа со години непречено ќе го стекнеше, за да ја владее и тормози својата земја на сите возможни начини, доколку изборите, толку важни за „цивилизираниот“ свет, поминат без проблем, па макар проблемот за моментот се нарекувал, детски роденден. Големи политичари се тие што ја знаат тајната: некогаш одлуката да се окупира странска земја е исто толку важна колку и одлуката да се испочитува еден детски роденден.

4.
Секако, за нашиот син, Андреј, чиј роденден беше во прашање, сето ова беше неважно. Тој за моментот пред очи ја гледаше само табелата со своето име на хоризонталната линија каде беа запишани имињата на сите 23 деца од класот II-3 во основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје, а на вертикалната беа ставени ѕвездичките со популарноста за секој од неговите соученици. И на таа имагинарна табла, не гледаше ништо добро за него. Не беше последен, но не беше ни прв. Беше во медиокритетската средина со доволно хинтови за да не биде сосема невидлив (па барем заради невидливоста опскурно интересен), но и беше без бројката заради која ќе избиеше на врвот на цајгајстот во својот клас.
Не припаѓаше ни во победниците, ни во поразените. Нему суданските власти не му значеа ништо, кога знаеше дека на роденденот, иако татко му дојде со огромен робот, а мајка му ги довлечка сите деца на пријателите и комшиите за да биде сигурна дека роденденот ќе биде социјален успех и нема да му ја понижи иднината, сепак, на тој роденден, ја немаше и Ана. Ана ретко забележуваше дека Андреј воопшто постои во нејзиниот клас, а поверојатно и го презираше затоа што тој не знаеше да и одговори ни со да, ни со не, кога таа од мака ќе го прашаше дали тој може да се мрдне за таа да помине, од што беше смрзнат од стравот дека таа ќе ја види симпатијата во неговите очи. И така таа се гушкаше со Тадеј на часовите, а според комшијата Давид (син на цајканот од катот под нашиот, кој се сметаше за најдобар другар на Андреј, иако Андреј беше рамнодушен кон Давид, барем исто онолку колку што беше рамнодушен и кон суданските власти, а кој секој ден доаѓаше кај нас за со Андреј да цртаат огромни курови и пички на големите бели листови додека мислеа дека не ги гледам – овие тајни цртежи беа и единствената причина заради која Андреј го трпеше и дури го сакаше друштвото на Давид) – според Давид од долниот кат, значи, Ана сепак не се гушкаше само со Тадеј, податок што Андреј го знаеше, туку се гушкаше и со Марко големиот, во ходникот пред училницата, кадешто еднаш ги беше видел лично Давид и на Андреј му посведочи за таа гушка, додека и двајцата беа задлабочени во цртањето големи курови и мали пички со една црта (кај Давид) и со влакна (кај Андреј).
А истата ноќ кога маж ми го враќаа со црниот џип назад во хотелот со пет разболени ѕвезди во Конакри, син ми беше настинат. Имаше 39 температура ноќта пред тоа. Тоа не ме загрижуваше. Напротив, ми даваше нејасна возбуда дека нешто се случува. Цела вечер, на два часа станував, мерев температура, го соблекував и го бањав за да му се спушта температурата за цел еден степен, па го мачкав со ракија, му правев чај и супа, а потоа го заспивав. Спиевме до два часот попладне.
Потоа се јавив на работа и ги откажав часовите за утредента. Од библиотекарката го побарав телефонот од најдобриот студент Иван. Ми го даде телефонот, но ми предложи наместо јас да се мачам, а ете син ми е разболен, најдобро ќе биде самата да му се јави и да ги откаже моите часови, оти така ќе биде „послужбено“ како што ми рече, и дури уште подобро, предложи дека најдобро би било телефонистката на факултетот лично да му се јави, оти така ќе биде „најслужбено“.
Се согласив дека е така најдобро. И уште, бидејќи ми се допадна службената нота, а и важноста што со неа ја добивав, додадов дека е најдобро уште и ако таа самата додаде уште малку службеност кон целата работа (а библиотекарката зависеше од мене, затоа што и двете деца ги имаше запишано да студираат на нашата група, а и за двете, освен редовните, дополнително ги имаше запишано да ги слушаат и сите мои изборни предмети, па иако нејзините деца не доаѓаа на моите часови, ниту некогаш ги имав видено како зборуваат или пишуваат, таа очекуваше за нив само највисоки оценки од мене, за што за возврат имаше беспоговорно воспоставено код на понизност кон мене, и иако беше десетици години постара, и се облекуваше и се однесуваше како вистинска дама, за разлика од мене која на работа одев исклучиво во фармерки и док мартинс, што ги немав сменето со години, дури и кога сосема ми се распаѓаа, и иако имав повеќе пари од неа или од кој било друг мој колега, тој дрес код не го сменив од денот кога пред 15 години првпат стапнав на работното место на факултетот, иако тогаш тоа облекување навистина беше одраз на мојот финансиски дебакл, поточно на дебаклот на моите, бидејќи кога почнав да се снаоѓам во животот, финансиски се снаоѓав подобро од нив- значи понизноста на библиотекарката кон мене, барем надворешно беше бласфемичен гест за секој што не ги познаваше нашите внатрешни односи), и реков значи, дека е добро доколку и самата испечати едно писмено известување дека утре се откажуваат часовите по Постмодерна литература и филм и тој лист да го закачи на вратата од библиотеката за евентуално некој студент кој нема да чуе од Иван, да може навремено да се информира и утре да не доаѓа на часови безпричински. Постмодерна литература и филм се викаше курсот што утредента требаше да го предавам од 11.20 до 14.40. Секој четврток раскажував за теориите на Лиотар, Брајан Мек Хеил, Кристева, Фокема, и потоа гледавме инсерти од филмови или читавме фрагменти од раскази и романи.

Барбара Кругер
Барбара Кругер

5.
Имав супер група. Еден од студентите, Илија, беше манекен – работеше за најдобрата модна агенција кај нас, и беше одличен во анализите. Секогаш знаеше да ги примени сувите теории врз примери од светот на модата, ги препознаваше постмодернистичките техники во најновите модни каталози од Гучи и Версаче или во рекламите за Т-мобиле.
Но, Иван кому сакав да се јавам, за да го откажам часот, беше многу поподготвен. Неговите анализи беа восхитувачки. Иван изгледаше како бирократ бирократски, грд, неугледен, очичен и генерално изгледаше постаро од повеќето асистенти, дури и од дел од нас професорите. (И, да, нивните имиња беа комплетно обратни: достоинственото Иван му се беше паднало на човекот кој изгледаше како совет советски, а селското Илија требаше да го носи овој супер модерен и згоден тип, кој секогаш изгледаше како да се симнал од насловната страница на Вог).
Кога ќе почнеше да зборува, Иван зборуваше долго и со оние тешки зборови, кои често не водеа никаде и од кои ме болеше главата и добивав страв дека ќе се срушам од вртоглавица пред преполната училница, но набрзо ги склопуваше сите тие тешки зборови и аргументи така што тие прецизно водеа и се склопуваа до блескава поента што никој од нас не ја беше видел пред тоа – некаква заокружена и комплексна анализа во која имаше место дури и за морална поука. Најдобрите анализи пак секогаш му беа врзани за религиозните текстови, или тие кои можеа да се извлечат до метафизичка висина. Вистинска стара школа, заради која мојата професија не ми изгледаше бесмислена, како кој било друг ден или пред која друга генерација и Иван беше заслужен за таа ненадејна радост и достоинство на моите часови.
Илија беше напорен на друг начин, честопати не ја разбираше длабочината на тезите, и кога ќе се обидеше да извлече некоја синтеза, тоа честопати беше така интелектуално тапо и засрамувачко, што морав многу да се трудам да го извлечам неговиот коментар и во него да додадам толку многу парадоксални пресврти, што испаѓаше дека Илија кажал работи што воопшто не ги мислел, но ги навестил со своите трапави реченици, а заради кои сите во училницата остануваа со нејасното чувство на измама, беше нејасно ниту што токму сакал тој да каже со својот фактички коментар, ниту од каде во неговите идеи долетал овој вишок смисла.
Илија беше сепак одличен во апликациите, подобар од сите други во училницата, а апликациите мене, како површен ум, бескрајно ми значеа; освен тоа, тој сосема добро го разбираше новото време, моралот за него беше преценет и му се восхитував на храброста гласно да стои зад светогледот кој интимно стопроцентно го споделував, но немав храброст, ниту власт гласно да го промовирам; ми се чинеше дека во училницата нема никој што како него без момент задршка би застанал зад тезите дека моногамијата е пролупана, дека светот се распаѓа во бесмислен догматизам, дека десетте божји заповеди се создадени за да ги држат луѓето во покора, дека светот се темели на безочната материјалност (пари плус убавина), и дека се’ што во светот има е само превласта на појаките врз послабите. Впрочем, оваа вистина за Илија беше природна, бидејќи со својата убавина, тој беше алфа мажјакот, кој добро знаеше дека светот им припаѓа на биолошките бисери, а не на биолошките чкартови. Но, Иван беше многу подобар и кога би имала можност да бирам асистент, без двоумење ќе го изберев Иван, кој ми даваше чувство на смисла во она што го работев, а кое колку подолго го работев, толку бесмислата се’ повеќе ме обземаше до степен на очај.
Конечно, дури и упорноста на Илија беше производ на Иван. Имено, само заради фактот дека Иван не се срамеше да зборува на тој застарен јазик, а со таква реалност, торжественост и драматика на глупиот час по книжевност кога таа дисциплина беше на умирање (небаре некој рошав тинејџер, кој од нигде никаде одеднаш доаѓа на погребот на заборавениот старец од соседството, и за него зборува со вознемирувачка доза нежност и торжественост), тој беше и единствената причина зошто целата група делуваше поумно и поподготвено одошто реално беше, причина зошто групата воопшто беше спремна да соработува, а тој беше и причината зошто Илија (кој во друга студентска група лесно можев да го видам како седи во задната клупа, гледа порно клипчиња на мобилен и ја анимира целата задна редица со зајадливи забелешки за сметка на професорката со мрсната коса), сега седеше во првата клупа, читаше тешка теорија, и се натпреваруваше со Иван за подобра и попрецизна мисла, небаре алфа територијата во класот (оставена од триесетина 20-годишни девојчиња со кикички и кратки сукњички) и не можеше да се освои само со добриот изглед што Илија го имаше, а Иван го немаше, туку исклучиво и само со интелектуалната надмоќ и достоинственоста на мислата.

Сепак, кога им дадов колоквиумски ливчиња на средината од семестарот со десет комплицирани прашања, Иван беше нервозен и (што многу ме нервира кога имам испит) се шушкаше со другите студенти околу него (што на часовите никогаш не го правеше), за разлика од Илија кој најсконцентрирано седеше во првата клупа (Иван побегна назад), задлабочено ги одговараше прашањата, едно по едно, небаре составува моден каталог со најдрагоцените модни парчиња, и како светот околу него да не постоеше, а кога го предаде листот и го прашав дали прашањата биле тешки, со блескава насмевка одговори: „Не, сите беа лесни“. Сепак, повторувам, Иван беше мојот избор. Како и во животот. Иако тегобни – рационалноста, темелноста и потребата од ред и од знаење, дури и кога сите овие работи заедно беа застарени, а и покрај неврозата што Иван ја покажа на колоквиумскиот испит, сепак секогаш беа мојот прв избор и повеќе ги почитував, дури и од моите сопствени погледи врз културата како збирштина од површност, убавина и сјај, нешто со што најлесно го идентификував Илија. Се чини, духовно се идентификував со Иван, а материјално знаев дека Илија е во право, и додека се нишав помеѓу едниот и другиот принцип во мојот сопствен живот, сите други студенти, како и сите други луѓе воопшто, за мене беа едвај биолошко тесто, нешто што постои за евентуално да ме гњави со својата паланечка присутност, прашањата, шушкањето, глупоста, бедата, смрдливоста, очајот, комичноста – на кратко, со бесмисленото трошење на биолошката материја.
Меѓу другите бесмислено расфрлани студенти, имаше и еден Сунај. Турчин, кого првите две-три недели го викав Синај, додека не ме коригираа другите Турци од групата, да не речам ме исмејаа, по што искрено се извинив, ако не, и се зацрвенев од срам. Сунај се наметна со своите гласни критики на се’ што не беше религиозно на часовите. Уште од првиот ден јасно ми даде до знаење дека е длабок верник и дека тоа му е особено важно, додека самата одговорив дека не сум верник. Таа изјава редовно почнав да ја давав на почетокот од секој семестар, особено последните години, кога забележав дека религиозноста зафати ужасни корени меѓу моите студенти. Од година во година, постепено ја гледав трансформацијата на моите студенти од атеисти во безнадежно религиозни и догматски чудовишта, во исто време со промената на државата од комунизам во транзициски десничарски капитализам, и тоа ме вадеше од памет. Таа преобразба беше обратна од се’ во што верував. Пред 15 години, требаше да ги терам моите студенти да го забележат присуството на метафизичката инстанца во песните, а тие и со најдобра намера не можеа да ја видат. Сега не можев да се ослободам од товарот дека пред мене, во училницата, имав невидлива божја мрежа што се цедеше од главите на моите студенти, што нив ги врзуваше во некое недефинирано биолошко тело, кое го демнеше секој мој еретички збор.

6.
На еден час, работевме песна од доцниот барок, една навистина тупава песна за една планина на која не се случува ништо важно, но каде лирскиот субјект сака да седне на врвот од планината за да го почувствува „големиот тука Бог“, како што завршуваше песната. Пред тоа имаше десет долги строфи, а во нив бура, овци, говеда, некој овчар и девојка, па нови карпи што се трупаат една преку друга, покрај дрвата и езерата, ужас од ништо неслучување. Но, сето тоа требаше педантно да се расклопи за да се види што во песната е доцен барок, што е предромантизам, а што е едвај просветителски опис – целта на часот беше некаква медицинска операција, небаре песната ќе ја спаси од тотален колапс оваа операција на преспојување на ткивата за од обична тиква да се добие некое монструозно битие, вредно за разговор. Сеедно, тоа требаше да се направи, и како секоја година, така и оваа, секоја строфа ја цртав на таблата, една по една, со добро извежбан увид и евидентна комичност (конечно, оваа песна ја цртам веќе 15 години колку што предавам на факултет). И додека цртав говеда и овци се’ беше во ред, но кога го седнав лирскиот субјект на врвот од планината покрај господ, вознесено, а всушност крајно уморно и здосадено, реков:
– Како да го нацртам овој тип од горе? Можеби традиционално како старец, или подобро, како робот, нека биде тогаш Бог киборг, – реков, додека всушност едвај чекав часот да заврши, а брзо пресметав дека старец бара повеќе потези со кредата од обичната кутија што ќе ја наречам робот.
Тогаш Сунај од средните редови, во паника свика:
– Немојте, ве молам.
Истата секунда ми светна дека мисли на иконокласноста, но решив да го игнорирам. Мојата енергија во моментот беше далеку поважна од неговата догма и кратко му одбрусив:
– Ма дајте.
Ги нацртав двајцата, седнатиот тип со кругче место глава, стапче место тело и четири стапчиња место екстремитети, а Господ доби само еден потег со кредата во форма на четвртаста кутија во која напишав: Бог. И потоа следеше анализа од десет минути и следеше пауза.
Кога се вратив од паузата, целиот комплициран цртеж со десет строфи и многу чкртаници што одеа во разни правци (од третата кон шестата строфа, па тие завршуваа во облаче на кое пишуваше „барок“, од првата, втората и седмата строфа во облаче на кое пишуваше „просветителство“, до трета таква мрежа од линии што завршуваа во облачето наречено „предромантизам“ каде евентуално беше и големиот киборг), се’ беше тука како што го оставив, освен што некој со сунѓер го имаше избришано киборгот. Не ми беше смешно, ама ни тажно. Војна, си помислив уморно и простодушно, но не реков ништо, оти ме мрзеше или немав сили да водам војна за избришаниот бог.
Друг пат, пуштав инсерт од „Сенки“ на Милчо Манчевски. Инсертите обично ги симнував од Јутјуб, и тие траеја колку што трае клипче на Јутјуб – 10 минути. Кога дома ги подготвував материјалите, прво на Јутјуб го пуштав инсертот и ги гледав само првите две-три минути дали има постмодернистички својства, ако имаше, престанував со гледање, го спуштав клипот кај мене на лаптоп и го исклучував сајтот, и онака не јас, туку студентите имаа задача да ги најдат елементите на самиот час, па мојата работа беше со тоа завршена. На час, згаснав светла, студентите се наредија пред лаптопот (условите на работа ми беа катастрофа, па користев мој лаптоп, а бидејќи не постоеше некоја особена служба за информатичка поддршка кај нас, или јас не знаев за неа, освен што знаев дека компјутерите ги одржува еден дечко, кој како и сите други што имаа барем малку од малку увид во работата на факултетот, па оттука му се роди идејата дека сака да стане нешто „повеќе“, „кадар“, па наместо техничката поддршка за која беше платен, по цели денови ја пишуваше магистерска за Горан Стефановски, значи бидејќи немаше техничка поддршка на која би можела да и’ се обратам, искрено не ни знаев дали имаме проектор на работа, па се држев до лаптопот на маж ми, небаре и мене ме плаќаат да придонесувам кон работата со се’ што имам), па клипот почна. Имав цели десет минути да дремам во темно и да размислувам над мојот беден живот.


Ги гледав 30-те глави озрачени од екранот на лаптопчето, пред кое се буткаа, сребрени глави озарени од допирот на возвишената божја електронска промисла, и додека неудобно се сместував во последната редица со намера да се свртам накај прозорецот, одеднаш го видов во темницата Сунај како мижи и нешто мрмори. Веднаш сфатив дека се моли. Видов и дека едно девојче од последниот ред, гледа во земја. Инстинктивно рипнав и видов дека двајца се ебат во филмот на Милчо. Прво ми дојде комична рамнодушност од нивната потресеност. Сепак, конечно, нешто интересно се случуваше. Го оставив клипот да заврши, запалив светло и искрено им објаснив дека не сум го догледала клипот дома, дека кога ги симнувам овие клипови не ги догледувам, бидејќи филмовите ги имам гледано одамна, но не секогаш знам што сум спуштила во конкретната сцена. Тоа беше чиста вистина. Повеќето се насмеаја и рекоа дека нема проблем, дека уживале. Сунај не рече ништо, како и неколку девојчиња. Илија беше развеселено индиферентен, а Иван не го ни видов, тој секако е невидлив додека не почне да зборува. Потоа продолживме со анализата. По часот, ми пријде Сунај, заедно со двајца колеги Турци. Сунај сакаше да зборуваме за две работи.
– Знам еден одличен турски прозаист, дали може неговиот роман да го работам за завршна теза за курсот, мислам дека има доста постмодернистички елементи кај него?
– Секако, одлична идеја, одговорив.
– И уште нешто, додаде. – Дали може да ве замолиме, во иднина да не пуштате вакви филмови?
Видов дека е нервозен, но бев уморна и сакав да си одам дома. Размислував брзо.
– Не може, одговорив – Тоа е уметност, ако не пуштаме вакви клипови, треба да укинеме половина современа уметност.
– Но, тоа се коси со нашата религија.
– Разбирам – одговорив искрено. И немав намера да го повредам. – Но, тоа ќе го решиме на следниов начин: во иднина ќе ги догледувам инсертите пред часот, и пред секој клип, ќе најавам дали во него има содржина што е навредлива, и ќе објаснам од кој карактер е, па вие одлучете дали ќе го гледате, реков.
Сунај не изгледаше сосема задоволен, но не беше ни незадоволен. Од тогаш Сунај беше многу поактивен на часовите од порано, а ја користеше секоја можност да поентира во религиозен правец. Некои од тие поенти беа витални за часовите и подобри од се’ што направив со нив тогаш.


7.
Но, генерално, за сето тоа време, и со сите тие луѓе, без разлика дали се наметнуваа во светот со својата исклучивост, со трагата на бесмртната слава што ја носеа во себеси, или обратно, се наметнуваа со својата безименост, со единствената заслуга од припаѓањето на безименото стадо полуписмени мајмуни кои само седеа на часовите и ги сведочеа битките на издвоените, лично се чувствував многу слично на маж ми во Конакри. До аеродромот имаше само десет минути возење со автомобил. Можев да полетам за Париз во секое време. Сепак, од некои причини, неразбирливи за мене, наоколу владееше вонредна состојба, заради која никако не успевав да се извлечам од калта што ме обвиваше, да влезам во автомобилот и на возачот да му го кажам судбоносното:
– До аеродромот, ве молам.
Никој не беше прогласил вонредна состојба, сепак нешто не му даваше на човека да се движи слободно и нешто дефинитивно не беше во ред со нашите движења. Нема дилема дека потезите на таблата беа подеднакво напорни како и качувањето во тој судбински автомобил. Една графа, еден цел век се исцртуваше исто толку тешко како и една киборг кутијата од четири едноставни линии, која пак се исцртуваше исто толку тромаво и уморно колку и качувањето во таксито што возеше до аеродромот. Сите тие перформанси, доаѓањето на часовите, одењето до хотелот, до аеродромот, до факултетот, до училиштето, натпреварите околу Ана, сите тие работи беа проследени со толку густ егзистенцијален грч, небаре целата наша планета и се’ во неа ќе се распаднеше веќе следната секунда, само ако некој од нас, за тој еден момент, одбиеше да ја перформира својата улога во светот, очигледната глума дека се’ е во ред, дека се’ е нормално, додека лапавме седативи, летавме како Џонатан и не сакавме, не смеевме да си заминеме, за некој по нашето заминување, сосема исправно да речеше дека сето тоа, гледате, не било воопшто фер. Го чекавме нашиот авион, но не сакавме да го претрупаме последниот, што тој момент полетуваше. Најкратко, бев затворена во земја со црнци, што возеа со црните раце, по црните патишта и држеа црни калашњикови, главно вперени еден во друг, каде натпреварот се одвиваше меѓу алфите, но за сите нив, вклучително и за мене, остатокот од светот беше само биолошко тесто на кое требаше да му се даде име, за полесно да се обликува и да се раководи. Секој од нас, во таа битка остануваше белецот, од другата страна, и каква годе соработка да имаше, таа секогаш беше соработка на цивилизираниот надреден бел човек и хаосот што владееше околу, додека секој од нас потајно се надеваше дека секој миг, а што побрзо, полицискиот час ќе заврши, дека конечно ќе ѕвони, а пилотот ќе дојде секој момент и ќе ме однесе подалеку од калта на Конакри.
Син ми, од друга страна, беше слободен. Само што тоа не го знаев тогаш. За мене тој беше едвај биолошко тесто, не многу различно од Илија, Иван, Сунај или кое било глупаво девојче во училницата. Тој гледаше курови и пички и чувствуваше дека светот не им припаѓа на тие што го именуваат тестото за да го владеат, туку на тие што автентично го препознаваат за да може да го сакаат.

Но, тој ден син ми беше настинат и зависеше само од моите сирупи.

Јасна Котеска

Визуелно: БАРБАРА КРУГЕР

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/kotevskafeatured-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/kotevskafeatured-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџаинтимност,книги,македонска сцена,македонски автори,постмодернизам,систем,слобода,Струшки вечери на поезијата,традицијаВо оваа литературна манџа, го пренесуваме во целост расказот на Јасна Котеска - ТЕСТО.  Станува збор за плетенка од приказни во чие јадро е скриена суштината - сите претставуваме тесто кое на крај завршува во општествените калапи. ТЕСТО *Сите ликови и настани се измислени.  1. Живеам во зафрлено место. Не е тоа некое...Нова мисла на пресушената почва.