Иван Шопов, и покрај сѐ, го сака Скопје. Пишува за него. Повеќе пати се изгубил во градот и се надева дека повторно ќе се изгуби. Претставуваме три куси раскази од неговата книгичка „091 – антиразгледници од Скопје“, објавена во едицијата Друга приказна  на издавачката куќа Темплум.

Летачи

Весниците одамна се печатат во помал формат. Така градот ги загуби своите летачи. Во детството долго ги гледав на клупите во парковите како вежбаат и се готват за своите летови, чиишто линии за мене до денес останаа тајна. Со раширени раце, речиси до крајните граници на нивниот распон, чичковците ги држеа отворените весници, мрмореа нешто или воздивнуваа.

Тогаш наивно верував дека читаат.

Распетие

Убава полицајка со раширени раце како распетие барем на оваа раскрсница ја има сета власт: ги одредува сите разминувања на автомобилите, пешаците, велосипедите, инвалидските колички; нивниот правец на движење, дозволата за поминување и времето кога ќе се направи тоа зависат од нејзината волја и мрдање со рацете. Би сакал да ја ослободам од појасот што ја дели на две. Ако претрчам во насока спротивна од дозволената, знам колкава ќе биде казната што треба да ја платам. Ако ѝ ставам ореол, знам дека ќе ме проколнат поповите од црквата сместена баш на аголот од раскрсницата со која убавицата владее. Ако ѝ оставам пари како на икона, тоа е веќе мито и корупција. Но што ако само воздивнам? Каква казна ми следува? Законот за сообраќај треба да биде попрецизен.

* * *

Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно.

На речиси ист или барем сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/ivan-sopov-1-1-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/ivan-sopov-1-1-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџакнижевност,култура,кус-кус расказ,литература,македонска проза,македонска сцена,уметници,уметностИван Шопов, и покрај сѐ, го сака Скопје. Пишува за него. Повеќе пати се изгубил во градот и се надева дека повторно ќе се изгуби. Претставуваме три куси раскази од неговата книгичка „091 - антиразгледници од Скопје“, објавена во едицијата Друга приказна  на издавачката куќа Темплум.Летачи Весниците одамна се печатат...Нова мисла на пресушената почва.