Женски кафе муабети со SVE SU TO VJEŠTICE, зборувавме за субверзивноста на мимовите, Лепа Брена, балканскиот идентитет и ženske gaćice 🙂

ПИРЕЈ: Како воведно прашање, дали може да ни кажеш нешто повеќе за тебе; колку години имаш, што студираш/е, што те #TRIGGERED за да отвориш феминистичка мим страница на која ги претставуваш филозоф[ки]ите од 20 век, политичари[ки]те и поп-ѕвездите со балкански/босански менталитет? Дали повеќе личности ја водат страната или само една?

SVE SU TO VJEŠTICE: Се викам Хана, имам 23 години и студирав политички науки и меѓународни односи на еден од факултетите во Сарајево. Страната SVE SU TO VJESTICE не ја направив со намера! Почувствував дека на локалната интернет сцена недостигаат женски гласови, ама иницијативата за VJESTICE ми дојде во една августовска вечер поради топлината на мојата пегла.

ПИРЕЈ: Гласот на балканската жена може да се препознае во SVE SU TO VJESTICE, преку филозофијата на познатите феминистички писателки. Дали се мимовите, со начинот на кој влијаат врз културата иднината на феминизмот и филозофијата? Дали тие во модерната интернет култура се успешен следбеник на традиционалните медиуми [книги, радио, телевизија] кои исто така се обидуваат да дадат одговор на ваквите прашања?

SVE SU TO VJEŠTICE: Јас сметам дека феминистичката борба е изгубена со инсистирањето на политиката на идентитети. Манифестацијата на тоа ја гледаме во начинот на кој алтернативната десница ширум светот зајакнува користејќи се токму со алатите настанати од добрите намери на идентитетската политика. Е, сега – како тоа се вклопува во прашањето за мим културата?

Генерацијата кој учествува во мим – комуникациите е онаа која популарно се нарекува millenials. Ако се земат во обзир структуралните услови кои постоеле кога ние, оваа генерација, настанува на Балканот, можеме да заклучиме дека е тоа една многу мала група на луѓе. Од тоа, за мим – културата на Балканот не може да се зборува како за доминанта на медиумската матрица, барем не на скалата на која се радиото или телевизијата.

Сепак, на овој или на оној начин, политиката на идентитети успева да дојде до балканските millennials. Погледнете ги Иван Пернар, Харис Захирагич, или БЕЛИ – освен што се дирекни производи на својата глупост, јаваат и на возот на идентитетската политика и мим- културата. Како, ќе извикате?! Убаво. Земајќи ја матрицата со која се кројат политичките идентитети, значи, припишување одредена вредност на одредена група на луѓе поради нивната поголема видливост, охрабрени од нерешената либерална дебата за слободата на говор, Пернари-те на ова поднебје стануваат супер ѕвезди благодарение на својата единственост. Тие со целиот свој лик се вклопуваат во матрицата на одреден замислен модел. Ние сме многу склони на обележување на нашите сограѓани [ma ona ti je feministkinja, ma on ti je jebač] на основа на некои тривијалности, видливи особини, и тогаш е возможно Пернарите-те, кои таквите ставови ги потврдуваа, да се покажат како некои натпросечни или воопшто како карактери вредни за внимание.

За среќа, мим културата е се уште прилично субверзивен алат. Мимовите можат да субверзираат дури и мим појави како што е Пернар. Тука им ја гледам вредноста, мимовите навистина можат да бидат едукативно средство. Единствено е проблем до колку луѓе доаѓаат и колку луѓето го разбираат. Еманципаторскиот потенцијал на мимовите е голем, но тешко може да се искористи.

ПИРЕJ: SVE SU TO VJEŠTICE станува многу популарна страна и благодарение на тоа креира уникатен бренд [гаќички, стикери и сл.]. Како започна целата идеа?

SVE SU TO VJEŠTICE: Сакав мојата порака да се шири надвор од интернет зоната, затоа што го сметав интернетот за лимитирано средство. Исто така не сакав тој излез од интернет просторот да биде класичен разговор или предавање затоа што таквите настани главно собираат истомисленици. Од друга страна не се занесував со колонијалните идеи да заминам во запуштените места во Босна и некоја девојка да ѝ речам дека е родена слободна, но дека нејзините ланци се насекаде. Но, сакав феминизмот да влезе во спалната соба, да биде на улиците, фрижидерите, лаптопите, било каде, на секоја локација; приватна и јавна. Гаќите и стикерите во тој момент ми изгледаа како најдобар начин. Со помош на пријателките кои водат босански online second-hand shop, RAHATLOOK, ја издадовме првата колекција гаќи и се надевам дека на сите добро им послужиле.

Мојата идеа е да им се даваат алати на младите девојки и дечки кои можат да ги користат онака како тие сметаат дека треба. Ако тоа значи да носат пред момчето гаќи на кои пишува Најди сам, тогаш нека биде тоа така. Ако тоа значи да залепите на фрижидер стикер кој таткото нема да го разбере, но твојата победа ќе биде во тоа што стикерот е таму, нека биде и тоа.

ПИРЕЈ: Изборот на ликови од поп- културата ни е многу интересен [музичарки, актерки, модели] Зошто токму нив? Дали е тоа поради начинот на кој тие влијаат врз денешната култура генерално или е нешто лично?

SVE SU TO VJEŠTICE: Лицата кои ја пренесуваат оваа порака се сосем случајно големи егзистенцијалисти или луѓе кои се занимавале со психоанализа и човековата несреќа во животов во кој се’ нешто “треба“ или се “мора“.

Ги земам нив и ги отсликувам во карактерите на одредени друштвени појави кај нас, пр. конзервативизмот, марксистичкото позерство, лицемерите и слично. Исто така, некогаш се инспирирани од одредени личности од приказните кои ги слушам од луѓето. Бирам кое лице ќе го претставува кој карактер така што читам малку за нивната работа и живот. Така и нешто учам!

ПИРЕЈ: Симон де Бовоар и Вирџинија Вулф, како и Жан Пол Сартр даваат хумористична и реалистична слика за позицијата на жената и нејзината борба денес. Дали е ова поради тоа што често размислуваш како тие би звучеле во денешен контекст?

SVE SU TO VJEŠTICE: Симон и Вирџинија разговараат онака како што јас би сакала да можам да разговарам со пријателките, но не можам секогаш. Со своите најблиски супер се зафркавам, но женските пријателства се комплексни и ситуацијата некогаш не дозволува шегата да биде така слободна како што е кај две дами.

ПИРЕЈ: Особено ни се интересни дијалозите помеѓу Симон де Бовоар и Карл Маркс. Можеби грешиме, но дали нивните препирки се во служба на поголема политичка критика актуелна денес? [Мислиме на односот на лево-ориентираните партии кон феминизмот]

SVE SU TO VJESTICE: Апсолутно! Разговорите со Маркс настанаа затоа што сакав да ја критикувам нашата машка левица. Тој се покажа како верен другар кој секогаш добива многу лајкови J.

ПИРЕЈ: Буковски наспрема Анаис Нин и женската сексуалност? Жените во литературата како сексуален објект [Буковски] наспроти сексуален субјект [Нин]?

SVE SU TO VJEŠTICE: Премолчениот начин на кој мажите и жените комуницираат ме фасцинира. Тоа всушност беше причината што ги избрав Буковски и Нин. Играта на моќта доминира во нашата комуникација и тоа е многу напорно. Исто како што Буковски би и бил напорен на Нин со муабетот дека имале прилика да се запознаат. Анаис Нин ја користам како омаж на сите жени и мажи на Балканот кои се одлучуваат да комуницираат различно од начинот кој бара од машкото да ја објективизира жената и од жената да ужива во таквата поставеност на работите.

ПИРЕЈНие сме внуките на вештерките кои не успеавте да ги запалите на клада – така вели една стара феминистичка изрека. Според тоа, кои жени од нашето далечно и/ли блиско балканско минато се важни претставнички во твојата Субјективна Женска Историја?

SVE SU TO VJEŠTICE: На првото место, секако се нашите мајки, кои сами по себе се херои поради милион различни причини. Потоа, чест заслужуваат сите оние жени кои на ниеден начин не се забележани во историјата, а допринеле на интелектуалната мисла, па дури и со тоа што го делеле животниот простор со своите синови и мажи – интелектуалци, политичари, професори, револуционери, и најверојатно се грижеле за нивната благосостојба. Кога станува збор за имиња, тоа е свет кој јас допрва го откривам: Јулка Хлапец – Ѓорѓевиќ, Вахида Маглајиќ, Лаура Папо Бохорета, Лепа Брена.

ПИРЕЈ: Суптилниот, потсмешлив, исполнет со сарказам, длабок поглед на Симон де Бовоар [мислиме на твоето прво лого] е одличен. Исто како и специфичниот босански хумор. Навистина сакам да знам што го предизвикува таквиот наратив, особено кога станува збор за жените; дали тоа е специфичниот менталитет, историјата [Балканската траума], или пак нешто друго?

SVE SU TO VJEŠTICE: Навистина не знам. И јас се прашувам. Тоа е најпрепознатливата карактеристика на луѓето од Балканот, другите луѓе ја приметуваат дури и кога комуницираме на различни јазици. Треба да почнеме да ја извозуваме.

ПИРЕЈ: SVE SU TO VJESTICE отвори сосема нова тема за дискусија [која беше повеќе од потребна] на социјалните мрежи, но исто така и во реалноста. Настрана позитивниот раст на интерес помеѓу помладата генерација во врска со твоите теми, дали во некоја точка од твојот развој доби негативни критики од индивидуалци или групи?

SVE SU TO VJEŠTICE: На самата страница немало многу негативни коментари. Не се замислувам дека тоа значи пронајдена формула за допирање на феминизмот до шовинистите, само мислам дека многу ги нервираме, а тие не знаат што со своето ужаснување.

ПИРЕЈ: Живееме во хаотична ера, но генерално, дали можеме да кажеме дека младите луѓе се прогресивни или конзервативни – но крзното на волкот е сменето?

SVE SU TO VJEŠTICE: Токму за тоа разговаравме пред малку – Пернари-те на овој свет ќе триумфираат сѐ додека ние тоа им го дозволуваме. Освен оној политички, традиционален конзервативизам, јас мислам дека постои уште еден, тоа е конзервативизмот на мислата, на начинот на кој го поимаме светот и себе си. Пароли, прокламации, идеолошки матрици на размислување [од кои, да се потсетиме, ни феминизмот не е поштеден] раѓаат вообразени лидери чија единствена супстанца се тие самите. Така што, конзервативни сме и на нови и на стари начини.

ПИРЕЈ: Последниот пат кога жените од Балканот [Југословенските Републики] биле поврзани и работеле заедно на социјалните и родовите теми, било за времето на Антифа Фронт на Жените [АФЖ]. Тоа е редок пример за женска соработка дури и на ниво на светска историја. Дали идеализираш нешто такво во иднината, дали е тоа возможно со нашите нови алатки [социјалните мрежи] и како тоа би изгледало?

SVE SU TO VJEŠTICE: Јас со VJESTICE се обидувам на правам нешто што не е на перформативно ниво. Сржта на комуникацијата која се обидувам да ја проблематизирам секако дека е политичка, но тоа само по себе не е доволно за организирана политичка платформа. Она што сакам да го испитам, е длабоко всадено во сите култури на светот но се манифестира на различни начини. Низ забележувањето на малите шовинизми, јас замислувам една феминистичка утопија која е нивна спротивност. Заради тоа, јас не можам да сонувам за некое движење или да го носам бајракот на новата феминистичка борба. Но кога би постоело некое движење на отпор, инспирирано од вакви текстови и од проблеми какви што посочувам, сигурно би му се придружила.

ПИРЕЈ: Во ерата на анонимните твитер профили и мим страници, забележавме еден “нов“ феномен. Многу од администраторите се девојки, но во пораките од обожавателите/ следачите, кон личноста што ја води страницата најчесто се обраќаат во машки род. Кои се следните чекори во кршење на стереотипот дека жените не можат да имаат алтернативна / радикална смисла за хумор? Како ти се справуваш со тоа?

SVE SU TO VJEŠTICE: Токму тој феномен е еден од оние проблеми со кои се занимавам на VJESTICE. Се разбира дека претпоставката е дека машко ја води смешната мим страница, освен ако страницата не е феминистичка. Ваквата претпоставка не подразбира дека тој што ја помислил е шовинист, туку претпоставката доаѓа од личност која така е научена да размислува. Јас лично, се справувам со тоа така што се опкружувам со жени кои имаат радикална смисла за хумор, мажи и жени кои не потпаднале во идеолошка рамка кога станува збор за начините на кои зборуваат, се облекуваат и се однесуваат.

ПИРЕЈ: Преку поетиката за Д Р У Г И О Т, балканските жени имаа турбулентна историја и радикални промени кон нивната перцепција поради различните политички фигури на моќ. Например, овде во Македонија [општо гледано] улогата на жената била вака некако: живеење во Отоманската Империја како традиционална домаќинка, потоа како партизанка, потоа како модерна жена со кариера и истовремено домаќинка [тука транзицијата се одвивала брзо и некои права, како на пример гласањето биле вметнати поради тогашната идеологија и политичка атмосфера – Југославија]. Потоа доаѓаме до ’90те и популарната култура како Д Р У Г И О Т [субверзивноста] и западните принципи се доминантни.

Дали постои локален, балкански фем дискурс или треба да ги преземеме западните феминистички принципи? Дали факторот кој би ја променил “играта“ е локален или глобален?

SVE SU TO VJEŠTICE: Немаме заедничка феминистичка платформа. И тоа е голема штета, би сакала да успееме да ја создадеме. Сигурна сум дека постојат заеднички проблеми кои ги чувствуваат сите балкански жени без разлика на класата. Мојата желба е да се фокусираме токму на тие проблеми и феминизмот да престане да биде само кариера. И мажите да помагаат. Ние мораме да престанеме да ги игнорираме приватните проблеми и да почнеме да внимаваме на нашите тироидни жлезди, репродуктивни органи и кичми. Куќите ни се почисти од главите и од телата.

ПИРЕЈ: Овде, на Балканот, отсекогаш била присутна една романтична ентропија – низ историјата многу од традициите на христијаните и муслиманите се споиле во едно. Денешните балкански “вештерки“ се соочуваат со различни проблеми во земјите каде што живеат, но либералниот статус кво со кои се здобија во Југославија сега е под закана на локалните фигури на моќ и полетот на десницата. Постојат нишки на опресија во медиумите на кои што сме изложени секојдневно – на пример Турските серии. Иако нивната прва и популистичка намера е да го спојат јазот помеѓу народите, длабоко во сржта на сценаријата може да се забележи политичката пропаганда која суптилно дава насоки како жените треба да се однесуваат. Ваквите размисли полека се впиваат во публиката без разлика на нивното национална/класна/религиозна заднина. Како може да се бориме против ова?

SVE SU TO VJEŠTICE: Една по една, ќе ги решиме сите заблуди за успешен живот, натпреварот помеѓу жените, машкото незнаење и маaлското трачарење.

ПИРЕЈ: Индијански хороскоп, кинески хороскорп… Хороскоп де Бовоар. Што велат ѕвездите? Кои се идните планови на SVE SU TO VJESTICE?

SVE SU TO VJEŠTICE: Pa bit će nekih gaća, sigurno 🙂 [Па ќе има некои гаќи, сигурно]

Кон крајот на октомври ќе имаме работилница во склоп на фестивалот VOXfeminae каде што ќе правиме мало истражување, ќе правиме стикери и стрип – бујрум во Загреб.

Босанската верзија може да ја прочитате тука.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/11953141_880727755314010_2506578514330287859_n.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/11953141_880727755314010_2506578514330287859_n-150x150.jpgpirejaltИсторија - istoriografska metafikcija i <3 ybavimisli <3 za narodotжени,интервју,мимови,политика,постмодернизам,систем,слобода,традиција,феминизам,филозофијаЖенски кафе муабети со SVE SU TO VJEŠTICE, зборувавме за субверзивноста на мимовите, Лепа Брена, балканскиот идентитет и ženske gaćice 🙂 ПИРЕЈ: Како воведно прашање, дали може да ни кажеш нешто повеќе за тебе; колку години имаш, што студираш/е, што те #TRIGGERED за да отвориш феминистичка мим страница на која ги...Нова мисла на пресушената почва.