Славенка Дракулиќ, една од највлијателните европски писателки на нашето време, која пишува за политиката, комунизмот, посткомунизмот и феминизмот. Теми, кои се толку големи табуа за осетливите уши и души на посткомунистичката читателска публика и критика. Овој пат, со Славенка Дракулиќ, во рамките на книжевниот фетивал BOOKSTAR, организиран од издавачката куќа „Антолог“, разговаравме за нејзината нова книга – „Невидлива жена и други раскази“, позицијата на книжевноста и жената во модерниот општествен контекст и табу-то на дваесет и првиот век – стареењето.

ИНТЕРВЈУ:

1. Кое е моментално најголемото табу според вас?

Табуата се различни во различни сфери. На пример, во политиката и историјата, речиси е невозможно да се погледне назад на бившата Југославија и социјализмот, на сѐ добро што постигнавме тогаш. Веднаш ќе бидете прогласени за “југо-носталгичар” што, секако, е негативно. Во јавниот дискурс проблематичен е зборот “род”, како застапување на геј-културата. Иако “род” многу повеќе се однесува на улогата која општесвото им ја доделува на половите, конфузијата се шири намерно. Ако мислевте на староста, сепак се разликуваме од Америка каде таа тема е табу. Но, генерално, бидејќи нас, особено на жените, ни нудат стотици можности за “подмладување”, отвореното покажување на години станува се повеќе и повеќе – срам.

2. Книгата може да биде многу моќен медиум, се додека има кој да ја прочита. Како литературата повторно да го врати вниманието на јавноста?

Литературата не постои во затворен простор. Ако нема начин да допре до публиката, тогаш е како воопшто да не постои.  Тие начини ги има се помалку. Се помалку има книжарници и медиуми во кои се објавуваат осврти и критики за некоја книга… Па, како да се насочи вниманието кон некое дело? Така што ќе го свртиш вниманието на себе! Денес до книги се стигнува само преку авторот. Имено, интервју со авторот ги заменува сите други форми на најавување на книгата. Всушност, најдобро е ако авторот предизвика некаков скандал, неговата книга веднаш се распродаде. Би рекла дека тоа е понижувачко за литературата.

3. Името на вашата книга е „Невидлива жена и други раскази“. Дали ги гледате невидливите жени од вашите раскази во секојдневието?

Всушност е обратно, жените од секојдневието влетуваат во моите раскази!

4. Јазикот во книгата е емотивен и невидливоста за која зборуваш неретко е тажна, но не можев, а да не се запрашам дали можеби таа невидливост и дава голема доза на слобода на личноста?

Можеби е така, но само на индивидуално ниво. Инаку таквата слобода е како жена која мора да се покрива, да се забули. Ако нема можност за избор, тогаш не е слобода. А, во стареењето нема избор, тоа е природен процес. Мислам дека се работи за можноста некој да остане корисен и потребен, но тоа е нешто друго.

5. Жената и нејзината позиција е еден од главните фокуси на вашата книга. Што мислите за нејзината позиција денес? Некој совет за феминизмот?

Долго верувавме дека феминизмот не е потребен, дека женските права се остварени и дека така е постигнато едно ниво на цивилизацијата и тоа никогаш нема да врати наназад. Се покажа дека тоа веројатно беше погрешно. Во Америка потребата за феминизам јасно се виде кога пред една година започна движењето против сексуалното вознемирување #MeToo. Во западна Европа жените сѐ уште не земаат еднаква плата за извршување на истата работа. Во бившите комунистички земји национализмот и црквата сe посилно работат во правец на одземање на правото на абортус. Од сето ова можеме да извлечеме една поука: женските права никогаш не се изборени до крај.

(Visited 95 times, 1 visits today)
http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/11/slavenka-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/11/slavenka-150x150.jpgpirejКнижевностжени,книги,литература,табу,феминизамСлавенка Дракулиќ, една од највлијателните европски писателки на нашето време, која пишува за политиката, комунизмот, посткомунизмот и феминизмот. Теми, кои се толку големи табуа за осетливите уши и души на посткомунистичката читателска публика и критика. Овој пат, со Славенка Дракулиќ, во рамките на книжевниот фетивал BOOKSTAR, организиран од издавачката...Нова мисла на пресушената почва.