Нашето мало инстаграм истражување ни донесе неочекувано откритие. Прочитајте го интервјуто со KIEV, инстаграм брендот кој отвора нови хоризонти за источноевропската мода.

Најпрво, дали може да кратко да се претставите и да ни кажете нешто повеќе околу основањето на брендот?

Идејата за брендот се роди еден ден кога држевме во рака оригинална јакна со лого во рацете. Се` беше јасно како ден бидејќи логото не привлече заедно со целата естетика на ИКЕА во позадина. Идејата за работничка облека ни се допадна многу бидејќи е во согласност со нашата историска и социолошка естетика. Временскиот период беше некаде околу последните месеци од 2016 и првите од 2017 кога се случуваше возбудата околу BALENCIAGA, па поради тоа мислевме дека сме на правиот пат кога станува збор за потрагата по сопствен идентитет. После сето тоа, го создадовме нашиот тим и почнавме да работиме на првата колекција.

Родени и израснати на Балканот, го разбираме мачо – популистичкиот стил на облекување [тренерки] кој мажите овде обожуваат да го носат. Но гледајќи кон истиот како кон културолошки феномен – зошто секојдневната мода не е сменета со години? Дали можете да ни дадете модно објаснување?

Модата треба да носи промени кога е добро изведена, а не на спротивниот начин, но ние веруваме дека постои еден зацементиран темел направен од култни и вечни категории на облека кои никогаш нема да излезат од колекциите за работничката облека. Проблемот е што модата се менува премногу брзо [четири колекции за една година] и не постои можност луѓето толку брзо да се адаптираат на промените, па поради тоа модната индустрија се обидува да ги претстави истите идеи на различен начин само за да може да ја прилагоди брзината.


Како логото на ИКЕА ве инспирираше за логото на КИЕВ и како дојде до промената на love your home со love your homo?

Се` започна кога го земавме логото на ИКЕА како инспирација која ќе ја запази естетиката на работничката класа. Логото на ИКЕА зборува самото за себе, тоа е едно од најпрепознатливите логоа од современата индустриска историја. Примарните бои и основните форми прават совршена комбинација за визуелно влијание, лесно се сфаќа, а е привлечно и достапно истовремено. Логото со себе носи силна порака и најдобро ја претставува работничката класа која сакаме да ја привлечеме. Преку хомосексуалниот филтер кој го поставивме со промената на love your home во love your homo, ја даваме клучната порака. Ваквата промена е врската која ги спојува сите овие елементи заедно и носи едно поинакво значење. Со текот на времето овој наш слоган премина во хаштаг и стана попознат дури и од нашето лого – КИЕВ.

Ни се допаѓа вашата естетика со која веќе глобално познатите логоа и слогани ги ставате во релација со локалното. Кое е вашето искуство, дали адаптацијата на локалното поднебје е начинот на кој може да се придонесе за промена на мајндсетот, наместо да се фураат веќе готовите начини за прогрес преземени од западот?

Живееме во време кога промените се случуваат многу брзо, особено кога станува збор за Источна Европа и нејзиниот пробив на глобалната модна сцена. Новиот источен бран ги преплави најважните модни колекции во Париз, па поради тоа ние веруваме дека се случува една размена помеѓу истокот и западот. Патот до целта е многу долг, но ако дизајнот сплотува, овие промени може да се случат за многу брзо време. Украина е плодна почва за многу модни дизајнери кои веќе го имаат изградено својот идентитет и тој соодветствува со нашата секојдневна култура што пак, оди рака под рака со политичкото и личното. Овој начин на размислување веќе одамна е вкоренет во нашите животи. Ќе продолжиме да се фокусираме на нашата социјална и политичка порака помеѓу луѓето се додека не станеме платформа која заедно ја градиме и ја шириме.


Кои се моделите кои ги носат колекциите на КИЕВ? Дали тоа се професионалци или аматери? Дали се тие дел од ЛГБТ+ заедницата?

Моделите се професионалци бидејќи многу внимаваме каква ќе биде првата слика за брендот по првата наша колекција. Но сега, веќе направивме и уличен кастинг и веќе ќе имаме колекција која ќе биде презентирана и од професионални модели, и од аматери, а и од девојки. Моделите во претходната кoлекција не се дел од ЛГБТ+ заедницата, но наскоро ќе се појават некои кои се. Ние не ги бираме моделите поради нивната сексуална ориентација туку по нивната професионалност, а ова исто така важи и за нашиот тим на дизајнери.

Вашите парчиња не се преработени туку вие ги смислувате и креирате дизајните кои се во стилот на работничката класа?

Целата облека е оригинална, нашите дизајни употребуваат работничка облека која ја ре-обликуваме и и` даваме оригиналност преку начинот на  шиење и дезените. Ние бараме нови начини за користење на работничката облека и новата колекција ќе биде малку поинаква, но се` уште ќе се базира на униформи и работничкиот свет.

Зошто баш работничка класа?

Како што кажаме, идеата дојде преку јакните со логото на ИКЕА која многу потсетува на алиштата што ги носиме и на кои сме навикнати во секојдневниот живот во оваа пролетеријатска околина. Работничката облека презентира нова естетика која може многу да се надоградува и да отвори нови хоризонти за истражување и експериментирање. Работничката класа е изворот на сила во нашата земја и нејзините супкултури се дел од нашиот национален идентитет, па поради тоа веруваме во функционален индустриски изглед кој, исто како и спортската колекција ќе станат многу важни елементи од денешниот моден бизнис. Социјалните и политички проблеми се длабоко поврзани и зборуваме за нешто што никогаш нема да го искорнеме од нашиот идентитет, па зошто да не се фокусираме и не создадеме нешто што го поседуваме длабоко во нашата култура.


Естетиката на КИЕВ е одлична, има андрогин вајб во сите парчиња, но сите официјално се водат како машки колекции? Дали можеме да очекуваме женска колекција наскоро?

Се разбира! Моментално ја дизајнираме новата колекција која ќе биде апсолутно унисекс, а женските модели ќе се појават за првпат во нашите кампањи за да ја пренесат пораката. Ние се фокусираме на работничка облека, која по дефиниција нема родов идентитет и истото ќе го направиме појасно преку оваа нова колекција.

Дали во истата ќе има некоја симболика која ќе ги претставува другите сексуални преференции во рамките на ЛГБТ + заедницата?

Старите, а и новите колекции со своите пораки и визуелна естетика се целосно посветени на ЛГБТ+ заедницата без некоја специфична категорија, genderless е клучен збор за нас и тоа е задолжително. Поради тоа, работничката облека е најдобар начин да се изразиме.


Истражувајќи за вашиот бренд забележавме дека на фејсбук страната има многу негативни коментари според кои логото на брендот е копија од дело на украинскиот уметник Вова Воротниов, кој се занимава со постмодернистичка игра со логоа, а тој работи во Киев. Дали станува збор за ненамерно поклопување и недоразбирање? Која е изјавата за ова од kiev.workwear?

Нашата страна на Фејзбук доби многу низок рејтинг откако имавме голем и симултан напад од неколку профили кои дејствуваа премногу испланирано за да биде спонтано, мислиме дека позади ова стои само еден профил, но апсолутно разбираме и не криеме ниту еден коментар што е оставен, веруваме во слобода на говор и поради тоа, се` што доаѓа од него е прифатено. За работата на Вова Воротниов дознавме од коментарите, па јасно е дека не сме го познавале од претходно, ниту пак сме имале некаков увид во неговата работа за да можеме да се инспирираме од него. Објаснивме неколку пати како идеата за овој бренд настана и немаме што да криеме во врска со тоа. Имаме цела колекција на работничка облека што е далеку поразработен концепт од лого за една маичка, па интенциите и значењата се многу различни. Во овој случај навистина станува збор за недоразбирање, а ние ја почитуваме работата на Вова Воротниов и се надеваме дека на никој начин не сме му попречиле во неговата работа и прогрес. Којзнае, можеби овие зборови некако ќе стигнат до него и ќе може да направиме некоја соработка за да покажеме дека омразата не е дел од нашата идеја за работа и дефинитивно не е пораката која сакаме да ја пренесеме, #loveyourhomo.

kiev.workwear е merchandise кој припаѓа на новиот бран на брендови кои се рекламираат преку инстаграм и останатите социјални мрежи и така го остваруваат својот контакт со клиентите и вљубениците во спортската облека и андерграунд модната индустрија. Меѓутоа според некои статистики дали имате предвид од каде се потрошувачите? Дали таргетната група на луѓе доаѓаат од Источна Европа или пак најголемиот дел од купувачите се од некоја друга страна на светот?

Инстаграм е нашиот најглавен маркетинг канал, нараторот кој ја раскажува нашата приказна, врската со светот, па така нашите клиенти можат многу лесно да се поврзат со нас – одговараме на пораките цело време, сакаме да направиме тие да не чувствуваат како фамилија од кое спонтано стануваат дел. Според статистиките, најголемиот број на купувачи се од Централна Европа односно Германија, Франција, Шпанија, Италија и Северна Америка. Највеќе од нашите купувачи се млади момчиња кои припаѓаат на ЛГБТ+ заедницата. Маркетот во Источна европа е потежок за пенетрирање, но ние работиме на нови стратегии со чија помош нашата порака ќе допре до оние за кои ние зборуваме и тоа е нашата цел за наредната колекција.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/coverstory-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/coverstory-150x150.jpgpirejВизуелноквир,мода,политика,систем,слобода,традицијаНашето мало инстаграм истражување ни донесе неочекувано откритие. Прочитајте го интервјуто со KIEV, инстаграм брендот кој отвора нови хоризонти за источноевропската мода. Најпрво, дали може да кратко да се претставите и да ни кажете нешто повеќе околу основањето на брендот? Идејата за брендот се роди еден ден кога држевме во...Нова мисла на пресушената почва.