За природата на жената: Стариот Завет. Религијата. Санкционирање

Категоријата на Другото е втемелена длабоко колку и самата свест. Во најпримитивните колективитети и нивните митологии секогаш ја пронаоѓаме двојноста на категоријата ЈАС и ДРУГИОТ. Тоа претпоставува дека човекот ги сфаќа и прифаќа биолошките односи во облик на спротиставености: дуалитет, алтерација, спротивност и симетрија: за домородецот на една земја, жителите на останатите се странци, за антисемитистите – Евреите се другите, за америчките расисти тоа се Црнците, за колонистите – домородците. За патријархалниот свет и мироглед, другоста се овоплотува во жената и женското. (1)
Да се објасни како настанала женската стварност, зошто жената е дефинирана како Другото и какви се последиците за неа кога сака да се извлече од сферата која и е наметната и да учествува во човечкиот свет е една особено обемна и тешка задача. Во овој дел напорот ќе биде насочен кон објаснување на стереотипот кој ја поврзува природата на жената директно со злото и неговата интерпретација во религијата, а со тоа и директна имплементација во средовековниот живот.

Антропологијата покажува дека во патријархалните колективни системи, жената е потчинета на видот, а таа потчинетост произлегува од нејзе наметнатата потчинетост на репродуктивната функција. Во вака зададеното структуирање, телото на жената е главен елемент за статус кој таа може да го поседува. Но, телото никако не е доволно за конкретно да се определи одреден статус. Живеењето на стварноста [она што Бовар го нарекува трансцедентност во патријархалната стварност] постои и се признава само низ активност и изразување на својата воља во колективот т.е. природата е стварност само доколку е опфатена со активноста на човекот врз неа. Во оваа смисла на вредување, жената се третира за иманeнтна [објект, трпител на дејствата]. Жената не мора да се примора директно за да раѓа [директно потчинување на репродуктивната функција], туку се става во услови во кои мајчинството за неа е најголема вредност. Законот или обичаите и наметнуваат брак, и забрануваат контрацепција, и забрануваат развод. Од тука, мажот се означува како човеко битие, а жената како женка [репродуктивната функција], и секогаш кога таа се однесува како човечко битие тој тип на однесување се третира како неприродно а со тоа и недозволиво. Тоа е санкционирано најпрво преку представите за жената како природно злобна и нечестива, вечна Ева, црти кои таа природно ги носи со себе и кои не смее да се дозволи да излезат како дејство. Понатаму, санкционирањето се материјализира преку нормите, обичаите и законите кои фактички ја заробуваат женската сушност само во одредена сфера која се смета „подобна за неа и опшеството“.

Легитимизација на овој систем на однесувања, западното европско средновековно општество наоѓа во религијата, која е и главен погон на споменатото опшество долг историски период. Конкретно за она што го претставува оваа тема, ќе не интересираат интрепретациите на жената во Светото писмо и како тамошните текстови и параболи се искористени за поврзување на жената со демонолошкиот мит.

Патријархалната идеја за инфериорност на жените може да се проследи уште од Првата книга Мојсеева [Битие] или уште попрецизно, двете епизоди за кои свои коментари дале многу средновековни теолози: создавањето на Ева и изгонувањето од Рајот. Средновековните теолози оттука го влечат стереотипот за [слабата] природа на жената, т.е. нејзиното учествување во првородниот грев, кој се поприма како фатален и непомирлив чин од кој почнуваат сите страданија на човечкиот род. Поради важноста што му се дава на ваков начин, потребно е и овде тој соодветно да се анализира: на што точно алудираат и од каде ги влечат своите аргументи теолозите од средниот век во западна Европа:

– Создавањето: жената е создадена како пониско битие во скалилото на развојот: „Господ ја создал Ева од Адам, па во умовите на многу теолози овај факт го оправдува потчинувањето на жената на мажот. Всушност описот на создавањето на Ева од Адамовото ребро, од една закривена коска, укажувал дека умот на жената неизбежно е извртен и изопачен“ [2]
– Учеството на жената во првородниот грев и жената како грешно битие [докажување на предходната поставка]: „Сатаната ја довел Ева во искушение, а Ева го завела Адама и го навела на грев. Значи, жената е директно одговорна за гревот кој го сторил мажот“ [3]
– Во законите на Мојсеј: Главната содржина на втората книга на Мојсеј се законите кои тој ги добива од Бога, 10-та божја заповед гласи: „Не ја посакувај нивата на својот ближен ниту робот негов, ниту робинката негова, ниту волот негов, ниту ослето негово, ниту жената негова, ниту нешто друго што е на ближниот твој. Сосема јасно е дека жената е вклучена во имотот на мажот – патријарх. Таа е наредена во тој имот по своја положба непосредно до добитокот на патријархот, како и до робот и робинката [I, 20, 18]. [4]
– Правната положба на жената во стариот завет: жената има одредена вредност само ако раѓа. „Во однос на неа, често во Библијата [Стариот Завет] се употребува терминот „се отвори утробата нејзина“ или „се затвори утробата нејзина“. [5]
– Надвор од Стариот завет, можеби најочигледен пример имаме кај Аспостолот Павле : „Жената да се учи во мир и потполно покорство, на жената не и дозволувам да учи ниту да господари со мажот, туку да бидe мирна. Бидејќи прво беше создаден Адам, а потоа Ева, Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап“. [6]

Во сето ова, „Што прави Адам? Адам кој директно ја добил од Бога заповедтта да не јадe од дрвото на спознанието свесно ја прекршува заповетта без било какво размислување кога Ева му дала да јаде од плодовите. Чија вина е поголема? Ева навистина скинува од плодовите, меѓутоа, таа се одлучува на тој акт по сосем рационалните објаснувања на змијата [а- нема да умрат, ќе им се отворат очите; б- ќе станат исти како Бог; в- ќе спознаат што е добро а што е зло]“ Адам не е присилуван ниту убедуван на било кој начин, тој зема од плодот самостојно откако ја гледа Ева дека зела а не умрела.

Создавањето на Вештицата

Во 1486 г., во Стразбур била објавена книгата „Чекан на вештерките“ (Мalleus maleficarum) на Јакоб Шпренгер и Хенрик Инститорис – основен прирачник за гонење вештици. „Тие забележале дека поради бунтовничката природа на жената и нејзината вродена слабост, таа е подложна на ѓаволски и зли искушенија. Прво, жените се полековерни, па сатаната цели во нив. Второ, жените се поводливи и затоа подложни на манипулација со ѓаволски илузии. И на крај, жените се зборлести и не можат да се воздржат да не зборуваат за тоа што го знаат за магиите. А затоа што се слаби ова свое тајно знаење го користат за да им се одмаздат на мажите фрлајќи им магии и проклетства.“(7) Интересно е да се забележи дека во членовите на споменатиот прирачник, изобилуваат обвинувања за вештерство од сексуална природа, каде во суштина се огледува голем страв од отворена сексуалност на жените и нивно владеење со сопственото тело:

Прашање 6 – за полов однос меѓу вештица и ѓавол, и зошто се жените поподводливи;
Прашање 7 – за способноста на вештиците да го превртат машкиот ум за љубов или омраза;
Прашање 8 – Контрола на репродуктивната моќ – вештиците се способи да го насочуваат репродуктивниот чин според нивна намисла;
Прашање 9 – моќ за создавање импотентност кај мажите, намалување или откинување на нивниот полов орган;
Прашање 10 – претворање на мажите во животни и општење со нив;
Прашање 11 – вештици кои се бабици, оспособени за абортус, или олеснување на породилните маки. (8)

Инквизициски процес – трасирање на причините

Економски поенти

Првите масовни судења на божемните вештери и вештици се случиле во периодот меѓу 1397 и 1406 г во Болтингер, во швајцарскиот кантон Луцерн; потоа повторно се јавуваат по 1428 г, во Вале и Дофине. Интензитетот на гонењето се засилил кон средината на векот. Најпрвин го спроведувале инквизиторите, или црковните судии, а во шеснаесетиот век им се придружиле и световните судии. Согласно условите наведени во папската була Summis desiderantes affectibus (1484), Инокентиј VIII назначил двајца инквизитори, Јакоб Шпренгер и Хенрик Инститорис (споменати погоре), да го искоренат вражењето во централанта Рајнска Долина, со што ловот на вештерки добил и папска согласност. (9) За почеток на овoј доста важен дел од истражувањето, бидејќи во цел овoј баналитет на зло и крвав театар, не` носи до некои рационални заклучоци и битни поенти, а тој аларм ни се приклучува во моментот кога од црковните судови, „вештерството“, преминува во световните. Тука веќе ни е полесно да ја согледаме економиката на процесот, а таа може да не донесе до некои битни заклучоци:

(Почетна премиса) ако претходно жената како сопруга и мајка (што и била единствена опшествена улога) влегувала во имотот на мажот, „од 13 век законот им дал на вдовиците поголема независност, дозволувајќи им да располагаат со имотот и чејзот и од тестаментот на сопругот како што самите сакаат. (…) па така сега вдовиците им биле старатели на своите деца, а не како порано да бидат под старателство на своите синови. (…) придонесот на жените за семејната економија и се поголемото значење на сопругите за семејната работилница или фарма во таа област биле признати и довеле до значајно отстапување од старите закони.“ (10)
Но ваквите жени, токму затоа што се во ваква економска состојба од една страна, а од друга – доста социјално ранливи, се одличен плен за црковната економика (коректна би била аналогија со постапувањето на црквата спрема еретиците од предходите периоди и своевремено конфискацијата на нивните имоти).

(Заклучување на премисата) „Па така, во Нова Aнглија, во судењата на жени кои представувале 80% од лицата обвинети за вештерство меѓу 1647 и 1725 г, две третини од обвинетите биле мажи. Многу од тие наводни вештици биле самци, без сопрузи, синови или браќа, а нивната сопственост, за која немало наследници, не подлежела на наследство.“ (11)

 

Друг фактор кој произлегува од економиката на врeмето, а се поклопува со ширењето на ловот на вештици е „динамичната промена на западноевропските села што почнала во доцен среден век. Земјоделската мапа била целосно изменета кога малите парцели се споиле во поголеми фарми, и кога биле укинати некои древни пивилегии што важеле во селската заедница, како вовед во ерата на аграрен капитализам. Овие промени ги довеле најсиромашните припадници на руралното население, особено вдовиците, до питачки стап. На мерките за сузбивање на вештерството во Англија и Холандија може да се гледа како на реакција на стравот во опшеството од зголемување на руралната беда и питачење.“ (12)

Иако, следењето на економиката ни даде некаков ориентир во барањето на причините за крвавиот театар, повторно доаѓаме во ќорсокак: „брзата трансформација на економијата можеби одиграла значајна улога за појавата на вражењето и вештерството во Англија и во Холандија во 16 век, или во Нова Англија во 17, но нема многу докази дека такви брзи промени се случиле и во Лорен, Франш-Конте, Алпите или на баскиската територија, региони во кои сузбивањето на вештерството било особено сурово.“ (13)

Според сето ова, ние можеме да ги трасираме економските причини зад процесот, но се уште не можеме да го одгатнеме концептот на потребата од сузбвање на божемните вештици со таква страст, тортура и посветеност од страна на инквизицијата. Бидејќи убивањето за имот не е новина во средниот век, нити во било кој дел од историјата на човештвото, но начинот и останатите потреби кои ги создале инквизиторите низ цело истражување делуваат необјасниви.

Социјални поенти

Епидемии, природни катастрофи
Меѓу историчарите кои ги истражувале мерките за сузбивање на вештерството и ненадејниот пораст на насилство врз жените како родова категорија во тој процес, постои една општа согласност дека претставата за демонолошката природа на ваквите жени е одраз на тешките времиња и дека жестокоста на мерките за сузбивање ја одразува суровоста на природните и социјални катастрофи кои го снаоѓале населението, па тука доаѓа класичното објаснување за „човечкото свртување кон натприродното“, па фактичко верување во вештици кои се виновни за овие катастрофи. Добар пример за обвинување конкретни групи за одредена катастрофа имаме во периодот 1347-48 „кога чумата за прв пат го погодила западот, за ширење на болеста не биле обвинувани вештерките, туку вистински, конкретни групи, имено Евреите и лепрозните.“ Додека пак, „обвинувања почнале да се насочуваат кон наводната секта вражалци дури во 15 век.“ (13)

Промени во семејството
Промените во економиката (појасната како премиси за процесот, објаснети погоре), секогаш означуваат промени во структурата на семејството: „по преминот во 16 век, луѓето започнале се почесто да го одложуваат стапувањето во брак, а се построгите норми во однос на половите односи, како последица од реформите во католичката и протестанската црква, често ги фрустрирале младите мажи кои не можеле да се покажат ни на брачниот пазар ни на пазарот на земјиште.“ Така, опшествената напнатост се празнела врз најслабите елементи, најчесто од руралното опшество, се она што ја предизвикува сомнителноста: најстарите, најгрдите, најубавите, најсиромашните, најбунтовните, најмудрите жени.

Стравот од „вештата жена“, жени со знаење од науките, жени-бабици
Францускиот историчар Жан Мишле гради теза за жените како трезори на тајните на народната медицина, тоа се тајните со кои се „ослободуваат породилните болки на Ева“. Моќта да се лекува, моќта на жената да биде способна во одредена област за инквизицијата е црна магија, но и голем ривалитет со нивните процедури при лекување.

Прогонот за време на војни
При крајот на XVI век прогонот на вештици е широко организирана и административна дејност, а интензитетот зависи од околностите и земјата во која се одвива: „Во Англија ловот на вештици достигнува врв за време на граѓанската војна; процеси за осомничените се монотони, а најмногу ги има во Есекс и источна Англија. За време на владеењето на Џејмс I [1603-1625], ловот на вештици добива на замав заради неговото интересирање за демонологија и уверување дека неговите политички неприлики потикнуваат од вештерството. Во Англија вештиците се бесат, а во други земји тие се спалувани.“ [14]

Да го разгледаме процесот на прогон за време на триесетгодишната војна во Германија – каде особено зел замав [економски поенти]: „Бискупите на Бамберг и Вирцбург биле особено активни, па годишно се спалувале околу стотина жени. Слично е и во Рајнската област. Во повеќето области глад и разорување се стално присутни. Во Франш-Конте и Лорена забележан е голем број на судења и спалувања.“ [15]

Имаме слика во која со време процесите станале нормална појава. Целта на мачителот е да дознае други имиња, други докази не се бараат. Ова е одлична прилика да се израмнат стари сметки, средување на меѓусебните неслоги во селото, локална одмазда, уништување на верските противници и наметнување на ангажирано единство [битна е улогата на исусовците].

Најпознатиот прирачник за прогон Malleus Maleficarum, кој извадок го тангира начинот на кој испитувањето треба да биде спроведено и детално е објаснето однесувањето на инквизиторите врз осомничениот:

Методот на започнување на испитување со тортура е следен: Прво, чуварите од затворот ги припремаат потребностите за тортура, потоа го слекуваат целосно затвореникот (ако е жена, таа веќе е слечена од други жени, и веќе проверена). Ова е потребно за да не се скриени или сошиени низ облеката знаци на вештерство – како што често тие, учени од Ѓаволот, подготвуваат работи од телата на некрстени убиени деца, со кои мислат дека ќе си обезбедат спасение. Кога потребностите за тортура се подготвени, судијата, безразлика дали со своја присутност или низ други добри мажи посветени на верата, пробува да го натера затвореникот да ја признае вистината слободно. Но, ако не е волен да признае, ги приморува присутните да го врзат за некоја од справите за мачење. (…) Потоа, по молба на некој од присутните, затвореникот е ослободен, изнесен настрана и повторно е натеран да признае, притоа да биде наведен дека на тој начин нема да биде усмртен. (…) Но, ако затвореникот не ја признае вистината задоволително, друг вид на тортура мора да му предстои, со изјава дека ако не ја признае вистината, ќе мора да ја истрае и неа. Но, дури и ако низ ова не признае, може да биде ставен низ терор до вистината, потоа следниот ден или понаредниот, да биде ставен на континуирана тортура (…). Потоа судијата мора да ги адресира затворениците со следнта реченица: Ние, судијата, итн., те позиваме тебе, тој и тој на тој и тој ден за продолжување на тортурата, за низ твојата уста да може да се слушне вистината, и сето тоа да биде заведено од нотарот. (…) Низ цел интервал судијата треба да обезбеди постојан мониторинг на затвореничката, за таа ниеднаш не небиде сама: зашто ќе биде посетена од демонот и искушена на самоубиство.“ (16)

Уште еден извештај за баналноста на злото

Доколку ја отвореме официјалното електронско издание на Католичка енциклопедија под предметник – Инквизиција, ќе најдеме пред себе долг текст, исполнет со административен јазик, традиционална политичка историја и некои историски факти кои се и овде споменати, но главниот заклучок кој би се добил од овај текст е дека, Инквизицијата е една таква институција при католичката црква, која неизбежно морала да се појави, која представувала браник на религијата, и како што се вели, „хумано ги извршувала своите процедури“. Тонот на апологетика продолжува низ целиот текст кој ја третира нејзината историја, дури и во делот насловен како „Тортура“ – прилично иронично и контрадикторно. Никаков „прогон на вештици“ не е споменат, недостасува прирачникот „Чеканот на вештерката“, во делот насловен „Жртви“ не се споменуваат бројки. Што се однесува на начинот и методите при процесот – тие „биле исти како и во световните судови“. Се споменува актот на ауто – да – фе, но не и што тоа значи. Инквизицијата, наводно само ги испитувала сомнителните, донесувала пресуда, па ги предавала на световните власти – повторно административен јазик на префрлање одговорностите. Административното клише оди до тој степен, што среќаваме реченица која вели: „инквизицијата до толку ја напредна современата правна администрација, што доведе и до напредок општо за човештвото“.

Целосната студија прочитајте ја овде

(Користени извори и литература)
1 Бовар, Симон де – Други спол:чињеница и митове, Београд 1282, стр.16;
2 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – Историја на жените на западот т.3: Парадоксите на ренесансата и прсветителството, Скопје 2015, стр.474
3 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто
4 Шијакова, Маргарита – Правната положба на жената во Библијата, Скопје 2001, стр. 19
5 Шијакова, Маргарита – исто, стр.24
6 Прво Послание на Тимотеј, глава 2, став: 11-15.
7 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто, стр. 471;
8 Heinrich Kramer, James Sprenger – Malleus Maleficarum, prevod: Montage Summers, Њу Јорк 2007, стр. 48-66.
9 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто, стр. 473;
10 Клапиш-Зубер, Кристина, – исто, стр.323
11 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто, стр. 476;
12 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто, стр. 477;
13 Земон-Дејвис Натали; Фарж, Арлет – исто, стр. 478;
14 Живоиновиќ, Драголљуб Р. – Успон Европе (1450-1789), Београд 200, стр.126.
15 Живоиновиќ, Драголљуб Р. – исто.
16 University of Pennsylvania. Dept. of History: Translations and Reprints from the Original Sources of European history, published for the Dept. of History of the University of Pennsylvania., Philadelphia, University of Pennsylvania Press [1897?-1907?]. Vol III:4, pp, 7-10 (Papal Bull), 6-7 (Nider), 10-13 (Hammer)

Слики: Pieter Brueghel, Hell

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/thetriumphofdeath-21-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/thetriumphofdeath-21-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропожени,историјаЗа природата на жената: Стариот Завет. Религијата. Санкционирање Категоријата на Другото е втемелена длабоко колку и самата свест. Во најпримитивните колективитети и нивните митологии секогаш ја пронаоѓаме двојноста на категоријата ЈАС и ДРУГИОТ. Тоа претпоставува дека човекот ги сфаќа и прифаќа биолошките односи во облик на спротиставености: дуалитет, алтерација, спротивност...Нова мисла на пресушената почва.