Се мислевме како да го претставиме ИЛЈА ЛЕОНАРД ФАЈФЕР – холандски писател, кој е непознат за нашето поднебје, па при читањето на Википедија за него, налетавме на сатиричен вебсајт посветен нему. Оттаму, ја преведовме и следнава биографија:
Роден сум на 17 јануари, 1968 во сиромашните делови на Rijswijk, предградие на Хаг. Оттогаш имам напишано фина колекција на поезија за која сум ептен фален. Океј и романи.
Понекогаш ме викаат Илја Леонард Фајфер, но тоа не е точно. Ги презирам сите холандски поети, бидејќи нивните обиди се мизерни и ме тераат на повраќање. Како имам нападнато неколку од нив може да прочитате тука. Скандалозен е фактот дека проклетите Швеѓани се уште не ми ја имаат дадено Нобеловата награда за литература, но сигурен сум дека ќе ја добијан наскоро. Барем така ми кажа Кралот на Скандинавија. Мојата трета поетска збирка ДОЛОРЕС и мојот втор роман РУПЕРТ, се објавени во 2002. Ги отфрлам сите обвинувања дека сум го ископирал Т.С. ЕЛИОТ за WASTELAND – не е намерно копирање, го искористивме само како инспирација при пишувањето на РУПЕРТ. Ова е мој портрет, нацртан од мојот пријател Винсент Ван Гог. Можеби го знаете?

Емигранти наспроти веќе полу-уништен државен систем, секс и mambo italiano.

Оваа литературна манџа, претставуваме четири извадоци од романот LA SUPERBA на ИЛЈА ЛЕОНАРД ФАЈФЕР. Со четири поднаслови кои ги додадовме ние самите, влезете во магичната проза на ФАЈФЕР. LA SUPERBA e роман напишан во поетиката за градот, а овој пат тој град е ЏЕНОВА. Романот на ФАЈФЕР зборува за темите на миграцијата, вечното непронаоѓање во околината и љубовта која менува идентитети. Кога познатиот писател и поет ИЛЈА емигрира во Италија поточно ЏЕНОВА за да го почувствува топлиот хаотичен рај и да избега од родната, административно совршената, но досадна и дождлива Данска, италијанското темпо и мамбо тотално ќе го полуди. Постмодернистички Томас Ман?!?
LA SUPERBA e најљубовната приказна за еден град и релациите на неговите жители – кои ако не беа толку трагични воопшто немаше да бидат човечни, ниту пак ќе допреа до нас.
******

         *ЏЕНОВА  И НЕЈЗИНАТА АПАТИЧНА СЕКОЈДНЕВНОСТ СЕ ТОПИ ПОД СОНЦЕТО НА ТРАДИЦИЈАТА*

Религијата е опиум за масите. Иако Италија флертуваше почесто и поинтимно со марксизмот од повеќето други западноевропски држави, таа е една од најиздрогираните земји што сум ги видел. Светиот стол активно се вклучува во политиката. Прогласите на Светиот отец се уште помасовно објавувани во прогресивните и во левичарските весници. Не поминува недела без јавна дебата што е дебата само по тоа што Ватикан како папагал повторува еден од своите анахронистички ставови преку соопштение за медиумите. Има неколку политичари што имаат храброст да извршат изборно самоубиство дистанцирајќи се од диктатите на Светата мајка црква или фрлајќи сомнеж врз авторитетот на стариот десничар што верува дека е Христосовиот претставник на земјата. Џенова е цивилизиран, современ дури и отворено левичарски град во кој се заработуваат пари, во кој луѓето знаат да читаат и пишуваат и во кој сите старци одат в црква. Или земаат причесна дома ако живеат на седмиот кат зошто имаат проблем со задржувањето течности и со своето помагало за одење, а лифтот повторно не работи. Таблоидите врескаат навреди. Во Џенова, здравиот скептицизам на трговците е норма исто како што е пријатната сенка во дрворедите што не испарува колку и да е силно сонцето. Исус рекол дека Петар во Џенова е на Пјаца Банки и е изградена врз продавници. Темелите на трговијата уште лежат под темелите на црквата. Но дури и тука, треба само да му текне на градоначалникот да организира парада на гордоста за надбискупот да стави крај на тоа наредниот ден. Да се биде католик не значи да се напраи свесен избор, не како егзистенцијалните борби со холандскиот протестантизам што одат рака под рака со тоа да си двојно, тројно или четирикратно реформиран или возобновено реформиран. Во татковината, преминувањето во католицизам е за луѓето од мојата професија, кои заслужуваат известување до јавноста, гарантирана крма за бескрајни серии дебатни вечери во општествените центри. Во Италија, тоа е нешто во што се раѓаш, како што се раѓаш како навивач на Џенова или Сампдорија и исто како што се раѓаш како некој што јаде трофи ал песто, а не фу јунг омлет со нудли. Господ не е некој што го бараш на патот на безнадежноста со дланките приклештени околу садот за просење, туку некој како тренерот на фудбалската екипа или готвачот во ресторан: тој ќе биде таму и, без сомнение, ќе стори се зошто така било отсекогаш. И така, се крштаваш и се венчаваш в црква не зашто посебно го сакаш тоа, туку зашто тоа ја усреќува баба и зашто така било отсекогаш. Католицизмот е основната вредност, стандардната поставка, и потребни се многу компликувани преземања и тешки процеси за да се застрни од него.
Повеќето луѓе не би се заморувале со сето тоа.

Но јас воопшто немав намера да зборувам за ова. Религијата, на крајот на краиштата, е некако женска тема за разговор. Мажите во Италија ја слават својата сопствена света миса секоја недела точно во три часот. Од дамнина, годината се развивала околу циклусот пријателски дуели и прелиминарни рунди што водат до шампионатот и до крајната позиција. Религијата се нарекува Серија А. Мисата е неделниот натпревар на секоја екипа. Во три часот попладне во неделите, милиони италијански мажи седат во својата вообичаена парохија за деведесет минути да се камшикуваат со преносот во живо на Скајнет или некој друг канал со претплата. Црквата на Сампдорија е во кафулето Доџ на Пјаца Матеоти; црквата на Џенова е Капитан Балјиано, во дијагонала отспротива. На полувреме на службата сите заедно пушат братски по една цигара на истиот плоштад пред да се вратат во својот храм точно во четири часот за второто полувреме и за уште четириесет и пет минути страдање, пекол и проклетство.
Никој не ужива во тоа, како што и прилега на една религија. Дома барем неколку пати сум гледал фудбалски натпревар во некој бар. Мора да пиеш многу пиво и да клоцаш заедно со сите, а до второто полувреме, турањето пива во туѓите грла станува поважно од мечот. Во Италија, од друга страна, тоа е смртно сериозна работа. Мажите пијат кафе и пцујат. Не постои Италијанец што не знае за храната. Не знае да готви, жена му го прави тоа, но тој знае подобро. Неговата работа е огорчено да дели негативни коментари за секој оброк. И не постои Италијанец што не знае за фудбалот. Не го бидува да истрча педесет метри, но тој знае подобро. Секоја недела, негова работа е да дава огорчени и презиви коментари за секој потег што го прават врвните спортисти на стадионот.
Но, Италијанците не знаат ништо за фудбалот. Не го сфаќаат и дури не им се допаѓа. Секојпат кога некој играч ќе изгуби посед над топката, тоа е грешка на судијата зашто не видел некој фаул. Секој признат гол е доказ за скандалозната инфериорност и за ужасното незнаење на противникот, кој си врзал в крпче дека мора да постигне гол против нивниот тим. Тие бодрат ако некој играч од нивниот тим го собори противникот со насилен удар и се исмеваат кога судијата го казнува тоа со пенал. И, во глобала, никој ни со најдобра волја не може да сфати како деновиве најдобро платените играчи постојани ги прават најосновните грешки. Играта е најчесто прездодевна за гледање, зошто кога италијанските клубови се натпреваруваат меѓусебно, тие не преземаат никакви ризици, а во нивниот состав има само половина напаѓач.

Секоја недела е истото. Никој не ужива во тоа. Но не би го пропуштиле за ништо на светов. Тоа е ритуал. Седмицата постои само за милоста на неделните попладниња. Не би ме изненадило ако истиот меч имал различен резултат во различни делови на Италија. На каналите со претплата во Џенова, Џенова го победи Палермо со 4:0, по што на екранот експлодира оргија од убави нешта што можеш да си ги купиш ако си среќен. Палермо веројатно победил во истиот натпревар со 4:0 на сицилиските канали со претплата.

Како и секоја религија, и серија А има евангелие. Но тоа е многу подобро од оние четири книги на расипан грчки јазик со кои Ватикан мораше да се снаоѓа со векови. Испечатено е на розова хартија се појавува секој ден и секојпат со нови пораки за спасение: Газета дело спорт цела недела ти овозможува да се изгубиш себеси во фантазиите на неделното попладне со статистики и табели. Не ти треба ниеден друг весник ако сакаѓ да бидеш Италијанец меѓу Италијанците. Нивниот слоган е Tutto il rosa della vita – „Се розово во животот“. Светот е заебан, стотици илјади кутри копилиња доаѓаат на Лампедуса, владата прогласи вонредна состојба, на улиците има војници и луѓето умираат од сиромаштија, но, ако читаш Gazeta delo sport, ништо од тоа не мора да те засега. Таму зборуваат само за нештата што навистина се важни, како процентот на ризични подавања од левото крило во споредба со сезоната 1956/57. Италија живее во својата фантазија. Опиумот на нејзиниот народ е розов.

*****
*БЕГСТВО КОН ПОДОБРО УТРЕ*

Рашид се насмевна кога ме виде. Не изгледаше ужасно. Беше ослабел. Очите му изгледаа уморно.

„Ти доаѓаш од северот, Илја. Таму врне толку многу што полињата се зелени и розите бесплатно цветаат во своите грмушки. Има пари на располагање за секој што ќе дојде на тезга. Добиваш чиста куќа во безбедна населба оградена со зелени пасишта и има ветерници, фарми за сирење, палачинкарници, а по некое време може да си земеш и мерцедес од социјалната служба. Имам право или имам право?“
Се насмеав.
„Значи?’
Си порачав уште едно негрони и мало пиво за него.
„Ти си интелигентен човек, Рашид. Знаеш дека тропаш глупости.“
„Во Африка не мислат така.“
Еден просјак ни побара пари. Автоматски го откачив. Рашид му плукна во лице.
„Значи?’
„Значи што?“
„Зошто дојде тука Илја?“
„А ти?“
„Јас прв прашав.“
„Дојдов тука за да напишам книга.“
„Тоа не е одговор.“
„Зошто тоа не е одговор?“
….
„Ќе ти ја кажам вистината Рашид. Во тој твој северен рај, каде што требата е секогаш зелена зашто секогаш врне, таму се родив и го поминав целиот живот. На некој начин, навистина е рај. Тоа е спокојна, мултикултурна земја. Возовите се сини и жолти и минуваат навреме низ полињата со лалиња. Даночните пријави се сини или розеви и лесни за пополнување. Ако треба да платиш нешто, не мора да се обидуваш да се правиш паметен или да смислуваш план зашто нема да се извлечеш од плаќањето, а кога ќе добиеш поврат на данокот, го добиваш назад истиот месец. Русокосите девојки ги бојат розово своите украдени велосипеди. Полицајците се насмевнуваат. Ти кажуваат следниот пат да го прицврстиш црвениот штоп и делат брошури против расизмот. Отпадот се селектира и оди во контејнери со различни светли бои. Има специјални понуди во супермаркетите што сите ги користат, а ако доволно ги искористиш, ти даваат бесплатни, мали, разнобојни, бушави суштества што може да ги залепиш со лепливите ножиња на инструмент- таблата, на шофершајбната или каде што сакаш. Ама знаеш што е штосот, Рашид?“
Што?
Токму тоа… На некој начин, реков се, Рашид. Во мојата татковина, цел живот се ми беше лесно и живеев убаво. Но беше премногу лесно и премногу добро. Го одев патот од мојата куќа до станицата со врзани очи, од супермаркетот до мојата куќа и од еден бар до друг. Имате таков израз на арапски? Со врзани очи? Заспивав дури и пред да си легнам в кревет, така да се каже, и воопшто не се будев во меѓувреме. Веќе се знаев. Ја знаев приказната. На крајот на краиштата, јас сум уметник. Ми треба постојан доток на информации. Го викаат инспирација, но јас го мразам тој збор. Предизвикот да се разбудиш во некој нов град во кој ништо не е очигледно и каде што си слободен одново да се преосмислиш. Предизвикот да се разбудам. Сфаќаш?
Можеби треба да се извинам за својот избор на зборови. Никогаш не би употребил зборови како доток на информации и предизвик во моите текстови. Сакав дамо да кажам дека удобниот живот има и негативни страни. Удобноста е како приспивна песна, како дрога, како антидепресив што ги затапува чувствата. Можеш да го видиш тоа на лицата на луѓето во мојата татковина. Тие ја имаат млитавата безизразност на луѓе што веќе не мора да се борат за ништо и тоа не ги радува премногу зашто стана нормално се да функционира совршено. А понекогаш чувството зазема форма на некој вид неизречено самозадоволство што со сожалување гледа на светот од врвот на некое високо, исушено тело со израз на некој што не морал да види се за потполно да го сфати сето она што е различно и автоматски да го смета за инфериорно. Иако има повеќе поети отколку даночни инспектори, мојата татковина е не многу поетична земја.
Тука во Италија, ништо не оди без поттурнување и за се мора повторно да се бориш. Затоа што системот не функционира. Зашто не постои систем. А и да постоеше, никој немаше да верува во него. Или ќе го заобиколеше од шега. Онака, од навика. Или за да добие некоја минимална предност. Дури ни толку. Во бесконечната опера буфа на секојдневниот живот, и наједноставните дејства како купување леб во пекарницата или подигнување пратка во поштата може да бидат надополнети со неочекувани компликации. Целата оваа земја наречена Италија зависи од импровизации. Затоа Италијанците се најснаодливите, најжилавите и најкреативните луѓе што ги знам. Уживам во тоа. Тоа ме разбуди. Затоа сум тука. Дали тоа е одговор, Рашид?
Тој не рече ништо, си го допи пивото и стана.
Што е Рашид? Да не реков нешто погрешно?
Има ли сиромаштија во вашата земја? Си останал ли некогаш гладен таму? Има ли проклета граѓанска војна? Си бил ли политички прогонуван? И како стигна довде – со несигурен моторен чамец на дување без гориво или ИзиЏет?
Седни Рашид, те молам. Ти ја раскажав својата приказна само затоа што ме праша. Ајде да зборуваме за твојата приказна.
Тој отиде во тоалетот, се врати, си ја зеде кофата со рози и со замина без збор да каже. Дури без да ми се заблагодари за пивото. Но немаше проблем, сфатив. Можеби имаше доволно време да отпешачи до Нерви и да продаде дел од содржината во својата кофа. Кога го завршив своето негрони и влегов внатре да платам, излезе дека тој ја платил целата сметка.

                                                                                                                        ******

                                                                                          *УТОПИЈАТА НЕ ПОСТОИ*

Рекоа дека Европа е тврдина. Дека нејзините граници се толку добро чувани што е речиси невозможно да се влезе. Но тоа е разбирливо зошто сите внатре можат да добијат пари за ништо. Можеш да одиш на шалтер и тие ќе ти средат плата што можеш да дојдеш и да ја подигнеш секој месец без да сработиш ништо за неа. Сите во Европа носат скапи, дизајнерски костуми и златни часовници во кои постојано ѕиркаат зашто во Европа се се случува точно на време. Таму продаваат очила за сонце што чинат повеќе од месечна плата во Дакар, ни сите ги носат иако никому вистински не му се потребни зашто таму има помалку сонце отколку во Африка. Секој може да си ги дозволи без проблем. А ако сакаш, можеш и ти да работиш. И тогаш ќе станеш милионер. А работните места ги има на претек и во Европа не се многу физички истоштувачки како земјоделството или работата во фабрика. Таквите работи ги работат роботи. Сите луѓе работат во банки во кои ги чуваат парите кои роботите ги заработуваат за нив. Се што треба да праиш е да седиш крај некое канцелариско биро во костум и да не правиш нито освен да зјапаш во компјутерскиот екран што то кажува колку пари влегуваат. Банките исто така му даваат бесплатни дебитни картички на секој што сака и можеш да ги користиш за да извадиш пари од ѕидот ако ти требаат. И дома целата работа ја вршат компјутери и машини. И никој не мора да пере, да чисти или да готви. За сето има апарати. Затоа луѓето имаат доволно време да одат и да гледаат фудбалски натпревари на телевизорите големи како киноплатно. И сите возат прекрасни, големи автомобили како мерцедес или јагуар и повеќето луѓе си купуваар нови штом ќе им се наполни пепелникот во старите. Зградите се направени од сребро и од стакло. Измислиле специјален вид стакло што се прави од сребро и ја одбива светлината како огледало. Со него ги прекриваат зградите високи како планини. А има толку многу злато што некои луѓе го ставаат во своите заби, што не е дури ни украс зашто никој не ги гледа, туку едноставно затоа што можат. И секогаш има колку што сакаш храна зашто развиле научни техники
со кои можат да направат домати големи како јаболка и јаболка големи како дињи, а кравите се подебели од нилски коњи. Европејците не јадат месо само за државни празници, туку секој ден – за појадок, ручек и вечера. Имаат толку многу вода што се тушираат секој ден. А се тушираат исто и со парфем. Пивото не доаѓа од шишиња, туку од чешма, како водата. Секој што ќе се разболи може бесплатно да оди во лабoраторија и таму го лечат. Таму можат да прават се. Можат дури и нови делови од телото да ти дадат ако ти се потребни. И можеш да имаш секс колку што сакаш зашто сите европски мажи имаат мали куриња, а нивните жени копнеат по вистински. А не мораш дури ни да се ожениш со нив зашто тие се еманципирани, што значи дека сексот е само секс.
Јас бев избраниот.
На мојата куќа има налепница на која пишува:

derattizzazione in corso
non toccare le esche

Знаеш ли што значи тоа? Побарав во мојот речник. Тоа е виц на векот. Значи дека е во тек дератизација и се посочува да не ги допираме мамките. И додека стаорците во зградата очигледно не се обесхрабруваат поради налепницата, а можеби и се обесхрабруваат, лично се повеќе сум склон кон нејзино метафизичко интерпретирање. Зашто ако не ги истребуваат вистинските стаорци, тогаш значи дека истребуваат нешто друго, зарем не? Ти си писател, ги знаеш тие работи. Така функционираат метафорите, зарем не? А кој освен стаорците живее во трошни згради со налепници на нив? Токму така. А јас токму така се чувствувам во оваа Ветена Земја наречена Европа: како стаорецот за кој налепниците на мојата зграда ги предупредуваат луѓето. А мамката што ме донесе тука- гарантирано богатство, мерцедеси, часовници и очила за сонце – е недопирлива. Се чувствувам како штетник што треба да биде истребен од овој град во кој еднаш се вљубив од палубата на еден брод. Вистината е дека сум стаорец за сите во овој град, дури и за тебе, Илја.

                                                                                                                        ******

                                                                                *МАЛИТЕ ПОБЕДИ СЕ ВОЗМОЖНИ*

Тука живеат трансвеститите. Славните трансвестити на Џенова што Фабрицио де Андре ги нарекуваше Le graziose di Via del Campo во своите песни. Тоа се мажи од петтата деценија од животот, во чевли со високи потпетици и во мрежести чорапи врз влакнестите нозе, со секси фустани натегнати врз нивните пивски мевови и во перики. Те канат со своите неизбричени брадички и со неодоливите баритонски гласови во своите дувла, каде што, за ситни пари, може да се тркалаш со нивната самосоздадена женственост. Муслиманите, кои не смеат да раздевичат жена пред да извршат терористички напад, подготвено им се редат на влакнестите газови на понуда. Полн кондом вреди четири мртви стаорци, а четири мртви стаорци се оброк. Таа нема цицки, градникот и е полн со памучни топки, но, ако платиш екстра, можеш да и ги цицаш. А ако не платиш, ќе ти ги ископа очите со една од своите остри потпетици.
Слушнав една приказна: во шеесеттите години на минатиот век на овие улици се водела вистинска војна. Цели три дена. Пристаништето било полно со американски воени бродови. Некој американски маринец ги прекршил јасно кажаните правила и една ноќ заталкал во овие улици. Во Гетото. Таму се вљубил. За него тоа била најубавата девојка во Џенова. Тој ја имал срамежливата привилегија да ја опсипува со цигари, чоколада и со мрежести чорапи. Во својот дневник тајно и пишувал поеми. Тоа била најпрекрасната ноќ во неговиот живот. Но истражувајќи помеѓу нејзините лепливи бутови подоцна, ја открил вистината. Се почувствувал предадено, се заколнал дека ќе се одмазди и ги повикал своите пријатели. Четириесет тешко вооружени маринци го преплавиле Гетото. А трансвеститите возвратиле. Високи потпетици против двогледи за ноќно гледање. Врело масло истурено од горниот кат. Паднати огради во мигот кога трупите си дошле на себе. Во меѓувреме, трчање преку покривите и ‘рѓосаните скелиња. Диверзантски тактики со мрежести чорапи. И улицата низ која си дошол, онаа што ти го гарантираше повлекувањето, одеднаш веќе не постои бидејќи се чини дека ја забарикадирале со портукулиси. Тие победиле. Трансвеститите победиле. Квартот бил прогласен за забранета зона за американските маринци.
Тоа место неверојатно ме привлекува. Веројатно делумно поради таа приказна. Или бидејќи тоа место е најдалеку од мојата татковина. Или поради други причини. Не знам. Ќе се вратиме на темава.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/Webp.net-resizeimage-3-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/Webp.net-resizeimage-3-150x150.jpgИвана Смилевскаадмински пост - литературна манџаквир,книжевност,миграција,постмодернизам,системСе мислевме како да го претставиме ИЛЈА ЛЕОНАРД ФАЈФЕР - холандски писател, кој е непознат за нашето поднебје, па при читањето на Википедија за него, налетавме на сатиричен вебсајт посветен нему. Оттаму, ја преведовме и следнава биографија: Роден сум на 17 јануари, 1968 во сиромашните делови на Rijswijk, предградие на...Нова мисла на пресушената почва.