Ѓорѓи Крстевски (1981), завршил Руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел околу 25 книги. Автор е на една збирка кратки раскази „Обични и необични приказни“ што излезе во 2011 година за издавачката куќа Темплум. Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“. Објавува свои дела на разни интернет портали кои ја промовираат уметноста. Освен кратки раскази, пишува и афоризми и поезија. Живее, работи и (по)лудува во Скопје.

Влијанието на полната месечина

За настанот ќе пишува во неколку весници. Она што требало да биде прекрасно зимување се претворило во ужас за една љубовна двојка. Според изјавата на девојката, дадена на истражните органи, во хотелот – што се наоѓа во подножјето на планината – пристигнале во понеделникот претпладне, на тринаесетти јануари. Се сместиле во собите, а потоа излегле да ја разгледаат околината. Им се допаднал пределот, зашто освен хотелскиот комплекс и едно селце во близина, местото било пусто – полиња прекриени со сињак и високи планини со снежни врвови во далечината. По едночасовната прошетка се вратиле во хотелот каде што ручале. По ручекот девојката задремала на креветот, додека нејзиното момче повторно излегло на прошетка. Го немало цело попладне и се вратило вечерта околу осум часот. Девојката веднаш забележала дека нешто не е в ред со него (во врска биле седум и пол години, па „го познавала како сопствената дланка“). Бил некако поинаков. Бил замислен и повлечен, и гледал низ прозорецот кон полната месечина што изгревала зад планините. Девојката почувствувала дека со момчето се случила нагла промена. Го молела да разговара со неа, дури се расплакала. Најпосле некако успеала да допре до него. Низ заби процедил дека за време на неговата втора прошетка го одминал селцето и речиси стигнал до почетокот на планината. Само што се стемнило, го нападнала глутница волци. Не го повредиле – само го опколиле, а најголемиот меѓу нив му рипнал и со шепите го кутнал наземи. Потоа ја доближил муцката до него и го погледнал в очи. Погледот му бил продорен. Тука момчето ја завршило својата приказна и замолкнало. Се свртело кон месечината и повторно се загледало во неа. Отпрвин девојката не му верувала и мислела дека ја лаже. Сакала да им телефонира на своите родители, но се плашела да го стори тоа пред него. Седнала на креветот и почнала да го набљудува. Му поставувала други прашања, но тој воопшто не реагирал на нив. Во меѓувреме таа можела да ги забележи постепените промени што се случувале со него: телото му се напрегало, сиот се грчел, раздразнето ја разгледувал собата без да го забележи нејзиното присуство. Некаде пред полноќ почнал да ’ржи. Девојката се исплашила и избегала во бањата, каде што се заклучила. Ѕиркала низ клучалката и го видела како нагло станал, ја отворил вратата од балконот и излегол надвор. Потоа слушнала завивање. Завивањето траело околу половина минута, по што нивната соба се стишила. Десетина минути подоцна таа излегла од бањата, но момчето веќе не било во собата ниту на балконот. Таа веднаш се спуштила долу кај рецепцијата и низ солзи им раскажала за она што се случило. Оттаму ѝ потврдиле оти неколкумина гости го виделе нејзиното момче како скока од балконот на третиот кат и како четириножечки истрчал кон селото. Ја известиле дека веќе повикале полиција. Органите на редот дошле по еден час. На почетокот не верувале во приказната, но подоцна, после сите молби и преколнувања на уплаканата девојка, се согласиле да организираат ноќна потрага по момчето. Дошле уште припадници на службите за безбедност и започнале со пребарувањето на околијата. Момчето не било најдено. Потрагата била прекината околу полноќ поради силниот студ и снегот што почнал да паѓа. На девојката ѝ била понудена друга соба, а покрај неа цела ноќ дежурал лекар, грижејќи се за нејзиното душевно здравје. Девојката била преморена од плачење и потресена од она што се случило со нејзиното момче, и не можела да заспие. Цела ноќ се слушало завивање што доаѓало откај планината. Следниот ден повторно безуспешно пребарувале низ околината. Кога се појавиле првите новинари, неколку гости на хотелот предвреме си ги спакувале куферите и си заминале. Полицијата ѝ дозволила само на една новинарка да се качи во собата на девојката и да ѝ постави неколку прашања. Претпладнето пристигнале нејзините родители, како и родителите на момчето кои биле известени од страна на полицијата. Сите тие, заедно со уште стотина полицајци и доброволци, заминале во уште едно пребарување на околните полиња и шуми. Пребарувале цело попладне, но од момчето немало ни трага ни глас. Пред стемнување ја прекинале потрагата, зашто од планината се слушало волчешко завивање, па полицајците се плашеле за безбедноста на учесниците во пребарувањето на теренот. Договориле уште една потрага следното утро. Двете семејства ја поминале ноќта во групно молење за момчето и во собирање сили за утрешниот поход. Меѓутоа, некаде после полноќ, покрај хотелот се слушнало завивање, а потоа и неколку истрели од огнено оружје. Во хотелот настанал метеж; низ ходниците се растрчале луѓе, тропале врати, се слушале викотници. Девојката ѕирнала низ прозорецот и видела како долу се насобрале десетина вооружени припадници на органите за безбедност што исто така преноќувале во хотелот. Се симнала: пред влезот на хотелот лежел застрелан волк. Во таа мешаница од викање и трчање, успеала да забележи нешто – волкот носел златен ланец околу вратот. Се доближила до него; отпрвин ѝ било страв да се наведне над отепаниот волк, но собрала сили и го сторила тоа. На ланецот, што ѝ бил многу познат, имало приврзок на расклопување со нејзините иницијали, како и иницијалите на нејзиното момче. Полицајците запрепастено ја гледале додека го отворала приврзокот со облик на квадрат. Внатре имало нејзина фотографија.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/06/pirejnaslovna-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/06/pirejnaslovna-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџакнижевност,култура,литература,македонска сцена,постмодернизам,уметнициЃорѓи Крстевски (1981), завршил Руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел околу 25 книги. Автор е на една збирка кратки раскази „Обични и необични приказни“ што излезе во 2011 година за издавачката куќа Темплум....Нова мисла на пресушената почва.