Овој петок ја подготвивме втората #ЛитМанџа со поинаков концепт од вообичаениот. Наместо наш, книжевниот избор е на Елена Крстева, една од девојките на македонската хардкор сцена, основач на ISKRA:: tourbooking. Преку авторите и литературата кои таа ги одбра, јасно се отсликува влијанието кое го имала македонската револуционерна поезија врз алтернативната музичка сцена на овие простори. Прочитајте го мини интервјуто со Елена во врска со ИСКРА и состојбата на алтернативната сцена и вкусете ја нашата музичко-книжевна петочна манџа.

ПИРЕЈ: Kажи ни нешто повеќе за твојата лична приказна, како влезе во водите на hardcore punk сцената?

ЕЛЕНА [ISKRA :: tourbooking]: Прво беа CLASH, PINK FLOYD, и слични артисти кои ги чув на плочи дома. Па RISE AGAINST, PLACEBO и TWO SIDES, бендови кои почнав да ги слушам во основно и ми се драги и денес. Па dischord records бендовите, но и нашите FxPxOx, SMUT, ФЛУКС, POINT BLANK, САФ… Во средно почнав почесто да одам на локалните свирки и бев дел од организацијата на неколку од нив во Кастро [странските бендови тогаш ги договаравме преку мајспејс]. Во 2010 година јас и уште две девојки го создадовме ALL TOGETHER DISTRO  и таа приказна траеше три години. Околу 80тина изданија од домашни и странски артисти беа дел од АТД, и за нас беше едно прекрасно искуство. Додека студирав на машински добив желба да букирам концерти во странство. Во тој момент Васил [тогаш Андале букинг] букираше Европска турнеја за НОВИОТ ПОЧЕТОК. Имаа неколку празни датуми и се понудив да помогнам. Иако немав никакво искуство, мотивацијата беше доволна за старт. Па од 2012 година до сега сум [како] петти член на бендот. Пред два месеци конечно одлучив да му дадам име на тоа што го работам – ISKRA :: tourbooking  — My job’s ain’t a job, it’s a damn good time 🙂

ПИРЕЈ: Каква е состојбата; колку се женските инволвирани во локалната па и глобалната [европска] сцена?

ЕЛЕНА [ISKRA :: tourbooking]: Најдобар графички приказ за ова е кога ќе се погледне еден фестивалски лајн ап и потоа се избришат имињата на сите машки артисти. На глобално ниво, само 5% од вработените во музичката индустрија се жени. Најсвежо сеќавање и потврдување за ова ми е последното издание на фестивалот Панк Рок Холидеј во Словенија, на кој работев ова лето. Бев единственото женско кое работеше како дел од екипата на стејџ, а од друга страна во делот за артисти имаше само пет девојки [Замислете: 5 дена фестивал по осум бендови дневно / а еден бенд во просек има пет членови // односно, математиката вели: премалку девојки]. На оваа тема имав чест да зборувам и на минатогодишното издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО во МКЦ. Исто и таму споменав дека, не само во музичката сцена, туку општо гледано девојките ретко каде се инволвирани, ретко што ги интересира. Жално е, но со девојките можеш да зборуваш за тоа која каде прави надградба на нокти или во која продавница има попуст. И оваа ситуација нема да се промени сѐ додека 500 денари е скапо за книга, а е евтино за нов кармин. „Цел живот ми пројде чекајќи петок и чекајќи плата“ – eдни од најтажните зборови кои сум ги чула но и најдобра дефиниција за мнозинството луѓе, а ми ги кажа бивша колешка.

ПИРЕЈ: Сведоци сме на она време кога со FxPxO & Castro се одржуваше hardcorepunk i D.I.Y. сцената, како истата се одржува денес?

ЕЛЕНА [ISKRA :: tourbooking]: Последниот концерт на FxPxOx беше октомври 2008 година. Од тогаш до денес се имаат сменето многу луѓе, локации за концерти, бендови, но тоа е и правиот начин. Каде има промена значи има и растење и развој. Идејата е иста, само ја менува формата и името… Но тоа е природно, мора да има промена. Во животот сѐ се менува, а промената е убава; ни дава сѐ поголемо и поголемо искуство, повеќе и повеќе свест, поголема и поголема зрелост. Ако ситуацијата е иста како пред 10 или 15 години, тоа е прв показател дека правиме нешто како што не треба. Доаѓаат нови генерации, други си одат. Некои се останати. Ништо не е вечно. Но важно е додека тоа „нешто“ постои, да создаде „друго нешто“ кое што ќе продолжи да живее и после него. Па така бендовите, клубовите, луѓето кои веќе не се дел од сцената оставиле некаква трага и се главната инспирација за генерациите после нив. Денес имаме независна сцена со неколку D.I.Y. студија, издавачки куќи, дистроа, бендови, промотери, букери… Сѐ повеќе и повеќе бендови одат на турнеи. Многу работи се поедноставни да се изведат, отколку пред 10 години. Најмногу поради технологијата и поради тоа што не ни требаат визи како порано – се’ е подостапно па затоа има и момент на презаситување. Од време на време ни треба рестарт. Се менуваат X и Y, па затоа е различен и резултатот на равенката од година во година.

ПИРЕЈ: Во контекст на денешната општествена реалност [глобално и дистописки гледано: Black Mirror <3] дали панкот е мртов?

ЕЛЕНА [ISKRA :: tourbooking]: Панкот е можеби единственото нешто за кое би рекла дека дефинитивно не е мртво. Black Mirror е одличен [застрашувачки] приказ за сегашноста и воопшто не ја гледам како sci-fi или футуристичка серија. Ако Хаксли би режирал филм, ова би било тоа! Одлична слика за ‘man’s almost infinite appetite for distractions’. Од друга страна, хардкор/панк комуната е [но сметам и дека ќе остане да биде] најчовечното, најтоплото и најбезбедното место. Ова парче „оаза“ е доказ дека сѐ уште постојат луѓе кои ги имаат карактеристиките на човечност, добрина, емпатија и искреност. Сѐ што се случува на оваа сцена е само поради една и единствена причина – полно срце убави емоции… За кога ќе останеш сам со себе да бидеш задоволен од тоа што си го создал и од тоа како си живеел/живееш.

ПИРЕЈ: Поради тематската поврзаност со статијата и твојот книжевен избор; колку панк сцената се инспирирала/инспирира од македонската поезија/ литература? Дали постојат некои директни примери?

ЕЛЕНА [ISKRA :: tourbooking]: Можеби најдобар пример се текстовите на Васко и Тина. Влијанието од македонската поезија [особено од Рацин] се препознава низ стиховите на THIS HOME IS PREPARED, BERNAYS PROPAGANDA, XAXAXA. Но и влијанието од странски писатели како Jack London, Huxley и сл… ШОН [ДЕНИ ТЕ ЧУВА] во неговиот соло проект Нема Лабаво – Во чие име зборите? има стихови од Рацин. Пријатно ме изненади неговата порака пред две години [и поради тоа уште подраго ми е изданиево]. Интересна е приказнава, додека ја спремал песната и се мачел со 3849 варијанти на текстот со месеци, јас ја постирам Да бидеш човек на мојот профил на фејсбук и текстот залепил совршено… Друг пример е и албумот Моторни Песни на ВЕРКА кој е насловен според збирката поезија на македонскиот поет Никола Вапцаров. Исто ќе ги споменам и раперите ЗАД АГОЛОТ, во чии песни се чувствува влијание на Шопов, Рацин, Петре М. Андреевски. Даре има и песна со наслов ПИРЕЈ 🙂

1. КОЧО РАЦИН

Прв на листата: Коста Апостолов Солев Рацин a.k.a. КОЧО РАЦИН. Мојот омилен поет, револуционер, филозоф и декемвриско дете! Вечна му слава! Грнчар, уредник на месечниот весник ИСКРА, член на КПЈ и СКОЈ, партизан во одредот Кораб, дописник на весникот Организовани радник, орган на Независните работнички синдикати на Југославија …Песната ДО ЕДЕН РАБОТНИК , прва на македонски јазик, ја објавува во загрепското списание Књижевник во 1936 година, по излегувањето од затвор, а во 1939 година во Самобор близу Загреб ја печати стихозбирката Бели мугри. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија. Сметам дека не можеш да разбереш и сакаш дела на странски писател, доколку не ги знаеш и разбереш зборовите на тие кои живееле на исто тло како тебе. Истото го споредувам и со музика. Не може да уживаш толку со Bad Religion, Hüsker Dü, Propagandhi… ако не ги чувствуваш текстовите и емоциите на АРХАНГЕЛ, ФЛУКС, НОВИОТ ПОЧЕТОК, ХАХАХА, ANNA O… Жално е што многу малку знаеме за писателите кои твореле и живееле тука. Образовниот систем е виновен за ова, но и издавачките куќи. Доколку отидете низ нашите книжарници ќе забележите странски и современи писатели на излозите. Доколку отворите на нивните фејсбук страници, ќе видите дека најголемата промоција е на истите. Книжарниците станаа банкомати, се печатат и преведуваат книги кои се полесни за промоција, а не квалитетни како содржина. Сѐ помалку и помалку храна за мозокот. Секако, повеќе купувачи има Лајла Грејс отколку Ацо Шопов, бидејќи за некои работи да ги прочиташ не треба да уклучиш мозок, а токму таква градиме да биде поголемиот процент од читачката публика.Повеќе забава за сите и – тогаш не мора да се мисли, нели? Училиштата “произведуваат” сѐ помалку истражувачи, критичари, познавачи и креативци…
Жално е што и покрај толку напишана поезија, проза, статии… ние ја имаме само Бели Мугри во книжарница [и тоа не во секоја]. Сакам еден ден да имам ‘hard copies’ од 31та картичка напишани за Рахилка, стихозбирката Антологија на болката, поезијата напишана на српско-хрватски… Инаку, една од омилените ми е Синови глади напишана на српско-хрватски јазик:

“Ничег немам… син сам глади:
кроз свет, на телу свом, носим њен жиг.
Ни очи немам: погледи ми разум леде,
а уста јазбина за покоји језиви крик.

Презрење и смех награда ми је од света
и амфорно ћутање природе, земље и неба.
О, зашто то?… О, мени је само мета
скитња и свет и комад суха хлеба.

Мржња моја плод је мојег бдења,
стрпљење моје крије ужас моћи.”


2. ЏОРЏ ОРВЕЛ – 1984 /// ИКОНА

Ерик Артур Блер или ЏОРЏ ОРВЕЛ ми е омилениот странски писател. Kритичар на општеството преку неговата истражувачка дејност. Секоја реченица која што ја има напишано директно или индиректно, е напишана против тоталитаризмот и за демократскиот социјализам. Неговите книги се горчливи, брутално искрени и лирски прекрасни. Инспирирани од реалноста, слика на општеството во кое живеел. Дури и преку футуристички или дистописки форми тој ја опишува моменталната ситуација. Новинар, критичар… Сѐ што има напишано, прво го видел, живеел, почувствувал… Бил инволвиран во Шпанската граѓанска војна и се борел против фашистите, па ја напишал Во чест на Каталонија, преживувал со рударите, па ја напишал Патот до Виган Пјер, преживувал како садомијач, па ја напишал
На дното и отрлен во Париз и Лондон

Иако е политички роман, оваа негова мисла е една од првите на кои се сеќавам кога зборувам за 1984:
“Ако сакаш некого, го сакаш, и кога немаш ништо друго да му дадеш, ти и понатаму му даваш љубов.” Одлична “дефиниција” за љубовта.

Преведени во ИКОНА ги има и Животинска Фарма, Во чест на Каталонија, На дното и отфрлен во Париз и Лондон… Ги препорачувам и Во борба за воздух, Патот до Виган Пјер, Бурмански денови”…
Доколку ви се допаѓа Орвел, тогаш на листата за читање ги препорачувам и Хаксли – “Храбар Нов Свет” [Магор], “Island” [Академска книга], “Вратите на перцепцијата” [Икона]…Фаренхајт 451 на Реј Бредбери [ТРИ], 1Q84 на Мураками

3.  БЕРНХАРД ШЛИНК  – ЧИТАЧОТ ///  ИЛИ ИЛИ

Единствена книга на која сум плачела. Одличен психолошки и филозофски роман. Би го споделила само овој краток извадок од “Читачот”…

“Кога ќе си се отвориме
јас тебе и ти мене
кога ќе потонеме
јас во тебе и ти во мене
кога ќе преминеме
ти во мене јас во тебе.

Тогаш
јас сум јас
и ти си ти.”

4. ЃОКО ЗДРАВЕСКИ – КУЌИЧКА ЗА ПТИЦИ ПРЕСЕЛНИЦИ  /// АНТОЛОГ

“Живеам меѓу две заминувања,
три града
и неколку прегратки.
сите различни.”

Овие стихови се извадок од неговата збирка поезија, издадена 2013 година. Интересно е додека ги вртев страниците на Куќичка за птици преселници, во книжарницата на Антолог во Дебар Маало, како два-три пати се навратив на овие стихови. Така и почнав да го следам неговото творештво. Неговата поезија ми е љубавина, како и името на неговото последно издание. Убости, кои се читаат во еден здив. Можам да кажам дека Ѓоко Здравески ми е омилен автор на поезија кој живее и твори во сегашноста.

5. GET IN THE VAN: ON THE ROAD WITH BLACK FLAG

Музички патепис / турнејски роман напишан од ХЕНРИ РОЛИНС. Книгава ја купив во Осијек, Хрватска дури бевме на турнеја во 2015та. Годините кои ги имам посветено на музика, организирање концерти или турнеи се најубавите моменти и авантури кои сум ги имала [и сѐ уште се случуваат]. Хардкор панк комуната ми е најголемо школо. Имав среќа да запознаам многу фини луѓе низ патувањата. Турнеите ми го полнат срцето со топли чувства. Искуство кое е тешко да се опише со зборови на луѓе кое не го искусиле ова лично. Живееш во сегашниот момент, живееш скромно, учиш многу нови работи, делиш емоции и убави но и не-толку-убави моменти со повеќе луѓе. Поголемиот дел од денот патуваш од еден град [село] до друг, делот со музиката/концертот е најмал дел од денот. Учиш да веруваш на луѓе кои што не ги познаваш. “Живееш” во комбе со уште бар четворица различни карактери. Како на реално шоу. Тест за трпение, другарство и љубов. Со еден збор: прекрасности.

***

6. ЕЛИФ ШАФАК – КОПИЛЕТО ОД ИНСТАНБУЛ ///  ТРИ

Жално е што немам ниедна жена на листата. Многу е мал процентот на писателки, филозофи, научници, музичари – жени кои создаваат, а уште помал процентот на оние кои нам ни се познати…
Па сакам да ја додадам ЕЛИФ ШАФАК, современа турска писателка. Ова е првиот роман што го имам прочитано од неа. Прво на кое ќе се сетам се насловите на поглавијата… Храна, зачини кои потсеќаат на Истанбул [цимет, сутлијаш, баклава…]. Вкусности. Кога ја читав книгава, истиот период и патував за прв пат во Истанбул, прекрасен магичен град… Убава комбинација. Преплет на Западот и Истокот.
Елиф Шафак пишува и политички колумни за неколку весници низ светот.

***

Читам и стрипови. Кај нас може да се најдат во Бункер, Академска Книга, кај продавачите на кеј… Би ги спомнала Watchmen, Dylan Dog, Martin Mistery

 

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/11/elena-krsteva-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/11/elena-krsteva-150x150.jpgpirejадмински пост - литературна манџаКнижевностМузикаhardcore punk,жени,книги,книжевност,култура,литература,македонска сцена,македонски автори,постмодернизам,рап,феминизамОвој петок ја подготвивме втората #ЛитМанџа со поинаков концепт од вообичаениот. Наместо наш, книжевниот избор е на Елена Крстева, една од девојките на македонската хардкор сцена, основач на ISKRA:: tourbooking. Преку авторите и литературата кои таа ги одбра, јасно се отсликува влијанието кое го имала македонската револуционерна поезија врз алтернативната...Нова мисла на пресушената почва.