Овој краток омаж кон кинематографијата од новата школа во паралела поставува два филма – RAW и THE NEON DEMON, кои можеби освен годината на своите премиери [2016], не имаат ништо друго заедничко. Океј, освен елементот на канибализмот. RAW е филм на младата француска режисерка  JULIA DUCOURNAU, додека THE NEON DEMON е во режија на NICOLAS WINDING REFN, кој е подолго време присутен на филмската сцена и e познат по филмовите DRIVE [2011] и ONLY GOD FORGIVES [2013].

И двата филма директно не влегуваат во ниту една жанровска определба поради синтезата на разните жанровски елементи кои ја носат во себе, но индиректно тие се класифицирани како хорор. Меѓутоа, хорор – елементите во RAW и THE NEON DEMON се млаки, метафорични и сугестивни – отвораат прашања за човековата природа, инстиктите за преживување и емотивните состојби кои произлегуваат од секојдневната борба за опстанок во брзиот и нерешлив свет на човечките релации. За ваквиот тип на филмови, субјективно почнав да го користам послободниот и опширен израз метафизички хорор [мета-хорор].
Оттаму, темата на канибализмот во RAW и ТHE NEON DEMON е ставена во различна конотација, па во филмот на JULIA DUCOURNAU канибализмот е метафора за сексуалното будење кај девојките – во овој случај бруцошката JUSTINE [GARANCE MARILLIER], додека во NEON DEMON преку канибализмот е доловено :јадење живи луѓе: за да се стигне до побрзо остварување на нашите соништа во брзиот, конзумеристички zeitgeist.

EAT ME BABY ONE MORE TIME

Ние сме чудовиштата под нашите кревети. Во поп-културата која е опседната со зомби, време е чудовиштето под креветот да го побараме во самите нас, а тоа се постигнува лесно ако ги следиме животинските инстикти на човечката природа. JULIA DUCOURNAU преку една малку поинаква студентска инкантација го користи канибализмот како метафора за женското сексуално ослободување, постигнувањето на индивидуалната независност како возрасен човек, но и како метафора за кршењето на сите рамки и калапи во кои запаѓа еден бруцош на патот да се изгради себеси како личност.

JUSTINE [GARANCE MARILLIER],  е израсната во строго, веганско семејство. Се запишува на ветеринарскиот факултет за да ги следи стапките на родители и нејзината постара сестра. Меѓутоа, притисокот да стане успешен ветеринар не е единствениот товар за мирната и повлечена JUSTINE. Таа треба да се вклопи во луцидната социјална средина на нејзините врсници и тоа е моментот кога филмот започнува да се движи во неочекувана насока. Сите нови студенти се соочуваат со факултетската друштвена иницијација која треба да ги оддели декадентите од лузерите. Сестрата на JUSTINE – ALEXIA [ELLA RUMPF] е припадник на порадикалната страна.

Во факултетот, идните ветеринари се подложени на месојаден руски рулет и треба да изедат орган од некое животно. Јадењето на зајачкиот бубрег се коси со животниот стил на JUSTINE, меѓутоа таа подлегнува на притисокот од околината и зема учество во бруталниот и радикален ритуал кој претставува таен бунт и генерациска револуција – нешто што очајно им е потребно на младите луѓе за да ги скршат стегите што ги носи високата средна класа. Meѓутоа, револуцијата ги јаде своите деца. Психички и … физички.
Откако JUSTINE ќе ја изгуби својата carnivore невиност, нејзиното тело поминува низ “вештерската инкантација” и започнува нејзината трансформација.

Колку приказната се развива, толку дејството на филмот станува помрачно.

Кај JUSTINE се појавува нескротлив глад за месо, кој неуспешно ќе се обиде да го прикрие.  Истражувајќи ја новата “себе” таа ќе ја открие мрачната страна на својата околина, сестра и родители.
Меѓутоа, првичното манифестирање на промените не е само преку навиките за исхрана – целиот карактер на JUSTINE полека се променува. Оттаму, желбата за месо води до сексуално ослободување, но и конфликти кои ќе ја охрабрат нејзината личност.

Потиснатиот гнев понекогаш буди радикалност која знае да ги вџаши и најдекадентните меѓу нас. Преку RAW, JULIA DUCOURNAU прави критика на гротескното секојдневие кое е поужасно отколку што си признаваме. Вознемирувачки, фантастичен, естетски совршен и докрај вџашувачки, овој филм има свежа и сирова [ pun intended ] перспектива кога станува збор за режија и сценарио.

Приказната на RAW е придружена со рап или рејв звуци. Карактерите на JULIA DUCOURNAU се секојдневните, но сепак необичните хипстери од нашата улица. Саундтракот на RAW, а воедно и најважната песна во целиот филм овојпат е во полза на феминистичкиот аспект од филмот и според мене е една од најмоќните сцени. После помирувањето со својата трансформација и себеприфаќањето JUSTINE решава да го искористи својот потенцијал, а за тоа нема подобар избор за музика во позадина од рап.
Слушнете ги бруталните стихови на женското underground француско рап дуо – ORTIES, кое во своите песни имаат политичка, социјална и феминистичка критика.

*клик CC за превод*  ↓

Помеѓу филмофилите RAW често е ставен во паралела со SUSPIRIA – ремек делото на DARIO ARGENTO. Иако не е соодветен за сите вкусови [и стомаци], овој филм е задолжителна филмска манџа за сите љубители на експерименталната кинематографија.

Погледнете го трејлерот за RAW:


NEON DEMON – РЕЈВЕРСКАТА [M]ОДА НА УБАВИНАТА

*Критиката за овој филм првично беше објавена тука.

Во овој свет убавината е највисоката валута која ја поседуваме. Таа не е сè, таа е единствена. Токму реткоста ја прави убавината божествена и морбидна истовремено. NICOLAS WINDING REFN игра со оваа двојност во време на пост-интернетот и денот по дигиталната револуција. REFN преку своето визуелно ремек-дело исто така ја критикува рутината во која навлезе кинематографијата по експерименталната ера во 60-тите и 70-тите години, повикувајќи се на сегашниот интертекстуален начин на градење нови приказни и гледишта кои се овозможени од интернетот и популарните естетики кои тој ги наложува.

Кога кладите и во името на Таткото, Синот и Светиот дух веќе не се закана, вештерките играат на техно и се облечени во брендови. Истовремено, се трудат да бидат олицетворение на божественото.

Шеснаесетгодишната JESSE [ELLE FANNING] доаѓа во Лос Анџелес за да се оствари себеси како супермодел, но таа не е свесна за својата убавина. Нежната и деликатна појава на JESSE ја вџашува и истовремено ја освојува модната машинерија. Брендовите ја сакаат, манекенките ја мразат, но JESSE не престанува да се движи по пистата на славата, која потоа ќе ја исконзумира. Буквално.

НЕОНСКИОТ ДЕМОН е метафизички хорор, за некои и бизарна комедија која појавите како нарцисизмот, желбата за слава и оттаму за моќ ги карактеризира како физички субјекти подготвени да ја поминат границата на и онака шизофрената реалност. Со помош на неонските бои REFN опфаќа и елементи на окултното, користејќи го симболот на нарцисоидност и симболот на трите вештерки [JENA MALONE, BELLA HEATHCOTE, ABBEY LEE] клучен во техно инкантацијата на JESSE во која таа ја губи својата скромност – што ќе биде една од причините за нејзината понатамошна деструкција.

JESSE е достапна за злото околу неа и таа станува жртва на нејзините соработнички, кои не можејќи да ја поседуваат нејзината убавина – ќе ја вкусат. Некои од нив не можат да се носат со товарот во нивните желудници, а другите се сè уште гладни. Неонскиот демон финализира со трагичен, но сепак отворен крај бидејќи расплетот е невозможен кога е во прашање човечката природа. Со тоа, филмот остава простор гледачот сам да го посочи демонот во приказната, да го изнесе надвор од кино салата и да продолжи да се бори со истиот во текот на животот со надеж дека нема да биде победен, пардон – изеден.

 

Саундтракот за Неонскиот демон e на CLIFF MARTINEZ, кој во повеќе наврати соработувал со REFN, поточно за DRIVE [2011] и ONLY GOD FORGIVES [2013]. MARTINEZ успешно ја вклопува својата музика во брутално-прекрасниот zeitgeist на REFN, па забрзаната репетитивност на битовите воопшто не е пластична, туку им помага на гледачите да ја откријат чувствителната страна на бесчувствителноста која ни се чини дека го зафатила целото платно.

Производот создаден од неонската визуелизација и техно музиката му помага на REFN да создаде хорор филм за убавината која се обидува да опстои во свет со досега најбрзо и хаотично темпо на движење, воден од неврозата која ги вклучува неонските светла за тревога; искреноста која ја имаат чудаците е ретка,  а тие умираат млади!

Погледнете го трејлерот за THE NEON DEMON:

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/NEONFEATURED111-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/NEONFEATURED111-150x150.jpgИвана СмилевскаФилмвизуелна уметност,жени,канибализам,квир,моќ,постмодернизам,рап,слобода,уметност,феминизамОвој краток омаж кон кинематографијата од новата школа во паралела поставува два филма - RAW и THE NEON DEMON, кои можеби освен годината на своите премиери , не имаат ништо друго заедничко. Океј, освен елементот на канибализмот. RAW е филм на младата француска режисерка  JULIA DUCOURNAU, додека THE NEON DEMON...Нова мисла на пресушената почва.