Продолжуваме со  четвртиот дел од рап фељтонот, овојпат насочувајќи се кон македонската рап сцена. Во овој дел прашањата ги одговара ДАРКО од ЗАД AГОЛОТ. Зборуваме за ЗАД ШПИУНКАТА и влијанието на пораките во албумот, општествената порака во рапот и за тоа кој македонски поет е првиот рапер.

Македонската рап сцена почнува да се развива на крајот на осумдесеттите и на почетокот на деведесетите години од дваесетиот век. Во 1989 е создадена групата ЧИСТА ОКОЛИНА, која во 1995 го снима „Новиот аспект на старата школа“, а во 1997 го прави првиот самостоен концерт. Веќе кон крајот на 90тите, се појавува групата САФ (САКАМ АФРО ФРИЗУРА) за веќе во средина на 2000 да се појават повеќе групи кои прават старошколски рап, од кои најголемо внимание предизвикуваaт ЛЕГИЈАТА и STR2. Ретроспективно гледано, сите овие групи своите музички експрериментирања ги задржуваат внатре во рамката на старошколскиот звук при што се добива една цврста, константна публика и сцена.

ЗАД АГОЛОТ е група која ја продолжува линијата на старошколскиот звук.
Скопски рап состав на неколку групи и индивидуални артисти, од Хром до Маџари, основан во 2011 година, каде од тогашната продукција – Зад Аголот Продукција (2002) прераснува во колектив на иста фреквенција со цел да раскажат нова и поинаква приказна за Скопје. Првиот заеднички аудио проект насловен – “Чувај Го Вистинко Волу.1” е издаден во јуни 2012 година, како следбеник на видео серијалот – Зад Аголот Хроники. Во април 2016 година го издаваат својот втор албум наречен – “Зад Шпиунката”, кој доживеа своја промоција низ Македонија и Софија (Бг). Членови се: Марко и Бранко (СВП), Павле, Дарко, Тоди, Маро (Длабока Трага), Аце, Ване, Веле (Контра Напад), Гочка, и Дј Илич и Дј Оки Доки зад грамофоните. Десет емсиња, тројца аудио продуценти – Марко, Даре и Ване и еден видео продуцент – Бренсис.
Звукот е прљав бум бап измешан со грувот на плавиот џез, црниот соул и заебаната скопска психоделија.
Сега сфатија што се случува со лицата на свињите. Суштествата однадвор го менуваа својот изглед од свиња во човек, и од човек во свиња, и повторно од свиња во човек: и веќе не се знаеше кој е свиња, а кој човек.” – Џорџ Орвел.

Од што точно произлезе ЗАД ШПИУНКАТА како проект? Дали тогашната политичка состојба во Македонија беше долевање масло во и те како разгорениот оган или едноставно беше крик на сеопштиот долгогодишен неспокој?

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: ЗАД ШПИУНКАТА произлезе како производ  од двете. Секако дека политичката ситуација имаше удел во тоа што го правевме, сакале или нејќеле. Според онаа старата – “Aртистот има должност да го отсликува времето во кое живее“, ако не се лажам ова се зборови на Нина Симон.

ЗАД ШПИУНКАТА како концепт е инспириран од Орвеловата фарма. Дали е начитаноста важна за луѓето кои се бават со рап? Дали денешните MС се поетите на нашето време? Дали имаш некои писатели/поети кои имале влијание врз тебе?
*Дали би можел на некоја македонска поетска творба да и најдеш рап еквивалент?

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: Концептот на албумот не беше инспириран од Орвеловата Фарма, туку повеќе влијаеше на визуелниот дел од албумот, односнo каверот кој во однос на нашето лого си најде совршена улога.
Секако дека начитаноста е битна, не само кај раперите туку и кај луѓето општо. Поети и писатели кој ни влијаеле нам биле Херман Хесе, Ниче, Џорџ Орвел, Алдоус Хаксли, Кочо Рацин и др. Рап еквиваленти на македонска творба според нас се Т’ГА ЗА ЈУГ од Константин Миладинов и ТУТУНОБЕРАЧИТЕ од Кочо Рацин – првиот македонски рапер.

Каде е тенката линија помеѓу зборувањето за општествените проблеми  и капиталистичката империја која е рапот денес (пример: JAY Z?)?

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: Во самото прашање е и одговорот. Луѓето зборуваат за проблемите се додека ги имаат. Како што рекол WISE INTELEGENT, рапот од социјално-критички настроена музика, лесно е претворен во популистичка империја.
„Како да згаснеш побуна? – Дај им на бунтовниците тоа што им треба.“
Во 1991 година No. 1 сингл на радиото е FIGHT THE POWER од PUBLIC ENEMY. Истата година е исцидентот со RODNEY KING, каде црната заедниица се повикува на buzz, а тогашниот хип – хоп позитивно влијае на политичката ориентација на младите, како одговор на опресијата.
Целта е да се уништи самодовербата и свеста за себеси, дали преку филм, политички хајки, пропаганда или слично. Со зборовите на WISE INTELEGENT: “Fast forward to our day, Shawn Bell was shot fifty times on the streets of New York, by a police officer, number one song on the radio – Like a Lolipop“.

Дел од насловите на песните од ЗАД ШПИУНКАТА подоцна се претворија во транспаренти на протестите. Дали музиката со своите пораки може да влијае на размислувањето на луѓето?

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: Секако дека може, музиката е моќна алатка која допира до многу луѓе. Исто како визуелната уметност, пишаниот збор може да го направи тоа. И тоа не само кај луѓето што нели се најинтелигентната раса, имаат сетила низ кои примаат податоци, што потоа се емоционално системот ги обработува – туку исто така е и кај животните. MOZZART EFFECT е испитување во кое кравите се редат самите за молзење и притоа даваат 5-6 литри повеќе млеко при слушање на Моцарт.  Овој ефект е исто применет и врз цвеќиња и врз деца на кои им била пуштана класична музика додека се уште се во утроба, се верува дека влијае и на умствената и на емоционалната интелигенција.

Во твоите и воопшто во текстовите на ЗАД АГОЛОТ преку игрите со зборови често има respect за македонското културолошко наследство (македонски поети, рап групи, видео со инсерти на Манчевски, итн..) кои оддаваат впечаток на континуитет и задржување до некои правила. Како ваквиот старошколски принцип  ќе се избори со реалноста денес која е се полуцидна и повеќеслојна поради пост – идеолошкото лудило кое е насекаде околу нас? (Дали со стари принципи може да се критикува во време на fake news i post – truth кога вредностите се измешани и скоро непостоечки)

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: Идејата е иста од почетокот до денес, доколку не се грижиш за своето културно наследство, секогаш има некој што ќе посака да ти го одземе. Како овој принцип да се избори со луцидната реалнот не знаеме, откако ќе размениш неколку удари кој  ќе преживее, тој нека раскаже.

Која е причината поради неостварливата комуникација помеѓу old school рапот и трапот? Зарем ваквата поделба не прави повеќе штета кога станува збор за мала сцена како македонската?

ДАРКО [ЗАД АГОЛОТ]: Разликите настануваат поради содржината на самата музика, а не поради нејзината форма. Ние немаме ништо против новата музика, т.е. трапот, што во принцип е рап со поспоро темпо, многу блиска до old-school рапот. Текстуално, содржината е доста различна. Јас лично не гледам проблем зошто би имале неостварлива комуникација, тоа е како иста улица, но возиме различни ленти.  Сметаме дека еволуцијата на музиката е неизбежна во поглед на звукот, но рапот е лирички најсилен жанр што има моќ да влијае на маси, особено на младите луѓе, а се сведува, да не речам, на плитка содржина. Кај нас е побитен текстот т.е тоа што го кажуваш, ФАЦИЗМОТ  никогаш не бил значаен дел од тоа што го правиме, за разлика од трапот каде имам чувство дека е многу побитен. Доколку некој сака да искомуницира со нас, мислам дека денес во оваа доба има многу начини тоа да го направи.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/04/zadagolot-cover-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/04/zadagolot-cover-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикаидеологија,интервју,македонија,македонска сцена,македонски автори,постмодернизам,рап,систем,слобода,традиција,уметностПродолжуваме со  четвртиот дел од рап фељтонот, овојпат насочувајќи се кон македонската рап сцена. Во овој дел прашањата ги одговара ДАРКО од ЗАД AГОЛОТ. Зборуваме за ЗАД ШПИУНКАТА и влијанието на пораките во албумот, општествената порака во рапот и за тоа кој македонски поет е првиот рапер. Македонската рап сцена...Нова мисла на пресушената почва.