Овој петок со многу радост ви ја принесуваме нашата #ЛитМанџа, директно од кујната на Лори. Долорес Атанасова – Лори, родена во Германија, растена во Охрид, живее во Скопје. Најубавите години од детството на кое малку се сеќава ги поминала во Германија. Во Охрид научила да зборува со езерото, да ја чека пролетта и да се радува на летата. А, Скопје… Како што ни раскажа таа; „Во Скопје ми се случи многу, и уште повеќе.“ Лори пишува јавувајќи се директно од местото на сонување, или длабоко од котелот на реалноста. Најчесто на инсистирање на срцето. Авторка на книгите „Будење во трето лице еднина“ објавена во 2014 во издание на Блесок. Во 2016 ја објавува „Со ветрот под рака“ во издание на Антолог. Ни кажа дека пишува нова, трета книга, со која е во седми месец! 

Во продолжение вкусете дел од поезијата на Лори:

Внимание!

Доаѓа време, двајца што се разминуваат на јаве,

а се среќаваат на сон, сè поретко да се будат.

  Светот ќе потоне во мир и тишина и во понекоја воздишка.

    Избор поезија од збирката во подготовка: 

                     

Самрак

Вака, приквечер,

кога денот и ноќта, само на кратко,

се среќаваат под ведро небо,

им ја чувствувам возбудата од средбата,

како две заборавени сеќавања се,

она моето сеќавање,

и она твоето, за нас двајцата.

Тогаш телово ми се опушта,

полека си ја замазнувам косата наназад,

загледана во подот,

и чекам мрак да падне,

да ме скрие, да не се гледам.


Чекам лето

Чекам лето,

да седам во дворон охрид,

мрзливо да си ја допивам пијачката,

да шушне ежот низ цвеќињата,

да го ѕиркам ноќното небо меѓу чатии,

па да задува ветер, да ја однесе

сета оддалеченост меѓу нас…


                                                                   Поезија од збирката „Будење во трето лице еднина“:

 

Посреден  пат кога се видовме

Последен пат кога се видовме,

 Сè си премолчивме,

јас тебе дека те барам за да не те најдам,

ти мене дека ме бараш за да ме изгубиш.

Последен пат кога се видовме,

Светот висеше на конец,

Ама ние двајца немавме сила да пресечеме.

Последен пат кога се видовме,

Ти вратив сè  што не ми даде,

И повеќе, за да имаш.

Никој не знае каде сме.

Никому ништо не ветуваме.

Никому ништо не должиме,

ни на денот мисла,

ни на ноќта сон,

ни на човекот збор.

Ама нешто не сме цели.

нè јаде празното,

нè пие жедта,

нè  облекува желбата.

 

Последен пат кога се видовме,

си бевме речиси на дофат оддалечени,

ама заробени под камен со пулс.


Ветување

 

Еден ден,

Ќе се соберам во орев

И ќе се стркалам надолу,

Ќе се одбивам од секоја препрека

Од сите реки ќе бидам носена

Дур не се изморам, дур не се отворам,

Дур не се отплеткам и не полетам.

Еден ден,

Ќе се скријам во увото на бувот

Ќе се будам и легнувам

Во ритамот на неговото трепкање,

Ќе го учам потеклото на шумот,

На секое движење мајка ќе му бидам,

Сите зборови на спиење ќе ги однесам

Еден ден,

Ќе си легнам покрај камен.

Раце на гради ќе си прекрстам.

Ветувам , очи нема да склопам,

Ниту трeпки ќе сплетам,

Ќе стежнам од прашања.

Ќе се истрошам, само за да дознам


                                                                           Поезија од збирката „Со ветрот под рака“:

 

Еднаш се обиде да ме спасиш

Еднаш се обиде да ме спасиш
кога спас ми немаше,
и те повлеков надолу,
да тонеме заедно.

Светот почнал да темнее,

небото почнало да венее,

ѕвездите се отселиле…

Демек.

Оттогаш талкаме како едно,

бегаме од празно,

како од ненаселена душа,

и еден со друг се полниме,

како денот со светлина,

ноќта со темнина.


Некогаш ако умрам…

Некогаш ако умрам,

барај ме во водата

каде во детството

ја гасев жедта за живот,

барај ме во залезот на летното сонце

каде пулсира бојата на моето гласно срце,

барај ме под дуњата

каде ја преспивав најкратката ноќ,

повлекувајќи линии меѓу ѕвездите,

има таму горе парче мое сопствено небо.

Некогаш ако умрам,

барај ме само ако си ме нашол дур сум живеела,

ако не, ич не тргнувај.


Насловна фотографија: Лени фон Гелева

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/d.a-lori.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/d.a-lori-150x150.jpgpirejадмински пост - литературна манџажени,книги,книжевност,култура,литература,македонски автори,поезијаОвој петок со многу радост ви ја принесуваме нашата #ЛитМанџа, директно од кујната на Лори. Долорес Атанасова - Лори, родена во Германија, растена во Охрид, живее во Скопје. Најубавите години од детството на кое малку се сеќава ги поминала во Германија. Во Охрид научила да зборува со езерото, да ја...Нова мисла на пресушената почва.