Уметничкото дуо ЕФЕМЕРКИ [Јасна Димитровска и Драгана Заревска] настапија на овогодинешниот CYNETART – фестивал за компјутерска и медиа уметност што секоја година се одржува во Дрезден, во културната точка HELLERAU European Center for the Arts. Ефемерки учествуваат со нивниот последен перформанс “Контекстер против Дискурзор” до сега прикажан во Љубљана (SKUC), Скопје (ОГС), Белград (Oktobarski Salon) и Единбург (Summerhall). Перформансот се одржа на 14 октомври во рамки на програмата Discourse.

ЕФЕМЕРКИ работат заедно скоро осум години; Јасна дипломирала книжевност, а магистрирала дигитални медии. Драгана пак, филмска режија со магистратура комуникации и медии. Работат помеѓу меѓу Скопје, Берлин и Прага. Периодов Јасна е дизајнер во резиденција во Designregio Кортријк, Белгија, каде работи на на проект за иновативни простори на иднината. Драгана пак е уметнички консултант на дел од проектите на шведските институти RISE, во делот SICS – одговорните за вештачка интелигенција, применета информација и комуникациски технологии. Од кога работат заедно, Ефемерките не скокнале ни една година да не настапат на некој голем европски фестивал за уметност. Имаат фанови и во и вон академските кругови. Сакаат да ја претставуваат Македонија на Венециско Биенале. Прочитајте го интервјуто со нив по повод нивниот настап на CYNETART.

Што се Ефемерки?

Ефемерки: Еден наш пријател, стрип-уметник од Панчево еднаш не опиша како “кралици на пренамагањето”*. Ние навистина пренамагањето го имаме сфатено многу сериозно; како пристап кон малите и големите нешта во животот, нешто налик на Мира Сорвино и Лиза Кадроу кога како Роми и Мишел се враќаат на 20 години матура во сиот нивен раскош и будалаштина. Секоја од посебно има соло-кариера како уметница, а заедно сме перформанс дуо кое работи со абнормалностите на јазикот и неговите граници. Го обожаваме Витгенштајн, а пробуваме да ги разбереме Делез и Гатари. Кога не знаеме каде да бараме спас – отвараме книга од Агамбен. Тој е нашиот spirit-animal. Во некои наши дела се бавиме со лагите на академијата и на уметничкиот живот каде што информираните и образуваните грабаат моќ додека го одвлекуваат вниманието од себе критикувајќи други (трети) центри на моќ. Но најмногу од се – се бавиме со создавање нови светови со наши логика и правила. Ефемерки реферираат на Бапчорки, и на сите чудновати дами кои придонеле во зачувување на оралната историја на еден или друг географски
крај.

Како поминавте на CYNETART?

Ефемерки: Одлично. Одлично искуство. Го игравме нашиот перформанс-предавање “Контекстер против Дискурзор”, а темата на програмата во која беше вклучено ова дело беше темата за моќ во академијата и високо-профилираните уметнички кругови каде што владеат строги непишани правила на делување и однесување. Тие го моделираат уметникот, кураторот, па дури и сите останати луѓе вклучени во процесот на продукција и дистрибуција на едно дело. Сегрегација и тотално исклучување од тие кругови “висат” над главата на секој нивен член кој што нема да го артикулира кодот на однесување предвиден од групата.

Како “Надзор и казна” од Фуко функционира во вашиот јазик?

Ефемерки: Таа книга е една од референците користени во “Контекстер против Дискурзор” и главно од неа сме ги земале мотивите врзани за институционално дисциплинирање на непослушниот. Секоја институција дисциплинира, било тоа да е брак или пак болница. Но и покрај тоа, ние сите видови на дисциплинирање не ги гледаме како инхерентно лоши – има еден “систематизација и класификација”, кој кога не е аплициран врз луѓе, а е врз предмети, теми, флора, фауна, е и тоа како значаен за нас да можеме да се снајдеме во светот и низ животот. Тој вид дисциплинирање е претставен во нашиот перформанс низ еден фантазматски начин; сите можни нешта на светот ние сме ги класифицирале низ осум објекти презентирани на сцена, наречени симболично – The Curatables.

Можно ли е да се избега од наративниот затвор?

Ефемерки: Ова ќе прозвучи како рецепт од лекар ама – бегање од наративниот затвор е можен само за оној/ онаа што многу читаат во матичниот јазик и паралелно учат странски јазици. Еден јазик не е доволен за да се биде слободен, а ни два. Супер е што Југословените се гордеат со познавањето на јазикот на соседот, арно ама, тоа е премалку за да се биде слободен. Секоја од нас тежнее кон тоа да совлада нов јазик на секои неколку години, ултимативна цел ни е да совладаме и некој од азиските.

Глобалната состојба на современата уметност, дали е на некој начин затвор за уметниците?

Ефемерки: Затвор е за тие што од што премногу сакаат да угодат на тоа што контекстот го очекува од нив.

Дали постои излез од кругот на наративни слоеви што прави да бидеме бабл сметајќи дека сме на правата страна од историјата, а всушност идеолошкиот наратив не ни дозволува да го видиме објективниот пекол?

Ефемерки: Не сме сигурни дека го знаеме одговорот на ова прашање. Не сакаме да бидеме демагози.

Проекти во процес?

Ефемерки: Подготвуваме книга-објект каде што централна тема се објектите The Curatables.  The Curatables се сет објекти кои може (но не мора) да бидат курирани. Истата ќе биде поврзана со сопствена апликација на аугментирана реалност, а ја очекуваме да излезе кон крај на годинава.

*“кралици на пренамагањето“; пренемагање = изводење. „Ај не изводи“ = „Do not perform“

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/10/efemerki-profile.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/10/efemerki-profile-150x150.jpgИвана СмилевскаВизуелноКнижевноствизуелна уметност,жени,интервју,книги,книжевност,култура,македонија,македонска сцена,македонски автори,политика,постмодернизам,систем,слобода,театар,уметници,уметностУметничкото дуо ЕФЕМЕРКИ настапија на овогодинешниот CYNETART – фестивал за компјутерска и медиа уметност што секоја година се одржува во Дрезден, во културната точка HELLERAU European Center for the Arts. Ефемерки учествуваат со нивниот последен перформанс “Контекстер против Дискурзор” до сега прикажан во Љубљана (SKUC), Скопје (ОГС), Белград...Нова мисла на пресушената почва.