Менделизам на формата

После изложбата „Дегенерирана уметност“ организирана во Минхен на 19. јули 1937 година од Национал-социјалистичката партија веќе е официјално – модерното е забрането бидејќи тоа е дегенерирано, расипано, заразено од класната борба и моралниот пад на современието. Сега се прифаќаат само јасно диференцирани облици, вистинска есенција на Народот и народното. Тоа е нивната модерна – враќање кон фолклорот и древните предци кои мора да биле богови. Мачо-популизмот на новиот германски Аполон е нацистичкиот менделизам на формата.

Принципите на наследност, дефинирани од Георг Мендел, ерата на евгеника и социјал-дарвинизам ги претвора токму во поимот менделизам. Тој означува систематска и контролирана генетска селекција која води кон биополитичко создавање на телата од вајарската работилница на Арно Бекер во реалност, идеалот како антитеза на дегенерираната уметност: мажот е факелоносец и копјеносец со тотална симетрија – тој има право да биде гол. Жената исто така ги има старогрчките идеали за симетрија, таа е пркажана непокриена – како атлетска девица со сензуални движења која не одзема голем простор, или покриена – како мајка со труднички стомак, со дете во рацете, погледот е свртен надолу кон детето или е неопределено поставен.

Менделизам на зборот

После априлската прокламација на Германската Студенска Унија за „Акција против не-германскиот дух“ (6. април, 1933) [1] и зборовите треба да се прочистат во ритуално auto-da-fe. Всушност настаните од 10. мај 1933, во целост го содржат колективниот ритуален момент на паланката – паланечките првеци (без разлика што тие може да се студенти, професори, доктори итн., тие се анти-новатори) ги контролираат колективните гласови: 26 000 книги се запалени.

Во свечениот говор на министерот за просвета и пропагнада – Јозеф Гебелс, лесно се издвојува една реченица:

„Ерата на екстремниот еврејски интелектуализам е завршена. Пробивот на Германската револуција повторно го исчисти патот за Германскиот патос… Идниот германски човек нема да биде човек на книгите, ами човек на акцијата. Кон таков заклучок ние ве едуцираме. Како млада личност, веќе да се има храброст за соочување со немилосрдниот одраз на секојдневието, за надминување на стравот од смртта и повторно да се стекне почит кон неа – таа е задачата на новата генерација. Затоа, добро правите што сте тука во полноќен час, да му ги посветите на огнот злите духови од минатото.“ [2]

Гебелс зборувајќи дека „идниот германски човек нема да биде човек на книгите, ами човек на акцијата“, всушност насочува дека Народот сам по себе е философијата, Тој целосно го достинал мислењето сплотен во новата идеологија и секое наредно мислење би било погрешна тавтологија, т.е. мислењето е непотребно, потребна е акција заради акцијата сама.

Кога министерството издава слогани

Главната канцеларија на министреството за просвета и пропаганда издава слогани за користење од страна на студентската унија, тие гласат [3]:

  • Против класната борба и материјализмот. За заедништво на Народот и идеалистичкиот начин на живот; – Маркс; Кауцки.
  • Против декаденција и морален пад. За дисциплина и децентност во семејството и државата; – Х. Ман; Ернест Глесер; Е. Кустнер.
  • Против непринципиелно размислување и политичко предавство. За посветеност на Народот и државата. – Ф. М. Фоерстар
  • Против ситнење на душата и пренагласеност на сексуланиот инстинкт. За благородноста на човечката душа. – Школата на Фројд; Весникот Имаго;
  • Против литературното предавство кон војниците во Големата војна. За едуцирање на нацијата во милитарната моќ; – Е.М. Ремарк;

Изборот на библиотекарот

Библиотекарот кој ја составил листата на неподобни книги се викал Волфганг Херман.

Во публикацијата Berliner Nachtausgabe на 26. март 1933 се појавила првата листа со едноставен наслов „Листа на книги за палење“. Потоа студентите требало само да влезат во универзитетските библиотеки и да ги пребаруваат до истрага.

Од листата [4]:

Alfred AdlerOskar Maria GrafThomas Mann
Otto BauerJaroslav HašekKarl Marx
Vicki BaumHeinrich HeineVladimir Mayakovsky
Walter BenjaminErnest HemingwayAlfred Neumann
Ernst BlochErich KästnerMarcel Proust
Bertolt BrechtFranz KafkaWilhelm Reich
Max BrodGeorg KaiserErich Maria Remarque
Albert EinsteinKarl KrausKarl Renner
Carl EinsteinVladimir LeninLeon Trotsky
Friedrich EngelsJack LondonH. G. Wells
Anna FreudRosa LuxemburgCarl Zuckmayer
Sigmund FreudHeinrich MannArnold Zweig
André GideKlaus MannStefan Zweig

[1] US Holocaust Memorial Museum https://www.ushmm.org/wlc/en/article.php?ModuleId=10005852

[2] Од говорот на Гебелс, 10.5.1933, репортажа во Vоlkischer Beobachter 12.5.1933;

[3] Извор: Aigner, 1971, p. 1018,  http://www.library.arizona.edu/exhibits/burnedbooks/goebbels.htm

[4] Online-Veröffentlichung der Liste der von den Nationalsozialisten verbotenen Schriften

[5] слика, очудување од Дада – од изложбата за дегенерирана уметност http://classconnection.s3.amazonaws.com/416/flashcards/2422416/png/451355168298595.png

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/arte_degenerado_nazi_propaganda_4-1-1024x576.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/arte_degenerado_nazi_propaganda_4-1-150x150.pngИвана Хаџиевскаклада - Ракописите не горат!забранета литература,историја,книги,книжевност,нацизам,тоталитаризамМенделизам на формата После изложбата „Дегенерирана уметност“ организирана во Минхен на 19. јули 1937 година од Национал-социјалистичката партија веќе е официјално – модерното е забрането бидејќи тоа е дегенерирано, расипано, заразено од класната борба и моралниот пад на современието. Сега се прифаќаат само јасно диференцирани облици, вистинска есенција на Народот...Нова мисла на пресушената почва.