Еден аспект од историскиот наратив за развојот на еманципацијата во склоп на антифашистичката борба решив да го лишам од површниот историцизам, и да го представам денес пред вас под насловеност „Борба против тело-татковина“

Прелудиум

На денот кога го добив предлогот за учество на оваа средба и тоа за престојната тема, донекаде симпатичното неискуство си го направи своето: во главата брзо-брзо почнав да бистрам идеи што би можело да се каже, да се претстави, со која аналогија да се поврзи,  си реков „па тоа е нововековна историја за тоа ќе има извори едн куп!“. Не беше така. Неможејќи да најдам историска литература која нема да биде презаситена со биографски податоци или традиционална политичка историографија, која мене многу – многу не ми се допаѓа, како верен припадник на она што би се нарекло „моја генерација“, подпаднав под сите клишеа што таа припадност ги носи, и застанав пред копјутерот иако тоа е последното нешто што го правам кога истражувам историски теми.  Пребарував според реченица која отприлика гласеше „Жената во антифашистичката борба на Македонија“, повторно не го добив она што сум го замислила, но пред мене се појави нешто доста интересно: во понуденото излезе наслов – Жената и Фашизмот. Страницата носеше име „Национална Борба“, а под предметник „Што е фашизам“ освен другите дефиниции ја имаше и следната (која вели): „Нашата идеологија ги држи жените во многу голема почит бидејќи тие се носители на новиот живот. (…) Жените се охрабрени да ги извршуваат своите интереси и да имаат кариера, но само доколку кариерата не се меша во нивните семејни потреби; семејството е на прво место – секогаш. Жените се охрабрени да бидат силни, но пред се женствени. Во согласност со овие идеи, нашата уметност ги отсликува често херојски, дури и како божици.“  Утврденото и ограниченото во безобразна суптилност на „нормалното“ на прв поглед не оставаат не даваат простор за критика, а и доцна е сега авторите да ги менуваат своите убедувања, за тоа е потребна голема рекалибрација.

Доста заинтригирана од писанието, се заинтересирав понатаму во понудените содржини. Лесно беше човек да се префрли на нивната, претпоставувам, заедничка страна на една од социјалните мрежи, која пак носеше име „Револт“. Овде, доста дескриптивно беа прикажани горенаведените дефиниции. Освен другото, она што мене ме интересираше – женскиот дел на приказната го имаше главно низ слики: на една од нив, беше прикажан пар во чија прегратка како еднаков дел беше и пиштолот во раката на младичот и над таа идила со текст стои: „Секоја жена посакува фашист“. На друга пак, девојка симпатично  салутира пред една архитектура, а текстот со дебели и големи букви вели: „Фашизмот е секси!“. На трета пак, прикажано е само разголено женско торзо на кое текстот од парчето облека порачува: „легализирајте ги крвавите дуели“, иако тоа се однесува на стара германска студентска традиција која нема врска ниту со идеологија што авторите ја претпочитаат, а уште помалку со македонскиот курикулум кон кој тие се обраќаат.

Сигурно сега веќе сите се прашувате што има врска ова што го раскажувам со насловот на мојот говор што на почетокот го спомнав, а што има пак таквиот наслов има со темата жената борец во НОБ?

Уметност на паметењето: жените и воената индустрија

Пред да ви одговорам, дозволете да се осврнам на нешто друго.

Откако мојата потрага на интернет заврши како што претходно ви раскажав, повторно се навратив на старите средства:

Во десеттомната едиција на Воената Енциклопедија, жените се споменуваат само еднаш, под предметникот на буквата Ж, веденаш под железнички сообраќај, и тоа во дел насловен како Жените во НОБ на  Југословенските народи. Тие се појавуваат за прв пат, и во множина, и масовно во дискурсот и наративот на нашите балкански простори, некаде на крајот на оваа голема, светска воена историја на велики мажи и настани, во последниот том, на последната буква – Ж (според тамошната латинична котација). На тој текст не можам многу да му замерам, има квалитетна и педантна фактографија.

Дозволете ми само за љубов на фактографите да набројам неколку информации оттаму кои ги сметам за доста битни: На пример точно е дека

  • „во 1936 во акција на Народниот Фронт собрани се 600 000 потписи на жени за мир и слобода“ [2];
  • исто така „во 1941 г, веднаш по окупацијата, образовани се одбори на активистки за собирање храна, облека, санитетски материјал, грижа за ранети и деца, за мобилизација на болничарки, курирски врски (…) Овие одбори веќе во есента 1941 почнале да се нарекуваат Антифашистички Фронт на Жените [3] (официјално основан како посебна женска организација на 6.12.1942 во Босански Петровец).“

Дозволете да нафрлам уште неколку информации, па макар и една врз друга…

  • Понатаму фактографијата вели: на 15.12.1944 на првата конференција во Скопје, одбран е главниот одбор на овај фронт за Македонија;
  • Естреја Овадија Мара е политички комесар на батаљон во 7та Македонска Бригада;
  • за време на окупацијата во Сплит и Мостар (1941) женската популација протестира против глад и скапотија…
  • Во 1941 штрајкуваат и жените од монополот во Прилеп;
  • Важно е да се знае дека во периодот 1941-1945 во редовите на народноослобидеителната војска беа над 100 000 жени, од кои 25 000 загинаа. Покрај нив, голем број на жени учествуваа во работата зад бојните полиња.
  • Во логорите се убиени над 282 000. [4]
  • 141 жена од Македонија го носат признанието „Партизанска споменица 1941“; 7 жени се прогласени за Народни херои на земјата: Мара Нацева, Оливера Јоциќ – Вера, Ибе Паликуќа, Естреја Овадија – Мара, Елпида Караманди, Вера Ацева, Фана Кочовска. [5]
  • Публистичката дејност [6] се развива истовремено, најголем дел од нивните весници го носат името „Нова Жена“, таму можеби за прв пат овие балканки ја бараат својата сопствена соба. („доволно е да се погледне насловната страна на „Жена во борба“ која прикажува жени во демонстрации, пред микрофон, на говорница, со пушка во рака, со дете во рака, во колона, како сее, со машини во фабрика, во изградба на срушени куќи или патишта… );
  • Во 1953 овај фронт се распушта, но тоа Воената Енциклопедија не го наведува.

Жените од ридестиот Балкан имаа различен пат од оној на жените од она што историски и концепциски го нарекуваме Западот. Сличен можеби во непроодноста и првичноста. Интелектуалната сафрижантка по протестот завршуваше во затвор, на балканската партизанка слабото или непостоечко образование и домашниот труд и` се слеваа со борбениот активизам. Зарем селската жена имаше воопшто можност да размислува за поими како „право на глас“? Сузан Б. Антони беше изведена пред суд по обидот да спушти гласачко ливче во кутија. Елипда Карамнди го заврши својот живот како и поради тоа што беше партизанка. Со 19от амандман од 1920 година (САД – добивање право на глас) жените од овај дел на западот изодија долг пат, само за да сфатат дека не се ни до пола. На 11.8.1945 АВНОЈ со декларацијата за основните граѓански права прогласи рамноправност на родовите и еднакво право на глас, тогаш ние бевме целосно на почетокот. Жените од западот или од било кој друг крај на светот, денес ни служат а и со право, за исцртување на историските миљокази со тешки камења. Но, во нашата колективна меморија најефикасен модел на женски активизам, кој се исполнувал преку директен контакт меѓу женската популација беше оној кој се изнедри од Антифашистичкиот фронт на жените.

Повторно ќе се навратам на првичноста на некои настани.

Војната е време на исклучокот, на преседанот.  Ако во  Првата Светска Војна жените за прв пат масовно ја населија индустријата, иако само во утилитарна улога на замена на отсутниот елемент, тогаш во Втората Светска Војна оваа утилитарност се сврти на бојното поле. Но, секоја земја различно ги отвараше армиските врати за другиот пол. На мажите од Отпорот (воедно водени од идеја според која) не им сметаа жените во маслинеста и за некој број поголема облека и кратка коса, не мислеа дека милитаризацијата на жената е застранување, а можеби немаа ни друг избор, кој знае. Мажите пак од нациите кои беа убедени во својата супериорност (воедно водени од идеја според која бог, расата или природата им дава поинакво право) имаа друго мислење, барем на почетокот од војната. Така, во 1933 Гебелс поетично инсистираше жените да немаат пристап до политиката и армијата, бидејќи тоа би довело до „дирекна феминизација на посилниот, а маскулинизација на понежниот пол“. [7] Истиот, во 1943 пак, изјави дека е длабоко уверен во подготвеноста на германската жена да го замени мажот во извршувањето на неговата работа и да ги понуди своите услуги на военото стопанство и дека „во вакви моменти нема потреба жените да се третираат како понежен пол“. [8]

Како се создаваат малите гебелси од соседната врата? Уште еднаш се запрашав.

Борба против црвот во главата

Знам дека станува веќе долго и можеби заморно од мешањето на рефлексиите, публиката со право сака да добие одговор барем на прашањата од почетокот.

Вклучувањето во отпорот значеше да се одбери непослушност – апостасија на женскоста, свесно да се одрекне улогата на жртва, на плен, на тело кое треба да се брани, на тело кое треба да се дели, на тело-татковина. Да се биде партизанка исто така значи и пркос кон патријархалните идеали за хиерархија внатре и надвор од домот.

Кога се среќаваме со еден ист црв низ историјата, му даваме разни имиња и ни делува како страшно животно, кога ќе се сретнеме со истиот во нашите глави, често само благо замавнуваме со раката и си го продолжуваме денот. Нема да го затворам говорењето со типичната реченица можеби соодветна за вакви говори (која некако епски почнува): „Денес жената…“ и продолжува во некој патронатски дух, наместо тоа само ќе ја превземам последната реченица од еден текст на ваква тема: „вреди да се обидеме, поради фактот што жените прават нешто  половина од нашето опшество, а и поради тоа што често  биле бројчано надминувани од (бронзени м.з) коњи (во нашите книги и плоштади).“ [9]

[1] Текстот е интегрално пренесување на учеството на трибината „Антифашистичка борба на жените“, 10.10.2016

[2]  Vojnoizdavacki zavod, Vojna Enciklopedija t.10, Beograd 1975, стр. 741-743;

[3] АФЖ е официјално основан како посебна женска организација на 6.12.1942 во Босански Петровец;

[4] Daško Milinović,Zoran Petakov – Partizanke, Novi Sad 2010, str. 9

[5] Бутевска, Вера – 8ми март-Меќународен ден на жените (дел од излагањето на авторката на третото издание на фестивалот Прво па женско 7.3.2015), Фемоар, Скопје 2016;

[6] Во гласилата на АФЖ се гледа голема афирмација на нови вредности: Пр: „доволно е да се погледне насловната страна на Жена во борба која прикажува жени во демонстрации, пред микрофон, на говорница, со пушка во една и дете во друга рака, во колона, како сее, со машини во фабрика, во

[7] Goebbels, Joseph Paul – The Woman, a speach 18.03.1933, “Deutsches Frauentum,” Signale der neuen Zeit. 25 ausgewählte Reden von Dr. Joseph Goebbels, German Proppaganda Archive – Calvin College (http://research.calvin.edu/german-propaganda-archive/goeb55.htm );

[8] Гебелс, Јозеф – Политички Говори, Скопје: Ѓурѓа, 2007, стр. 245.

[9] Sklevicky, Lydia –  Konji, žene, ratovi, Загреб 1996, стр.22.

[10] слика, Адела Јушиќ, https://adelajusic.wordpress.com/2015/05/08/here-come-the-women/

[11] слика, Адела Јушиќ, https://adelajusic.wordpress.com/2015/05/08/here-come-the-women/

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/IMG_8639-820x547-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/03/IMG_8639-820x547-150x150.jpgИвана ХаџиевскаАнтроПропоантифашизам,војна,жени,историја,феминизамЕден аспект од историскиот наратив за развојот на еманципацијата во склоп на антифашистичката борба решив да го лишам од површниот историцизам, и да го представам денес пред вас под насловеност „Борба против тело-татковина“Прелудиум На денот кога го добив предлогот за учество на оваа средба и тоа за престојната тема, донекаде...Нова мисла на пресушената почва.