„Би сакала да бидам повеќе како вода или уште подобро, како млеко – целосно пренослива. Сега сум повеќе како камен или како песок или како сос полн со грутки – што би правел човек со грутки.“

Во поканата испратена до уметник од Чиле за отворањето на нејзината изложба во Њујорк, Луиз, му пишува дека ѝ е сосема јасно, тој нема да ја разбере ако зборува на двата јазика што ги познава: англиски или француски. Но, знае дека тој ќе умее да ги разбере нејзините скулптури. Неми скулптури, што не испуштаат досадни звуци, не се напорни и нема никого да малтретираат, не мирисаат лошо и не постои начин на кои би можеле да повредат. Единствено се способни да пренесат порака. Можеби таква порака, што јазик не може да ја искомуницира.

Луиз Буржуа [1991-2010], родум од Париз, Франција, беше модерна артистка која животот го посвети на уметноста, на своите скулптури и инсталации. Нејзините продукции се рекреација на анксиозноста и тегобите која таа ги лоцира уште во детството. Доаѓа од семејство на реставрирачи на стари таписерии, од татко за кој вели дека никогаш не се чувствувал како дома, за него куќата била како хотел и мајка на која секогаш се повикува во нејзините белешки препишувајќи ѝ издржливост и претворајќи ја во симбол на заштита и спокој. Таа е токму тоа, реставрирач на нејзиното минато, ја презима контролата што не можела да ја има во моментите кога се тргнало погрешно. Притоа, нејзината реакција често е бунт против традиционалното и догматското.

Бунтовничката Луиз, нужно мора да се истражува како нечија ќерка. Не само затоа што целиот живот останува нечие дете приковано за хоророт на домот туку и затоа што нејзиниот револт почнува токму како ќерка незадоволна од баналното функционирање на секојдневните ритуали и поделбата на улогите меѓу мајката и таткото. Од другата страна, да се биде ќерка за неа значи и да страда, да чувствува вина и да се срами. Во нејзините белешки пишува дека писмата до нејзиниот татко се секогаш ужасно срамни, затоа што покрај него се чувствува како девојче кое извршило некое злосторство, некоја лага.

Инсталацијата Деструкцијата на Таткото [The Destruction of the Father], е морбидна сцена, наликува на остатоци од коски во пештера, а претставен е канибалистички акт во кој децата го јадат нивниот татко на трпезата. Овде Луиз се одмаздува на нејзиниот татко, Таткото кој што со неговото постоење го зазема церемонијалниот ручек или вечера, таткото фалбаџија, таткото што досадува… Во нејзината инсталација таа не е повеќе жртва на неговиот авторитет. Го јаде патот до слободата, што би значело реанимирање на настаните од детството. Буржуа се одмаздува и на она што симболизира таткото – фашист: идеолошко заслепување, немо слушање, ќутење и тивко преџвакување на она што ни е приредено во животот. Вака, таа се соочува и улогата е заменета. Поентата не е канибалистичкиот акт, туку да се спротивстави: не за повреди туку за да се соочи.

Најголемата инсталација на Буржуа, пајак висок девет метри го насловува Мајка [Maman] и го претставува како ода за нејзината мајка. Распостранет низ повеќе метрополи низ светот, денес под краците на џиновскиот пајак се фотографираат илјадници. Неговите долги нозе го опколуваат оној што застанува под него, чувствувајќи се заштитен под огромната скулптура во мало делче од брзиот и хаотичен град. Арахнофобија е честа, но, дури и кај оние кои ја немаат пајакот е непосакуван, гадинка која треба да се избегне: да се исфрли од домот, да се убие. Децата или плачат од пајаците или сакаат да си играат со нив додека животното не настрада. А, невозможно е да не ги приметиш брзите членконоги, некогаш трапави со нивните пајажини кои ги издаваат. Луиз пајаците ги претставува во друго светло и открива дека тие се погрешно интерпретирани, како впрочем и секој човек во барем дел од своето постење. Тие се метафора за нејзината мајка, грижлива жена која со нејзината пајажина од љубов ја заштитува. Препишувањето на позитивни карактеристики на несфатеното животно е нешто што може да се очекува од жена како Луиз. Таа не само што се бори за мајката која животот го плете околу своите деца туку се бори и за идентитетот на пајакот.

„Не мора да живеам во празен, вакуумиран свет, можам да си креирам свој, уметнички свет од семоќност и фантазија. Морам да го контролирам просторот затоа што не можам да поднесам празнотија.“

Продукциите на Луис Буржуа блескаат во сиот свој сјај на уметност делкана од вистински емпат. Нејзиното дело е медиум преку кој го комуницира потсвесното. Чувствителното прифаќање на меланхолијата како дел од животот и друг образ на уметноста се чита и во нејзините психоаналитички пишувања.

„Страв од заборавање детал, од заборавање на сè, сè. Битно или небитно, мора да биде запишано, споменато…“

Пишувајќи некогаш и по три пати на ден, како мудар набљудувач, под микроскоп ги разгледува скриените, пикнати под тепих прашања за телото, сексуалноста и за семејството. Нејзината работа и дозволува да се извини самата на себе, а актуализирајќи се како влијателна уметница да го прифати стравот од напуштање, мачнината и тагата како главни ресурси.

 „Моите скулптури [главно фигури] не претставуваат само студија на формата, тие претставуваат и емотивни состојби кои се болни. “

Таа го обликува својот свет со тешкотиите на нејзиното постоење како што ги обликува своите дела, со тешки материјали од бронза, мермер и челик. Нејзината уметност е последен облик на бунт во кое не се заборава себеси како некогашно мало девојче и нечија ќерка. Исто како да си одржува ветување.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/29bourgeoisjp1-videoLarge.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/29bourgeoisjp1-videoLarge-150x150.jpganonimenВизуелновизуелна уметност,жени,живот,интимност,систем,сликарство,традиција,уметници,феминизам,фотографија„Би сакала да бидам повеќе како вода или уште подобро, како млеко - целосно пренослива. Сега сум повеќе како камен или како песок или како сос полн со грутки - што би правел човек со грутки.“Во поканата испратена до уметник од Чиле за отворањето на нејзината изложба во Њујорк,...Нова мисла на пресушената почва.