Билјана Ѓонеска на книжевноста ѝ пристапува медицински, согласно основниот лекарски повик: некогаш ја ползува за дијагностички (кога прави критички осврт на книжевен лик), некогаш за терапевтски цели (кога пишува куси раскази и други прозни творби), а некогаш само како плацебо (кога пишува песни). Но, пред сѐ, таа на книжевноста ѝ пристапува систематично и студиозно, согласно  професионалната определба на невронаучник: уредно следејќи ги објавите од нејзините талентирани современици, и педантно прибележувајќи ги сопствените книжевни изблици.  Објавувала во “Студентски збор” (на Студентски збор), “Репер” (на Антолог), “Oчудувања” (на Бегемот). Повеќе творби можат да се најдат на личната страна: evermind.me 

Во оваа литературна манџа ви представуваме една интимна генеза на приказните. Тие се ткаат од колективното, но неконвенционално и незаборавено женско искуство.

ПОТЕКЛОТО НА ПРИКАЗНИТЕ

“Ти смисли збор, а јас во истиот час, ќе измислам приказна за него”, ме предизвикуваше баба Билјана.

Беше седната од каршија и таинствено жмиркаше со лицето ласнато на пресното изгрејсонце. Не можев да растајнам кому е упатен тој благо замижан поглед преведен преку подигнатата веѓа и изведен тукуречи под око. Дали го мерка свилениот конец опчекорен меѓу нејзините прсти, или мене, расчекорена на килимот под нејзините колена? Беше невозможно да се одмота погледот од црвеното смотулче во нејзините скутини и напати се прашував кого всушност баба провира низ иглени уши: конецот или мене?

“Нека биде, нека биде ‘Билјана’”, бев малечка и неопитна, па наврапито ја прифатив играта со овој недоквакан предизвик.

“Ај сега да те видам!”, ликував во себе мислејќи сум ја затекнала зашто ѝ бев подметнала сопствена именка на место од општата. И тоа не било која, туку лично нејзината… се насмеав шеретски.

Но, баба веќе ме беше претекнала во мислата, и уште побрзо, со нови зборови, почна да плете приказна за потеклото на името ‘Билјана’ дури со прсти го расплеткуваше котелецот од нејзиниот вез. Приказната што ми ја раскажа беше изворна, неврзана со онаа мома која белела платно крај Охридското Езеро, туку со некоја таинствена момичка. Таа безименичка ми ти ги имала освоено сите бои и билки во своето царство, сите до една ѝ се имале покорено на нејзината убавина. За возврат Природата лично, ѝ беше доделила име што ќе ги обединува личните именки на сите разнобојни овошки и билки. Името ми ти беше било со мирис на мисковина, на вкус сладовина, поопојно и од Мимоза и од Роза, посочно и од Калина и од Малина. Поголемо и од Виолета, оти било пошироко од градина полна Синолички и Темјанки, па дури и од една Цвета, оти било подлабоко и од долина полна со сите останати цветни билки. Потемникаво и од Лилјана, посветликаво од Руса, пообоено и од Бојана… море сите бои да ги обединува, и ко билјур да болснува бела светлина. Името било Билјана, како стокмено за лика со красотна белина, светло око и духовна чистина. Потем во царството се изродиле сите понапред спомнати лични именки и сите покуси изведенки од Билјана, и Ана и Лина и Јана.

Баба ја тераше приказната таман онолку, колку беше потребно да ја обраби белата риза со најрумен конец и со последниот бод стави точка на двете творби, таа што се точкаше под нејзините прсти, и онаа што се точеше од нејзините усни. Таква беше таа. Со зборовите итрица, со рацете волшебница, а со двете споени заедно права вештица. И постојано со нив правеше магии да ме вовлече во приказничарење.

***

Непосредно пред нејзиното заминување на оној свет, баба реши да го направи своето најголемо волшепство и за последен пат ги впрегна своите моќи во обид да ме зарази со нејзината страст. Беше тоа една сликовница со кадифена корица и наслов вткаен од најфина волница. Словото помеѓу кориците пак, беше така вешто рисано, да не се знае кај почнува звук, а кај завршува слика, оживувани во секоја прилика кога ги допирав со поглед. Но, мојата најголема мистерија беше отелотворена во нејзината најголема мајсторија, во таа вештина да создаде слика што ќе отскокне во просторот пред мене со секое преминување кон нов лист. Слика што има должина и ширина, но и височина, три димензии со кои го влечеше мојот поглед да тоне втренчено, ко во најголема длабочина. Изненадувањето ме дочека на првиот свиок кога пред мене се исправи една троглава аждаја, вистина картонска, но горостасна и разгоропадена, чиниш спремна да ме џбарне право в око. На следното свртување аждајата беше припитомена во рамнината од страната, поставена наспроти една девојка. И повторно чудо: главите на оваа аждаја беа подвижни, на допир лесно можеа да се заклатат околу вратот како на оска, па јас по волја им го изместував погледот, те да демне заканувачки кон младата красотица, те да се ведне пред неа ко најумилна птица. На страните што се редеа ме чекаше нова чудесија: во својата мешина како во мала пластична пумпа, аждајата чуваше течност што под притисок на дланка гргнуваше низ грло, па ѝ шикнуваше на уста да те млазне в лице. Сликите, толку живи ја живнуваа и целата приказна иако беше раскажана по старски, со некаков стежнат, накитен јазик и одеше точно вака:

“Онаму каде езерските води јурнуваат јаросно како јуродиви кон реката, еднаш е почнат двобој со погледи. Токму таму, во зеницата на матицата, среде тој сматен метеж, за прв пат се имаат сретено окото моминско и окото аждајско. Чудовишето, од длабини поткренато и стасито наткренато над езерото, е троглаво. Главите на оваа ламја не блујат ниту жар заспан в гламја, само силна езерска вода која ништи сѐ пред себе. А секоја глава е со ниет за другаго место: првата за моминското срце, втората в нејните раце, третата в моминската глава.

Главата настанета под девојчините гради, фршти и фрла вода, та ги наткрева и од срце ги раскрева ребрата. Срцето со силен млаз го заплиснува и сета крв му ја истиснува. Тоа опиено од слатката вода, сладострасно ја допива сета како сунѓер. Се полни како чаша. Дури не се преполни и преплави. Втората глава спокојно почива на момински дланки. Потпрена врз сопствена стража, оти е крепена од бројни и стројни клепки, склепани налик копја, па спрострени упреку. А, клепалата спуштени праудолу, што се вели на пола копје, го кријат влажниот поглед. Видело во кое е удавена сета езерска вода, длабоко колку бунар најтемен, да би да го удави секој загледан створ земен. Третата глава никната в моминската глава, како да е главена за вечен живот. Заглавена во зглавје од мисли непара умира. Никнува сé одново и сé наново носи водни наноси, па в неврат ја носи секоја друга мисла. Тешко е да се мисли со две глави, од кои едната аждајска и со ниет да ја прождира секоја здрава промисла”.

Ги вртев страниците и ги врголев зениците, што од занеменост заради бабините враголии со изгледот на сликовницата, што од исчуденост од бабините деветини. Барав од неа да ми објасни од поблизу какво е тоа ѕвере кое блуе вода место оган, и какви се тие глави што не си седат мадро на својот врат, ами се завлекуваат и завлегуваат ехеееј, длабоко под кожа. Ништо не ми беше јасно. Таа рече оти сѐ само ќе ми се разјасни кога ќе го откријам потеклото на оваа приказна. Тогаш, рече, ќе сум ти била толку измудрена што ќе сум можела сама да го допишам крајот и да го додадам токму таму, на последната страна, во едно осамено плико што зјаеше како празен џеп.

Бргу по оваа случка баба реши да си замине засекогаш, а нејзиното отсуство го пополнуваа мојте заитани години, што доаѓаа и заминуваа профучувајќи. Беше тоа време кога јас сведочев како приказните, една по една, неосетно се вовлекуваат во мојот живот, но не успевав да извлечам барем една животна сцена во макар една малечка приказна. Тогаш ја доживеав и првата драма заради румениот бод на белината од мојата долна руба извезен лично од мојата крв, првата авантура со поглед испратен под око од првата симпатија, и првата бајка за ѕвезди спуштени од едно вљубено момче.
Сепак, длабоко во мене риеше сознанието дека јас сум нешто повеќе од читател на овие приказни, јас сум некаков нивни чинител, но никако не сум нивен создател.

***

Седиме крај дедовиот пресен гроб, секој потонат во магла од спомени, ко да им пркосиме да не испарат како измаглица.
Дедо ја надживеа баба за цело десетлетие, доживеа толку длабока старост што имаше време повторно да ја пресретне младоста на другиот крај. Вистина, велеа пред смртта тој сосем подетинел. Последниот ден го начекале како ја чита онаа сликовница, и реди и прередува една скица од задното џепче на последната страница.

Погреб е. Сите плачат, јас тивко се кикотам и во себе ги повторувам дедовите своерачно додадени редови под неговата нова сцена, на која ѕверот се ѕвери вљубено во својата убавица:
“Двобојот бил двосмерен и двосмислен, воден рамноправно меѓу една машка птица крилатица и една женска вештица. До крајот на времето и отаде“.
Низ плачна смеа го узнавам потеклото на приказните.

 *Слики – Remedios Varo (Spanish-Mexican painter) 1908 – 1963

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/11/Remedios-Varo-TuttArt@-21.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/11/Remedios-Varo-TuttArt@-21-150x150.jpgpirejадмински пост - литературна манџажени,интимност,книги,книжевност,македонска сцена,македонски автори,постмодернизам,традиција,уметностБилјана Ѓонеска на книжевноста ѝ пристапува медицински, согласно основниот лекарски повик: некогаш ја ползува за дијагностички (кога прави критички осврт на книжевен лик), некогаш за терапевтски цели (кога пишува куси раскази и други прозни творби), а некогаш само како плацебо (кога пишува песни). Но, пред сѐ, таа на книжевноста...Нова мисла на пресушената почва.